Доколку земете некој индустриски процесиран производ во раце и се обидете да го прочитате составот, тогаш постои голема веројатност дека ќе наидете на следната состојка: делумно или целосно хидрогенизирана растителна маст. Често пати погрешно се кажува дека овој вид на масти се од растително потекло – а веднаш после исказот растително потекло следува и етикетата – нездрави масти или лоши масти. Второто тврдење е точно, и навистина транс мастите се непожелни во нашата исхрана и се нездрави масти. Но тврдењето дека овие масти се од растително потекло е апсолутно неточно т.е. овие масти се масти од индустриско потекло, а скоро секогаш се изработуваат од појдовна суровина – палмина (растителна) маст најверојатно поради економска ефикасност и некои други карактеристики на палмината маст кои ја прават идеална суровина за добивање на транс масти.
Делумно или целосно хидрогенизираните масти, уште наречени и транс масти не се масти од растително потекло, т.е. „не растат на билка“ и во природата скоро и да ги нема (освен во мали количини во животинско млеко и месо). Во прилог ќе биде наведено зошто нивната употреба во човековата исхрана е проблематична.
Транс мастите претставуваат хидрогенизирани масти и нивната предност пред другите видови масти е што тие се доста економични, лесни за манипулација, и се тврди на собна температура што ги прави многу поволни за употреба во прехранбената индустрија. Но освен предностите, се разбира овие масти (кои се далеку од природни) си имаат и свои недостатоци.
Светската здравствена организација и Американската асоцијација за срце ги декларираат транс мастите како ризик фактор за појава на кардиоваскуларни болести, и ги поврзуваат со поголема стапка на појава на коронарна срцева болест.
Транс мастите исто така се поврзуваат и со намалување на HDL – носачот на холестерол, и со покачување на LDL – носачот на холестерол, а се знае дека LDL – носачот го транспортира холестеролот до крвните садови каде што тој може да се таложи и да ги стврднува и стеснува артериите, вените и капиларите.
Консумирањето на транс масти се поврзува и со зголемена стапка на срцева болест и мозочен удар.
Иако резултатите од студиите не се доволно јасни сепак транс мастите се поврзуваат и со зголемен ризик од појава на дијабетес тип 2.
Клиничките и опсервационите студии се јасни во тоа дека транс мастите ги поддржуваат и ги засилуваат воспалителните процеси, и тоа особено е изразено кај лица со прекумерна телесна маса.
Исто така одредени истражувања покажале дека транс мастите може да го оштетат внатрешниот слој на крвните садови, што се дефинира како: ендотелна дисфункција.
Се разбира транс мастите се поврзуваат и со одредени видови на рак, но резултатите од студиите на ова прашање сеуште не се до крај јасни.
Ако случајно ве исплашија последиците од консумирање на транс масти тогаш сигурно се прашувате како да ги одбегнете? Наједноставно е целосно да го избегнете консумирањето на маргарин, индустриски процесирани производи, пржена храна која се продава во продавници за брза храна, пекари, ресторани…. Другиот начин е да го читате внимателно составот т.е. декларацијата на производите што ги купувате во продавница, и да избирате производи без вештачки адитиви, и без делумно или целосно хидрогенизирана растителна маст.