Ние можеме да ја отсликуваме Божјата совршена љубов кога ќе ги избегнеме негативните навики на влегувањето во врска. Ова бара препознавање и отфрлање на светскиот модел на она што значи љубовта. Најпрво мора да разбереме дека сите измами во светот произлегуваат од верувањето дека љубовта, првенствено, е за исполнување и задоволување на себеси. Светот ја труе љубовта со фокусирање на задоволување на сопствените потреби. За ова сме сведоци кога момчето или девојката го притиска другиот да бидат интимни. Сигурно ја имате слушнато познатата реченица: „Ако навистина ме сакаш ќе го направиш тоа.“ Со други зборови, „Не ми е гајле за тебе, за твоите верувања, или колку ова ќе ти наштети емоционално – задоволи ги моите потреби!“. А да не зборуваме за личност која влегува во врска со друга личност само за да ја зголеми својата популарност, а потоа ја остава таа личност за некоја која е уште попопуларна во средината. Иако првиот пример е почест, и двата примери ја илустрираат егоцентричната љубов во акција.
Следен проблем е тоа што ни е кажано дека љубовта, примарно, е чувство. На прв поглед ова изгледа доста невино, ние често ја чувствуваме љубовта и ова воглавно не е погрешно. Но кога чувствата ни се основен тест за љубовта, ние се ставаме себеси во центарот на важност. Сами по себе нашите чувства не му прават ништо добро на другиот. Ако на некоја личност ѝ е жал за некој сиромашен човек, а никогаш не му помогнал, тогаш која е ползата на сиромавиот од чувствата на оваа личност? Ако во своите дела не се покажува оваа љубов, овие чувства не значат ништо. Со нагаласување на важноста од чувствата, ние ја запоставуваме важноста од ставање на љубовта во акција. Кога го оценуваме квалитетот на нашата љубов кон некој друг, со нашето емоционално исполнување, ние практикуваме себичност.
Следна најчеста заблуда за љубовта се однесува на личната одговорност. Светот ни вели дека љубовта е надвор од нашата контрола. Ова размислување се провлекло и во нашите умови. Секоја започната врска ја дефинираме со „се заљубија“, или парот вели: „Ние сме лудо заљубени еден во друг.“ Многу често ги слушаме овие зборови, а можеби и ние ги имаме кажано истите.
Зошто се чувствуваме повикани да ја споредиме љубовта како јама или ментално растројство? Што овие изјави откриваат за нашиот став кон љубовта? Можеби ги кажуваме, овие малку преценети аналогии, бидејќи тие ја отстрануваат личната одговорност. Ако личноста падне во јама, што може да направи во врска со тоа? Ако едно животно добие беснило и почне наоколу да ги каса луѓето, тоа не може да си помогне во промената на своето однесување бидејќи полудело.
Нели звучи малку апсурдно да се разговара за љубовта во такви услови? – Секако. Сепак, вие сте насочени вашите чувства на љубов да ги изразите на овие начини. Имате мислење дека љубовта е нешто кое е надвор од контрола и ова ви е изговор за тоа што немате одговорност.
Во екстремни случаи, луѓето ја обвинуваат љубовта за неморалност, убиство, силување и многу други гревови. Во ред, можеби вие ги немате направено овие работи, но можеби сте ги излажале родителите или пријателите поради врската. Можеби сте го притиснале партнерот да направи повеќе од што може.
„Но љубовта е надвор од контролата и вие не може да бидете одговорни за тоа. Да, вие знаете да се однесувате избрзано. Да, вие знаете дека можете да ги повредите другите во процесот, но не можете да си помогнете. Вие сте заљубени.“
Светот можеби ја дефинира и ја брани љубовта во овие услови, но Библијата ни нуди многу поинаква перспектива. Божјата дефиниција за вистинската љубов може да претставува неочекувана шлаканица за личноста која практикува егоцентрична љубов и љубов која е надвор од контрола.
Светот нѐ води до сребрениот екран на кој треперат слики на игра на романтика и страсти, и како што гледаме, светот вели „ова е љубов“.
Бог нѐ води до подножјето на крстот на кој виси закован и крвав Човек, Кој вели „Ова е љубов“. Бог секогаш ја дефинира љубовта со покажување на Неговиот Син, Исус Христос.
„И Словото стана тело и се настани меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото – полн со благодат и вистина.“ (Јован 1:14, Библија)
Исус Христос ни даде појдовна точка, жив, револуционерен пример на вистинска љубов. И Христовиот противотров за отровот на самољубието е крстот. „Тогаш Исус рече: ‘Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себеси и нека го подигне својот крст и нека Ме следи.’“ (Матеј 16:24, Библија)
Христос поучува дека љубовта не е за исполнување на себеси, но за доброто на другите и за слава на Бога. Вистинската љубов е несебична, таа дава, таа се жртвува, таа умира за сопствените потреби.
„Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи сопствениот живот за своите пријатели.“ (Јован 15 :13, Библија).
Тој ги поткрепува Неговите зборови со Неговите дела – Тој го положи Својот живот за сите нас.
Исус Христос ја покажува таа вистинска љубов која не е мерена или водена според чувства. Тој отиде на крстот кога секоја емоција и инстинкт на Неговото битие Му велеа да се врати назад. Да се потсетиме само на молитвата на Исус во Гетсиманската градина: „Татко Мој! Ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја.“ (Матеј 26:42, Библија) Тој таму јасно кажува дека не сака да ги помине малтретирањето, висењето на крстот и откажувањето од Својот живот. Но Тој ги положува Своите чувства пред Таткото, предавајќи се Себеси на волјата на Таткото. Исусовите чувства не биле тест за Неговата љубов кон Таткото, ниту пак Таткото се водел по чувствата. Тој не рекол: „Ако Ме сакате постојано ќе се чувствувате топло и ќе се поведувате според своите емоции и љубовта ќе ја изразувате онака како што се чувствувате.“
Наместо тоа Тој рекол: „Ако Ме љубите, ќе ги пазите Моите заповеди.“ (Јован 14:15, Библија) Вистинската љубов секогаш се изразува во послушност кон Бога и во служба на другите. Добрите чувства се фини, но не се неопходни.
Исусовиот пример исто така ни покажува дека љубовта е во наша контрола. Тој избрал да го положи Својот живот за нас.
Опасноста на верувањето дека ќе се заљубите исто така значи дека можете неочекувано да престанете да бидете заљубени. Прекрасен е фактот што Божјата љубов не е непредвидлива, што е под Негова контрола и што не се базира на желба. Треба да го отфрлиме мислењето дека љубовта е некоја „непозната“ сила која нѐ фрла наоколу, како лисја на ветрот, против наша волја. Ние не можеме да се оправдаме велејќи, „љубовта нѐ зграпчи и не знаеме што правиме, љубовта нѐ направи неодговорни“. Тоа не е љубов. Всушност, тоа го вели Библијата „…не во похотна страст, како народите кои не Го познаваат Бога.“ (1-во Солунјани 4:5) Ние ја изразуваме вистинската љубов во послушноста кон Бога и во служба на другите, а не во невнимателно или себично однесување, и ние свесно го одбираме ова однесување.
Со овие вистини каде што љубовта е поставена на вистинското место, можеме да заклучиме дека со Хрисотвиот карактер на себе, ние можеме да доживееме целосно исполнување на љубовта. Начинот на кој овој свет ја изразува љубовта е за своја полза. Водејќи се по тој начин, влегувањето во врска го базираме на она што е најдобро за нас самите.
Дали насоченоста кон потребите на другиот е покомплицирана? – Можеби. Повозвишена? – Дефинитивно. Целата наша мотивација се трансформира кога го отстрануваме отровот на егоцентричноста во љубовта. Многу позитивни промени настануваат во нас кога бараме да сакаме со Христовиот начин на сакање.
Треба да заборавиме на нашиот грешен инстинкт. По природа нашиот инстинкт сака да нѐ насочи кон деструктивност. Ние не смееме да им дозволиме на нашите чувства да го воспостават темпото на влегување во врска. Наместо тоа, треба да овозможиме мудроста, трпението и несебичноста да бидат наш водич. Ако сме насочени да сакаме онака како што Бог сака, тогаш нашата љубов мора да биде несебична. Библијата јасно го кажува тоа и не остава место за погрешно разбирање.
„Љубовта нека ви биде нелицемерна!“ (Римјаните 12:9, Библија). Љубовта треба да биде вистинска и сериозна, во неа нема место за лицемерство. За жал денес, најчесто љубвта помеѓу момчето и девојката е лицемерна. Секогаш во влегувањето во врска има некоја скриена намера или интерес: „Што можеш ти да направиш за мене, или што можам јас да извлечам од тебе?“
Ние треба да се вратиме на неверојатната одговорност која ја носиме како Христови претставници за љубовта на земјата. „По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици – ако имате љубов помеѓу себе!“ (Јован 13:35, Библија) Светот ќе познае дека сме различни, светот ќе види една поинаква боженствена љубов, сосема поразлична од онаа егоцентричната, која на крајот секогаш нуди само разочарување. Посветена, искрена, одговорна – сите овие зборови ја опишуваат Божјта љубов и стојат во остар контраст со љубовта која е практикувана во светот. Божјата љубов нѐ турка надвор од ограниченоста и од себичноста која е вообичаена во светот. Ова е љубовта која ни е потребна.