Кардиоваскуларните болести сè уште се водечка причина за смрт во светот. Ова значи дека најголем број на смртни случаи во светот се случуваат како последица на овие болести. Доколку имаме некое коронарно заболување тоа може да предизвика срцев удар, кој за жал понекогаш завршува и со смртен исход, или со видливо намалување на квалитетот на животот. Тука може да прочитате неколку совети во врска со исхраната кои може да помогнат во превенирање на срцев удар.
Исхрана за намалување на ризикот од појава на срцев удар
Со правилна исхрана можеме да го намалиме нивото на штетниот холестерол и да го зголемиме нивото на добриот холестерол во крвта, да го намалиме и нивото на триглицеридите, со што ќе ги заштитиме нашите крвни садови од атеросклероза, и нашето срце од срцев удар.
- Избегнувајте храна богата со холестерол и заситени масни киселини (црвено месо, полномасни млечни производи, жолчка од јајце…)
- Јадете повеќе овошје и зеленчук. Жените кои консумираат по 5-10 порции зеленчук и овошје на ден, имаат 3 пати помал ризик за развој на коронарна артериска болест.
- Употребувајте поголеми количини на храна богата со каротеноиди. Една студија покажала дека консумација на овошје и зеленчук богати со каротеноиди, ја намалува концентрацијата на C – реактивниот протеин во крвната плазма (овој протеин е поврзан со воспалителни процеси и со поголем ризик од срцеви болести).
- Супстанците кои се наречени флавоноиди исто така се покажале како корисни во превенција на срцеви заболувања. Флавоноидите најмногу ги има во: кељ, брокула, црно грозје, јаболки, житарки.
- Јадете повеќе мешунки (леќа, грав, грашок, соја). Една студија во која учествувале 9000 испитаници покажала дека лицата кои консумираат мешунки 4 пати неделно имаат 22% помал ризик за кардиоваскуларни болести од оние кои консумирале мешунки еднаш неделно или поретко.
- Пијте сок од црно грозје. Оваа навика ќе ви помогне да го покачите нивото на добриот холестерол.
- Јадете авокадо, тоа може да ви помогне да го намалите нивото на холестерол во крвта.
- Почесто консумирајте јаткасти плодови. Најдобри се оревите, но и другите јаткасти плодови се доста ефикасни за намалување на нивото на серумскиот холестерол.
- Почнете да употребувате овес во исхраната. Овесот го намалува нивото на лошиот холестерол.
- Изберете интегрални житарки, наместо рафинирани, бидејќи интегралните житарки содржат растворливи влакна кои исто така го намалуваат нивото на холестерол.
- Користете квалитетни масла. Како што знаете ладно цеденото маслиново масло е едно од најдобрите, и содржи голема количина на мононезаситена масна киселина – олеинска масна киселина.
- Користете обезмастени млечни производи.
- Избегнувајте внес на црвено месо, а консумирајте повеќе мешунки и риба.
- Пијте вода во доволни количини.