Пред да се позанимавате со прашањето како вистински да го сакате и да го воспитувате своето дете, важно е да ги согледате предусловите за правилно воспитување на детето.
Прв и најважен е домот. Најважен однос во семејството е брачниот однос. Тој е поважен од сите останати, вклучувајќи го и односот помеѓу родителите и детето. И квалитетот на врската помеѓу родителот и детето, и детската сигурност многу зависат од квалитетот на брачната врска на родителите. Поради тоа е важно да се воспостави најдобар можен однос помеѓу мажот и жената, пред сериозно да почнат да го изградуваат односот со детето. Kолку нашиот брачен однос е подобар, толку позитивното влијание при воспитување на детето ќе биде поуспешно.
Можеме да започнеме со разбирањето дека постои разлика помеѓу когнитивната (интелектуална или рационална) и емотивната (чувствителна) комуникација. Личностите кои комуницираат најнапред на когнитивен степен се занимаваат воглавно со податоци кои се факти. Тие сакаат да разговараат за темите како што се спорт, бизнис, берза, пари, дом, работа и сл., држејќи ја темата на разговор надвор од емотивното подрачје. Обично се чувствуваат прилично непријатно во допир со прашањата кои предизвикуваат чувства, особено непријатни чувства како што е лутината. Затоа тие го избегнуваат разговорот за љубовта, стравот и лутината. Овие личности имаат потешкотии во обидот да пружат топлина и потпора на своите брачни партнери. Од друга страна, личностите кои повеќе комуницираат на емотивно ниво лесно се заморуваат со чисти факти и првенствено имаат потреба да ги споделуваат чувствата со својот брачен другар. Тие чувствуваат дека атмосферата помеѓу мажот и жената мора да биде што е можно повеќе ослободена од непријатните чувства како што се напнатост, лутина и незадоволство. Затоа тие сакаат да разговараат за тие емотивни детали, да ги отстранат недоразбирањата со брачниот партнер, да се прочисти ситуацијата и да се одржува пријатен взаемен однос.
Секако, никој не е целосно когнитивен, ниту целосно емотивен. Сите ние се наоѓаме некаде помеѓу тие две крајности. Каде се наоѓате вие?
Според општото правило, жените тежнеат кон емотивната комуникација, особено кон брачниот партнер и детето. Мажите се посклони кон когнитивниот начин на комуницирање.
Вистина е дека секој тип на комуникација има свои предности и недостатоци. Личноста која повеќе ги изразува чувствата, не е ниту помалку бистра, ниту помалку интелегентна. Оваа личност едноставно е свесна за своите чувства и често е поспособна да направи нешто со нив. Од друга страна, не значи дека личноста која покажува помалку чувства е навистина помалку чувствителна, туку тие чувства се едноставно потиснати и таа личност е помалку свесна и често слепа за нив.
Изненадува фактот дека со т.н. когнитивна личност управуваат чувствата исто како и со т.н. емотивна личност, но конгнитивната личност не е свесна за тоа. На пример, крут, формален интелектуалец, исто така има длабоки чувства, но употребува силна енергија за да ги држи потиснати за да не го попречуваат. Но, за жал, тие сепак го попречуваат. Секогаш кога ќе се појави некој (како „емотивна“ жена или дете) и бара внимание и топлина, тој не само што не е способен да им одговори на нивното барање, туку и се лути што е пореметена неговата скапоцена рамнотежа.
Сопругата и мајка има свои одговорности, но сопругот мора да ѝ помага и да ја подржува. Една од причините поради што ова е значајно е тоа што жената има потешкотии во изразување на љубовта кон мажот кога чувствува дека тој не ја подржува целосно во сите подрачја од семејниот живот, емотивно и на други начини. Секако, истото се однесува и во обратна насока. Мажот мора да знае дека неговата сопруга е подготвена да помогне и да му се најде кога тоа ќе му биде потребно.
Можеме да го изразиме тоа и на друг начин: кога жената мора да ги превземе одговорностите на сопругот, затоа што сопругот едноставно не сака, на неа ѝ е тешко да се чувствува сигурна и среќна во таа љубов. Подготвеноста на сопругот да биде целосно одговорен за своето семејство е една од најголемите вредности кои жената и детето можат да ги имаат.
Жената може да биде прекрасна во прифаќање на љубовта која ја поттикнал мажот, зголемувајќи ја и возвраќајќи ја нему и на децата, исполнувајќи го домот со неверојатно убава атмосфера. Но сопругот мора да ја превземе одговорноста за поттикнување на љубовта. На мажите кои ја откриле оваа тајна можеме да им завидуваме. Љубовта која му ја возвраќа неговата сопруга е непроценлива и најскапоцена. На почетокот тешко може да се поттикне љубовта, но како што ќе почне сопругот да го чувствува возвраќањето на љубовта од својата сопруга и како забележува дека таа со текот на времето се зголемува, тоа станува сѐ полесно и полесно.
Мажот кој ја превзема целосната одговорност за своето семејство и му дава предност на изразувањето на љубовта кон сопругата и децата, ќе биде неверојатно награден: ќе има сопруга која го сака, го цени и му помага; деца кои се сигурни, задоволни и кои се развиваат на најдобар начин.
Но се прашувате, како мажот може да ја превземе одговорноста за преносот на љубовта во семејството кога воглавно е когнитивен и неспретен во подрачјето на чувствата, а неговата сопруга подобро се снаоѓа во ова? Тоа е најчест и најтежок проблем во бракот во наше време.
Повеќето мажи не се свесни за проблемите. Наместо да сфатат колку е важен емотивниот живот на нивните сопруги и деца, тие тоа го гледаат како тешко гњавење кое треба да се избегне. Последица е секако она разочарување и збунетост поради прекин на комуникацијата.
Се чини дека денес секој сфаќа колку е важна комуникацијата во семејниот живот. Комуникацијата опаѓа кога „когнитивниот“ сопруг не може да разговара на емотивно ниво, односно кога „емотивната“ жена не може да ги сподели своите најскриени чувства и желби.
Мажите мораат да го ценат водството на своите жени во подрачјето на емотивноста, затоа што тоа ним полесно и поприродно им оди од рака. Меѓутоа мажите мораат да ги поттикнуваат жените и да ги подржуваат во нивната „дневна задача“ на создавање емотивна атмосфера во домот. Доколку мажот ѝ е и пречка, или дури е укорена од него, жената ќе се обесхрабри и со текот на времето ќе се скрши нејзиниот дух.
Во браковите во кои сопругот ги почитува длабоките чувства на својата сопруга и нејзината потреба да ги искажува, тој не само што ја слуша, туку и учи од неа. Тој учи како се наградува, како се исполнува и задоволува споделувањето на емотивниот дел, без оглед на тоа дали е пријатно или непријатно. Таквиот брак со текот на годините напредува. Мажот и жената со текот на времето стануваат еден на друг сѐ повредни. Таквиот брак е еден од најголемите животни дарови.
Пред да се позанимавате со прашањето како вистински да го сакате и да го воспитувате своето дете, морате да се позанимавате со најважниот однос во семејството – брачниот однос.