Воспитување на тинејџери
Вашите деца повеќе не се мали деца. Тие се тинејџери и затоа е време да ги унапредите вашите родителски вештини, да соодветствуваат на новите предизвици. Најверојатно веќе сте забележале дека вашето дете има многу попроменливо расположение, отколку кога било помало. Сега имате многу повеќе работи на кои треба да мислите: останување надвор до покасно, излегување, екскурзија или годишен одмор без ваше присуство, ризик од пороци, подложни на манипулација, лесна раздразливост, возење во кола на свои другари кои се неискусни возачи, љубовни разочарувања… и обично по некој/а другар/ка кои предизвикуваат да ви се кренат веѓите секогаш кога ќе помислите на нив. Едно е сигурно, вашите тинејџери ќе го тестираат вашето трпение, вашите лимити на издржливост. Но, тие сеуште се ваши деца. И покрај фактот што одбиваат да го признаат тоа, вие сеуште сте им толку многу потребни – најпотребни!
Сите родители многу добро знаат дека е многу тешко да се биде родител на тинејџер, можеби и најтешко. Една од главните причини за тоа е што тие поголем дел од своето време го поминуваат под влијание на некој друг: професорите на училиште, врсниците, другарчињата, телевизијата, компјутерите и мобилните телефони. Повеќето родители чувствуваат дека и покрај нивниот труд, само малку влијаат на тинејџерите. Но, вистината е целосно спротивна. И покрај сите други влијанија, домот и понатаму има најголемо влијание. Домот повеќе од сѐ одредува колку ќе биде среќен тинејџерот, колку ќе биде сигурен и стабилен; како ќе се однесува кон возрасните, кон своите врсници и кон другарчињата, како ќе реагира на нови или непознати ситуации, како ќе се развивива неговата личност – која во огромна мера ќе го одреди останатиот дел од неговиот живот. Без оглед на многуте попречувања во животот на тинејџерот од сите страни, сеуште домот има најголемо влијание на неговиот живот. Тоа ни влева голема надеж дека сепак, како родители сме во можност за нашите тинејџери да направиме многу, најмногу. Но истовремено ја сфаќаме одговорноста која се наметнува во немањето можност да најдеме изговор дека неуспехот во воспитувањето не зависи од нас.
1. Домот – најголемото влијание во животот на еден тинејџер
Релативно мал број тинејџери имаат среќа да чувствуваат вистинска љубов и прифатеност каква што навистина заслужуваат.