Прва одговорност на родителите е да обезбедат среќен дом полн со љубов. А најважен однос во еден дом е врската помеѓу сопружниците која е поважна дури и од односот помеѓу родителите и децата. Колку ќе биде сигурен тинејџерот и колку неговиот однос со родителите ќе биде цврст, многу зависи од квалитетот на врската помеѓу сопружниците. Многу е важно да се оствари најдобар возможен однос со сопружникот, бидејќи тој однос претставува основа за најпозитивен однос со тинејџерот.
Способноста за изразување на чувствата, а особено на оние непријатните, има пресудна важност за брачната врска. Искрениот и отворен разговор особено е значаен во кризните моменти и може да одреди дали таа криза ќе го зајакне или ќе го растури бракот.
Ако истраеме во проблемите кои се стресни за нашиот брак, ќе станеме подобри сопружници. Ако своите брачни обврски ги сфатиме како доживотно посветување, заедно ќе бидеме посилни во љубовта, благодарноста и почитувањето. Мораме да живееме и да мислиме како да не постојат други можности освен да направиме нашиот брак да функционира. Тоа е работа, тешка работа и бара доживотна посветеност на сопружникот. Многу денешни бракови се засновани на ставот „како ќе биде нека биде“, „ќе се обидеме, но ако не успее, ќе се разделиме“. Ниту еден брак заснован на ова не може навистина да успее.
Многу честа појава денес е замената на улогите, односно кога родителот од своето дете бара тоа во целост да ги задоволува неговите емоционални потреби. Без оглед на ситуацијата во која се наоѓаме, мораме секогаш да ја одржиме нашата позиција на мајката или таткото во домот. Ние сме тие кои првенствено мораме да ги задоволуваме емоционалните потреби на нашите тинејџери, а не да го очекуваме обратното. Ако ги замениме улогите или очекуваме од нив емоционално да се грижат за нас, ќе ги повредиме и ќе го уништиме нашиот однос со нив. Задоволувањето на емоционалните потреби мораме да го добиеме некаде на друго место, а не од нашите тинејџери.
Неопходно е како родители да бидеме авторитети на нашите деца, дури и кога сме пријатели со нив и кога заедно се забавуваме, смееме и уживаме во заедништвото. Добро е да споделиме некои интимни информации, но само за да ги научиме на нешто, а никако поради своја емционална полза. Никогаш не смееме да заборавиме дека ние сме нивни родители и дека им е потребен нашиот авторитет и насочување.
Како родители, кон тинејџерите не смееме да се однесуваме како кон советодавци, рамења за плачење, кон некој кој ни дава емоционална подршка или како кон колеги. Секако, понекогаш можеме да побараме нивно мислење или совет, ако тоа не го правиме на начин на кој можеме да ги поттикнеме да ги задоволат нашите емоционални потреби. Не можеме од нив да бараме да направат да се чувствуваме подобро. Не можеме да бидеме цврсти и доследни кон нашите тинејџери ако нашата емоционална подршка зависи од нив.
Наша прва должност како родители е да направиме нашите деца да се чувствуваат искрено сакани. Втората должност е да бидеме личности од авторитет и да ги дисциплинираме со љубов.