Можеби е малку чудно, но плодот авокадо се смета за овошје. Карактеристично за ова овошје е тоа што неговиот состав е различен од другите овошја. Овошјата воглавно се составени од голем процент на вода, а најзастапени макронутриенти се јаглехидратите, додека авокадото е овошје кое има значителна количина на масти. Но токму овие здрави масти имаат потенцијал да го подобрат нашето здравје. Во продолжение се наведени здравствени придобивки од употребата на авокадо.
- Авокадото содржи многу корисни нутриенти. Ова овошје е добар извор на витамин К, фолна киселина, растителни влакна и здрави масти.
- Авокадото содржи повеќе калиум дури и од бананите. Калиумот е минерал кој често не го внесуваме во доволни количини, а притоа е важен за многу функции во организмот, а и за електролитниот баланс во телото.
- Мононезаситените масни киселини се доста застапени во авокадото. Олеинската масна киселина (која исто така е главна компонента и на маслиновото масло) сочинува најголем процент од мастите во авокадото, а се поврзува со ублажување на воспалителните процеси и намалување на експресијата на гени поврзани со малигни болести.
- Авокадото е богато со растителни влакна, а знаеме дека влакната се многу важни за контрола на телесната маса и контрола на нивото на шеќер во крвта.
- Доколку консумираме авокадо, можеме да го намалиме нивото на штетниот холестерол и на триглицеридите во крвта. Уште попозитивен ефект е тоа што авокадото може дури и да го покачи нивото на добриот холестерол во крвта.
- Мастите кои се наоѓаат во авокадото може да ви помогнат подобро да ги апсорбирате нутриентите од другите растителни продукти, т.е. полесно да ги апсорбирате витамините А, К, Е и Д.
- Авокадото е богат извор на антиоксиданти кои можат да ги заштитат вашите очи од оштетување. Зеаксантин и лутеин се два антиоксиданти кои се многу моќни заштитници на видот и кои можат да се најдат токму во авокадото.
- Авокадото може да помогне во превенција на рак. Една студија покажала дека авокадото ги редуцира нус ефектите од хемотерапијата кај пациенти кои се подлегнати на ваков третман.
- Екстрактот од авокадо може да помогне во намалување на симптомите од артритис.
- Консумирањето на авокадо може да ви помогне да ја намалите вашата телесна маса. Една студија покажала дека авокадото дава чувство на ситост и го намалува чувството на глад, па така ви помага да консумирате помалку храна и да ја редуцирате вашата телесна маса до нормалното ниво.