Сѐ додека не го обновите вашиот начин на размислување за љубовта и врската, вашиот начин на живот ќе продолжи да се валка во калта на дефектното влегување во врска. За ова во Библијата е запишано:

„Во однос на својот поранешен живот, вие треба да го соблечете од себе стариот човек, кој тлее заради измамливите страсни желби, и да се обновувате во духот на својот ум, и да се облечете во новиот човек, кој е создаден според Бога во правдата и светоста на вистината.“ (Ефесјаните 4:22-24 ; Библија)

Во продолжение ќе наведеме пет клучни нови ставови кои ќе ви помогнат да ги отстраните негативните ставови поврзани со влегувањето во врска.

 

1. Секоја врска е можност да се моделира Христовата љубов

Светот ќе дознае дека Го сакаме Христос според начинот на кој ги сакаме другите. Поради тоа, ние треба да ја практикуваме љубовта онака како што Бог ја дефинира, искрено, со понизно срце, несебично, спротивно на светскиот познат начин, полн со себичност и сензуална љубов заснована на она што прави „да се чувствувате добро“.

 

2. Времето пред брак е време кое е дадено како подарок од Бога

Сѐ додека не го сфатите Божјиот дар да се биде сингл сѐ до тогаш ќе ги пропуштате извонредните можности кои ви се нудат. Додека сте сингл имате можности да истражувате, учите и да се справите со светот. Имате можност да поминете време во дружење и запознавање на нови пријателства, имате слободно време кое можете да го организирате како што сметате дека е најдобро за вас, и ова се шансите кои нема да ви се пружат повторно во животот.

 

3. Интимноста е награда за посветеноста

Бог секого од нас го создал со желба за интимност и Тој има намера тоа да го исполни. Додека сте сингл, Тој не очекува од вас оваа потреба да исчезне, туку Тој од вас бара да ја развивате трпеливоста и да чекате, а во меѓувреме да навлезете во блиска врска со семејството и со вашите пријатели.

Ова не значи дека треба да се венчате со првата личност со која ќе почувствувате романса или желба за интимност. Ако не сте подготвени да размислувате за брак, или ако не сте навистина заинтересирани да го поминете животот со некоја личност, тогаш зошто да ја охрабрувате другата личност дека ви е потребна, или да побарате од таа личност да ги задоволи вашите потреби, емоционални или физички?

Не ви е потребна романтична врска сѐ додека не се подготвите за брак.

 

4. Немате право никого да го третирате како некој што ви припаѓа вам

Во Божјите очи, момче и девојка кои стапуваат во брак стануваат едно. И како што продолжуваат да созреваат, често жеднеат за еднинство, кое поттекнува од споделувањето на животот со некого. Сѐ додека не сте подготвени да влезете во брак, немате право никого да третирате како некој што ви припаѓа вам. Ако не сте подготвени за доживотна посветеност, немате никакво право да барате од другата личност да ги задоволува вашите емоционални или физички потреби.

 

5. Избегнувајте ситуации кои можат да ја компромитираат чистотата на умот и телото

Каде, кога и со кого избирате да го поминете вашето време го открива вашиот вистински завет на чистота. Дали е потребно да ги преиспитате своите намери? Ако е потребно, осигурајте се дека ќе ги избегнувате местата и ситуациите кои ќе ве воведат во искушение. Отфрлањето на стариот начин на влегување во врска не само што ве оддалечува од проблемите, туку и ве насочува кон повисокиот повик кој го имате од Бога.

 

Дали на Бога Му Го даваме најдоброто од нас?

Како заклучок на сето претходно спомнато, да размислиме, дали, пред сѐ, го даваме најдоброто од нас, бидејќи најчесто од Бога го очекуваме најдоброто за нас. Во прилог на ова ќе изнесеме една мала приказна која има своја цел да нѐ наведе да размислиме повеќе за сето тоа. Приказната гласи вака:

„Едно детенце имало ќесичка со џамлии, а неговата другарка имала ќесичка со бонбони. Момчето и девојчето се договориле да си ги заменат ќесичките. Но момчето пред да го даде ќесичето со џамлии, скришум земало три од нив, кои биле најдобри и ги сокрило под перница. Девојчето и момчето се размениле со ќесичките. Вечерта девојчето мирно си заспало, а момчето не можело да спие  бидејќи постојано го мачела една мисла: дали девојчето задржало неколку бонбончиња од ќесичката, исто како што и тој ѝ направил нејзе задржувајќи три џамлии.“

Како и ова момче, и многумина од нас се прашуваат „Дали Бог им го дал најдоброто за нив или нешто им задржал“, наместо да размислуваат за прашањето за кое сите мораме да размислуваме, а тоа е: „Дали му Го даваме на Бога најдоброто од нас?“ Ние нема да го искусиме најдоброто во врската, ниту во бракот, сѐ додека не Му се предадеме целосно на Бога. Понекогаш се држиме слепо за нашите ставови и однесувања за кои светот вели дека ќе ни пружат задоволство, кое за жал или е краткотрајно или никогаш не го добиваме. Да се запрашаме, дали има нешто што сѐ уште не сме Му го предале на Бога? Дали има нешто што сѐ уште нѐ оддалечува од Бога? Нека Бог ви помогне да ги отркиете овие одговори за вас и ви помогне во целост сѐ да Му предадете Нему, за на крај да ја искусите вистинската убавина на врската со цел и благословот од посветен брак исполнет со вистинска љубов.

Pin It on Pinterest