Во време во коешто постои епидемија од болеста дијабетес, добро е да се знаат неколку информации плус за оваа болест и за тоа колку видови на дијабетес постојат и како тие се разликуваат меѓусебно.
Главни типови на дијабетес
Дијабетес тип 1: овој тип на дијабетес е познат уште и како инсулинозависен дијабетес и вообичаено претставува автоимуна состојба во која имуниот систем ги напаѓа клетките на панкреасот кои продуцираат инсулин. Како причинители на овој дијабетес се наведуваат: некои фактори од околината, инфекција со одредени вируси и наследни фактори. Лицата кои имаат дијабетес тип 1 продуцираат малку или воопшто не продуцираат инсулин, па затоа овој дијабетес се третира со инјектирање на инсулин. Сепак потребно е да се направат и промени во исхраната со цел да се постигне добра контрола на гликемијата со употреба на нормални дози на инсулин.
Дијабетес тип 2: ова е најчестата форма на дијабетес и најчесто настанува кога лицето има состојба на инсулинска резистенција, т.е. неправилно искористување на инсулинот. Затоа овој дијабетес се нарекува уште и неинсулинозависен дијабетес. Вообичаено се јавува кај постари лица, но денес дијабетесот зема сè поголем замав така што е присутен и кај помлади лица. Оваа форма на дијабетес најдобро реагира на диететски промени и во голем број на случаи дијабетесот може да се држи под контрола со исхраната со минимална употреба на орални антидијабетици, а во некои случаи и без употреба на лекови за контрола на гликемијата. Инсулинската резистенција е докажано реверзибилна состојба, така што може да се каже дека и дијабетес тип 2 во повеќето случаи е реверзибилна болест. Точните причини за појава на овој тип на дијабетес не се познати, но сепак познати се некои ризик фактори: дебелина, црна раса, генетски предиспозиции, исхрана, дистрибуција на масно ткиво, гестациски дијабетес, синдром на полицистични јајници, физичка неактивност, возраст итн. Ова е дијабетесот кој е најраспространет и кој опфаќа околу 90-95% од сите случаи на дијабетес.
Гестациски дијабетес: ова е тип на дијабетес кој се појавува во тек на бременоста. Вообичаено се развива помеѓу 24-тата и 28-мата недела од бременоста и се проценува дека се јавува во околу 2-10% од бременостите. Овој дијабетес го зголемува ризикот од појава на дијабетес тип 2 подоцна во животот, но сепак во голем број на случаи гестацискиот дијабетес не преминува во дијабетес тип 2 по бременоста. Не е позната точната причина за појавата на овој дијабетес, но се смета дека хормоните кои се лачат во текот на бременоста имаат улога во неговиот развој. Овој дијабетес се третира или со диететски режим или со инсулински инекции. По породувањето вообичаено е гликемијата во крвта да се нормализира.
Други поретки типови на дијабетес
MODY: овој дијабетес е предизвикан од генетска мутација и вообичаено се дијагностицира пред 25-годишна возраст. Ако родителите имаат ваков тип на дијабетес постои 50% шанса за и децата да боледуваат од истата болест. За да се дијагностицира ваков тип на дијабетес се прават дополнителни испитувања освен вообичаените тестови за гликозна толеранција, гликолизиран хемоглобин и гликемија на гладно. Вообичаено не е неопходна употреба на инсулин.
Митохондријален дијабетес: и овој вид на дијабетес претставува форма на дијабетес предизвикана од генетска мутација и е поповрзан со деструкција на бета-клетките во панкреасот и инсулинска дефициенција, отколку со инсулинска резистенција. Се пренесува од мајката на децата.
Секундарен дијабетес: овој вид на дијабетес може да се развие по панкреатитис. Исто така, може да е поврзан со хиперкортицизам (кортизонски лекови или Cushing-ов синдром) или со зголемена екскреција на хормонот на растење (acromegalia). Пациентите често имаат позитивна семејна историја за тип 2 дијабетес.
Дијабетес по панкреатектомија: е дијабетес кој се јавува по отстранување на дел или на целиот панкреас.