„Дојдете“ и „одморте се“ се Исусовите зборови. Дали сте уморни и истрошени од рутината на секојдневниот живот? Одморот е она што ни е неопходно: физичкиот и психичкиот одмор. Тоа е еден од Божјите посебни исцелувачки дарови.
Во многу книги кои се за здрав начин на живот едвај се спомнува нешто подетално поврзано со одморот. Повеќето упатства се за што да јадеме и што да пиеме, и како да вежбаме. Но одморот е еден од основните исцелувачи кој е познат на човештвото. Кога сме болни, што е она што прво го правиме? – Легнуваме. Дали можете да замислите болница каде што пациентите легнуваат само навечер кога е време за спиење? – Не, тие лежат во креветот и дење и ноќе, бидејќи обновувачката моќ на одморот е клуч за успех на сите останати активности кои ги применуваме за подобро здравје.
Но кога не сме болни, дали и тогаш ни е потребен одмор? – Во одреден степен, недостатокот од доволно одмор кога сме здрави предизвикува да се разболиме.
Следуваат неколку едноставни принципи за одморот:
Не секогаш мора да спиеме со цел да се одмориме. Самата промена на темпото, да се прави нешто различно, може да донесе одмор за умот и за телото. Кога се употребуваат различни мускули, кога се прават различни нешта, ние почнуваме да се опуштаме. Кога ќе ја одвоиме секојдневната работа на страна и почнеме да мислиме повеќе за Бога и за Неговите благослови кои ги гледаме и чувствуваме секој ден во нашиот живот, нашето тело и нашиот ум ќе почнат да се опуштаат.
Ние можеме да се тренираме самите да се опуштаме. Дури и ако не можеме да легнеме, ние можеме да стоиме до отворен прзорец или да одиме надвор и да вдишиме длабоко неколку пати. Како што го правиме ова да размислуваме благодарни мисли за Бога и за Неговите благослови. Правејќи го ова, чувството на одмор и смирена доверба ќе го исполни нашето срце со вистинска тивка релаксација на духот, која ќе нѐ обземе.
Ставот „оди, оди“ кој е толку близок до Западната цивилизација многумина ги води до нервен слом. Тие едноставно не одвојуваат време за одмор. Тоа бил непожелен збор во нивното размислување. Но таквиот небалансиран модел на живеење ги истиснува мислите за Бога и за вечниот живот, а наметнува обесхрабрувачки и очајни мисли.
Една од причините поради која многу луѓе доживуваат нервен слом е тоа што се обидуваат да се надминат себеси и да имаат надмоќ. И така тие одат со најголема брзина, без соодветен одмор, сѐ додека машинеријата на нивното тело не се скрши под товарот. Да ја научиме лекцијата од таквите негативни примери и наместо да ги повторуваме истите грешки да го реформираме нашиот живот. Да одвоиме време да се одмориме. Да излеземе надвор, да седнеме на столче и да не правиме ништо. Ако самата помисла на тоа звучи застрашувачки за вас, тогаш вие сте личноста која мора да го преиспита својот став кон соодветен одмор.
Мир во умот не доаѓа со тоа секогаш да се биде на брзање. Брзањето секогаш е поврзано со натрупување на утрешните проблеми и обидот да се справиме со сите нив денес. Сѐ што Бог ни дал е ден по ден.
И така, не грижете се за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе се грижи за себеси. Доста му е на секој ден неговото зло.
(Матеј 6:34 ; Библија)
Она што сите го сакаме е мирен начин на живеење. Молитвата е најдобар начин да се започне денот во смиреност. Да бараме од Бога и да Му благодариме за Неговата помош. Читањето на Библијата рано наутро нуди смиреност на духот и подготвеност за денот кој нѐ очекува. Потоа можеме да започнеме со извршување на секојдневните обврски, а одвреме навреме молејќи се и благодарејќи за сѐ што Бог ни помага и ни дава во текот на тој ден. Да, вистинскиот одмор на срцето и животот значи да се одвои време за Бога и да се живее со Неговото присуство. Одмор како овој ќе ви донесе спокојство на духот и умот и сила за сите потребни активности. Одморот со Бога вклучува поминување време со Него секојдневно, а особено во денот за одмор, сабота, за кој е запишано во Десетте Божји заповеди.
„Шест дена ќе работиш и ќе ги вршиш сите свои работи. А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог. Тогаш никаква работа не ќе работиш: ни ти, ниту твојот син, ниту твојата ќерка, ни твојот слуга, ниту твојата слугинка, ниту твојот добиток, ниту странецот што е внатре во твоите порти. Зашто во шест денови Господ ги направи небото и земјата, морето и сè што е во нив, а на седмиот ден се одмори. Затоа Господ го благослови и го освети саботниот ден.“ (Излез 20:8-11; Библија)
Бог ги знаел, повеќе и од нас, нашите потреби уште на самиот почеток, уште пред да нè создаде.
„Шест дена врши ја својата работа, ама на седмиот ден откажи се од своите работи…(Излез 23:12; Библија)
„Шест дена нека се вршат работите, ама седмиот ден нека биде ден на целосен одмор, посветен на Господа.“ (Излез 31:15; Библија)
Тој ни го дал седмиот ден како седмичен ден за физички, психички и духовен одмор. Тоа е толку важно што Бог во својата премудрост одлучил да го врежи на камените плочи каде ги запишал Своите Десет заповеди за човештвото. Четвртата Божја заповед, која што се однесува на денот за одмор и за посебна заедница со Бога, е еднакво значајна како и останатите. Секогаш е благословено да се почитува Божјиот Закон кој содржи клучен аспект од Божјата волја која за наше добро е запишана во Светото Писмо – Библијата.
Следуваат принципи и предлози за стекнување на одмор кој толку му е неопходен на телото:
– Ниту еден мускул не работи постојано. По некоја работа потребен е и малку одмор. Дури и срцето – мускулот кој најмногу работи во нашето тело одмара по секој удар. Нашите бели дробови одмараат по секое вдишување.
– Неопходно е желудникот да одмори најмалку 30 до 60 минути. Со ова се мисли дека веднаш по јадењето не треба да работиме тешка физичка или психичка работа. Но одморот по оброкот не значи да легнеме и да се одмараме, туку да бидеме активни и да се движиме по секој оброк. Нашето срце работи целиот живот со застанување од една десетина од секундата на секое отчукување. Што и да направите со цел да се лишите од тој одмор ќе предизвика сериозни последици подоцна.
– Следниов предлог може да биде од голема помош. Доколку легнете да се одморите на кратко, петнаесет минути таков одмор на средина на денот е еднаквко на 45 минути или повеќе ноќен одмор. На тој начин можеме да си го продолжиме животот.
– Одмор и работа, работа и одмор е она што на секој му е потребно за да може целосно да ужива во двете. Премногу работа, загриженост, недостаток на вежбање, прејадување и вознемирен ум се меѓу главните причини за замор.
– Да се живее со цел да Го прославиме Бог и да им служиме и помагаме на ближните, ни помага да се одмориме подобро навечер, и ни помага да се чувствуваме поодморени во текот на целиот ден.
– Соодветен одмор е неопходен со цел да се одржи алкалноста во крвта. Ова се должи на фактот дека отпадните материи особено се елиминираат во периодот на одмарање или спиење.
– Децата кои се активни имаат поголема потреба од сон од возрасните. Сепак и нам ни е потребен повеќе одмор од она што си мислиме.
– Доколку не знаете како да се одморите и опуштите ви предлагаме да легнете и да пуштите звуци и видеа од природата кои лесно можете да ги најдете на интернет. Откако ќе ја погледнете природата легнете и затворете ги очите и почнете да ги слушате звуците на природата кои полека ќе ве опуштат. Во услови на динамичен и брз живот, на нашите изморени тела и умови им е потребно вакво запирање и одмор.
– Дури и металот може да се измори. Тој ја губи својата виталност од постојано повторуваните удари, се аби и се крши под притисокот. Ако се чувствувате како да сте во завршната фаза пред точката на кршење, крајно време е да превземете нешто со цел да се одморите.
– Фредрих Ростер вели: „Рекреацијата е витална форма на одмор.“ Одморот е важен и малкумина го добиваат доволно. Но одморот не е само во спиењето. Промена на активностите исто така е неопходна од време на време. Една поговорка вели: „Промената е еднакво добра како и одморот.“ Излезете надвор на час или два и искусете ја оваа промена. Тргнете ги настрана тешкотиите од секојдневието и одморете се надвор во природата. Читањето на добра книга, особено Библијата, исто така делува смирувачки. Умот е привлечен кон подобри нешта, повисоки цели, и умот и телото се одморени. И потоа повторно можете да се вратите на своите должности освежени во телото и духот.
– Забавата која се состои само од бесмислени активности го нема тоа длабоко освежување кое толку многу ни е потребно. Мора да внимаваме да не заборавиме да одвоиме време за рекреација, и мора да бидеме внимателни што правиме во тоа слободно време. Секоја добра рекреација е рекреативна, освежувачка, нѐ приближува до Бога, и нѐ зајакнува за подобро извршување на нашите секојдневни обврски.
– На секого му е потребно спиење, добар и здрав сон секоја вечер. На жалост многумина имаат потешкотии да го постигнат тоа. И затоа најчесто посегнуваат по лекарства кои ќе им помогнат да заспијат. Но многу истражувања утврдиле дека лековите за заспивање премногу му штетат на организмот, се создава зависност и се пореметува редот на заспивање, а особено уште повеќе се отежнува природниот начин на заспивање.
– На секого му е потребен сон на природен начин за да почувствува вистински благослов од сонот. За да го постигнеме ова добро е навечер пред спиење да прошетаме малку надвор на чист воздух, дишејќи длабоко. Можеби сметате дека немате доволно време да го правите ова, но тоа време би го поминувале лежејќи во кревет, мачејќи се да заспиете. Прошетката пред спиење, а потоа и освежувачкото туширање можат многу да помогнат да имате квалитетен и здрав сон. Со благодарно срце кон Бога за благословите кои ви ги дава, легнете и опуштете се, и сонот ќе си дојде природно.
– За време на часовите на спиење телото се обновува и е освежено за нов ден за работа. Затоа не пропуштајте убаво да се наспиете. Обидете се да одите во кревет во исто време секоја вечер и да се будите во исто време секое утро. Најенергичните и најентузијастички луѓе се оние кои редовно и навремено си легнуваат и стануваат од спиење.
– Кислородот е важен елемент во подобрување на спиењето. Нашиот организам помалку работи, и воздухот кој го дишеме е употребен за да се обнови ткивото на телото. Затоа обезбедете постојан доток на свеж воздух во собата додека спиете. Тоа може да го постигнете со малку подотворен прозорец во собата во која спиете. Ако немате свеж воздух ноќе, наутро ќе се разбудите уморни и исцрпени.
– Имајте ги на ум зборовите вдахновени од Бог: „Сладок е сонот на трудољубивиот.“ (Проповедник 5:12; Библија) Само оние кои ги употребиле своите мускули во текот на денот можат да уживаат сладок сон ноќе.
– Одете во кревет рано и станувајте рано. Останувањето до доцна навечер, а потоа спиење до доцна следното утро е лош начин на живот.
– Калциумот во исхраната ни помага да се опуштиме. Ги опушта нервите и дури делува одморувачки за нашето срце. Ако имате проблеми со забите, тоа е индикација дека имате недостаток на калциум, и ако почнете да го земате секој ден, тоа ќе делува на вашиот одмор позитивно и ќе ви помогне да спиете подобро ноќе. Два факти кои се добро познати: На постарите луѓе им е потребно повеќе калциум и имаат повеќе потешкотија со несоницата ноќе. Калциумот и Б-комплекс витамините се од голема помош за заспивање навечер. Посебно од голема полза е витаминот Б3 односно ниацинот, кој е мошне полезен за подобар сон и полесно заспивање.
– Чајот од камилица или маточина со децении се употребувал за помош на луѓето кои имале проблем со заспивањето.
– Да се живее со минимален сон е лош начин на живеење. Само по неколку часа недостаток на сон, телото започнува да ги доживува моменталните пропусти од сонот и истите се манифестираат со тоа што по неколку секунди очите ни се затвораат и главата ни паѓа. Секој момент во денот каде што во дел од секундата ни доаѓа да заспиеме е показател дека имаме недостаток од квалитетен сон. Колку повеќе го скратуваме сонот толку повеќе ќе се зголемуваат секундите на задремување во текот на денот. Ако ова се случува додека возите, го ставате на голем ризик својот живот и животот на другите.
– Нервната напнатост, употребата на производи кои содржат кофеин и премногу сол во исхраната се големи причинители за несоницата која нѐ мачи во текот на ноќта.
– Сѐ што ја зголемува мозочната активност предизвикува несоница. Туширањето со вода која не е ниту жешка ниту ладна за 8 минути или повеќе е одлично за опуштање и смирување на умот и подготовка за спиење. По туширањето, легнете во кревет без премногу размислување и со благодарно срце кон Бога. За кратко ќе се почувствувате опуштени и подготвени да заспиете.
– Др. Самуел Гутвирт во својата книга „Како да спиете добро“ дава совети кои можат да им бидат од голема помош на оние кои имаат проблем со заспивањето. Тој вели дека додека лежиме во креветот да ги напрегнеме сите мускули на телото за неколку минути и потоа да се опуштиме. Така ќе можеме да ја почувствуваме разликата помеѓу напнатоста и опуштеноста, и нашето тело ќе може да се опушти дури и повеќе од претходно. Тој исто така советува да не си легнуваме во крвет веднаш по оброкот. Потребно е најмалку 3 часа по оброкот за да започнат подготовките за спиење.
– За повеќето возрасни, осум часа сон ноќе се сосема доволни. На некои луѓе им е доволно и помалку.
– Физичката активност и вежбањето значително го подобруваат сонот. За некои луѓе одморот пред ручек, од околу еден час, значително го подобрува сонот навечер. Ако дремнувате преку ден не плашете се дека нема да може да заспиете навечер, затоа што ако телото бара одмор во текот на денот, неоходно е да му го дадете, и така навечер нема да имате проблем со незаспивање поради премореност.
– Одржувајте позитивен дух, мрачните мисли се пријател на несоницата. Практикувајте во текот на денот барем малку да сте излезени во природа, набљудувајќи го сѐ она што Бог прекрасно го создал. Затворете ги очите и слушнете ги звуците на природата, далеку од бучните звуци на цивилизацијата. Бучавата го исцрпува умот и нервниот систем, дури го оштетува и срцето. Одморете го умот и со тоа што нема да зборувате премногу. Премногу зборување ги оптеретува луѓето, и оние кои зборуваат, но и оние кои слушаат. Одморете го умот со тоа што нема постојано да размислувате околу некој конкретен проблем, додека постојано се обидувате да го решите. Ако не можете да го решите за пет минути, не мислете на него. Решението ќе дојде во умот подоцна.
– Одморете го умот со тоа што нема да бидете постојано зависни од работа. Нам ни е потребно работа и одмор, а не работа, работа и само работа. Одморете ги вашите бели дробови со тоа што ќе излегувате секојдневно на свеж воздух. За оние кои живеат во градот стои препораката да се преселат на село, бидејќи тоа е од полза, не само за вас, туку и за вашите ближни. Ако пушите обидете се да престанете, а ако не пушите, но сте во просторија со пушачи, обидете се да ја напуштите што е можно побргу таа просторија.
– Одморајте се со читање на Библијата секојдневно, со молитва и доверба во Бога. Одбијте да се грижите и предајте сѐ во Божји раце. Мирот во срцето, мирот во Бога – тоа е она што ви е потребно.
– Некои луѓе се разболуваат поради прекумерна работа. За обновување на здравјето на тие луѓе е неопходен одмор, ослободување од грижите и умерена исхрана. На оние чијшто мозок е преоптеретен и кои станале нервозни поради постојаната работа и задржување долго во затворен простор, најмногу би им бил од полза престојот во природа каде што можат да почувствуваат и доживеат вистински одмор. Прошетки по околните шуми и полиња, берење цвеќиња и слушање птичјо пеење, ќе придонесе многу повеќе за нивното исцелување отколку кое било друго средство.
Само малку организација е потребно за вистински одмор. Да ги користиме редовно благословите кои одморот може да ни ги донесе, благослови кои толку многу ни се потребни.