Објава на пастирите

Кога скромните пастири, додека таа ноќ ги чувале своите стада на Витлеемските рамнини, биле изненадени од сјајот на Господовата слава која ги опкружила, нивните стравови ги смирил глас на Господов ангел, кој рекол: „Не бојте се, зашто, еве, ви најавувам добра вест, голема радост, која ќе биде за сите народи: зашто денес ви се роди Спасител, во Давидовиот град, Кој е Христос Господ.“ (Лука 2:10-11).

Зборовите „добра вест“ на грчки јазик сочинуваат еден збор, кој што на други места е преведен како „евангелие“. Затоа пораката од ангелот би можела да гласи вака: „Еве, ви најавувам евангелие, голема радост, која ќе биде за сите народи“. Од таа објава упатена на пастирите учиме неколку важни работи:

1) Евангелието е вест (порака) која донесува радост. „Царството Божјо (е)… во праведност и мир и радост во Светиот Дух.“ (Римјаните 14:17). Христос е помазан „со масло на радоста“ и Тој дава „мирисно масло на радост, наместо плачење“ (Исаија 61:3)
2) Евангелието е порака за спасение од гревот. Пред ова време, истиот ангел му го најавил на Јосиф раѓањето на ова бебе и рекол: „ти ќе Му го дадеш името Исус, зашто Тој ќе го спаси својот народ од нивните гревови.“ (Матеј 1:21)
3) Евангелието е нешто кое се однесува на секого – „која ќе биде за сите народи“. „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот.“ (Јован 3:16 ; Библија)

Ова е доволна сигурност за секого; меѓутоа, иако требало да го нагласи фактот, дека сиромашните имаат еднави права во евангелието како и богатите; првото објавување на Христовото раѓање било упатено на луѓето од најскромна положба. Радосната вест не била објавена прво на свештеничките поглавари и книжниците, ниту на благородните, туку на пастирите. Така, ниту на необразованите не им е ускратено да го разберат евангелието. Самиот Христос се родил и пораснал во голема сиромаштија; Тој го проповедал евангелието на сиромашните и „толпата народ Го слушаше со задоволство.“ (Марко 12:37) Бидејќи било изнесено на обичниот народ, а тие го сочинуваат најголемиот дел од светот, нема сомнеж дека тоа била порака за целиот свет.

„Копнежот на сите народи“

Иако евангелието е наменето пред сè на сите сиромашни, тоа не е нешто просечно и неблагородно. Христос станал сиромашен за ние да станеме богати. Големиот апостол кој бил избран за оваа порака да ја објави на царевите и великаните на овој свет, во поглед на посетата која што се надевал да ја направи во главниот град на светот, рекол: „јас не се срамам од Евангелието на Христос, бидејќи тоа е сила Божја која го спасува секого што верува, прво Јудеец, а потоа и Елин “ (Римјаните 1:16).

Незадоволени копнежи

Моќта е она кон што целиот свет се стреми. Некои тоа го бараат преку богатство, други преку политика, некои преку знаење, а некои на различни други начини. Меѓутоа без разлика во каков потфат ќе се впуштат луѓето, целта е иста – стекнување некаква моќ. Во срцето на секој човек постои неспокој, незадоволено копнеење, кое што самиот Бог го ставил. Лудата амбициозност тера некои да се издигнуваат себеси на сметка на други, во непрестаната борба за богатство и безобзирното струполување во лекомислен круг на задоволства. Сето тоа се залудни настојувања за да го задоволат овој копнеж.

Бог во човечкото срце не ставил копнеж за ниту една од овие работи. Меѓутоа, потрагата за нив е изопачување на тој копнеж што Тој го всадил во луѓето. Бог сака човекот да ја има Неговата сила (моќ); но ништо од она што луѓето вообичаено го бараат не може да даде Божја сила. Заради тоа, ништо од тие работи неможе да го задоволи човекот. Луѓето поставуваат граници за количината на богатство кое имаат намера да го натрупаат, мислејќи дека ќе бидат задоволни кога ќе ја достигнат таа граница. Но, кога одредената количина ќе биде стекната, тие и понатаму се незадоволни, па продолжуваат да бараат задоволство во трупање на уште повеќе богатства. При тоа не се свесни дека на тој начин никогаш не можат да го исполнат копнежот на срцето. Ништо, освен Христос неможе да го задоволи тој копнеж. Единствено само Онај што го всадил овој копнеж, може и да го задоволи. Бог се открил во Христос, а Христос е „копнеж на сите народи“ (Агеј 2:7), иако само малкумина ќе поверуваат дека само во Него е совршен мир и целосно задоволство. На секој незадоволен смртник му е упатен повик: „Вкусете и ќе видите, колку е добар Господ! Блажен е оној човек, кој кај Него прибегнува! Имајте страхопочит кон Господ, сите праведници Негови, зашто ништо нема да им недостига на оние кои имаат страхопочит кон Него.“ (Псалм 34:8-9). „О колку е скапоцена Твојата милост, Боже! Синовите човечки се засолнуваат под Твојата закрила; тие се ситат од изобилието на Твојот дом, и од потокот на Твојата красота ги напојуваш;“ (Псалм 36:7-8).

Луѓето на овој свет копнеат за сила и Господ сака да ја имаат. Но, силата кои тие ја бараат, би ги упропастила, додека силата која Тој сака да ја имаат е сила која ќе ги спаси. Евангелието им ја донесува оваа сила на сите луѓе и тоа не е ништо помалку отколку самата Божја сила. Исус Христос е „Божја сила“ (1 Коринтјаните 1:24) и само во Него копнежите на срцето би можеле да бидат задоволени. Да ја проучиме природата на оваа сила која Тој ни ја дава, бидејќи кога ќе откриеме што всушност е таа, пред себе ќе го имаме целото евангелие.

Силата на евангелието

Во визијата која што љубениот ученик ја добил за времето непосредно пред Господовото доаѓање, пораката на евангелието кое ќе ги припреми луѓето за тој настан е опишана со зборовите:

„И видов друг ангел како лета посреде небото, имајќи вечно Евангелие, за да им го проповеда на жителите на земјата: и на секоја народност и на секое племе и јазик и народ, и зборуваше со силен глас: „Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто дојде часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и земјата, морето и водните извори“ (Откровение 14:6-7).

Силата на создавањето

Овде јасно ни е изнесен фактот дека проповедањето на евангелието се состои од проповедање на Бог како Создател на сè и ги повикува луѓето да му се поклонуваат на Бог како таков. Тоа одговара на она што веќе го прочитавме во посланието до Римјаните, дека евангелието е „сила Божја за спасение“. Каква е силата Божја дознаваме малку подоцна, кога апостолот, говорејќи за незнабожците, кажува:
„Па така, она, кое може да се знае за Бога, ним им е откриено, бидејќи Бог тоа им го открил. И навистина, она што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божественост, согледливи се уште од создавањето на светот, гледано според Неговите дела“ (Римјаните 1:19-20).

Со тоа сакал да каже дека уште од создавањето на светот, луѓето можеле да ја видат вечната Божја сила, ако сакале да ги користат своите сетила, бидејќи таа можела јасно да се препознае во тоа што Тој го создал. Создавањето ја покажува Божјата сила. Според тоа, Божјата сила е создавачка сила. А бидејќи евангелието е сила Божја за спасение, од тоа произлегува дека евангелието е манифестација на создавачката сила која ги спасува луѓето од гревот.

Меѓутоа, веќе осознавме дека евангелието е радосна вест за спасение преку Христос. Евангелието се состои од проповедање на Христос и тоа Распнатиот. Апостолот вели:  „Зашто Христос не ме испрати да крштавам, туку да го проповедам Евангелието, и не со говорничка мудрост – за да не го изгуби Христовиот крст своето значење. Зашто, словото за крстот е безумство за оние, кои пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, Божја сила“ (1-во Коринтјаните 1:17-18).

А малку понатаму: „ние Го проповедаме распнатиот Христос, соблазан за Јудејците, безумство за Грците, а за самите повикани – и Јудејци и Грци, Христос, Божја сила и Божја мудрост“ (1-во Коринтјаните 1:23-24). Затоа апостолот рекол: „И јас, браќа, кога дојдов кај вас, не дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво со возвишена беседа или мудрост, бидејќи бев решил да не знам меѓу вас ништо друго освен за Исус Христос, и тоа – Распнатиот.“ (1-во Коринтјаните 2:1-2).

Да се проповеда Христа и тоа Распнатиот значи да се проповеда силата Божја, оттаму тоа проповедање е евангелие, бидејќи евангелието е сила Божја. А токму тоа е во хармонија со мислата дека проповедањето на евангелието е прикажување (величање) на Бог како Создател; Бидејќи Божјата сила е создавачка сила, а Христос е Оној преку преку кој сè е создадено. Никој не може да го проповеда Христа, а да не Го проповеда како Создател. Сите треба да го почитуваат Синот, како што го почитуваат Отецот. Секогаш кога проповедањето занемарува да го истакне фактот дека Исус Христос е Создател на сè, тоа не е проповедање на евангелието.

Создавањето и откупувањето

„Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог. … Сè стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана. …И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина„ (Јован 1:1-14) „зашто во Него е создадено сè што е во небесата и на земјата; видливо и невидливо, било престоли, или господства, или началства, или власти; сè е создадено преку Него и за Него. И Тој е пред сè и сè во Него има свое сплотување.“ (Колосјаните 1:16-17)

Да обрнеме посебно внимание на последниот текст и да видиме како создавањето и откупувањето се сретнуваат во Христа. Во Колосјаните 1:13-14 читаме дека Бог нас „нè избави од власта на темнината и нè воведе во царството на Својот возљубен Син, во Кого имаме откуп; и простување на гревовите.“ А потоа, после додадената примедба за тоа кој е Христос, апостолот ни кажува за тоа како сме откупени преку Неговата крв. Ова е објаснувањето: „зашто во Него е создадено сè“, итн.

Создавање преку крстот

Според тоа, проповедањето на вечното евангелие е проповедање на Христа, создавачката сила Божја, преку Кој единствено може да дојде спасение. А силата со која Христос ги спасува луѓето од гревот е сила со која ги создал световите.

(а) Ние имаме откупување преку Неговата крв
(б) Проповедањето на крстот (Христов) е проповедање на Божјата сила
(в) Силата Божја е сила која создава
(г) Затоа Христовиот крст има во себе создавачка сила.

Се разбира тоа е сила доволна за секого. Не е чудо тоа што апостолот извикал: „а мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос“ (Галатјаните 6:14).

Тајна Божја

За некои можеби ќе биде нова мисла дека создавањето и откупувањето се иста сила. За сите тоа е и мора засекогаш да остане тајна. Самото евангелие е тајна. Апостол Павле ги молел браќата да се молат за него, да му бидат дадени зборови „да ја соопштувам тајната на Евангелието“ (Ефесјаните 6:19). На други места тој вели дека е повикан да биде слуга на евангелието, според дарот на Божјата благодат која му е дадена „да им го навестувам на народите Евангелието на неистражливото Христово богатство и на сите да им расветлам во што се состои распределбата на тајната, која од вечноста беше скриена во Бога – Создателот на сè“ (Ефесјаните 3:8-9). И овде повторно гледаме дека тајната на евангелието е тајна на создавањето.

Оваа тајна на апостолот му е објавена преку откровение. За тоа како му е дадено откровението дознаваме во неговото послание до Галатјаните каде вели: „Браќа, ве известувам дека Евангелието, кое јас Го проповедав, не е од луѓе, зашто јас ниту сум го примил, ниту сум го научил од човек, туку преку откровение на Исус Христос.“ А понатаму, уште подобро објаснува „А кога Му беше по волја на Оној, Кој ме оддели од утробата на мојата мајка и ме призва преку Својата благодат, да Го открие во мене Својот Син, за да Го проповедам меѓу народите, не се посоветував веднаш со тело и крв“ (Галатјаните 1:11,12,15,16).

Откровението на Христос

Да ги сумираме последните неколку точки:

1) Евангелието е тајна.
2) Тоа е тајна која што е објавена преку отрковението на Исус Христос.
3) Не само што Исус Христос му ја објавил таа тајна на Павле, туку Тој направил да ја разбере таа тајна преку откровението на Исус Христос во него.
4) Самиот Павле требало прво да го знае евангелието, пред да би можел да го проповеда на другите. А единствен начин на кој можел да го запознае бил во него да се открие Христос.

Оттаму заклучокот е дека евангелието е откровение на Исус Христос, силата Божја, во луѓето.

Овој заклучок апостолот јасно го објавил и на други места, на кои кажува дека станал служител „според Божјото управителство, што ми е дадено за вас, за да го исполнам Божјото слово: тајната, која беше сокриена за векови и поколенија, а која им е откриена сега на Неговите свети, на кои Бог сакаше да им јави како е богата славата на оваа тајна меѓу народите: Христос во вас, надеж на славата.“ (Колосјаните 1:25-27)

Исусовиот живот репродуциран во човекот

Така, ние сме потполно уверени дека евангелието е Христос во луѓето и тоа значи дека на луѓето им се објавува можноста за Христос да се всели во нив. Ова се сложува со изјавата на ангелот, дека Исус треба да биде наречен Емануел „кое преведено значи: „Бог со нас!“ (Матеј 1:23), а исто и со изјавата од апостолот дека Божјата тајна е Бог кој се јави во тело. Исусовиот живот да се манифестира во смртно тело додека Тој да дојде повторно.

Кога ангелите им го објавиле Исусовото раѓање на пастирите, тоа било најавување дека Бог дошол кај луѓето во тело. А кога било речено дека оваа радосна вест треба да се објави на сите луѓе, откриено е дека тајната на Божјото пребивање во човечкото тело, треба да се објави на сите луѓе и повтори на сите кои веруваат во Него.

Ајде сега на кратко да го сумираме сето она што досега го научивме:

1) Евангелието е Божја сила за спасение. Спасението е само со силата Божја и каде што е силата Божја, таму е и спасението.
2) Христос е силата Божја.
3) Христовото спасение доаѓа само преку крстот. Според тоа Христовиот крст е силата Божја.
4) Така, проповедањето на Христос и тоа Распнатиот е проповедање на евангелието.
5) Силата Божја е силата која ги создава сите работи. Оттаму проповедањето на Христос и тоа Распнатиот, како сила Божја, е проповедање на создавачката Божја сила насочена на спасување на луѓето.
6) Тоа се случува затоа што Христос е Создател на сите работи.
7) И не само тоа, туку во Него е сè создадено. Тој е зачетник (оној кој го започнал создавањето) на сето создавање. Кога се родил „во вечноста“ (кога видливо излегол од Отецот, а не во смисла дека тогаш го започнал постоењето, бидејќи Тој е Препостоечки и постои одсекогш) сè е навистина создадено, бидејќи сето создавање е во Него. Суштината на целото создавање и силата преку која сите работи се појавиле, биле во Христос. Ова е едноставно изјава за тајната која само Божјиот ум може да ја свати.
8) Тајната на евангелието е дека Бог се појавил (манифестирал) во човечко тело. Христос на земјата е „Бог со нас“. Така Христос, кој што преку вера пребива во срцата на луѓето, е сета полнота Божја во нив.
9) А тоа не значи ништо помалку од создавачката сила во Бога, која делува во луѓето преку Исус Христос, за нивно спасение. „И така, ако е некој во Христа, тој е ново создание; старото помина, ете: сè стана ново.“ (2. Коринтјаните 5:17). „Имено, Негово дело сме, создадени во Христа Исуса, за добри дела.“ (Ефесјаните 2:10).

На сето тоа мисли апостолот кога вели дека проповедањето на неистражливото богатство Христово значи да открие на сите да видат „во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сè преку Исус Христос“.

Заедницата на тајната

Во следниот дел од Библијата ги имаме добро сумирано деталите на оваа тајна:

3 Нека биде благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој нè благослови со секаков духовен благослов од небесата во Христос,4 така што и нè избра преку Него, уште пред светот да биде создаден, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта, 5 предопределувајќи нè за посинување за Себе преку Исус Христос, зашто тоа Му беше по волја, 6 за да биде фалена славата на Неговата благодат, со која нè дарува преку Својот Возљубен Син, 7 во Кого имаме откуп преку Неговата крв, простување на гревовите по богатството на Неговата благодат. 8 Таа благодат Тој ни ја даде изобилно заедно со сета мудрост и разум, 9 откако ни ја откри тајната на Својата волја според Своето благоволение што го беше положил во Себе од порано 10 во уредувањето и исполнувањето на времињата, за да соедини сè небесно и земно под една глава – во Христос. 11 Преку Него ние бевме избрани за наследници, однапред определени според одлуката на Оној Кој врши сè според волјата Своја, 12 за да послужиме како пофалба на славата Негова ние, кои од порано се надевавме на Христос. 13 Во Него и вие, откако го слушнавте словото на вистината – Евангелието за вашето спасение, и откако поверувавте во Него, станавте запечатени преку ветениот Свети Дух. 14 Тој е залог за нашето наследство, за откупување на посвојувањето за пофалба на Неговата слава. 15 Ете, затоа и јас, кога слушнав за вашата вера во Христос Исус, и за љубовта кон сите светии, 16 постојано Му благодарам на Бога, спомнувајќи ве во молитвите свои, 17 та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение за да Го познаете, 18 и да ги просвети очите на срцата ваши за да увидите во што се состои надежта на повиканите од Него, колкаво е богатството на славата од наследството Негово во светиите, 19 и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила. 20 Таа сила Тој ја покажа во Христос, кога Го воскресна од мртвите и Го постави од Својата десна страна на небесата (Ефесјаните 1:3-20).

Ќе забележиме некои точки од оваа изјава:

1) Во Христос ни се дадени сите благослови. „Оној, Кој не Го поштеди ни сопствениот Син, туку Го предаде за сите нас, како не ќе ни подари сè друго со Него?“ (Римјаните 8:32)
2) Овој дар на сите работи во Христос е во склад со фактот дека нè избрал пред постоењето на светот, да во Него стекнеме светост. „зашто Бог не нè определил за гнев, туку да придобиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос“ (1-во Солунјаните 5:9).
3) Во тој избор, судбината која е одредена за нас била дека ние треба да бидеме синови.
4) Во склад со тоа нè прифатил во Љубениот (Исус).
5) Во Љубениот имаме откупување преку Неговата крв.
6) Сето тоа ни ја објавува тајната, имено, дека кога ќе се исполни времето Тој ќе нè собере во едно домаќинство во Исус Христос, сè она што е на небото и на земјата.
7) Затоа што тоа е непоколеблива Божја намера, од таму следи дека во Христос веќе сме примиле наследство; Бидејќи Бог сè прави по намерата на Својата сопствена волја.
8) Сите кои веруваат во Христос се запечатени со Светиот Дух, кој што е наречен Светиот Дух на ветувањето, бидејќи е гаранција на ветеното наследство.
9) Така печатот на Светиот Дух е залог за нашето наследство за откупувањето. „И не жалостете Го Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето!“ (Ефесјаните 4:30)
10) Оние кои го имаат Духот како печат, знаат што е богатството на славата на наследството; односно реалноста на славата на идното наследство постанува нивна сега преку Духот.

Евангелието објавува наследство

Во ова гледаме дека Евангелието открива наследство. Во суштина, тајната на евангелието е поседување на наследството, бидејќи во Него сме добиле наследство. Да видиме како тоа е прикажано во осмото поглавје од посланието до Римјаните. Нема да го цитираме целиот Библиски текст, туку едноставно ќе го сумираме. Оние кои го имаат ветувањето на Светиот Дух се синови Божји, „Сите оние, кои ги води Божјиот Дух – тие се Божји синови.“ Кога сме деца ние сме и наследници, наследници Божји, бидејќи сме синови Божји. Ако сме наследници Божји тогаш сме сонаследници со Исус Христос. На Христос, над сè останато, му е дојдено до тоа знаеме дека Отецот нас нè засакал како што го засакал Него.

Наследници на сите работи

Но во што сме сонаследници со Христос? Во сè создадено, затоа што Отецот го постави Него „за наследник над сè“ (Евреите 1:2) и затоа што рекол: „Кој победува, ќе наследи сè“ (Откровение 21:7). А тоа е покажано преку она што следи во Римјаните 8. Ние сме сега синови Божји, но славата на синовите Божји сеуште не се покажала. Христос бил Син Божји, но светот не го признал како таков; „Затоа светот не нè познава нас, зашто не Го позна Него.“ (1-во Јованово 3:1). Поседувајќи го Духот ние го поседуваме „богатството на Неговото славно наследство“ (Ефесјаните 1:18) и кога ќе дојде време ќе ни се јави славата која не е ништо во споредба со страдањата на сегашното време.

„Зашто сето создание со нетрпелив копнеж го очекува откривањето на Божјите синови – имено, созданието ѝ беше потчинето на суетата, не доброволно, туку од оној, кој го потчини – во надеж дека и самото создание ќе биде ослободено од ропството на распаѓањето; во слобода на славата на Божјите деца. Имено, знаеме дека целото создание заедно воздивнува и страда во родилни маки досега. И не само тоа, туку и ние, кои го имаме Духот како прв дар; ние самите воздивнуваме во себе чекајќи го посинувањето: откупувањето на нашето тело.“ (Римјаните 8:19-23).

Човекот преку создавањето бил Божји син, но заради гревот станал дете на гневот, дури дете на сатаната, на кому му искажувал послушност, наместо на Бог.  Меѓутоа преку Божјата благодат во Христос, сите кои веруваат постануваат синови Божји и го примаат Светиот Дух. Така тие се запечатени како наследници до избавувањето на оние кои станале Божја сопственост – сето создание, кое чека на своето избавување кога славата ќе се открие во Божјите синови.

 

Pin It on Pinterest