За некого да сакате вистински треба да го употребите умот исто како што го употребувате и срцето. Оваа љубов е опишана како љубов која е полна со знаење и разбирање, љубов која е способна да ја види вистинската природа на работите, и способност да се види мотивацијата позади мислите и делувањата. Ваквата љубов уште е позната како интелигентна љубов.
Интелигентната љубов постојано расте и се продлабочува во нејзиното практично знаење и согледување, ни ги отвара очите и ни помага да видиме штo е тоа што Бог го сака за нас. Интелигентната љубов ни овозможува да бидеме чисти и непорочни на начин на кој Бог сака да нѐ види.
Интелигентната љубов ги надминува личните желби и моментите на задоволства. Таа ја гледа големата слика: служење на другите и исполнување на Божјата волја. Кога се поставувате во служба на Бога и на другите, вие автоматски сте подготвени да Го примите од Бога најдоброто што го подготвил за вас.
„И затоа се молам вашата љубов да изобилува сè повеќе и повеќе во сознавањето и во секакво расудување, за да можете да испитувате за она што е подобро: да бидете чисти и беспрекорни за Денот Христов.“ (Филипјаните 1:9.10, Библија)
За да научете да сакате соодветно, потребно е да го употребувате умот за да ги испитувате чувствата, дали вашата љубов е искрена и чиста, дали не е само сентиментален бран. Сентименталноста може да ве понесе и да донесете погрешни одлуки и покрај тоа што сте свесни дека се погрешни.
Никој нема право да бара нечие срце доколку не е подготвен да се обврзе на трајна љубов. Да се чека додека да се подготви за обврзување и да не се влетува во романса е само еден пример на интелигентната љубов на дело. Колку повеќе вашата љубов расте во знаење, толку повеќе сте подготвени за трајна врска.
Кога ќе ги погледнете момчињата или девојките како пријатели, а не како потенцијални партнери, тогаш ќе го откриете богатството на вистинското пријателство.
Иако влегувањето во врска изгледа како невина игра, сепак понекогаш грешиме и се повредуваме многу меѓу себе. Најдобрата вест е дека Бог, Кој гледа сѐ, е подготвен да ни прости доколку се покаеме и се одвратиме од нашите гревови. Тој нѐ повикува на нов начин на живот.