Да поставиме едно прашање: Дали се откажувате од вашата вера секогаш кога ќе наидете на тешкотија, или на некој судир? Дали велите: „Боже јас ова не го можам. Не можам постојано да го правам, тогаш зошто воопшто да се трудам?“
Ние знаеме дека нашата вера се потпира на Бога. Тој е Оној Кој нѐ изградува и ни помага да се одржиме. Неговото слово, Библијата, ни дава насока да ја трчаме трката на верата. Божјата сила е клучот за било која трасформација или промена во нашиот живот, вклучувајќи го и нашето здравје. Наше е да оствариме заедница со Бог, за да можеме да живееме и да се движиме по патот кој Бог го одобрува. Ако навистина верувате во Бог кој е со вас, ве охрабрува и ви помага, тогаш што би ве задржувало?
За секоја промена, па и за промената во начинот на исхрана и воопшто здравиот начин на живот, неопходно е да се започне со вера. Понатаму таа е основа за изградба на навики и перспективи за целокупното здравје.
Грижата за здравјето е повеќе од обична програма. Таа доаѓа од препознавање и дозволување на Бог да делува во нашиот живот, додека истовремено се однесуваме кон нашето тело и ум со свесност дека ни се дадени од Бога за да се грижиме за нив. Онаму каде што Бог води, Тој обезбедува и услови. Она за кое нѐ повикал, за тоа и ќе нѐ опреми. Тој сака да живееме посветен живот кој вклучува динамична вера, здраво тело и чист ум.
Многумина од нас, нездравите избори нѐ оставиле без ментална, физичка или духовна сила. Некој можеби мисли дека за него е премногу доцна, дека не е веќе млад, дека не е во форма, дека никогаш нема да стигне онаму каде што би требало да биде (каде што Бог би сакал да биде). Но за никого никогаш не е предоцна. Размислете за вашата вера, таа секогаш се менува, секогаш расте, секогаш е предизвикувана. Понекогаш исчекорувате напред. Понекогаш се враќате чекор назад. Но знаете и дека верата е долга животна трка. Во Библијата е запишано: „Затоа и ние, имајќи околу себе толкав облак сведоци, да ги положиме настрана: секое бреме и гревот кој нè сплеткува лесно и да трчаме со трпение на трката што ни е поставена пред нас; гледајќи во Исуса, Почетникот и Исполнителот на нашата вера, Кој, поради радоста што беше пред Него, го претрпе крстот, презирајќи го срамот, и седна оддесно на Божјиот престол.“ (Евреите 12:1.2; Библија)
„А верата е тврда увереност во она на кое се надеваме и убедување за нештата, што не се гледаат.“ (Евреите 11:1; Библија) Верата е визуелизација на иднината однапред. Тоа е гледање на иднината во сегашноста. Секое големо постигнување започнува кога некој го видел однапред.
Со вера прифатете ги промените и тргнете напред. Она што е неопходно е да останеме блиску до Бога. Мора да продолжиме дури и кога сакаме да се откажеме. Ако погледнеме во светот ќе бидеме под стрес. Ако погледнеме во нас ќе се депримираме. Но ако погледнеме на Исуса ќе бидеме охрабрени. Сѐ зависи од тоа каде ни е фокусот, каде го насочуваме умот, тоа одредува и како ќе се поставиме. Ќе има и тешки денови во овој пат до здрав живот, но ако ја стекнете навиката на насочување кон Бога во тешки моменти, ќе можете да се соочите со предизвиците со храна, потребата за физичка активност или откажување од некој порок. Божјата благодат секогаш е овде, дури и кога сме уморни или искушани. Вие треба да верувате дека Бог ви мисли најдобро, дури и кога не можете да видите што прави.
„Уверен сум во тоа, дека Оној, Кој го почна доброто дело во вас, ќе го доврши до Денот на Христа Исуса.“ (Филипјаните 1:6; Библија)
Авраам е класичен пример на послушност кога тој не разбирал. Тој имал околу седумдесет и пет години, и Бог барал од него да се откаже од секоја сигурност. Сетете се на Аврамовата вера кога ќе почнете да се прашувате колку долго треба да трае процесот на менување, како ќе знеме дека сме ја постигнале целта, дали ќе успееме и сл. Мора да Му веруваме на Бога дури и кога не го добиваме она што го сакаме. Сите ние од лично искуство знаеме дека верата не ги исклучува проблемите. Лесно е да Му се верува на Бога кога сѐ оди добро и се чувствуваме силни. Но верата се развива во проблемите. Кога нашите планови и соништа се распрснуваат, тогаш треба да веруваме во Божјата сила и присуство. Затоа, ако некогаш сте во проблеми и вашата вера е искушана, тогаш знаете точно како да се соочите со проблемите на кои ќе наидете на патот до промените: Верувајте Му на Бога.
Бог ви дава мисија во животот, која само вие можете да ја исполните. Дали ќе дозволите нарушеното зравје да ви застане на патот? Дали можете да се соочите со Спасителот на крајот од вашиот живот и да кажете: „Ја завршив трката. Го направив она што Бог го бараше од мене. Сѐ предадов на Исуса Христа вклучувајќи ја и мојата здравствена состојба.“ Изградете ја вашата вера со тоа што ќе дозволите Божјата сила да ви помогне да ги согледате нештата во вашиот живот кои треба да се променат. Бог е Тој кој што може да ве промени и внатрешно и надворешно.