Бог го создал човекот во шестиот ден од седмицата на создавањето. Човечкото тело е создадено неверојатно. Поради тоа ние имаме одговорност, како Негови деца, да внимаваме на законите на здравјето кои Тој преку Библијата ни ги препорачува. Бог изобилно нѐ снабдува со продукти од природата кои се неопходни за нашето здравје, и наша одговорност е да ги употребиме овие благослови за да се одржиме во добро здравје и за да можеме повеќе да им послужиме на оние кои нѐ опкружуваат.
Во Библијата, Божјите луѓе внимавале и се потчинувале на моралниот и здравствениот закон. Тие ни даваат пример за она што и ние денес треба да го правиме. Ние можеме да живееме како Даниел, во целосна послушност на Божјите закони. Основен аспект на ова е начинот на исхрана кој ние го одбираме. Нашето физичко здравје се одржува од она што го јадеме, бидејќи она што го внесуваме во нашето тело влијае на нашите органи и ткива. Погрешниот начин на исхрана и предавањето на задоволството на апетитот, прилично штетно влијаат на менталната и физичката ефикасност. Несоодветниот начин на исхрана, не само што го повредува нашето тело, туку го попречува и нашиот ум да функционира онака како што би требало. Значаен факт е дека телото е единствен медиум преку кој умот и духот се развиваат за изградување на карактерот. На пример, неумерената личност не може да биде трпелива личност. Многу е важно да направиме сѐ што стои до нас за да се потчиниме на законите за наше добро.
Јадењето на правилна количина квалитетна храна и во правилни временски интервали е она што ни е потребно. Храната треба да биде едноставна, здрава, квалитетна и да се јаде полека во атмосфера на задоволна благодарност кон Бога за Неговите многубројни благослови. Со цел да се разберат овие прашања, потребно е да ги проучуваме здравствените принципи во Библијата и да делуваме според тие приниципи. Не смееме да дозволиме нашите критериуми да бидат според трендовите и модата во светот.
Првобитниот начин на исхрана коj е даден уште при создавањето на човекот е храната од зеленчук, овошје, јаткасти плодови и житарици. Првобитната храна која била дадена на Адам и Ева не вклучувала месо; тоа е спротивно на Божјата замисла, Бог не сакал да одземеме нечиј живот со цел да го одржиме нашиот живот.
Овошје, зеленчук, житарки и јаткасти плодови подготвени на едноставен начин е она што ја сочинува здравата храна. Taa е подготвена на едноставен и колку што е возможно на поприроден начин. Воглавно тоа е свежата храна или не многу готвена, без штетни зачини, масти, месо и комплицирани миксови.
Oд голема помош е да се јаде помалку различни видови на храна во еден оброк, а исто така да се јаде и со благодарност. Благодарното срце помага храната подобро да се свари.
Едноставно подготвените оброци се од голема полза за семејството, како и за гостите. Модерните јадења со многу садови, мешавини и храна која е штетна е показател за ненаситност, а ова секако е она што не го сакаме. Многу е лесно да се земе едноставна храна и да се направи комплицирана која е тешко сварлива. Затоа голема препорака е оброците да ги подготвувате наједноставно што можете.
Здравата и едноставната храна ни дава сила, моќ на издржливост и сила на умот која не може да се обезбеди со покомплексна и постимулативна храна.
Исхраната исто така треба да биде адекватна. Не смееме да мислиме дека не е важно што ќе јадеме. Храната не смее да биде со слаба нутритивна вредност, туку полна со хранливи вредности затоа што само на тој начин телото може да произведе добра крв. Совршената циркулација е клуч за совршено здравје, а ова не може да се постигне без добра крв.
Треба да се земе во обзир дека некоја храна која е погодна за една личност на друга истата не ѝ одговара. На пример, гравот за некого е многу здрав оброк и му дава енергија, додека кај некој друг гравот предизвикува тегоби во варењето. Во вакви случаи менувајте го начинот на исхрана и прилагодете го според вашите потреби.
Внимавајте во комбинирањето на храната. Индивидуално проучувајте ја оваа проблематика и самите донесете одлука за тоа што ќе јадете. Несомнено е дека постојат различни варијации на храна кои можете да ги одберете. Она што секогаш треба да го имате на ум при изборот на храната е средината во која живеете, бидејќи некоја храна одговара за средината и климата во која живееме. Исто така значајно е каква работа работите. Ако сте запослени со тешка физичка работа, може да се храните со појака храна отколку оние кои имаат умствена работа, за нив е потребно полесна храна. Колку е потопла климата, толку полесна треба да биде физичката работа, и е потребно помалку храна. Поврзано со ова, премногу шеќер во исхраната, во жешко време или во жешка клима, може да предизвика проблеми.
Со цел подобро да го разбереме процесот на исхраната, потребно е подобро да го разбереме процесот на нормалното варење во нашето тело.
Прејадувањето го повредува желудникот и ги ослабува органите за варење. Тоа донесува болести бидејќи се троши премногу витална енергија со цел да се свари премногу храна. Првичните последици може да бидат главоболка, проблеми со варењето, болки или некои други пореметувања. Прејадувањето има полош ефект на телото од преработувањето. Вишокот храна го ослабува системот, го отежнува животот, и ако продолжи води до болести. Премногу храна, дури и онаа со добар квалитет, е штетна. Јадете умерено, здрава храна и во правилен размер. Прејадувањето е најбрз начин за разболување и можна смрт. Особено луѓето кои имаат седечка работа мораат да внимаваат на овoј дел.
Не дозволувајте ништо да помине низ вашите усни што на некој начин може да го ослаби вашето здравје и вашиот живот. Она што повеќе ни е потребно е духовна храна која ќе ни помогне како разумно да ја одредиме количината, видот и интервалите на нашата исхрана.
Немојте да учите, да работите тешка работа, или пак да вежбате потешки вежби веднаш по оброкот. Веднаш по оброкот и крвта и силата на мозокот се потребни со цел да помогнат во дигестијата. Кога оброкот е завршен, одете надвор и имајте кратка прошетка, со крената глава и со рамената наназад. Оваа лесна вежба многу ќе ви помогне во варењето на храната. Така умот е пренасочен од себеси на природата околу нас. И ова е уште една придобивка од прошетката по оброкот.
Премногу луѓе се грижат за својата исхрана. Јадете ја својата храна задоволно со чувство на благодарност кон Бога. Ако сте во постојан страв дека храната може да ви наштети, таа сигурно ќе го направи тоа. Не мислете на тоа, ниту пак на било кој друг проблем. Мислете на нешто што ви причинува задоволство и верувајте дека Бог сѐ ќе изведе на добро.
Не би требало да се внесува ладна храна, добро е најнапред да се загрее. Жешките пијалоци и жешката храна го изнемоштуваат желудникот, додека ладната храна ја троши виталната сила на телото со цел да биде загреана во желудникот пред да биде сварена. Идеално е да се јаде храна и да се пијат пијалоци со температура како температурата на телото.
Ладната вода испиена за време на оброкот го намлува протокот на плунка. Колку е поладна храната или водата, толку е поголема повредата за желудникот. Ладната вода или ладната лимонада го стопира варењето сѐ додека не се загрее. Храната која е измиена со течности многу тешко се вари. Кога течностите се земани заедно со оброкот, желудникот мора да ја апсорбира течноста пред да може да започне да ја вари храната. Таквото пореметување во преработувањето на храната во желудникот, може да придонесе за многу сериозни проблеми подоцна. Затоа, избегнувајте внесување на течности (вода, чај, сок…) за време на оброкот. Кога седнувате да јадете, одвојте посебно време за јадење. Џвакајте ја својата храна бавно и не внесувајте голема количина на храна за време на еден оброк. Придобивките од храната не зависи од квантитетот на внесената храна, туку од тоа колку добро е соџвакана и сварена. Колку време храната останува во устата и колку добро е соџвакана е знчајно за правилно варење на храната. Со цел да го направиме ова поефективно, неопходно е да ја јадеме својата храна бавно.
Не ви е потребна преголема разновидност на храната, три или четири вида се сосема доволни. Поважно е да го јадеме она што е погодно за нас отколку да пробаме од сѐ што е поставено пред нас. Исто така значајно е да не се меша овошјето и зеленчукот во ист оброк.
Секој ден храната нека ви биде различна. Најдобро е оброците да бидат во интервали од пет часа. Два оброка дневно е подобро од три, особено за оние кои имаат мала или немаат воопшто физичка активност. Вечерата доцна навечер е навистина штетна и може да ви делува да немате добар и квалитетен сон. Ако јадете трет оброк, тој треба да биде лесен и неколку часа пред легнување. Јадете ги вашите оброци во точно одредено време секојдневно, а помеѓу оброците не јадете ништо.
Овошјето е прекрасен благослов од Бога. Секогаш кога е достапно искористете ги предностите од него. Свежото овошје особено она што е тазе берено има многу поволности. Неколку различни видови овошки за еден оброк се доволни за да се задоволат нутритивните дневни вредности потребни на организмот. Но дури и овошките не треба да се јадат по оброкот. Никогаш немојте да јадете овошје кое почнало да се распаѓа. Овошјето и зеленчукот кои почнале да скапуваат, ферментираат во желудникот и ја трујат крвта.
Луѓето кои работат умствена работа одвреме навреме е добро да бидат на овошје ден или два. Сувото овошје е од голема полза во исхраната.
Житарките и зеленчукот се најполезна храна за организмот. Свежиот зеленчук во поголема количина му е потребен на секој кој работи понапорна физичка работа. Ваков едноставен начин на исхрана е многу подобра за нас. Бог сака Неговите луѓе да се вратат назад кон овошјето, зеленчукот, житрките и јаткастите плодови. Тие имаат нутритивни вредности кои се потребни на нашето тело. Ова е храната која им е потребна на луѓето, а не месо.
Избегнувајте ги мастите во подготовката на храна. Избегнувајте пржена храна, или било која храна која е подготвена со маснотии или путер (или маргарин). Тие го запушуваат организмот и водат до сериозно нарушување на здравјето. Јадете храна која е ослободена од маснотии, на пример, варените или печените компири се поздрави во однос на пржените кои содржат многу масти. Храната која е приготвена со масти мора да помине неколку часа во желудникот пред да биде сварена.
Потребите на организмот можат подобро да бидат обезбедени кога јадеме храна од прва рака, непреработена, ниту пак животинска. Потребата на системот може подобро да биде обезбедена, а мускулната маса зајакната без употреба на месо.
Лебот треба да биде убаво испечен, и треба да биде светол и сув. Добро е да се избегнува пециво или сода бикарбона додека се подготвува. Силната алкалност на содата може да го оштети желудникот. Употребувајте вода во подготовка на лебот, наместо млеко. Лебот направен со млеко не останува свеж и брзо ферментира во желудникот. Лепчињата треба да се мали, без опасност од закиселување. Никогаш немојте да јадете тазе испечен леб. Лебот мора да биде барем еден ден стар. А лебот стар два-три дена е најполезен за консумирање. Но бесквасниот леб (лебот без квасец) може да го консумирате уште веднаш по вадење од рерната.
Двопек е леб кој е печен два пати. Овој леб е најлесно сварлив. Едноставно исечете го лебот на кришки и ставете го во рерна да се испече уште еднаш сѐ додека не се заруменее и не се исуши потполно. Овој леб може да се чува подолго време и бидејќи е лесно сварлив може да се консумира и со овошје и со секој друг оброк.
Внимавајте на лебот кој е недопечен. Ако е жив и недопечен не го јадете. Не ставајте ниту кисело млеко во лебот. Слаткиот леб и слатките колачи предизвикуваат проблемите во желудникот. Лебот од интегрално брашно е поздрав од лебот од бело брашно.
Шеќерот е реален проблем. Луѓето премногу го употребуваат во подготвување на храната. Тој предизвикува ферментирање во желудникот. Млекото и шеќерот комбинирани заедно е една од најлошите комбинации кои можеме да ги најдеме, сепак нив ги комбинираме речиси во секоја храна која ја консумираме. Шеќерот го запушува системот. Некои луѓе се обидуваат да го сместат шеќерот во добрата храна, но резултатот е болест. Шеќерот употребен во преголеми количини во исхраната е полош од јадење на месо. Избегнете го јадењето на слатка храна. Малото засладување со мед е пополезно. Млекото, јајцата и шеќерот комбинирани во оброк воопшто не се полезни. Тортите, погачите и сѐ она што го има овој микс се навистина вкусни, но не се од полза за човекот. Многу десерти му штетат на здравјето. Секогаш да внимаваме на слатките кои ги внесуваме во нашиот организам и да се потрудиме вештачките слатки да ги замениме со природни како што е овошјето и сл.
Честопати се додаваат и зачини кои навистина му штетат на здравјето. Сенфот, црниот пипер, зачинот, киселите краставички и сл. се надразнувачи на желудникот и ја трујат крвта. Зачините имаат сличен ефект како алкохолот. И двете поттикнуваат потреба за повеќе стимулативна храна или пијалок. За жал на децата им се дава сѐ позачинета храна која стимулира на уште понездрава храна и пијалок. Потоа е многу потешко да се одвикнат од таа нездрава храна и да преминат на здрав начин на исхрана. Но ако истраат во здравта исхрана нивниот вкус ќе се подобри и ќе почнат да копнеат по здрава и едноставна храна.
Не употребувајте многу сол во исхраната. Некои луѓе промовираат храна без сол, но и тоа не е добро. Малку сол е доволно и неопходно во исхраната.
Киселите краствички и оцетот прават кисела средина во организмот, а киселата средина предизвикува разновидни болести. Оцетот предизвикува ферментација во желудникот и храната не се вари, наместо тоа – скапува. Како последица на таква исхрана, крвта се исполнува со нечистотии. А потоа и црниот дроб и бубрезите се запушуваат. Ако морате да закиселувате, заменете го оцедот со лимон.
Месото, млекото и јајцата повеќе не се здрави за употреба, особено поради премногуте вакцини и пестициди кои животните ги содржат во себе, а кои подоцна со исхраната се пренесуваат на нас. Многу болести кои ги имаат животните лесно можат преку исхраната да се пренесат на човекот. На некои личности им е потребно внес на јајца, но пред да ги консумирате морате да се осигурате дека тие се од кокошки кои се хранети со природна храна и кои се пуштани да шетаат надвор на отворено, во текот на денот.
Маслинките се полезни и може да се јадат со секој оброк. Тие можат да ги заменат мастите. Маслинките и оревите, заедно со другите зеленчуци кои содржат протеини може да ги снабдат потребите на организмот.
Не смее да се претерува со јадење на јаткасти плодови. Една рака јаткасти плодови ги задоволува дневните потреби на телото.
Водата е најдобрата течност која го чисти телото, но кога се зема помеѓу оброците, а не за време на оброците. Особено не е препорачливо жешки, ниту пак ладни пијалоци за време на оброкот. Чаша млака вода половина час пред оброкот е од голема помош.
Зелениот и црниот чај, кафето, тутунот, енергетските пијалоци, алкохолот не се добри за телото и не би требало никогаш да ги консумираме. Овие напитоци може прво да ги стимулираат и поттикнат нервите, но подоцна нервите од нив ослабуваат и почнува да ни недостасува самоконтрола. Напнатите нерви имаат потреба од одмор и од тишина, не од стимулација.
Нетрпението започнува на нашата маса, преку употребата на нездрава храна. Вештачките стимуланси позајмуваат енергија од идните моменти, а многу наскоро доаѓа до уште поголема изнемоштеност. Потоа доаѓа болеста и нервната исцрпеност. Најбезбедно е воопшто да не ги консумираме.
Чистиот свеж воздух, може многу да помогне во варењето на храната. Ова е значаен детаљ: Внимавајте појасот да не ве затега бидејќи тоа го попречува варењето на храната.
Да заклучиме дека оброците треба да бидат едноставни, вкусни, но не комплицирани, ниту пак жешки, ниту премногу ладни, или пак премногу течни. Да јадеме бавно без брзање, во редовни интервали, џвакајќи ја добро храната и без прејадување.
Самата исхрана е најдобро да се состои од овошје, зеленчук, житарки и јаткасти плодови. Избегнувајте ја преработената храна, премногу слатката и премногу солената, како и презачинетата храна. Не јадете ништо помеѓу оброците.
Да бидеме благодарни за сета здрава храна која Бог ни ја обезбедил и која нè одржува во добро здравје.