(Трети ден)

„Бидете еден кон друг добри, милостиви, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости вам во Христа.“ (Ефесјаните 4:32; Библија)

Љубезноста е љубов на дело. Ако трпението е реакција на љубовта да ги намали негативните околности, љубезноста е акција на љубовта да ги зголеми позитивните околности. Трпението отстранува од проблемот, љубезноста создава благослов. Првото е превентива, второ иницијатива. Овие две страни на љубовта се камен темелник на кој почиваат многу од останатите својства на љубовта, до кои ќе допреме во текот на овој серијал.

Љубовта ве прави љубезни, а љубезноста ве прави привлечни. Кога сте љубезни, луѓето сакаат да бидат во ваша близина. Тие ве доживуваат како некој, кој е добар кон нив и добар за нив.

Библијата ја подвлекува важноста од љубезноста: „Нека не те оставаат добрината и верноста, обеси ги околу својот врат, запиши ги врз плочата на своето срце, така ќе придобиеш милост и добро сфаќање пред Божјите и човечките очи.“ (Пословици 3:3.4; Библија)

Љубезните луѓе едноставно наидуваат на одобрување каде и да се најдат, дури и во домот. Но „љубезноста“ звучи малку воопштено кога се обидувате да ја дефинирате, а уште повеќе кога се обидувате да ја примените. Затоа да ја разделиме на четири основни аспекти кои ја сочинуваат нејзината суштина:

Нежност. Кога сте поттикнати со љубезноста, водите сметка како се однесувате кон својот/а сопружник/сопружничка и никогаш не сте непотребно непријатни. Чувствителни сте, нежни, дури и кога треба да кажете тешки работи, вие ќе дадете сè од себе за вашиот укор, или приговор, да биде што е можно поприфатлив. Вистината ќе ја зборувате со љубов.

Подготвеност да помогнете. Да се биде љубезен значи да се задоволат моменталните потреби. Ако тоа се домашни работи, тоа значи дека вие ќе се приклучите во работата. Потребно е уво да сослуша? Вие се понудувате. Љубезноста на жената ѝ дарува способност да му служи на својот маж, а да не се грижи за своите права. Љубезноста го прави мажот љубопитен да открие што ѝ е потребно на жената, а потоа го поттикнува тој да биде оној, кој ќе истапи и ќе се погрижи тие потреби да бидат задоволени, дури и ако тоа значи дека неговите мораат да почекаат.

Добра волја. Љубезноста ве вдахновува да бидете согласни. Наместо да сте упорни, своеглави или тврдоглави, вие соработувате и останувате прилагодливи. Наместо да се жалите и да барате изговори, вие барате причини да се усогласите и да се прилагодите. Љубезниот маж сопира илјада потенцијални расправии со својата подготвеност прво да сослуша, наместо да си го бара своето.

Иницијатива. Љубезноста размислува однапред, а потоа го превзема првиот чекор. Таа не седи и не чека додека некој не ја поттикне или не ја принуди да стане. Љубезниот маж или жена, ќе бидат оние кои први ќе се поздрават, први ќе се насмевнат, први ќе послужат и први ќе простат. Тие нема да бараат од другиот да го промени своето однесување пред да покажат љубов. Кога сте поттикнати со љубезноста, вие ја согледувате потребата, а потоа делувате за да ја задоволите први.

Исус креативно ја опишал љубезноста како особина на љубовта во Својата приказна за милостивиот самарјанин, која ја наоѓаме во Библијата, во евангелието според Лука, десета глава. Еден евреин, нападнат од страна на крадци, бил оставен да умре на патот. Двајца религиозни водачи, почитувани во својот народ, еден по друг, поминале покрај нападнатиот евреин без намера да застанат. Премногу зафатени, премногу важни, премногу желни да имаат чисти раце. Но обичниот човек, од друга општествена припадност – омразениот смарјанин, чијашто нетрпеливост кон евреите била еднакво остра и вообразена, го здогледал овој странец во потреба и бил поттикнат од сочувство. Преминувајќи ги сите културолошки препреки и ризикувајќи да биде исмеван, тој застанал да му помогне на човекот. Ги завиткал неговите рани, го ставил на своето магаре, го одвел на сигурно место и ги платил сите трошоци за неговото лекување, од свој џеб.

Таму каде што годините на нетрпеливост помеѓу двата народи предизвикале судири и поделби, едно дело на љубезност обединило двајца непријатели. Нежен, подготвен да помогне, со добра волја, превземајќи иницијатива, овој човек покажал вистинска љубезност во секоја смисла.

Зарем љубезноста не била една од клучните работи кои во почетокот ве споиле вас и вашиот/та сопружник/сопружничка? Кога се оженивте/омаживте, зарем не очекувавте да уживате во нејзината/неговата љубезност до крајот на својот живот? Зарем вашиот/вашата сопружник/сопружничка немал/а исти очекувања? Иако годините можат да го намалат овој копнеж, уживањето во бракот сè уште е поврзано со секојдневно изразување на љубезноста.

Мудрата жена во Библијата е опишана како онаа која нејзиниот маж и деца ја благословуваат и ја фалат. Една од нејзините благородни особини е оваа: „Мудро ја отвора својата уста, и побожна наука ѝ е на јазикот.“ (Пословици 31:26; Библија)

Како е со вас? Како вас вашиот/та маж/жена би ве опишал/а кога станува збор за љубезноста? Колку сте груб/а? Колку сте нежен/на, и колку сте подготвен/а да помогнете? Дали чекате да бидете замолен/а, или сам/а превземате иницијатива да помогнете? Немојте да чекате вашиот/вашата сопружник/сопружничка прв/а да покаже љубезност.

Тешко е да се покаже љубов кога имате малку или воопшто немате мотивација. Но љубовта, во своето вистинско значење, не е заснована на чувства. Наместо тоа, љубовта е решена да покаже дела на љубезност дури и кога изгледа дека ништо нема да добие за возврат. Никогаш нема да научите да сакате, ако не научите да покажувате љубезност.

ДЕНЕШЕН ПРЕДИЗВИК
ПОКРАЈ ВОЗДРЖАНОСТА ДА НЕ КАЖЕТЕ НИШТО НЕГАТИВНО НА СВОЈОТ/СВОЈАТА СОПРУЖНИК/СОПРУЖНИЧКА, ДЕНЕС ПОКАЖЕТЕ БАРЕМ ЕДЕН НЕОЧЕКУВН ГЕСТ НА ЉУБЕЗНОСТ.

Забележете во дневникот кога ќе го исполните денешниот предизвик.
Што откривте денес за љубовта? Што точно направивте за да го исполните овој предизвик? На кој начин покажавте љубезност?

„Чест за човекот е неговото добротворство.“ (Пословици 19:22; Библија)

Pin It on Pinterest