Постојат три начини на кои мудроста нè води и нè чува во безбедна романтична врска.
1. Романсата вели „Сакам сега!“ Мудроста повикува на трпение.
Во Библијата, во Пословици 19:11 е запишано: „Благоразумноста го прави човекот бавен…“ Најголемите грешки во секоја врска се направени благодарение на нетрпеливоста. Најчесто, најтешко е да се одложи изразувањето на чувствата кон некоја личност, па се избрзува со прерано започнување на врска. Друг проблем може да биде немањето на трпение да се почека Бог да ни донесе соодветна личност во нашиот живот која е посветена на Бога, и влегување во врска со личност со која не би требало да се биде. Потоа, присутна е голема жалост заради тој чекор на избрзување.
Потребно е трпение за да чекаме да започнеме врска сè додека самите вистински не сме подготвени да влеземе во врска која е со цел. Потоа, откако ќе започнеме врска со цел, потребно ни е трпение за да одржиме здрав мир. Нетрпението нè побрзува да го прескокнеме времето и вниманието за здраво пријателство кое е потребно и да скокнеме директно во емотивна и физичка интимност.
Само затоа што парот е во фаза од нивните животи каде што тие можат сериозно да размислуваат за брак, не значи дека треба да навлезат во врската забрзано. Тоа е како кога одите во ресторан и најпрво ви носат супа, потоа главно јадење, а потоа десерт. А вие сакате сè веднаш да ви сервираат во една чинија, и супата, и главното јадење и десертот, што дефинитивно не би ви било вкусно. Наместо да го вкусат постепеното одмотување на љубовта, постепено запознавање, пријателство, потоа врска, веридба па венчавка – нетрпеливите парови сите состојки ги мешаат заедно. Пред да изградат пријателство, тие почнуваат да си играат љубов. Пред дури и да помислат на заветувањето, тие веќе се однесуваат како да си припаѓаат еден на друг. Измешаната романса е исто како измешана храна, тоа е невкусен хаос. Мудроста нè повикува да успориме. Ние можеме да бидеме трпеливи бидејќи знаеме дека Бог е семоќен и дека Тој е верен. „Зашто на Тебе, Господи, се надевам; Ти ќе одговориш, Господи, Боже мој.“ (Псалм 38:15). Трпението е изразување на довербата дека Бог ќе ни обезбеди „вкусна“ врска. Тоа ни овозможува да уживаме во секоја фаза од нашата љубовна приказна. Ние можеме да бидеме верни во исполнување само на оние одговорности и да уживаме само во оние привилегии, кои ги имаме во моментот – било да е во фазата на пријателство, или во врска, или веридба – и да не се обидуваме да ги украдеме привилегиите кои Бог ги обезбедил за нас за подоцна.
Времето е Божје средство на чување на сè од случување одеднаш. Ако ти не си подготвен да се венчаш, не влегувај во врска. Трпеливо треба да се чека за вистинското време да се почне она што евентуално води во брак. Ако сте подготвени за бракот и сте во врска, тогаш не дозволувајте нетрпението да предизвика забрзување. Одете полека. Уживајте на нивото кое што Бог го одредил за вас во тој момент. Дегустирајте го секој чекор. Не се задоволувајте со мешавина од сè.
2. Романсата вели „Ова е тоа што го сакам и е добро за мене.“ Мудроста нè води да размислиме што е најдобро за другата личност.
Во Библијата, во Јаков 3:17 стои запишано:„ А мудроста, што иде озгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри плодови, непристрасна и нелицемерна.“ ( Јаков 3 :17) Од сите овие набројани квалитети, можеме да заклучиме дека мудроста во врската вклучува несебични желби да се направи она што е најдобро за другата личност. Ова е важна карактеристика за врска која ќе го прослави Бога, која го исполнува златното правило: „Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив“ ( Лука 6:31). Тоа изгледа едноставно, но сепак, го опфаќа секој аспект на врската. Искрено, Христоликата љубов кон личноста со кој сте во врска (или со која ќе бидете во врска) треба да биде резултат на љубовта кон Бога. Тие две се испреплетени толку многу што е тешко да се каже каде едното завршува, а каде другото почнува. Тие целосно се испреплетени едно со друго. Затоа кога го прашале Исус да каже која е најголемата заповед, Тој ги кажал двете најголеми заповеди – да се сака Бог и да се сакаат другите. Тие не можат да бидат одвоени. Не можеме да го сакаме Бог, а да не ги сакаме нашите ближни и да не им го посакуваме најдоброто. Кога ние им правиме добро на другите, ние му правиме добро на Господа (Матеј 25:40). Исус го положил својот живот за нас, за да ни покаже каква е љубовта, и тој нè повикува да го следиме Неговиот пример (1. Јованово 3:16). Библијата ни вели да се понизиме себеси, да ги сметаме другите за поголеми од себе си и да се грижиме за нивните потреби. (Филипјаните 2:3-4)
Ние го прославуваме Бога во нашите врски кога ги оставаме сопствените потреби на страна и ги засноваме нашите одлуки врз основа на она што е најдобро за другата личност. Ова се прашањата кои ги поставуваме кога се водиме од несебични побуди, кога во преден план ја ставаме другата личност:
- Дали започнувањето на оваа врска сега е најдоброто за него/неа?
- Дали изразувањето на сите мои чувства ќе ѝ/му бидат од полза на неа/ него?
- Дали моето однесување ќе ја охрабри личноста повеќе да се приврзе до Бога?
- Дали комуницирам на јасен начин кој ѝ е од помош на личноста, а не да ја збунувам?
- Дали начинот на кој се облекувам и начинот на кој се однесувам ѝ помага да има чисти мисли во умот?
- Дали бакнежот ќе ѝ биде од полза во овој период?
Несебичните желби да се направи она што е најдобро за другата личност е израз на искрена љубов и дефинирање на белегот на христијанската врска.
3. Романсата вели: „Уживај во фантазијата“. Мудроста нè повикува да ја засноваме нашата перцепција на реалноста.
Во Библијата, во Пословици 19:2 е запишано: „Ревносна душа без разумност не е добра, и кој оди брзо, се сопнува.“
Овој стих може јасно да се примени на заклучокот од трагичната драма на Шекспир – „Ромео и Јулија“ , како и на многу други избрзани, погрешни романси во реалниот живот, кои не биле засновани на реалноста туку на фантазијата. Да се биде страствен за нешто, посебно ако нашата страст се заснова на перцепции кои немаат допирна точка со реалнсота, може да доведе до катастрофа.
Емоцијата е изразување на тоа како ние ја восприемаме состојбата на нешто, кое го вреднуваме. Гнев, задоволство, страв, тага, радост, љубомора, и омраза се комбинации на нашата перцепција и нашите вредности. Во врската, ако нашата перцепција за она што го вреднуваме е реална, нашите емоции ќе бидат соодветни и здрави. Но ако нашата перцепција е во расчекор со реалноста, нашите емоции ќе бидат несоодветни и нездрави. Мудроста нè повикува да ја засноваме нашата перцепција на реални, вистинити информации, не на фантазии.