1. Трајната промена бара да го изградиме нашиот живот на вистината

Една од најпознатите изјави на Исус е следнава: „Ако пребивате во Моето слово, навистина сте Мои ученици; и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“ (Јован 8:31.32; Библија)

Исус ветил дека вистината ќе нѐ ослободи. Но најверојатно, прво, вистината ќе нѐ направи мизерни. Ние не сакаме да се соочиме со вистината за нас, за нашите слабости, за нашите лоши навики, а особено не за нашите мотиви. Но сѐ додека не се соочиме со вистината „зошто го правиме тоа што го правиме“, за да би дошле до коренот на нашите навики, промената најверојатно ќе биде плитка и краткотрајна.

Она што е суштински важно е да се соочиме со вистината за себеси и за нашиот однос со Бога; да се соочиме со вистината за смислата на нашиот живот, за односите кон другите луѓе, а потоа и за нашите навики поврзани со нашето здравје. Ако барате брзо решение, нема да добиете трајни резултати. Вам ви е потребно да изградите автентичен здрав живот заснован на вистината во Бога. Треба да бидете искрени со Бога, со себеси и со пријателите во кои имате доверба. Ништо нема да ве промени трајно сѐ додека не почнете да копате по вистината за вашиот живот и додека не ја разберете целта која Бог ја има со вас.

 

  1. За трајната промена неопходни се мудри избори

Сите сакаат да бидат здрави, но малку луѓе избираат да бидат здрави. Потребно е повеќе од желба или сон да бидеме здрави, потребна е одлука. Вие нема да се промените сѐ додека не одлучите да се промените. Вие нема случајно да оздравите. Тоа може да се случи намерно. Тоа е избор. Всушност, тоа се низа на одлуки за цел живот, но започнуваат со една одлука.

Многумина се молат на Бога да ги исцели од нивните болести, кои би можеле лесно да се решат само ако би направиле мудри избори и би донеле здрави одлуки. Зошто, на пример, Бог да ве исцели од болест поврзана со гојазност ако вие немате намера да ослабете, немате намера да направите избор да ги промените навиките кои ве довеле до тоа? Бог чека на нас да донесеме здрави одлуки. Колку повеќе здрави одлуки донесуваме, толку побрзо работите ќе почнат да се менуваат.

„Во однос на својот поранешен живот, вие треба да го соблечете од себе стариот човек, кој тлее заради измамливите страсни желби, и да се обновувате во духот на својот ум, и да се облечете во новиот човек, кој е создаден според Бога во правдата и светоста на вистината.“ (Ефесјаните 4:22-24; Библија)

Многумина станале робови на сопствените копнежи. Секогаш кога правиме лоши избори, станува потешко да ги избереме добрите.

Во Библијата е запишано: „Не знаете ли: ако некому му се предадете за робови во послушност – робови сте му на оној, кому му се покорувате: или на гревот – за смрт; или на послушноста – за праведност?“ (Римјаните 6:16; Библија). За среќа, Бог ни ја нуди Неговата сила за да донесеме добри одлуки. „Зашто Бог е Оној, Кој дејствува во вас да сакате и да постапувате, според Неговата волја.“ (Флипјаните 2:13; Библија). Ние да го направиме она што можеме да го направиме, Бог ќе го направи она што само Тој може да го направи. Како што не е мудро да очекуваме да ги направиме оние работи кои што само Бог може да ги направи, исто толку не е мудро да очекуваме Бог да ги направи оние работи, кои и самите ние можеме да ги направиме (со Негова помош).

 

  1. Трајната промена бара нов начин на размислување

Размислувањето ги одредува чувствата, а чувствата го одредуваат начинот на кој се однесуваме. Нашите мисли се автопилот на нашиот живот.

„Немојте да се прилагодувате со овој свет; туку, преобразувајте се преку обновувањето на вашиот ум, за да можете да ја дознаете која е добрата, угодна, и совршена Божја волја!“ (Римјаните 12:2; Библија)

Библискиот збор за промена на умот е покајание. Да се покаеме значи да се одвратиме од една насока и да тргнеме по друга. Тоа започнува преку изборот да ги фокусираме мислите во таа друга насока. Овој нов начин на размислување создава нови емоции, кои ни даваат мотивација да се промениме.

Кои стари начини на размислување е потребно да ги промениме? За што е потребно да се покаеме? Дали се држите до некои самодеструктивни идеи за храната, за телото, за интимноста или пак за работата која му наштетува на вашето здравје? За да бидеме здрави, потребно е да се покаеме за нездравите избори. Потребно е да размислуваме поинаку за нашето тело и за секој дел од нашиот живот.

„Имајте ја во себе истата мисла, која беше и во Исуса Христа.“ (Филипјаните 2:5; Библија). Начинот на кој можеме да го направиме ова е да го исполниме умот со Божјата вистина додека ја читаме Библијата. Тоа ќе ни помогне како да ги замениме некои негативни мисли, наместо постојано да се обидуваме да ги отфрлиме. Сѐ она кое се обидувате да го отфрлите останува. Колку повеќе се борите со чувствата, толку повеќе ве контролираат. Тајната за победа над било кое искушение е едноставно да се промени каналот во нашиот ум. Да се рефокусира умот на нешто друго и искушението веднаш ја губи силата над нас.

 

  1. На трајната промена неопходен ѝ е Светиот Дух во нашиот живот

„Исто така и Духот и помага на нашата слабост, зашто ние не знаеме за што да се молиме, како што треба: но Самиот Дух посредува за нас со неискажливи воздишки.“ (Римјаните 8:37 ; Библија). Светиот Дух постојано се застапува за нас, помагајќи ѝ на нашата слабост, за меѓу другото, да би можеле да се ослободиме од лошите навики, пориви и зависности. Кога веќе помошта ни е дадена, би било глупаво да ја отфрлиме. Колку повеќе му дозволуваме на Светиот Дух да нѐ води и да нѐ менува, толку повеќе ќе растат позитивните карактерни квалитети во нашиот живот и на тој начин ќе снема место за лошите навики. Библијата овие квалитети ги нарекува плод на Духот. „А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, трпението, љубезноста, добрината, верноста, кротоста, самоконтролата.“ (Галатјаните 5:22.23; Библија) Забележете ја последната карактеристика: самоконтрола. Вие веќе знаете колку е важна таа и колку многу можете да си наштетите на самите себеси, доколку ја немате. Но она што повеќето луѓе не го знаат е дека тајната за самоконтрола е да дозволиме да бидеме водени од Светиот Дух. Колку повеќе му дозволуваме на Светиот Дух да нѐ насочува и да нѐ води, толку поголема самоконтрола ќе имаме.

 

  1. Трајната промена бара искрена заедница

Еве ја реалноста: Некои од вашите навики, шеми и однесувања се толку длабоко вкоренети што никогаш нема да можете да ги промените самите од себеси. Вие најверојатно сте се обиделе да се промените многу пати и не сте успеале да ги направите промените. Ако сте можеле сами да ги промените овие нездрави навики, вие можеби до сега и би ги промениле. Некои навики се толку силни, што мораме да се обединиме за да ги решиме. Всушност, ова е нешто добро, бидејќи нѐ води да ја препознаеме потребата за еден од друг. Тоа е дел од Божјиот план. Ние сме создадени да живееме во заедница. Првата работа што Бог ја кажал за човештвото била: „И Господ, Бог, рече: ‘Не е добро човекот да биде сам, ќе му направам помошник соодветен нему’“ (Битие 2:18; Библија). Бог не ја сака осаменоста. Затоа Тој направил да имаме потреба еден од друг. Најдлабоките промени во животот ќе се случат ако им се отворите на неколку доверливи пријатели кои ќе ве подржат и ќе ве проверуваат. Не ви е потребен професионалец, туку неколку пријатели со кои ќе се сретнувате и ќе разговарате. Пријателите можат да ви помогнат така што ќе се молат за вас, ќе ве охрабруваат, ќе ве подржат, и ќе ви дадат повратна информација. Библијата е исполнета со стихови за важноста од заедницата. „Да не ги напуштаме своите собранија, како што некои имаат обичај, туку да се бодриме еден друг, и тоа дотолку повеќе, доколку гледате дека наближува Денот!“ (Евреите 10:25; Библија)

„Носете ги бремињата еден на друг, и со тоа ќе го исполните законот Христов!“ (Галатјаните 6:2; Библија)

Мудриот Соломон запишал: „Подобро им е на двајцата отколку на еден, зашто имаат подобра плата за својот труд. Ако падне едниот, другиот ќе го поткрене а тешко му на едниот! Ако падне, нема никој да го крене. И ако некој удри на едниот, двајцата ќе му се спротиват; и троструко јаже не се кине скоро.“ (Проповедник 4:9.10.12; Библија)

Не ви се потребни многу луѓе за помош, доволни ви се двајца или тројца. Исус вели: „Зашто каде се двајца или тројца собрани во Мое Име, таму Сум и Јас посреде нив.“ (Матеј 18:20; Библија)

И на крајот, држете се за ветувањето од Бога. „Уверен сум во тоа, дека Оној, Кој го почна доброто дело во вас, ќе го доврши до Денот на Христа Исуса.“ (Филипјаните 1:6; Библија)

Pin It on Pinterest