Прашањата со кои најчесто се борат христијаните се: „Како да дојдете до некого доволно блиску за да донесете одлука за брак без да се украдат привилегиите кои се за во бракот? Како да ја пронајдете љубовта на вашиот живот без да оставите траги на скршени срца и скршени ветувања позади вас на патот до олтарот?“
Токму тука „стариот “ начин на додворување има смисла. Во минатото јасно биле поставени границите на додворувањето. Поотворено додворување имало од страна на момчињата дури кога момчето имало намера да ѝ понуди брак на девојката. Почитувањето одело дури до таму што момчето ја барало девојката од нејзините родители. Со целосно разбраните намери, на парот му била дадена привилегијата да поминат време заедно. Физичкото поврзување било оставено за времето откако ќе влезат во брак. Во Библијата, Бог јасно укажува дека интимнста треба да се остави за во бракот. Едноставно кажано, радоста во интимноста е награда која следува во бракот, поради доброто владеење претходно.
Додворувањето е однос помеѓу момчето и девојката кои активно и со намера се заедно со цел да размислуваат за брак. Целта на ова дружење е да се научи како искрено да се сака другиот, да се стави приоритет на останување на чист од сексуалноста, и свесноста за потребата од мудрост и перспектива на гледање на работите, која доаѓа од нашето опкружување.
Времето на заедништво за младите треба да биде прекрасно време во кое ќе се воздржат од физичката интимност, заедништво кое се заснова на пријателство. Време кога се запознаваат еден со друг, ги запознаваат целите и плановите кои ги има другата личност како и тоа во која насока се движи нивната духовност. Времето на заедништво треба да биде со цел да согледаат дали Бог сака тие да бидат во брак, дали тој брак е по Божја волја. Тоа е навистина клучен елемент во додворувањето – да се влезе во врска со цел. Поставувањето на јасна цел во времето на додворување, многу ќе помогне во сочувувањето од поврзување со срцата и со телата. Поставувањето на јасна цел исто така ќе доведе до уште поголема желба момчето и девојката добро да се запознаат помеѓу себе, да си ги запознаат карактерите.
За некого можеби ќе звучи премногу сериозно размислувањето за брак, но треба да сфатиме дека и самото влегување во врска е навистина многу сериозна работа. На влегувањето во врска треба да размислуваме како на насока која ќе нè води во подлабоко ниво и напредок. Прекрасно е кога врската започнува со „сакам подобро да те запознаам “ и завршува со „сакам да се венчам со тебе“. Но помеѓу тие два искази има многу голем простор. Добро е секој да знае дека целта во врската е пред сè да се запознаете подобро помеѓу себе. Во таа насока, не е добро врската да се велича повеќе од она што навистина è, со цел да се спречи надворешниот притисок на преголеми очекувања.
Единствен притисок кој парот треба да го почувствува кога започнува заедничко дружење е добриот притисок на Божјиот збор кој е сместен во нивните срца со цел да го прослават Бога и да се однесуваат еден кон друг со чистота и интегритет. На некој начин, самото заедништво е одговорност – тоа е ветување дека нема да си играте со срцето на другата личност. Тоа е подготвеност чесно да се истражат можностите за долгорочно заветување.
На прашањето: „Која е целта на врската?“ , можеме да одговориме:
„Целта на врската е да се разгледа можноста за брак.“
Сепак не смееме да помислиме дека Бог има ист план за сите, за тоа како ќе се одвива самата врска. Сите ние имаме многу различни животи – различни сме по возраст, по културолошкото потекло, по околностите во кои сме се родиле и во кои сме пораснале, по начинот на кој сме биле воспитани… Некои од нас можат да ги вклучат и своите родители во барањето на партнер, а некои не можат. Некои од нас и пристапуваат на можноста за брак за прв пат, додека пак некои поминале низ кошмар на разводи и се исплашени да продолжат напред во склучување на втора брачна заедница.
Некој можеби ќе се запраша како може да ги следи Божјите принципи кога неговите околности се сосема поразлични од другите.
Одговор на ова прашање можеме да најдеме во еден едноставен пример: Замислете дека сте дел од група ученици кои учат да сликаат. Учителот на сите ви дава иста задача, сите да ја насликате сликата која ја поставил пред вас. Вие почнувате да работите и кога се вртите гледате дека личноста до вас има поголема четка од вашата, и различни бои од вашите. Погледнувате на останатите ученици . Некои ученици имаат акрилни бои, некои мрсни боички, некои темперни. Иако сите имате иста задача, секој од вас има различен материјал. Тоа ве фрустрира. Некои ученици имаат материјали кои и вие би сакале да ги имате. Зошто тие да ги добијат? И не сте еднинствени што не сте задоволни од материјалот кој сте го добиле. Околу вас има и други кои сметаат дека не е праведно и дека не го добиле она што им е потребно за да им биде успешна задачата.
Учителот се насмевнува и ви вели : „Не грижете се за другите ученици, јас за секого од вас одбрав материјал кој совршено ви одговара. Врувајте ми. Имате сè што ви е потребно за да ја комплетирате задачата. Не заборавајте, вашата цел не е да создадете слика која е огледало на личноста до вас, туку да направите најдобро што можете со материјалот кој ви го дадов за да ја пресликате мојата слика. “
Ова е наша задача во врската. Добро е да добиеме инспирација од парови кои поставиле цели и принципи според Божјата волја. Сепак, Бог не бара од нас да ги копираме другите туку да ги насочиме нашите очи на нашиот Господ Исус Христос и врската да ја насочуваме на патот кој го отсликува Неговиот карактер. Ние можеме да најдеме сигурност во сознанието дека Бог е нашиот водач и помошник во секоја ситуација. Без оглед на тоа каде сме денес, или какви грешки имаме направено во минатото, Бог ни дава сè што ни е потребно за да Го прославиме сега.
Мотивацијата за вистинскиот начин на влегување во врска е да се послуша Бог . Концептот на додворување е добар само и само доколку ни помага да го прославиме Бога. Тоа би требало да биде крајната цел во секоја врска. Патот од запознавање до брак треба да биде сфатен како можност двајцата да уживаат во радоста на љубовта и да уживаат, да го почитуваат и да Го прослават Создателот на љубовта. Да направиме Бог да биде наше најголемо задоволство и радост е најдоброто нешто што можеме да го направиме за нашите врски и за идните бракови.
Што е тоа додворување? Тоа е влегување во врска со цел. Тоа е романса водена од мудроста. Тоа е начин на приоѓање на врската која може да ни помогне да го живееме Божјото слово во моменти кога срцето ни копнее по сродна душа. Тоа е приказна кога момчето ќе ја сретне девојката – без оглед дали ќе се венчаат или не – тие двајца се запознаваат со целосна доверба дека Бог го планира најдоброто за секој од нив.