Нашата неисцрпна мотивација содржана во нашиот слоган: Основното право на секој човек е правото на живот. Исто толку основно право на секој човек е да знае за БЛАГОДАТТА И ВИСТИНАТА дека Исус му има подарено вечен живот, за да не го презре и отфрли тој подарок.

 

БЛАГОДАТ И ВИСТИНА

Самото име на оваа служба е Христоцентрично – Исус Христос е во центарот на сè!

И Словото стана тело и се настани меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото – полн со благодат и вистина.
(Јован 1:14 ; Библија)

Зашто, Законот беше даден преку Мојсеја, а преку Исуса Христа дојдоа благодатта и вистината.
(Јован 1:17 ; Библија)

Исус Христос е полн со благодат и вистина и преку Него дојдоа благодатта и вистината. (Јован 1:14,17 ; Библија)

 

 

Суштината на постоењето на БЛАГОДАТ И ВИСТИНА содржана во нашето лого:

 

 

На логото доминираат три елементи:

 

[1] ПОДАРОК (симбол за дарот на животот и дарот на вечниот живот во Христа)

 

.

.

[2] ОТВОРЕНА КНИГА (симбол за отворена Библија)

 

 

.

.

[3] ПАНДЕЛКИ од подарокот кои се во форма на три крилја (симбол за Тројната Ангелска Вест запишана во Откровение 14:6-12)

 

.

 

Понатамошниот текст ќе го следи редоследот на овие три доминантни елементи од нашето лого, додека ќе бидат изнесувани најважните вистини кои постојат; вистини кои ги веруваме, застапуваме и проповедаме.

 

 

 


 

 

ПОДАРОКОТ е симбол за дарот на животот кој што му е даден на секој човек. Не постои човек кој било кога живеел на оваа земја, кој (со било кое свое дело или напор) има заслужено да се роди, да постои, да има живот. Напротив, животот на секој човек е подарок од Бог.

Подарокот како поим во својата суштина подразбира нешто што е бесплатно. Ако подарокот се купува, ако за него треба некако да се плати, да се заработи, тогаш подарокот веќе не би бил подарок.

Она што е уште поважно, ПОДАРОКОТ не го претставува само дарот на животот што ни е даден, животот кој што сега го живееме, туку многу повеќе од тоа, го претставува и дарот на вечниот живот што му е понуден на секој човек, кој било кога живеел на оваа земја. Не само што животот кој сега го живееме, сме го добиле бесплатно, како подарок од Бог, туку и вечниот живот кој ни е даден во Исус Христос е подарок од Бог. Во Библијата е запишано:

…подарокот од Бога е живот вечен во Христос Исус, нашиот Господ.
(Римјаните 6:23 ; Библија)

8 Зашто по благодат сте спасени, преку верата, и тоа не е од вас самите – тоа е Божји дар!
(Ефесјаните 2:8 ; Библија)

16 Но бидејќи знаеме дека човекот не се оправдува од делата на Законот, туку само преку верата на Исуса Христа, и ние поверувавме во Христа Исуса, за да се оправдаме од верата во Христа, а не од делата на Законот ; зашто од делата на Законот нема да се оправда ниту еден човек
(Галатјаните 2:16 ; Библија)

Она што особено би сакале да го истакнеме е вистината дека спасението, оправданието, вечниот живот се 100% Божјо дело, Божји подарок. Во моментот кога човек ќе помисли дека може со нешто да придодаде на тој подарок, да го докомплетира, да го заслужи со некои свои дела, во истиот тој момент, човекот го поништува Божјиот подарок, и така подарокот веќе престанува да биде подарок. Библијата го опишува тоа на следниов начин:

6 Но, ако е по благодат, тогаш не е по дела; зашто инаку благодатта не би била веќе благодат.
(Римјаните 11:6 ; Библија)

Меѓутоа, подарокот на вечниот живот во Исус Христос што му е даден на секој човек, иако бесплатен за нас луѓето, сепак е бесконечно скап. Толку скап што можел да се купи само со животот на Исус Христос, со животот на самиот Божји Син, со животот на самиот Бог. Оттаму, на подарокот како симбол од нашето лого лесно може да се забележат белите линии кои формираат крст, симболизирајќи ја цената што била платена за подарокот –  Исус Христос распнат на крстот. Црвената боја на подарокот е симбол за Христовата крв која била пролеана на крстот.

Библијата тоа го опишува со следниве зборови:

21 Оној, Кој не знаеше за грев, Бог Го направи грев за нас, за да станеме Божја правда во Него.
(2. Коринтјаните 5:21 ; Библија)

Во оваа насока, еден христијански автор го има напишано следново:

„Со Христа се постапувало онака како што заслужуваме ние, за со нас да се постапува онака како што заслужува Тој. Тој бил осуден поради нашите гревови во кои немал удел, за ние да можеме да бидеме оправдани со неговата праведност во која немаме удел. Претрпел смрт што била наша, за ние да примиме живот што бил негов. Со неговата рана ние се исцеливме.

После падот во грев на човекот, Бог не чекал човекот да дојде кај Него и да бара помирување. Не чекал луѓето некако да заслужат, да се препорачаат, да го умилостиват… После падот во грев, за луѓето било вообичаено да се кријат од Бога, да се оттуѓат од Него. Ако Бог чекал луѓето да дојдат кај Него, тоа никогаш немало да се случи и истото би значело пропаст на човекот засекогаш. Меѓутоа, заради Божјата бесконечна љубов, Бог самоиницијативно прв го презел чекорот на помирување со беспомошното човештвото кое Го отфрлило и било во непријателство со Него. Библијата го опишува тоа на следниов начин:

6 Зашто, додека уште бевме слаби, Христос умре во определено време за безбожниците.
8 Но Бог ја покажа Својата љубов кон нас со тоа, што Христос умре за нас, додека уште бевме грешници.
(Римјаните 5:6,8 ; Библија)

19 зашто Бог го измири светот со Себе во Христа, не засметувајќи им ги нивните престапи…
(2 Коринтјаните 5:19 ; Библија)

Од горниот стих може да се забележи дека не пишува за некакво помирување со определена, избрана, предодредена група на луѓе, туку со светот, што значи со сите луѓе. Давајќи го Својот Син Исус Христос, Бог го помирил светот со себе. Давајќи го Својот Син Исус Христос, Бог сакал да ги спаси сите луѓе, сите нас, уште додека сме биле слаби, грешници, безбожници… Што се однесува до Бог, што стои до Него, од негова страна, тој го помирил светот со себе во Исус Христос. И покрај непријателството од страна на човечкиот род, сепак Бог од негова страна, заради Христа, се помирил со сите луѓе. Меѓутоа за да постои помирување, неопходно е и двете страни да си пружат рака, и двете страни да го посакаат тоа помирување, неопходно е човекот да одлучи да престане со своето непријателство према Бог. Но Бог кој нè познава многу добро, знае дека за нас луѓето и тоа е тешко. Од таа причина Бог не само што нè помирил со Себе во Христа – што стоело до него – од негова страна, туку не застанува овде, тој продолжува да превзема иницијатива и МОЛИ за и ние да се помириме со Него. Библијата тоа го изразува на еден импресивен начин:

19 зашто Бог го измири светот со Себе во Христа, не засметувајќи им ги нивните престапи и вложувајќи го во нас словото на измирувањето. 20 Според тоа, ние сме пратеници на Христа – на тој начин што Бог моли преку нас. Молиме во името на Христа: помирете се со Бога!
(2-ро Коринтјаните 5:19-20 ; Библија)

Бог ги употребува христијаните кои веќе се помириле со Него, кои веќе ја пружиле својата рака на помирување, како негови пратеници преку кои зборува и моли за и останатите луѓе да се помират со Него!

Застанете малку за миг и размислете за себе во оваа насока:
– „Дојде ред Создателот на Универзумот да ме моли мене!?!?“
Токму така! Божјата љубов кон секој еден од нас е толку голема, што Тој нема проблем да се спушти толку ниско и да нè моли. Едноставно, од тоа пониско и неможело.

За Исус Христос е запишано:

6 Кој, иако беше во Божји лик, не сметаше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога; 7 но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек; 8 Сам Себе се понизи, послушен сè до самата смрт, смрт на крст.
(Филипјаните 2:6-8 ; Библија)

Како што веќе беше изнесено, Бог ја превзема иницијативата на помирување со сите луѓе, со тоа што го измирил светот со Себе во Христа. Што стои до Бога, од негова страна, заради Христа, тој ни ја има пружено раката и нè има измирено со себе. Но Божјата љубов е толку голема што не застанува овде, туку моли за и ние да се помириме со Него! Тој сака ниеден од нас да не пропадне, да не загине, да не живее оттуѓен од Него, да не ја промаши смислата на животот овде на земјата, да не го презре и орфрли вечниот живот што му е подарен во Христа…
Бог „сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до познавање на вистината.“ (1 Тимотеј 2:4 ; Библија)

Она на што би сакале да обрнеме особено внимание се следниве стихови:

Библијата на многу места изјавува дека Исус „ја вкуси смртта за сите“  (Евреите 2:9 ; Библија). Смртта со која Исус умрел била еквивалентна на втората (конечната) смрт и на тој начин ја платил цената за гревовите на целиот свет, на сите луѓе.

18 И така, како што преку еден престап дојде осудувањето на сите луѓе, така и преку праведното дело на еден дојде врз сите луѓе оправданието, кое дава живот.
==Римјаните 5:16,18 ; Библија==

„и преку праведното дело на еден дојде врз сите луѓе оправданието, кое дава живот“ (Рим. 5:18) Овде не постои исклучок. Како што осудувањето дошло на сите – заради Адамовиот престап, така и оправданието дошло НА СИТЕ – заради Исусовата праведност. Исус се дал себеси на секој човек. Бесплатниот дар има дојдено на сите. Фактот дека тоа е бесплатен дар е доказ дека не постои исклучок. Ако дошол само за одредени луѓе кои имаат специјални квалификации, тогаш не би бил бесплатен дар.

Од сето она што досега беше наведено, неминовно е да се дојде до заклучокот кој се однесува за секој човек, дека:

ПОЛЕСНО Е ДА СЕ БИДЕ СПАСЕН, ОТКОЛКУ ДА СЕ БИДЕ ИЗГУБЕН!

ПОЛЕСНО Е ДА СЕ БИДЕ СПАСЕН, ОТКОЛКУ ДА СЕ БИДЕ ИЗГУБЕН!!!

 

Најпознатите стихови од Библијата гласат:

16 Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот. 17 Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.
(Јован 3:16-17 ; Библија)

Од овде повторно можеме да увидиме дека Божата љубов го опфаќа целиот свет, сите луѓе. Бог толку многу ги возљубил сите луѓе, што Го дал Својот Единороден Син. Библијата е јасна дека во Исус Христос, Бог ни го подарил вечниот живот. Во Исус Христос, Бог ни подарил сè. Исус Христос е најголемиот ПОДАРОК даден на човештвото. Исус Христос е најголемиот ПОДАРОК даден на секој еден од нас.
ДА! НА СЕКОЈ!
ДА! И НА ТЕБЕ!

Некој можеби ќе се повика на претходниот Библиски стих (Јован 3:16), специфично на делот: >>та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот<<, сакајќи да истакне дека човекот е тој кој верува, човекот е тој кој превзема иницијатива. На тој начин се остава простор, дека, иако за една мала нијанса, сепак нашето спасение е заради она што го иницираме (без разлика на тоа што е само малку, само >>верува<<). Со други зборови, ние си помагаме на самите себе за да бидеме спасени. Како контраст на тоа е Библиската вистина дека нашето спасение е 100% резултат на Божјата иницијатива. Нашето спасение е 100% Божје дело.

Следуваат зборовите на Господ Исус Христос, како одговор на прашањето на апостолите за тоа што треба да направат за да го хармонизираат својот живот со Бога, на што Исус одговара:

„Божјото дело е ова: да верувате во Оној, Кого Тој Го испратил.”
(Јован 6:29 ; Библија)

Исус со ова како да им кажал: „Нема што вие да правите, нема место за вие да направите било што, Божјо дело е и самото ваше верување во Мене“. Оттаму, спасението е 100% Божја иницијатива и 100% Божје дело. Наше е само да го спречиме својот личен отпор и одбивност кон Бога, доколку ги имаме.

Веќе спомнавме дека главен атрибут на секој подарок е дека е бесплатен за оној кој го добива. Освен тоа, друг главен атрибут на секој подарок е дека истиот може да биде презрен, одбиен, фрлен од страна на оној на кому му е подарен. Големината на подарокот се огледува во тоа што преку истиот се почитува и гарантира правото на слободен избор, правото да биде отфрлен.

Бог е ЉУБОВ во својата суштина, а љубовта подразбира слободна волја. Онаму каде што нема слободна волја, неможе да има ни љубов. Љубов може да постои само доколку личноста има целосна слобода и можност да каже „НЕ“, а сепак избира и вели „ДА“.

Бог и покрај тоа што толку многу нè сака и направил сè од Негова страна, за да имаме вечен живот преку Исус Христос (Кој самиот е Подарок даден на секој човек); И покрај тоа што Подарокот што му го подарил на секој еден од нас го чинел прескапо, сепак Бог целосно ја почитува слободната волја на секој човек. Иако изгледа парадоксално но сепак, Семоќниот Бог е немоќен кога е во прашање можноста да нè спречи да го отфрлиме Подарокот кој ни е даден. Човекот може да одлучи да го презре и отфли подарокот кој што Му е даден, а Бог е немоќен да го спречи во тоа – затоа што Бог на нас гледа со висока почит и достоинство и ја цени слободата на избор која ни ја дал (која е директна последица на Божјата љубов кон нас). Од секој еден од нас поединечно зависи дали ќе го презреме и отфрлиме Подарокот, а со тоа и вечениот живот кој ни е даден во Него (во Исус Христос).

Од секој човек поединечно зависи, како ќе се постави откако ќе ја сфати оваа најголема и најважна вистина. Дали ќе остане озарен, воодушевен, воскликнувајќи со зборовите: КАКВА ЧУДЕСНА ЉУБОВ Е ОВА!? КАКВА ЧУДЕСНА ЉУБОВ Е ОВА!? И како резултат на тоа, од тој миг, Исус Христос за него нема повеќе да биде оној (далечен) Исус, туку ќе постане МОЈ Исус, МОЈ Господ и МОЈ Бог!

А што е со оние кои ќе го презрат и отфрлат Подарокот кој им е даден?
– Бог толку многу нè сака што, не само што ја превзема иницијативата, не само што ни го дава Подарокот, не само што заради Христа нè помирил со себе, не само што нè моли за и ние да се помириме со Него… туку, Божјата љубов е толку голема што, кога Бог гледа дека некој човек го презира Подарокот кој му е даден, не го остава тој човек така лесно да загине, без да протестира на неговиот лош пат. Ова е тотално различен поглед отколку што повеќето луѓе сфаќаат. Често пати сме слушале како патот до вечниот живот е тежок, а патот до пропаста е лесен. Оваа конфузија вклучува погрешен поглед на Божјиот карактер. Бог е ЗА нас, а не против нас. Библијата тоа го опишува со следниве зборови:

31 И така, што да речеме на ова? Ако е Бог за нас, кој ќе биде против нас? 32 Оној, Кој не Го поштеди ни сопствениот Син, туку Го предаде за сите нас, како не ќе ни подари сè друго со Него?
38 Зашто сум уверен дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни силите, 39 ни височината, ни длабочината, ниту некое друго создание, ќе може да нè оддели од Божјата љубов, која е во Христа Исуса, нашиот Господ.
(Римјаните 8:31-32; 38-39 ; Библија)

Бог протестира на лошиот пат по кој тргнал секој човек кој го отфрлува и презира Подарокот што му е даден. Камења и пречки се расфрлани на патот кон пропаста, а не на патот кон вечниот живот. Бог нема никого да го присили, но ако одиш по лош пат, Тој ќе го направи следново за тебе. Ќе постави трње и камења за максимално да ти го отежни одењето по тој лош пат. Бог толку многу го сака секого, што не дозволува ниту еден човек да биде изгубен без да се конфронтира со него на секој чекор на тој погрешен пат.

Еден автор го изразува тоа со следниве зборови:

„Немојте да заклучувате дека патот кој води нагоре е тежок, а патот кој води надолу е лесен. Низ целиот пат кој води до смрт постојат болки и казни, страдање и разочарувања, кои се предупредување да не се оди понатаму. Божјата љубов направила да биде тешко да несовесните и своеглавите се уништат себеси.“

Од сето до сега наведено, можеме уште еднаш со сигурност да потврдиме дека:

МНОГУ ПОЛЕСНО Е ДА СЕ БИДЕ СПАСЕН, ОТКОЛКУ ДА СЕ БИДЕ ИЗГУБЕН!

Може ли да постои поголема причина за радост од оваа?

Да заклучиме:
– …подарокот од Бога е живот вечен во Христос Исус, нашиот Господ.
(Римјаните 6:23 ; Библија)
– Вечниот живот кој ни е даден во Исус Христос на сите нас е ПОДАРОК, бидејќи и самиот Исус е ПОДАРОК даден на човештвото;
– Иако тој ПОДАРОК е бесплатен за нас, сепак истиот чини колку и животот на Господ Исус Христос, чија крв била пролеана на крстот за секој човек на земјата;
– Иако преку Христовата жртва на крстот, Бог го помирил светот со себе, не засметувајќи им ги нивните престаи (2 Кор. 5:19), сепак секој човек има слободна волја да одлучи дали, што стои до него, ќе се помири со Бога, или ќе го презре и отфрли ПОДАРОКОТ кој му е даден;
– Доколку човекот своеглаво оди по патот на пропаста, нема да помине лесно. Бог толку многу го сака за да би го оставил да загине и да го изгуби правото на вечен живот, кое му е дадено во Христа!
– За жал, мнозина нема да го наследат вечниот живот, само и само заради своето континуирано противење на Бога, континуирано отфрлање на ПОДАРОКОТ кој што им е даден; само заради својот сопствен, свесен избор да не наследат вечен живот.

_______________________________________

Затоа што сметаме дека Божјиот карактер бил погрешно претставуван низ историјата, а погрешно е претставуван и до ден денес, ќе се обидеме да го презентираме нашето видување за тоа како Бог гледа на нас луѓето.

Ние луѓето сме безусловно сакани и прифатени од Бог, без оглед на сè – токму такви какви што сме… и така ќе биде и ќе остане. Со други зборови, Божјата љубов кон нас не се менува ни кога ни се случуваат грешки и падови. Никогаш нема да бидеме напуштени ниту оставени, туку напротив можеме да бидеме сигурни дека без оглед на сè, Бог секогаш ќе биде и ќе остане покрај нас и дека секогаш ќе го имаме неговото безусловно прифаќање и љубов, колку и да сме лоши.

Треба да знаеме дека Бог нам од сè срце ни има опростено, дури и пред да сме побарале прошка – што нас никако не би требало да нè наведе на погрешен заклучок дека не треба и лично да ја побараме. Не само затоа што опростувањето без директно барање не е ни потполно ни правно важечко (пред правдата и законот), туку затоа што е невозможно било кој, што искрено се кае и жали заради сето лошо што го направил, да тоа не го покаже отворено и директно со лично извинување и барање опростување од оној кого го повредил. Така, барањето прошка претставува само наше отворено изразување на искреното каење и желење поради неправдата и болката која што сме Му ја нанеле на Бог, а не наше убедување, или уште полошо, преколнување за Бог да ни се сожали, смилува и опрости и повторно да нè сака и прифати.

Треба да знаеме дека и покрај сето лошо што сме и што правиме, Бог секогаш го гледа она најдоброто какви можеме да бидеме и искрено и безрезервно верува дека такви и ќе постанеме. Бог разбира, сочувствува, нè прифаќа, ни пружа непоколеблива верност и одданост и секогаш стои покрај нас, дури и тогаш кога сите останати нè осудуваат, отфрлуваат, отпуштаат и нè сметаат за непоправливи и безнадежни. Кај Бог тоа е изразено во таква мера што заради тоа свое уверување и заради љубовта кон нас бил спремен да се жртвува себеси. Исус би го поминал целиот пат и би умрел на крстот, макар за само еден човек да би имал полза од тоа. Исус би го поминал целиот пат и би умрел на крстот само за тебе. Бог никогаш не се откажува од тебе, дури и тогаш кога сите други ќе се откажат, дури и тогаш кога и ти самиот се откажуваш од себеси.

Ако го сфатиме сето горе напишано, ќе бидеме потполно убедени дека благодарејќи на таа безусловна љубов и прифаќање, ќе бидеме очистени од сè лошо и дека нашиот карактер ќе биде целосно преобразен. Ќе сме сигурни дека без било каква посебна причина, секогаш ќе бидеме и ќе останеме сакани и прифатени, не заради некои наши лични квалитети и овоземски вредности, туку заради постојаноста на Божјата љубов кон нас. На тој начин, ќе бидеме ослободени од потребата да бидеме вредни и посебни за да би биле сакани. Затоа што веќе сме сакани такви какви што сме и затоа што веќе вредиме бесценето. Да бесценето! За никогаш да не заборавиме колку сме вредни, доволно е да погледнеме на крстот. Со своите раширени раце, заковани на крстот, Исус вели: „Еве колку вредиш за Мене. Те сакам толку многу. Попрво би умрел, отколку да живеам без тебе. Ти си бесценет.“ Вредноста ја одредува оној кој е волен да плати. Нашата вредност е одредена од Оној кој платил за нас. Во Божјите очи ти вредиш колку и самиот Син Божји – Исус Христос – затоа што тоа била цената платена за тебе.

Ние сме убедени дека безусловното прифаќање и љубов се единствениот начин за било која личност да ги надмине своите грешки и падови, да постигне среќа и да почне да живее радосен живот во полнота. Убедени сме дека своите грешки може да ги надмине онаа личност која знае дека е безусловно сакана и прифатена дури и додека ги прави тие грешки. Наша најискрена желба и молитва е БЛАГОДАТ И ВИСТИНА да ви помогне да ја сфатите таквата безусловна љубов, опростување и прифаќање кои веќе ги имате од Бог.

На жалост, и покрај безусловната љубов и прифаќање која Бог му ја пружа на секој човек, мнозина ќе изберат да го отфрлат сето тоа. Како резултат на отфрлувањето, тие луѓе никогаш нема да уживаат целосен мир ниту пак ќе имаат живот во полнота овде на земјата. Иако несвесни за тоа, постојано ќе бидат во потрага по љубов, по прифаќање, по докажување пред другите за тоа колку вредат, како би го задобиле нивното внимание, нивната наклоност, нивното прифаќање, нивната љубов; додека истовремено ги отфрлаат безусловното прифаќање и безусловната љубов со која веќе се возљубени од Бог. А она што е најтрагично, тоа отфрлање ќе ги чини премногу скапо, затоа што на тој начин ќе го изгубат вечниот живот кој им е даден во Христа. На таквите луѓе Бог гледа со најлабока жалост. Во неговото срце, за сета вечност ќе постои празнина заради загубата на тие негови деца – загуба која со ништо неможе да се надополни. Секој еден од нив премногу ќе му недостасува на Бог, затоа што секој еден од нив е уникатно создаден и неможе да биде заменет со некој друг. Сепак, нивната вечна пропаст ќе биде неминовна, затоа што Бог никого не може да го присили на ништо – тоа би било спротивно од Неговиот карактер (таму каде што е љубовта – неможе да постои присилување). Вечната пропаст на тие луѓе ќе биде само и само заради нивниот сопствен избор да бидат изгубени, а Бог (иако во голема жалост, против својата волја) ќе мора да го испочитува тој избор. Впрочем, Божјиот суд се состои само во потврдување и прифаќање на одлуката што секој човек сам си ја донел; потврдување и прифаќање на изборот што секој човек сам си го направил.

Драг читателу, дали има смисла да направите погрешен избор? Дали има смисла да ја презрете Божјата безусловна љубов со која сте возљубени? Дали има смисла да го презрете и отфрлите дарот на вечниот живот кој ви е даден во Христа; да го презрете и отфрлите дарот на вечниот живот во Христа, кој веќе е ваш?

 


 

 

ОТВОРЕНА КНИГА – симбол за отворена Библија.

Отворена Библија – Библија која се чита, Библија која се проучува. Спротивно од затворена Библија, која не се чита, туку само се доживува како некој свет предмет, кој се чува на полица и наводно „носи здравје и среќа“, сам од себе.

Според логото – Подарокот „излегува“ од отворената Библија. Излегувањето подразбира дека Библијата е таа која ги изнесува информациите за Подарокот, Библијата е таа која сведочи за Исус (Јован 5:39), Библијата е таа која го открива Исус, Библијата ги содржи најважните, спасоносни вистини за вечниот живот. Да не била Библијата, немало да знаеме за нив, немало да имаме вистинска слика за Бог, Кој во својата бесконечна љубов и премудрост решил да се објави Себеси токму преку Библијата. Преку нејзе дознаваме за Бог како Создател на сè видливо и невидливо во Универзумот, за Божјиот карактер, за неговата бесконечна љубов кон своите созданија, за планот на спасението, за вечниот живот кој ни го дал во Христа, па дури и за тоа која би била најдобрата верзија на животот што сега го живееме на земјата.

Од досега наведеното, разбирлива е неопходноста Библијата да биде отворена пред нас, да ја читаме и проучуваме, за да би можеле од прва рака да дојдеме до откриените вистини и лично за себе да се утврдиме во нив. Неопходно е Библијата да постане дел од нашиот секојдневен живот, вистините запишани во нејзе да струјат низ нашите мисли, да постанат дел од нашето битие, дел од нашиот идентитет.

16 Целото Писмо е од Бога вдахновено и е полезно за поука, за изобличување, за поправање и за воспитување во правдата, 17 за да биде Божјиот човек совршено подготвен за секое добро дело.
(2 Тимотеј 3:16-17 ; Библија)

Целото Писмо – Целата Библија е од Бога вдахновена. Авторите на книгите во Библијата (пророците и апостолите) биле носени, вдахновени од Светиот Дух додека ги пишувале светите страници на Библијата.

20 Знајте го ова пред сè: ниедно пророштво во Писмото не може да се толкува како кој сака, 21 зашто никогаш пророштвото не дошло од човечка волја, туку светите Божји луѓе зборувале носени од Светиот Дух.
(2 Петрово 1:20 ; Библија)

Светиот Дух, кој ултимативно стои позади авторите на Библијата, ни помага за да можеме да го разбереме тоа што е напишано. Водството на Светиот Дух во процесот на проучување е неопходен за правилно разбирање на големите вистини запишани во Библијата. Мудроста која притоа ни е неопходна, ја надминува мудроста на овој свет. За да се стекне таа мудрост неопходно е понизно и искрено срце, кое копнее да ја дознае Вистината и кое ја цени. Од таа причина, на секое наше отворање на Библијата за да ја проучуваме, треба да му претходи искрена молитва за Божјо водство и помош, да би можеле правилно да го разбереме она што ќе го проучуваме.

13 А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина…
(Јован 16:13 ; Библија)

Веруваме дека Светиот Дух поучува и упатува на целата Вистина, но истовремено сме сигурни дека секоја поука од Светиот Дух, било да е упатена до група или поединец е 100% во склад со веќе откриените вистини во Библијата…. Доколку пак некоја поука не е во хармонија со останатиот дел од Библијата – со сигурност знаеме дека тоа не е од Светиот Дух.

Го нагласуваме ова затоа што денес во светот постојат поединци или групи кои тврдат дека Светиот Дух им објавил некоја вистина и убедени се дека таа вистина доаѓа директно од Светиот Дух. Меѓутоа се случува тие објави да бидат спротивни од Библијата (кога би се земала интегрално, во целост). Како што спомнавме, секоја таква наводна вистина која е во спротивност на веќе објавените вистини во Библијата, со сигурност не е од Светиот Дух – кој е автор на Библијата. Од друга страна, во традиционалните цркви покрај Библијата, на исто рамниште се става и преданието на црквата и за истото се верува дека е вдахновено од Светиот Дух. Меѓутоа, во многу нешта она што е запишано во тоа предание е во спротивност со Библијата. Заклучокот и овде е дека тие наводни вистини, во преданието, дефинитивно не се од Светиот Дух. Дури и во оние традиционални цркви кои велат дека Библијата е врховен авторитет, ако подобро се истражи таа изјава, лесно е да се заклучи дека тоа е само исказ, а праксата е дека преданието се смета на исто рамниште со Библијата.

Ние (од Благодат и Вистина) ја цениме Библијата неспоредливо повеќе од сè останато што постои овде на Земјата. Земајќи во предвид дека Бог преку Библијата ги открил сите вистини потребни на човекот и за овој живот и за вечниот живот, не е ни малку тешко да се заклучи дека сатаната (кој е најголемиот непријател на Бог и на човекот) неможе да ја поднесе Библијата. Покрај безбројте неуспешни напади низ историјата да ја уништи Библијата, сатаната денес ја сменил тактиката на своето војување. Прави сè што стои до него да ги оневозможи луѓето да ја проучуваат, со тоа што ќе ги окупира со сè и сешто, или пак направил воопшто да не ја ценат Библијата како Божја Реч. Оттаму, заради тоа што само мал процент на луѓе посветено ја проучуваат Библијата, сатаната успеал во светот да презентира стотици и илјадници лаги кои така ги претставил како да се Библиски вистини. Милиони и милијарди луѓе веруваат во тие лаѓи и ги прифаќаат, само како резултат на недоволното познавање на вистините запишани во Библијата. Она што секој човек за себе треба да го направи, за да не се најде во толпата на прелажани луѓе, е посветено да ја проучува Библијата за себе лично.

Самиот Господ Исус Христос кога бил напаѓан од страна на сатаната во пустината, се бранел со зборовите „ПИШАНО Е“ и цитирал делови од Библијата. Ако тоа било случај со Исус, неопходно е истото да биде случај и со нас. Но, за да можеме во секоја ситуација да се повикаме на Библијата, да кажеме „ПИШАНО Е“ и да цитираме Библија, неопходно е да ја познаваме Библијата, лично за себе.

Еден познат Библиски стих гласи:

20 Покрај Законот! Покрај сведоштвата! Ако не зборуваат според ова слово, нема светлина во нив.
(Исаија 8:20 ; Библија)

Нема светлина во луѓето кои проповедаат одредени наводни вистини, а истовремено тврдат дека Божјиот Закон, 10те Божји заповеди повеќе не важат. Нема светлина во луѓето кои не зборуваат во целосен склад со она што е откриено во Целата Библија.

Еден христијански автор го има запишано следново:

Но Бог сака на Земјата да има народ кој Библијата и само Библијата ќе ја истакнува како единствено мерило за секое учење и како темел за секоја реформа. Ниту мислењата на учените луѓе, ниту научните тврдења, ниту симболите на верата или решенијата на црковните собори, толку многубројни и спротивни како и црквите што ги застапуваат, ниту гласот на мнозинството – ништо од ова, ниту сите заедно, не можат да се сметаат како доказ за или против било која точка на библиската вера. Пред да го примиме било кое учење или пропис, треба да се осведочиме дали тоа е поткрепено со она јасно и посветено начело: “Така зборува Господ.”

Исус рекол дека Негови ученици се оние кои ќе останат, кои ќе се придружуваат до неговото учење, изразено во Библијата:
„Ако вие останете во Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; 32 и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.”
(Јован 8:31-32 ; Библија)

Единствено спознавањето на вистината, која е откриена во Библијата, може да донесе вистинско ослободување на човекот. Ослободување од неизвесност, од страв, од немоќ… и ултимативно, ослободување од ропството на гревот и смртта. Од таа причина, заедно со псалмистот воскликнуваме:

105 Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека.
(Псалм 119:104 ; Библија)

 


 

 

ПАНДЕЛКИТЕ ОД ПОДАРОКОТ СЕ ВО ВИД НА ТРИ КРИЛЈА – симболичен приказ на ангелски крилја, кои ја претставуваат Тројната Ангелска Вест

Откако ги изнесовме нашите ставови поврзани со ОТВОРЕНАТА БИБЛИЈА и ПОДАРОКОТ, следно што останува е да наведеме дека како резултат на нашето проучување на Библијата и како резултат на Подарокот кој ни е даден, ние (од тимот на Благодат и Вистина) не можеме да молчиме, не можеме друго освен да молиме и бараме од Бог максимално да нè употреби во ширењето на овие најважни вистини, за истите да дојдат до што е можно повеќе луѓе во Македонија и во светот; затоа што ги сакаме сите луѓе.

Според Библијата, живееме во „последните времиња“, на прагот на најславнот настан на планетата Земја – доаѓањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос на облаците. Меѓутоа, пред да се случи тоа, во Библијата е запишано дека ќе се проповеда една специфична порака, Тројната Ангелска Вест (запишана во Откровение 14:6-12). Како резултат на проповедањето на таа порака ќе дојде до поларизација на сите луѓе на земјата на две групи: една група на луѓе кои ќе имаат т.н. Божји печат и друга група на луѓе кои ќе го добијат т.н. жиг на ѕверот. Самиот Библиски текст наметнува дека актуелна порака која треба да се проповеда денес е токму Тројната Ангелска Вест, со цел луѓето да бидат опоменати и подготвени за настаните што следуваат во глобални размери, кои ќе го засегнат секој човек на земјата. Бог во својата преголема љубов, преку Тројната Ангелска Вест, на светот му ги открил клучните аспекти од завршните сцени на големата борба помеѓу Христа и сатаната. Сите оние кои изоставуваат да ја проповедаат Тројната Ангелска Вест во времето во кое живееме, се однесуваат еквивалентно како да би избегнале да проповедаат дека ќе надојде глобален потоп, доколку би живееле во времето кога Ное го градел бродот. Затоа што токму како во деновите на Ное, кога имало само 2 групи на луѓе: надвор од бродот – осудени на пропаст и внатре во бродот – осигурани за живот, во Библијата е запишано дека многу наскоро на земјата ќе има само две групи на луѓе: запечатени за вечен живот и жигосани за вечна пропаст.

Би сакале да нагласиме дека суштината на Тројната Ангелска Вест не е Вавилон, не е ѕверот, не е бројот, жигот или ликот на ѕверот… суштината на Тројната Ангелска Вест е повикот на вистинското/исправното обожавање на Бог – Создателот на сè. Вистинско обожавање кое се остварува како резултат од проповедањето на ВЕЧНОТО (значи, ни повеќе ни помалку туку ВЕЧНОТО) eвангелие (Отк. 14:6), кое во огромна мера се разликува од многуте (искривени, лажни, некомплетни) евангелија кои до денес се проповедаат во христијанскиот свет. Проповедањето на вечното евангелие доведува до оживување на духовното искуство и реформа во животите на луѓето кои го прифаќаат. Тие имаат вера како што имал самиот Исус Христос (Отк. 14:12) и како резултат на таквата вера ги држат Божјите заповеди (Отк. 14:12), а пред-адвентниот Божји суд кој е почнат (Отк. 14:7), само ќе го потврди тоа. Истите тие, имајќи го трпението на светите (Отк. 14:12), ќе бидат победници во сите искушенија, напади и прогонства кои ќе надојдат.

Проповедањето на ВЕЧНОТО евангелие ја нагласува големината на Божјата благодат. Божјата благодат дадена на секој човек е БЕСКОНЕЧНО ГОЛЕМА БЛАГОДАТ. Од Исуса сите сме добиле БЛАГОДАТ ВРЗ БЛАГОДАТ (Јован 1:16 ; Библија). Меѓутоа, мораме да нагласиме дека, на жалост, поимот благодат во Христијанскиот свет бил многу погрешно претставуван низ историјата и многу погрешно се претставува до ден денес. Во Библијата стои запишано:

11 Зашто се јави Божјата благодат, која носи спасение за сите луѓе, 12 која нè воспитува да се откажеме од безбожноста и светските похоти; да живееме разумно, праведно и побожно во сегашниов век, 13 очекувајќи ја блажената надеж и славното јавување на нашиот Сèмоќен Бог и Спасител, Исус Христос, 14 Кој се даде Самиот Себе место нас, за да нè избави од секакво беззаконие и да очисти за Себе сопствен народ, кој Му припаѓа, кој ревнува за добрите дела.
(Тит 2:11-14 ; Библија)

Ако слушнете некое евангелие во кое се проповеда благодат која НЕ >>>нè воспитува да се откажеме од безбожноста и светските похоти;<<<, која НЕ нè поттикнува >>>да живееме разумно, праведно и побожно во сегашниов век <<<, и каде Исус НЕ >>>нè избавува од секакво беззаконие (вршење на грев)<<< бидете сигурни дека тоа не е Библиско учење. Бидете сигурни дека тоа не е ВЕЧНОТО евангелие, чие проповедање со сигурност би „произвело“ луѓе кои >>ги пазат Божјите заповеди<< (Отк. 14:12).

Во оваа прилика во целост копираме текст од еден автор кој понудил вистинско, Библиско објаснување за благодатта. Бидете сигурни, после читањето на овој текст, засекогаш ќе го смените вашиот став по прашање на односот помеѓу благодатта и гревот (кој е беззаконие т.е. кршење на Божјиот закон [1 Јованово 3:4]).

Под владеењето на благодатта подеднакво е лесно да правиме она што е исправно, како што под владеењето на гревот е лесно да правиме она што е зло. Тоа мора да биде така, бидејќи ако во благодатта нема повеќе сила отколку во гревот, тогаш не би можело да има спасение од гревот.
Но, сепак постои спасение од гревот. Никој кој верува во христијанството не може тоа да го негира. Спасението од гревот е утврдено со фактот дека во благодатта постои многу повеќе сила отколку во гревот. На друг начин и неможе да биде. Секаде каде што владее силата на благодатта, ќе биде лесно да се прави она што е исправно.
Никој по природа никогаш не установил дека е тешко да се прави зло, затоа што човекот по природа е заробен во силата на гревот, која е апсолутна во своето владеење. И сè додека оваа сила преовладува, не само да е тешко, туку е и невозможно да правиме добро кое што ни е познато и кое што би сакале да го правиме. Но, ако надвладее помоќна сила од оваа, зарем тогаш не е јасно дека исто така ќе биде полесно да служиме на таа помоќна сила, како што сме служиле на волјата на првата сила, додека таа владеела?
Но благодатта не е само посилна од гревот. Кога тоа би било сè, дури и тогаш тоа би било радосна вест за секој грешник на светот. Но, во благодатта има многу повеќе сила одтколку што има во гревот. Бидејќи „каде што гревот се зголеми, таму благодатта се излеа преизобилно“ (Рим. 5:20). Според тоа, има (многу) надеж за секој грешник на светот.
Од каде доаѓа благодатта? Од Бога. „благодат ви вам … од Бога, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа“ (1. Кор. 1:3). Од каде доаѓа гревот? Се разбира, од ѓаволот. Јасно е како сонце дека во благодатта има повеќе сила отколку во гревот, како што има повеќе сила во Бог отколку во ѓаволот.

Ова е Тројната Ангелска Вест со сигурност! Ова е суштината на адвентистичкото учење, кое е изворно, комплетно Библиско учење. Благодат врз благодат! Изобилство на благодат!

Мноштво стихови од Библијата одат во прилог на тоа дека благодатта не го укинува Божјиот закон, туку напротив – го исполнува; Верата не го укинува Божјиот закон, туку напротив – го утврдува:

31 Според тоа, дали го укинуваме Законот преку верата? Далеку од тоа! Туку, со тоа го утврдуваме Законот.
(Римјаните 3:31 ; Библија)

Невозможно е да се биде вистински помирен со Бог, а да не се биде помирен со Неговиот свет закон. Од таму, вистинско опрадание преку вера, чини верникот да биде послушен на СИТЕ Божји заповеди – кои се препис на Божјиот карактер, препис на Божјата љубов.

13 бидејќи пред Бога… …ќе се сметаат за праведни само оние што постапуваат според Законот.
(Римјаните 2:13 ; Библија)

4 па, праведноста, што Законот ја бара, да се исполни во нас, – кои не одиме по телото, туку по Духот.
(Римјаните 8:4 ; Библија)

Кога човекот еднаш ќе го разбере ова, тој целосно ќе ја смени својата перспективата на гледањето на Божјиот закон. Божјиот закон, 10-те Божји заповеди за него ќе постанат 10 Божји ветувања. Впрочем токму тоа Бог и замислил да бидат. Токму тоа и го изговорил кога ги давал 10-те Божји заповеди. При изговарањето на 10-те Божји заповеди Бог дал изјава која го трансформира Божјиот закон во Радосна вест.

1 Тогаш Бог ги кажа сите овие зборови, велејќи: 2 „Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе (МИНАТО ВРЕМЕ) од земјата египетска, од домот на ропството.
(Излез 20:1-2 ; Библија)

Пред да се слушне првата заповед, се слуша Радосна вест за тоа што Христос веќе остварил во нашето избавување од ропството на гревот.

И заповедите кои следат, не се повеќе заповеди туку се ветувања:

3 Не ќе имаш никакви други богови покрај Мене.

4 Не ќе си правиш врезан лик, ниту некаква слика… Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш,…

7 Не ќе го изговараш напразно името на Господа

. . .

Сето ова се потврдува и со следново ветување кое е запишано во Библијата:

16 ”Ова е заветот, кој ќе го склучам со нив по оние денови, вели Господ, ќе ги положам Своите закони на нивните срца и ќе ги напишам на нивниот ум
(Евреите 10:16 ; Библија)

Господ всушност го пишува Неговиот закон на нашето срце и ум, па послушноста е нешто што го сакаме, послушноста ни постанува природно однесување, ние наоѓаме радост во тоа. Сето ова обезбедува нова мотивација која го надминува стравот да не се биде изгубен или надежта за награда (било која од тие две мотивации е она што Павле го изразува со фразата „под законот“).

Кога човек ќе успее да ја види оваа Библиска реалност, Исусовите зборови запишани во Матеј 5:48 „И така, бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко.“, за него не се повеќе заповед, туку ветување. Исто како што се ветување и Исусовите зборови:

15 ”Ако Ме љубите, ќе ги пазите Моите заповеди.
(Јован 14:15 ; Библија)

Апостолот Јован тоа го изразува со следниве зборови:

3 И по тоа знаеме дека сме Го познале, ако ги пазиме Неговите заповеди. 4 Кој вели: „Го познав”, а не ги пази Неговите заповеди, лажец е и вистината не е во него. 5 А кој го пази Неговото слово, во него, навистина, љубовта кон Бога стигнала до совршенство. По тоа знаеме дека сме во Него. 6 Кој вели дека останува во Него, тој треба да оди, како што одеше Тој.
(1-во Јованово 2:3-6 ; Библија)

Ова е изворното Библиско учење, учењето на Новиот завет:

16 ”Ова е заветот, кој ќе го склучам со нив по оние денови, вели Господ, ќе ги положам Своите закони на нивните срца и ќе ги напишам на нивниот ум
(Евреите 10:16 ; Библија)

Впрочем, Стариот и Новиот завет не се прашање на време туку на состојба. Авраам имал вера и живеел во Новиот завет. На жалост, мнозина до ден денес живеат во Стариот завет, бидејки се свртени кон себе кога е во прашање нивната послушност. Стариот завет бил човечко ветување дека ќе Му бидат верни на Бога. Новиот завет е Божје ветување дека Тој ќе ни биде верен нам. Спасението доаѓа од верувањето во Божјите ветувања упатени кон нас, а не од нашите ветувања кон Него.

 


 

Откако изнесовме дел од нашите верувања и ставови за кои сме убедени дека се изворни Библиски учења, го завршуваме овој текст осврнувајќи се на самите нас како тим на луѓе кои стоиме позади службата БЛАГОДАТ И ВИСТИНА.

Иако сме различни по повеќе основи, сепак сите нас нè поврзува нашата припадност во „Црквата на Адвентистите на седмиот ден“ [Seventh Day Adventist Church] (помеѓу народот во Македонија познати како „адвентисти“ или „саботари“/„саботјани“). Сите ние припаѓаме на таа црква единствено затоа што после долги лични проучувања на Библијата сме сфатиле дека тоа е црквата на Божјиот остаток (Откровение 12:17; 14:12), која во целост се придржува до изворните Библиски учења. Исто така затоа што сме дошле до заклучок дека тоа е црква, или подобро кажано, тоа е глобално движење, распространето насекаде во светот, кое во својата суштина е пророчко движење, од две причини:
1) Неговите зачетоци, мисија и временска рамка на делување се проречени во Библијата;
2) Незапирливо, неустрашиво ги проповеда Апокалиптичните пророштва од Библијата (особено од Книга на пророк Даниел и Откровение) кои се однесуваат на времето во кое живееме, користејќи метод на интерпретација кој го диктира/наметнува самиот Библиски текст.

Длабоко сме свесни за сатанското непријателство кон Адвентистичкото движење и сите можни напори кои ги прави за да го дискредитира, уназади, уништи, иако (сеуште) не толку на директен конфронтален начин, колку на перфиден начин. Тоа воопшто не нè чуди, затоа што токму Адвентистичкото движење му е трн во окото на сатаната (Откровение 12:17) и како ниту едно друго движење или црква низ историјата, па сè до ден денес, ги има разоткриено, разобличено, сатанските планови кон човештвото (токму преку толкувањето на Библиските пророштва). Оттаму, сосема е логичен секој напор што сатаната го има вложено за да го нападне Адвентистичкото движење по секоја основа, така што истото да биде презрено, исмејано, отфрлено… Повеќе од свесни сме за предрасудите кои постојат во христијанскиот свет кон Адвентистичкото движење. Но искуството на сите нас покажало дека причината што луѓето го презираат, е затоа што:
(а) или не се запознале со неговата суштина,
(б) или пак се запознале и со текот на времето дошле до степен на сфаќање дека треба да престанат да се спротивставуваат на Божјото делување во нивните животи (што понекогаш би значело дозволување на Бог да одземе идоли од нивните срца: насочени кон материјализам, себичност, слава, егоцентричност, лажна сигурност, лажен мир…). Па така, одлучиле да најдат „комфорна зона“ во некоја црква која застапува учење што Библијата го нарекува „чешкање на ушите“, свесно затапувајќи си ја совеста на тој начин и пригушувајки го нежниот и тих глас на Светиот Дух (Кој уверува за грев, за правда и за суд [Јован 16:8]).

Од друга страна пак, постојат илјадници и милиони што секоја година пристапуваат и стануваат дел од ова најбрзо растечко Христијснско движење и со смелост ја пренесуваат Вистината што ја дознале, насекаде и секому. Ако и не постоеше БЛАГОДАТ И ВИСТИНА, ќе беше само прашање на време кога сите овие информации поставени на оваа веб страница, ќе ги дознаевте од некој друг, затоа што истите се навистина многу актуелни и раширени насекаде во светот.

Иако сите ние кои стоиме позади БЛАГОДАТ И ВИСТИНА сме активни и лојални верници во „Црквата на Адвентистите на седмиот ден“, сепак службата БЛАГОДАТ И ВИСТИНА не е официјална служба на самата црква и овој сајт не е нејзин официјален сајт. Целта на БЛАГОДАТ И ВИСТИНА е да ѝ помогне на самата црква во остварувањето на нејзината мисија. Да ја подржи во проповедањето на изворните Библиски вистини на луѓето во Македонија и пошироко, со посебен нагласок на оние вистини кои се особено релевантни за времето во кое живееме. Тројната Ангелска Вест, која погоре е спомената е една од тие вистини. Постоењето на ваков вид на служба како што е БЛАГОДАТ И ВИСТИНА е легитимно и правно регулирано во однос на Генералната Конференција на Црквата на Адвентистите на Седмиот ден.

Наша желба и молитва е преку БЛАГОДАТ И ВИСТИНА да ви послужиме вам, да дојдете до најдрагоцените вистини запишани во Библијата. Вистини, кои се со вечни последици. Веруваме дека како резултат на делувањето на БЛАГОДАТ И ВИСТИНА, мноштво на луѓе нема да го презрат и отфрлат порадокот што Исус им го има дадено – вечниот живот. Веруваме дека влијанието на БЛАГОДАТ И ВИСТИНА ќе биде со вечни последици – дека мноштво на луѓе ќе бидат спасени за вечност. Тоа е нашата најголема желба и молитва!

…Молиме во името на Христа: помирете се со Бога!
(2 Коринтјание 5:20 ; Библија)

17 Духот и невестата велат: „Дојди!” И кој слуша нека рече: „Дојди!” И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе дарум од водата на животот!
(Откровение 22:17 ; Библија)

20 Оној, Кој го сведочи ова, говори: „Да, доаѓам скоро!” – Амин! Да дојди! Господи Исусе! 21 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос со сите вас. Амин!
(Откровение 22:20-21 ; Библија)

Pin It on Pinterest