Никогаш не е лесно да направиме големи и трајни навики во нашиот живот, било да го менуваме односот кон другите, нaчинот на кој управуваме со времето, начинот на кој ги употребуваме парите, начинот на кој ги извршуваме обврските. Тоа важи и за навиките поврзани со начинот на кој се однесуваме со нашето тело и со нашето здравје. Што и да сакаме да подобриме или да промениме, ние вообичаено започнуваме со голем ентузијазам и со надежни очекувања, но со текот на времето, овие амбиции бледнеат, а заедно со нив и нашата решителност.
Нашите навики го контролираат нашиот живот. Ние ги обликуваме нашите навики, а потоа нашите навики нѐ обликуваат нас. Ако ни речат да ги наброиме нашите лоши навики лесно можеме да го направиме тоа, затоа што веќе знаеме кои се и знаеме дека многу ни одмагаат. Всушност, многу од нив нѐ повредуваат. Тогаш, зошто сѐ уште не сме ги замениле? Што го прави, напуштањето на лошите навики и создавањето на нови, толку тешко? Следуваат четири најчести причини:
- Бегство во нездравите навики
Без оглед на тоа дали сме дебели или анорексични, без оглед на тоа дали се прејадуваме или имаме нарушување во ритамот на исхраната, без оглед на тоа дали сме надвор од форма или немаме доволно енергија – ова не сме го добиле преку ноќ. Најверојатно било долг, бавен пад на нашето здравје.
Многу од навиките на возрасните се развиени во детството. Некои од нездравите навики може да се тактика на преживување заради незадоволените емотивни и духовни потреби, кои ги искусуваме рано во животот. Други пак навики развиваме од страв. Некои навики се развиени со цел да се смират негативните емоции како што се осаменоста, анксиозноста, депресијата или чувството на несаканост.
За жал бегството во нездравите навики не е трајно решение на проблемот, тоа е само привремена лажна сигурност. За да дојдеме до трајни решенија за проблемите со кои се соочуваме потребно ни е да навлеземе подлабоко во коренот, во основата на проблемите.
- Се идентификуваме со нездравите навики
Често пати слушаме изјави во стилот на: „Јас секогаш доцнам“, или „Јас секогаш сум бунтовен“, или „Јас никогаш не можам да му одолеам на десертот“. Луѓето кои стојат позади таквите изјави всушност се идентификуваат себеси со лошата навика. Ние често го мешаме нашиот идентитет со нашите навики, но вистината е дека навиките може да се променат. Навиките се нештата кои ги правиме. Тие не се она што сме! Ние имаме слабости, но ние не сме нашите слабости. Ние сме уникатно создание од Бога, иако полни со недостатоци поради нашата падната природа и нашите погрешни избори, но сепак бескрајно сакани од Бога. Нема личност на овој свет, кој ќе нѐ сака толку колку што нѐ сака Бог. Неговата љубов кон нас не зависи од нашите навики. Имајќи го тоа на ум, полесно можеме да сфатиме дека навиките не се она што сме и дека со Божја помош истите со сигурност можат да се променат.
- Нездравите навики имаат моментални задоволства но долгорочни последици
Иако во моментот на практикување на некоја нездрава навика чувствуваме задоволство, тоа моментално задоволство може скапо да нè чини подоцна. На пример во моментот кога јадеме чоколада чувствуваме задоволство, но сите сме свесни за фактот дека простите шекери значително го нарушуваат нашето здравје, а истовремено придонесуваат и во зголемување на непосакуваните килограми. Јадењето чоколада дава моментално задоволство, но подоцна ќе си го земе својот данок. Зависноста од вкусот на нездравата храна, краткорочното расположение од јаглените хидрати, или задоволството од подвижување, наместо вистинско вежбање, дава моментална награда. А луѓето често сакаат да се чувствуваат добро сега, без да водат сметка за трајните последици. Меѓутоа повеќето од проблемите кои ги гледаме во нашата култура денес, се директен резултат на неподготвеноста за одложување на среќата и задоволството; Ставањето на моменталните задоволства во преден план, без да се води сметка дека често пати истите оставаат долгорочни негативни последици. За да го надминеме ова, ние мораме да ја видиме поголемата слика, наградата од правењето на здрави избори на долги стази.
- Имаме непријател кој постојано се труди да нѐ обесхрабри
Не само што треба да се бориме против нашите природни склоности, туку згора на тоа сатаната, кого Библијата го нарекува измамник и обвинувач, активно работи против нас во секој момент во нашиот ден. Откога сатаната не може да го повреди Бог директно, тој прави сѐ да го повреди преку напад на Божјите деца.
Сатаната не сака да живееме здрав живот, бидејќи тоа Го прославува Бога. Затоа тој постојано предлага негативни мисли за да нѐ држи заглавени. Тој сака да насади семе на сомнеж во нашиот ум: „Што мислиш кој си ти? Ти никогаш нема да се промениш! Ти никогаш не беше способен да се промениш во минатото. Што си мислиш, дека сега ќе биде нешто поинаку? Безнадежно е и ти си безнадежен. Затоа не се ни обидувај!“
Добрата вест е што можеме да извојуваме победа доколку го гледаме примерот на една Личност која веќе извојувала победа во сите аспекти. Кога Исус бил искушуван во пустината, Тој се повикувал на Библијата велејќи „Напишано е“ (Матеј, 4-та глава). Во Библијата имаме многу ветувања од Бога на кои можеме да се повикуваме. Едно од нив се наоѓа во Филипјаните 4:13: „Сè можам преку Христа, Кој ми дава сила.“
Добро е да разбереме дека причината поради која имаме опструкции и искушенија од страна на сатаната е затоа што тој многу добро знае каков потенцијал ни стои на располагање од Исуса Христа и што сѐ можеме да направиме со Божја помош. Затоа на секој можен начин се обидува да нè попречи. Во целиот тој процес, во голема мера ги користи нашите лоши навики.
Со овие четири аспекти кои работат против нас, не е ни чудо што многу обиди од луѓето да развијат здрави навики завршуваат со неуспех. Повторно, потребно ни е повеќе од само добри намери и добра волја да се промениме.Потребен ни е Божјиот план за промена. Повеќе за тоа можете да прочитате во текстот : Пет елементи за трајни промени.