Тешко е да се сфати, кога размислуваме за запрепастувачкиот пораст на разделбите во браковите кои се склопени, бидејќи речиси сите бракови започнуваат со голема надеж, очекувања, љубов и прекрасни чувства помеѓу нововенчаните. На почетокот сѐ изгледа прекрасно, светот е совршен. Така добро започнува, но во еден момент доживуваме неочекувана промена! Како тоа воопшто можело да се случи?

Една причина е незрелоста. Но што е незрелост? Таа има некоја врскa со старосната возраст, но не мора секогаш тоа да биде случај. Во овој проблем незрелоста може да се одреди како неспособност на носење на амбиваленцијата на свесен степен. Амбиваленцијата е противречно или конфликтно чувство кон истата личност.

Тоа ја објаснува поговорката „љубовта е слепа“ (го сакам и го мразам). Кога ќе се заљубиме, во текот на првите седмици или месеци од нашиот брак, ние ја гледаме саканата личност како совршена и не поднесуваме никакви негативни чувства кон неа/него.

Затоа свесно занемаруваме сѐ што не би ни се допаднало кај нашиот брачен партнер. Тогаш сме свесни само за нејзините или за неговите добри страни. Ги запоставуваме деталите како што се несовршената фигура или изглед, преголемата зборливост или повлеченост, склоност кон дебелеење или кон слабеење, преголемо украсување и дотерување или пак целосно занемарување на изгледот, каприциозност, недостаток на интерес за музика, спорт, уметност, одбегнување активности поврзани со средување по домот, пазарење или готвење…

Ова прикривање на несаканите особини на нашиот брачен партнер одлично функционира на почетокот. Како што живееме со саканата личност од ден во ден, од месец во месец, доаѓаме до нови спознавања за неа или за него. Некои добри, а некои и не толку добри. Некои дури и одбивни. Но сѐ додека ги потиснуваме непријатните спознавања во потсвеста, ние можеме да продолжиме да ја гледаме саканата личност како речиси совршена, и сѐ е прекрасно.

Но постои проблем. Не можеме засекогаш да потиснуваме. Еден ден ја досегнуваме точката на заситеност и тогаш повеќе не можеме да го потиснуваме негативното во себе. Одеднаш пред нас се појавуваат сите непријатни чувства кон својот брачен партнер кои сме ги поттиснувале долго време. Кога тоа ќе се случи, во која насока ќе се движат работите во бракот и дали воопшто бракот и понатаму ќе функционира, зависи од нашиот степен на зрелост, односно нашата способност свесно да се соочиме со своите поделени чувства.

Може да се случи, поради незрелоста (неспособноста да се справиме со амбиваленцијата), да одиме во друга крајност. Овој пат ги потиснуваме позитивните чувства и се насочуваме кон негативните. Сега ја гледаме саканата личност во речиси обратна состојба како малку или воопшто да нема нешто добро во неа. Претеруваме во нагласување на непријатното. А сето тоа може да се случи брзо. Пред неколку месеци сопругот ја гледал сопругата како свет на совршенство. А сега едвај може да ја поднесува нејзината присутност, иако сопругата во суштина е истата. Претставата за сопругата кај сопругот речиси целосно се свртела.

Како да се соочиме со овој чест проблем кој ги разорува нашите општествени структури? Како и секогаш, одговорот е едноставен, но не е лесно да се спроведе:

Прво, мораме да сфатиме дека никој не е совршен. Тоа е чудно. Го слушаме тоа секој ден, но не веруваме. Играјќи ја играта на потиснување, ние покажуваме дека сакаме и дека очекуваме совршенство од саканата личност.

Второ, мораме постојано да бидеме свесни за доблестите и недостатоците на својот брачен партнер.

Трето, мораме да научиме да го прифаќаме својот брачен партнер онаков каков што е, вклучувајќи ги и неговите грешки. Веројатноста дека ќе најдеме некој или нешто подобро со помош на разделба или во друг брак, или во некоја друга врска, е незначителна особено со чувството на вина и останатите проблеми кои би ги предизвикал таков чин. Запомнете дека вашата сопруга или сопруг се вистински незаменливи.

 

Безусловна љубов

4 Љубовта долго трпи, љубовта е милостива, лубовта не завидува, не се фали, не се вообразува; 5 не се однесува непристојно, не го бара своето, не се раздразнува. Не држи сметка за зло; 6 не и се радува на неправдата, а и се радува на вистината; 7 сè премолчува, сè верува, на сè се надева, сè трпи. “ (1-во Коринтјаните 13:4-7; Библија)

Овие библиски стихови ни зборуваат за основата на многуте аспекти од љубовта. Таа основа би можела да се нарече „безусловна љубов“ која не зависи од делата, возраста, однесувањето, изгледот или грешките на брачниот партнер. Овој вид на љубов вели: „Ја сакам својата сопруга, без оглед на сѐ. Без оглед на тоа што таа прави, како изгледа, или што вели. Секогаш ќе ја сакам.“ Да, безусловната љубов е идеал и потребно е време за да се постигне во целост, но колку повеќе се приближуваме до Бога, толку повеќе Тој, Кој безусловно нѐ сака, ќе нè оспособува безусловно да го сакаме нашиот брачен партнер.

Кога го истражуваме светот на детето, со цел да сфатиме како најдобро да постапиме при воспитувањето на своите деца, секогаш мораме да имаме на ум дека брачниот однос останува најважна обврска во семејството. Влијанието на тој однос врз детето е најголем и ќе го следи до крајот на неговиот живот. Според тоа, неверојатно многу важен е брачниот сојуз во животот на детето. Колку е посилна и поздрава брачната врска, толку помалку родителите ќе се соочат со проблеми во воспитувањето.

Pin It on Pinterest