Една од изјавите со која се сложуваат повеќето родители гласи: „Најтешката работа во животот е воспитувањето на децата.“ Со притисокот и стресот кој секој ден се зголемува во современото семејство, лесно може да се остане збунет и обесхрабрен, кога е во прашање воспитувањето на децата. Сѐ поголема стапка на брачни расправии, економска криза, опаѓање на квалитетот на образованието и падот на довербата во водството го земаат емотивниот данок од секого. Како што родителите стануваат телесно, емотивно и духовно поисцрпени, толку им е сѐ потешко да го воспитуваат детето. На крајот, токму детето е најмногу изложено на налетот на сите овие потешкотии.
Детето има најмногу потреби во нашето општество, а сепак најчесто општеството не одговара соодветно на неговите потреби. Впрочем, најголемата потреба на детето е љубовта. Повеќето родители се погрижуваат да ги задоволат потребите на детето за храна, сместување, облека, образование итн., но сепак често се случува да не биде задоволена потребата за љубов, безусловната љубов. Иако љубовта кон детето постои во срцата на речиси сите родители, треба да се знае како таа љубов да се пренесе на своето дете. И покрај проблемите од денешното живеење, секој родител кој искрено сака да му го даде на детето она што му е потребно, може тоа и да го научи. За да му даде сѐ што може во текот на краткото време кое ќе го помине со него, секој родител треба да знае како вистински да го сака своето дете. Меѓутоа љубовта кон детето не подразбира да му се дозволи да прави сè што ќе му дојде на ум. Од таа причина, како родители си поставуваме многу прашања:
Дали е потребно однапред да одлучиме како ќе се однесуваме во воспитување на детето и дали таа одлука строго да ја спроведуваме? Дали треба да бидеме доследни? Колку доследни? Дали треба да ја казнуваме секоја грешка во однесувањето на своето дете? Доколку одговорот е потврден, треба ли таа казна секогаш да биде иста? Ако не, кои се алтернативите? Што е дисциплина? Дали дисциплината и казнувањето се синоними? Кој облик на ограничувања е најпогоден? Дали треба да прифатиме еден пристап во воспитување на децата, и до него строго да се придржуваме? Или ќе го употребуваме сопствениот разум и интуицијата? Или пак по нешто од сѐ? Колку? Кога?
Ова се прашања со кои се бори секој совесен родител. Предлозите се движат од притисок на детскиот трапезоиден мускул до употреба на слатки како награда.
Сите родители се согласуваат дека денес воспитувањето на детето е исклучително тешко. Една од причините е тоа што поголем дел од времето, детето е под надзор и влијание на другите, како што се: градинките, училиштата, другарчињата, интернетот, телевизијата…. Токму од таа причина многу родители мислат дека без оглед на сиот труд, нивните напори имаат само мало влијание на нивното дете. Вистината е токму спротивна. Секое истражување покажува дека домот ги победува сите други влијанија. Влијанието на родителите далеку ги надминува сите останати. Од домот најмногу зависи колку детето ќе биде среќно, сигурно и доследно; каков однос ќе има кон возрасните, кон своите пријатели и останатите деца; колку доверба ќе има во себе и во своите способности; дали ќе се вклопи во среината или ќе биде осамено; како ќе се снаоѓа во непознати ситуации. Да, и покрај детската збунетост, домот врши најголемо влијание на детето.
Но, сепак не е само домот што влијае на тоа какво дете ќе стане. Подобро е да не направиме грешка обвинувајќи го само домот за секој проблем или разочарување. За да создадеме правилна слика, мораме да обрнеме внимание и на другото значајно влијание на детето, на неговиот темперамент од раѓање. За тоа можете да прочитате во наредната статија.