(Втор ден)

„Со секаква понизност и кроткост, со трпеливост, поднесувајќи се едни со други во љубов!“ (Ефесјаните 4:2; Библија)

Љубовта делува. Таа е најмоќниот животен двигател и има далеку поголема длабочина и значење од она што повеќето луѓе го согледуваат. Таа секогаш го прави она што е најдобро за другите, и може да нѐ зајакне да се соочиме со најголемите проблеми. Сите ние сме со вроден копнеж за љубов. На нашето битие таа очајнички му е потребна како што на белите дробови им е потребен воздух. Љубовта ги менува мотивите кои нѐ поттикнуваат на живот. Односите стануваат полни со значење со неа. Без љубовта ниту еден брак не е успешен.

Љубовта почива на два столба кои најдобро ја одредуваат. Тие столбови се трпение и љубезност. Сите други особини на љубовта се продолжение на овие две својства. И токму овде ќе започне вашиот предизвик – трпение.

Љубовта ќе ве вдахнови да станете трпелива личност. Кога ќе одберете да бидете трпеливи на негативните ситуации, вие одговарате на позитивен начин. Бавни сте на гнев. Одлучувате да имате долг фитил наместо избувлив темперамент. Љубовта ви помага да се смирите и да почнете да ширите милост на оние околу вас, наместо да бидете вознемирени и постојано да барате нешто. Трпението донесува внатрешен мир додека трае бурата. Никој не сака да биде блиску до нетрпелива личност. Нетрпението нѐ поттикнува на бурни рекации во лутењето и непромисленоста поради кои подоцна се каеме. Иронијата на погрешните постапки, предизвикани со лутина е дека тие раѓаат нови грешки. Лутината речиси никогаш не ги прави работите подобри. Всушност, таа најчесто создава дополнителни проблеми. Но трпението ги сопира проблемите на нивниот пат. Тоа е повеќе од каснување на усната, или држење на рацете преку устата; трпението е длабоко дишење. Тоа ја сопира лудоста во ширење на нејзиниот смртоносен отров насекаде околу неа. Трпението ви овозможува да ги контролирате своите емоции, наместо да им дозволите тие да ве контролираат вас, и да покажувате воздржаност наместо возвраќање на зло за зло.

Ако вашиот/вашата сопружник/сопружничка ве навреди, дали веднаш му/ѝ возвраќате или успевате да се контролирате? Дали чувствувате дека лутината е ваша стандардна емоција кога некој кон вас се однесува лошо? Ако е така, вие ширите отров повеќе од лек.

Лутината најчесто се јавува кога силната желба за нешто ќе се измеша со разочарување или жалост. Не го добивате она што го сакате и тогаш почнувате да се вжештувате одвнатре. Тоа често е емотивна реакција која произлегува од нашата себичност, непромисленост и лошите побуди.

Меѓутоа, трпението нѐ прави помудри. Тоа не брза да осуди, туку го слуша она што другата личност го кажува. Трпението чека пред вратата, на која лутината навалува да влезе, тоа чека да ја види целокупната слика пред да го донесе своето мислење. Библијата вели: „Кој се гневи бавно има големо разбирање, а избувливиот во дух покажува глупост.“ (Пословици 14:29; Библија)

Како што е сигурно дека недостатокот на трпение ќе го претвори вашиот дом во воена зона, така и покажувањето на трпение ќе гради мир и спокојство. „Гневливиот човек заметнува препирка, а стрпливиот ја стивнува расправата.“ (Пословици 15:18; Библија) Изјавите како оваа, од библиската книга „Пословици“ претставуваат јасни принципи чијашто важност не ја намалува забот на времето. Трпението се раѓа кога ќе се сретнат љубовта и мудроста. А на секој брак му е потребна оваа комбинација за да остане здрав. Трпението ви помага да му дозволите на својот брачен другар да биде човек. Тоа подразбира дека секој може да погреши. Кога ќе се направи грешката, трпението дава повеќе време отколку што е заслужено, за грешката да може да се исправи. Тоа ви дава способност да издржите во тешки моменти во вашата врска, наместо да се повлечете под притисокот. Сепак, дали вашиот/вашата сопружник/сопружничка може да смета дека покрај себе има трпелив/а маж/жена?

Дали таа може да знае дека заборавањето и заклучувањето на нејзините клучеви во автомобилот ќе бидат пречекани со разбирање, наместо со држење на строга лекција поради која ќе се чувствува како дете?

Дали тој може да знае дека неговото навивање во текот на последните моменти од фудбалскиот натпревар нема да предизвикаат еден куп зборови за тоа, како би требало полезно да го поминува своето време?

Можете ли да замислите што би се случило во вашиот дом кога би го примениле библискиот пристап: „Гледајте, никој никому да не враќа зло за зло, туку секогаш одете по она што е добро меѓу себе и кон сите!“ (1-ва Солунјани 5:15; Библија)

Малкумина од нас се навистина трпеливи и на никого од нас тоа не му е природно. Но мудрите маж и жена ќе тежнеат кон трпението како клучна состојка во нивната брачна заедница. Тоа е добра почетна точка за да се покаже вистинската љубов.

Ова патување низ предизвикот на љубовта е процес, и првата работа која морате да одлучите да ја поседувате е трпението. Тоа е како трчање на маратон, но е трка која вреди да се трча.

ДЕНЕШЕН ПРЕДИЗВИК

ПРВИОТ ДЕЛ ОД ОВОЈ ПРЕДИЗВИК Е ПРИЛИЧНО ЕДНОСТАВЕН. ИАКО ЉУБОВТА МОЖЕ ДА СЕ ПОКАЖЕ НА МНОГУ НАЧИНИ, НАШИТЕ ЗБОРОВИ ЧЕСТО ЈА ОТСЛИКУВААТ СОСТОЈБАТА НА НАШЕТО СРЦЕ. ЗА ДЕНЕШНИОТ ДЕН ОДЛУЧЕТЕ ДА ПОКАЖУВАТЕ ТРПЕНИЕ И ДА НЕ КАЖЕТЕ БАШ НИШТО НЕГАТИВНО НА СВОЈОТ/СВОЈАТА СОПРУЖНИК/СОПРУЖНИЧКА. АКО БИДЕТЕ ВО ИСКУШЕНИЕ, ОДБЕРЕТЕ ДА НЕ КАЖЕТЕ НИШТО. ПОДОБРО Е ДА ГО ВОЗДРЖИТЕ СВОЈОТ ЈАЗИК, ОТКОЛКУ ДА КАЖЕТЕ НЕШТО ПОРАДИ ШТО ЌЕ СЕ КАЕТЕ.

Во дненикот напишете кога ќе го исполните денешниот предизвик според следниве насоки:

Дали денес се случило нешто што во вас предизвикало лутина кон вашиот брачен партнер? Дали бевте во искушение да негувате осудувачки мисли за кои имавте потреба да ги преточите во зборови?

„Секој човек да биде брз во слушањето, а бавен во зборувањето, бавен на гнев.“ (Јаков 1:19; Библија)

Pin It on Pinterest