(Четврти ден)

„Љубете се еден друг срдечно со братска љубов! Натпреварувајте се во почитување еден кон друг!“ (Римјаните 12:10; Библија)

Живееме во свет кој е заљубен во „себе“. Културата која нѐ опкружува нѐ учи да се насочиме кон својот изглед, чувствата и личната желба како на главен приоритет. А целта е, се чини, да се достигне најголемото возможно ниво на среќа. Опасноста од ваквиот начин на размислување станува болно очигледна кога тоа ќе се покаже внатре во брачната заедница.

Ако воопшто постои збор кој во суштина значи спротивно од љубовта, тоа е себичноста. За жал, тоа е нешто што е вкоренето во секоја личност од самото раѓање. Можете да ја видите во начинот на кој се однесуваат малите деца, а често и во начинот на кој возрасните се однесуваат едни кон други. Речиси секое грешно дело некогаш направено, е поттикнато од некоја себична намера. Тоа е особина која ја мразиме кај другите, но која ја оправдуваме кај себе. Сепак, не можете да ги истакнете многубројните постапки кои покажуваат себичност на вашиот/вашата сопружник/сопружничка, а да не признаете дека и вие знаете да бидете себичен/на. Тоа би било лицемерно.

Зошто имаме толку ниски стандарди за себе, а толку високи очекувања од нашиот брачен партнер? Одговорот е горка пилула која тешко се проголтува: – Ние сме себични.

Кога мажот ги поставува своите интереси, желби и приоритети пред својата сопруга, тоа е знак на себичност. Кога жената постојано жали поради времето и енергијата кои ги вложува за да ги задоволи потребите на својот маж, тоа е знак на себичност. Но љубовта „не го бара своето“ (1-во Коринтјани 13:5; Библија). Паровите кои се сакаат, оние кои ја остваруваат целосната смисла на бракот се одлучни во намерата да се грижат за друго несовршено човечко суштество со кое го делат животот. Тоа е затоа што вистинската љубов секогаш бара начин да каже „да“.

Една иронична страна на себичноста е дека дури и великодушните постапки можат да бидат себични, ако мотивот е добивање на пофалба или на награда. Ако направите дури и добро дело за на измамлив начин да манипулирате со својот/својата сопруг/а, и понатаму сте себични. Сѐ се сведува на тоа, одредени одлуки да ги донесуваме, или од љубов кон другиот, или од љубов кон себе.

Љубовта е задоволна само кога на другите им е добро. Не можете да делувате поттикнати истовремено, и од вистинска љубов, и од себичност. Ако одберете да го сакате својот брачен партнер, очекувајте дека ќе кажете „не“ на она што вие го сакате, за да кажете „да“ на неговите/нејзините потреби. Тоа е ставање на среќата на вашиот животен сопатник пред својата. Тоа не значи дека вие никогаш не можете да почувствувате среќа, туку дека нема да ја ускратите среќата на својот брачен партнер за вие во неа да уживате.

Љубовта исто така донесува внатрешна радост, кога доброто на вашиот брачен другар ви е најважно, при што како последица се јавува задоволство, кое не може да се спореди со она, кое доаѓа како последица од себични постапки. Тоа е благослов кој Бог го создал и кој го чува за оние кои вистински покажуваат љубов. Вистина е дека кога ќе се откажете од своите права во полза на вашиот брачен партнер, имате можност да се изгубите себеси поради исполнување на поголема цел во бракот.

Никој не ве познава толку добро како вашиот/вашата сопружник/сопружничка, а тоа значи дека никој нема побрзо да ја препознае промената кога свесно ќе почнете да ги жртвувате своите желби за да се погрижите неговите/нејзините потреби да бидат задоволени.

Ако сметате дека е тешко да ги жртвувате своите лични желби во полза на својот/својата сопружник/сопружничка, тогаш можеби имате подлабок проблем со себичноста од она што сте подготвени да го признаете.

Поставете си ги на себеси следниве прашања:

– Дали јас навистина го сакам она што е најдобро за мојот брачен другар?

– Дали сакам тој/таа да почувствува дека јас го/ја сакам?

– Дали тој/таа верува дека јас му/ѝ посакувам најдобро?

– Дали тој/таа смета дека себеси се ставате на прво место?

Без оглед на тоа дали ви се допаѓа или не, вие уживате одреден углед во очите на оние кои ве опкружуваат, особено во очите на својот/својата сопружник/сопружничка. Дали тој/таа е добар/добра? Не заборавајте, вашиот брачен другар, исто така мора да одговори на предизвикот да сака една себична личност. Затоа одлучете да бидете прв/а кој/а ќе покаже вистинска љубов со многу внимание. А кога сѐ ќе се заврши, двајцата ќе бидете задоволни.

„Не правете ништо од натпреварување или од суетно честољубие, туку во понизност сметајте се еден друг за поголем од себеси!“ (Филипјаните 2:3; Библија)

ДЕНЕШЕН ПРЕДИЗВИК
ОНА ВО ШТО ГО ВЛОЖУВАТЕ СВОЕТО ВРЕМЕ, ЕНЕРГИЈА И ПАРИ, ВИ СТНУВА ПОВАЖНО. ТЕШКО Е ДА СЕ ГРИЖИТЕ ЗА НЕШТО ВО ШТО НЕ ВЛОЖУВАТЕ. ПОКРАЈ ВОЗДРЖУВАЊЕ ОД НЕГАТИВНИ КОМЕНТАРИ, КУПЕТЕ МУ/Ѝ НА СВОЈОТ/СВОЈАТА СОПРУЖНИК/СОПРУЖНИЧКА НЕШТО ШТО ЌЕ МУ/Ѝ ПОРАЧА: „МИСЛЕВ НА ТЕБЕ ДЕНЕС.“

Забележете во дневникот кога ќе го остварите денешниот предизвик.
Што одлучивте да му/ѝ подарите на својот/а сопружник/сопружничка? Што се случило кога тоа сте му/ѝ го врачиле?

Pin It on Pinterest