Јонатан Зита, Канада
„Тој може да ме убие: немам друга надеж, туку да ги оправдам своите патишта пред Него“ (Јов13:15)
Со Стефан се сретнав додека чукав на вратата на една станбена зграда. Ми кажа дека не може долго да стои поради проблемите со нозете, но дека сака да дознае што правам. Во текот на краткиот разговор открив дека, покрај многуте други проблеми, има и една не излечива болест. Поради силните лекови многу од неговите заби паднале. Сопругата и детето го напуштиле, а докторот му рекол дека нема да поживее доволно долго за да види како синот му завршува основно училиште. Врзан за својот стан, ја чекал смртта.
Го жалев Стефан. Меѓутоа, покрај сите проблеми кои го снашле сеуште се смееше со оние неколку преостанати заби, бидејќи го пронајде Исус. Ми рече: „Го фалам Господа дури и во својата болест, бидејќи да не беше таа, најверојатно никогаш не би Го запознал.“ Одлучи да ја купи „Големата борба“ поради својот интерес за пророштвата.
Пред да си отидам, се помолив со Стефан, а потоа и тој се молеше. Не се сеќавам на сè што кажа но никогаш нема да го заборавам неговиот повик кон Бога во желба да Му служи. Рече: „Господе, се молам за своето излекување, за да можам да Ти послужам како овие млади луѓе, но, дури и ако не ме исцелиш, Господе, Те молам, искористи ме. Немам здрави нозе, немам семејство ни иднина. Но, Господе, јас и понатаму ги имам своите раце. Еве ги моите раце – тоа е сè што ми преостана. Ако можеш искористи ги моите раце да направат нешто повеќе за тебе.“
Со многу тажно срце си отидов таа вечер дома. Размислував за Стефан наспроти илјада млади во нашата црква, кои имаат свои нозе, раце и иднина. Од тогаш во молитва барам од Бога да ги употреби не само моите раце, туку сè што имам, за служба на Него.
Нешто подоцна го сретнав Стефан на еден евангелски состанок во нашата црква. Бев изненаден и возбуден што го гледам. Ме препозна и рече дека Бог му дарувал исцелување за да биде во состојба уште повеќе да му служи. Рече: „Кажи ѝ на својата црква дека Господ одговара на молитвите!“
Размисли за сите таленти и дарови кои Бог ти ги дал, запиши ги и размислувај за начините на кои можеш да ги искористиш тие доверени таленти, Нему за слава. Додека размислуваш за Стефан и за Христовата жртва одлучи дека ќе ги дадеш не само своите раце, туку и целото свое битие за службата за Него.