Богатите стануваат побогати, а сиромашните стануваат посиромашни. Ова е стара вистина, но студијата од 2010 година на Нортон и Ерли покажува дека луѓето не сфаќаат колку тоа е точно. Истражувачите прашале повеќе од 5000 испитаници за тоа како мислат дека е распределено богатството во Америка. Околу 90% од испитаниците сметале дека најбогатите 20% од општеството поседуваат 60% од богатството, а повеќето од нив рекле дека најсиромашните 40% поседуваат 8 до 10% од богатството. Тие биле далеку од вистината. Најбогатите 20% од општеството, всушност поседуваат 85% од богатството, а најсиромашните 40%, околу 120 милиони Американци, поседуваат само 0,3% од богатството.
Да се биде богат не е грев, но Библијата има сериозни пораки за оние, кои своето богатство го стекнале нечесно: „Платата на работниците[…] што вие им ја скусивте, вика, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ над Силите“ (Јаков 5:4; Библија). Господ над Силите е „Господ на Воинствата“, со други зборови, богатите угнетувачи треба да внимаваат бидејќи Господ на Воинствата го слушнал плачот на угнетуваните.
Како се однесува ова на оние кои не се меѓу најбогатите 20% од Американците? Размислете за ова: Дури и најсиромашните 5% од популацијата во Америка се побогати од речиси 70% од светската популација. Дали придонесуваме за олеснување на сиромашните од нивното угнетување? Дали сме задоволни со она што го имаме или сме привлечени кон „задоволството и луксузот“ на богатите? После сѐ, Јаков го споредува нивниот луксуз со животно кое се гои за колење, и вели дека неизбежната корозија на нивното богатство е „сведок против нив“. Колку е подобро да се трупа богатство во небесната ризница!
КЛУЧЕН БИБЛИСКИ ТЕКСТ
„Не собирајте си богатства на земјата, каде што молецот и рѓата ги уништуват, и каде што крадци поткопуваат и крадат; туку собирајте си богатства во небото, каде што ни молец, ниту ‘рѓа ги уништува, и каде што крадци не поткопуваат и крадат; зашто каде е твоето богатство, таму ќе биде и твоето срце“. (Матеј 6:19-21; Библија)