БЕГСТВО КОН БОГА (пето поглавје)
Јаков се разбуди од сонот и рече: „Навистина Господ се наоѓа на ова место, но јас не знаев!” (Битие 28,16)
,,И еве, Јас Сум со вас во сите дни до свршетокот на светот. Амин!” (Матеј 28,20)
Изгледа дека тоа место во кое завршивме – Полбриџ, во државата Монтана – е на крајот на светот. Осумдесет километри нѐ делеше од најблискиот асфалтиран пат и електрична мрежа. Од другата страна, само неколку километри северно се наоѓа канадската граница. Населението во овие краеви е прилично проретчено па во таква дивина секоја повреда или несреќен случај би можел да биде сериозен проблем, каде и самиот живот би можел да биде загрозен. Во таквата ситуација можно е покрај вас со часови, па дури и денови, никој да не помине. Затоа нашата доверба е единствено во нашиот божествен Сопатник. Тој нас никогаш не нè остава сами!
Во планината есента е преубаво годишно време, со свежи денови и фантастични бои. Овој есенски ден ги затекна мојата сопруга и децата дома, додека таа им држеше домашна настава, а мене на патот до шумата каде што требаше да сечам дрва. Искуството се покажа како добар учител. Се одлучив не само да обезбедам доволно дрва за престојната зима, туку и да го решам проблемот и за наредните две години. Ова стана правило, така што кај нас секогаш имаше доволно дрва за две години, како резерва, во случај да се повредам или разболам, што би ме онеспособило за тешка работа. Двегодишната залиха би била доволна да ја спречи кризата.
Горе низ висорамнината, кај езерото Типи, свртев од патот, на местото каде од порано приметив едно исушено дрво. Ја паркирав колата и почнав да го сечам дрвото кое се наоѓаше на стрмнината. Беше долго околу 9 метри. Кога почна да паѓа, се закачи помеѓу други две дрва.
Качувајќи се по падината, стоев од онаа страна на дрвото која беше свртена низ брдото. Почнав да го сечам на помали трупци со должина од околу 40 cm, од горниот врв према коренот. Како што секој исечен трупец пагаше на земјата, ги туркав со ногата низ брдото така што се собираа близу паркираниот автомобил.
Беше тоа добар систем на работа и не сметав дека треба да го менувам. Иако морав да стојам до купот кој настана со сечење, имаше доволно место целиот процес да се доведе до крај. Кога со сечење стигнав до местото помеѓу двете стебла, засеков труп така да го ослободам. Во тој момент во своите мисли осетив силен уплив и поттикнување кој ме гонеше да се поместам и да дојдам од другата страна на дрвото. Ја отфрлив оваа помисла. Сепак мојот начин на сечење на стеблото и сечење на трупци во помали облици, до овој момент совршено функционираше.
Тоа утро барав од Господ да ме води и упатува. Сакав Тој да ми биде постојан Сопатник. Ветив дека ќе ги послушам Неговите поттикнувања. Мислата повторно се наметна, па овој пат застанав.
– Господе, дали си тоа Ти? Дали Ти бараш од мене да поминам на другата страна?
– Да, Џим –стигна одреден одговор.
– Добро, Господи – реков, менувајќи ја својата положба во однос на дрвото – но тоа е смешно.
Направив рез од едната страна и почнав да сечам од другата страна. Зјапав вчудоневиден во неколку стотини килограми тешкиот трупец, кој пукна и падна токму на местото на кое до пред малку се наоѓав. Тежината на стеблото кое се потпираше на другите две дрва, направи таков притисок така што неговото однесување после засекот беше сосем друг од оној кој го очекував. Беше како убиствена, напната пружина, која само што чекаше да го направам тој фатален рез.
Се осетив слаб кога сфатив до какви сè последици би дошло да не сум се поместил. Тој трупец кој пукна со страшна силина, би ме покосил во ниво на моите колена и како катапулт ќе ме отфрлеше преку ивицата на гребенот, на кој сè се случуваше, некои десет метри низ брдото. Неволјата би била можеби поголема со оглед на моторната пила која во моите раце беше во движење. Најверојатно би загинал од самиот удар на трупецот или моторната пила. Дури и да ја преживеев оваа несреќа, мали би ми биле шансите да опстанам во таа дивина, додека некој да ме пронајде. Никој не знаеше каде точно се наоѓам.
Сфатив дека Господ ме спасил во најлесен случај од серозна повреда, а многу веројатно и од самата смрт. Полека учев дека Бог беше таму, баш во тој див планински крај, спремен да ми помогне, пред и да разберам дека ми е потребна помош.
Послание до Ефесјаните, 2 поглавје, 8 стих, го вели истото тоа на друг начин: „Зашто по благодат сте спасени, преку верата, и тоа не е од вас самите – тоа е Божји дар!“ Благодатта претставува Божјо континуирано присуство во мојот живот. Таа ми се додворува, ме преколнува, ме повикува, се обидува да ме спаси од мене самиот. Ако го слушам, тој глас ќе ме води, зајакнува, и штити.
Ако сето тоа го прави Бог, кој е тогаш мојот дел? Морам да бидам подготвен во континуитет да се потчинувам на потикнувањата на Духот. Тоа е вера! Таа е свесен избор да соработуваме со Него, и така да останеме во Негова присутност. Тоа е суштинска разлика која одлучува дали силен изненаден удар ќе ме отстрани од стрмната карпа, или пак ќе држам чекор со нашиот Божествен Помошник.
—————-
Националниот парк Глејшер и околината имаат најголем број на гризли од 48 држави во САД. Секоја година ни донесува извештаи за напади на овие мечки на посетителите на паркот. Мечките не ги читаат истражувачките мапи. Во спротивно би приметиле дека на преминот преку реката го напуштаат националниот парк и влегуваат во сопственоста на американската шумска служба, која се граничи со нашето земјиште. Меѓутоа, границите кои луѓето ги цртаат ништо не им значат на овие суштества, чии миграции се тешко предвидливи.
Кога се преселивме на планината и се сместивме близу територијата која е живеалиште на овие животни, пријателите нè советуваа да се вооружаме поради заканата која доаѓа од овие суштества. Ја отфрлив таа идеја. Не можев да поверувам во тоа дека Бог, кој нас до тука нè довел, ќе дозволи да нè нападне или изеде мечка. Мојата душа најде мир во вистината дека Бог ќе биде со нас, затоа што Божјата милост нè доведе Сели и мене на оваа прастара планинска висорамнина.
Сели тешко се навикна на нашите крзнени соседи поради претходното непријатно искуство. Уште додека била многу мала, нејзините стари браќа ја задевале зборејќи ѝ како мечка живее под нејзиниот кревет и како ќе скокне и ќе ја зграби. Додека доволно не пораснала за да сфати колку е смешна таа детска приказна, малата Сели се „наголтала“ страв од тоа дека навистина може да се случи. Така мојата драга сопруга стигна во дивината Монтана со длабоко вкоренет страв од мечки.
Проблемот беше во тоа што во Монтана мечките не беа само предмет на детската фантазија туку и ужасна реалност, како што Сели ги доживуваше. Тие вистински мечки можеби не скокаа од нејзиниот кревет, како што беше нејзиниот детски страв, но навистина излегуваа од шумата и приоѓаа без никаква најава на своето присуство. Само некој кој имал средба со дивите мечки може да разбере колку се тивки тие огромни животни додека се движат во шумата.
Тешко е да се ослободиш од вкоренетите стравови. Толку тешко ако овие стравови имаат реална подлога. Така беше во случајот на Сели. Кај неа се разви борба. Знаеше за стихот: „Совршената љубов го изгонува стравот“ (Прво Јованово 4,18). Исто така ги читаше зборовите од Библијата: „а Јас, Господ, ќе бидам нивни Бог,… И ќе склучам со нив Завет на мир, и ќе ги отстранам од земјата сите диви ѕверови, и ќе живеат мирно во пустината и ќе спијат по горите.“ (Езекиел 34,24.25). Од време на време, старите стравови повторно се будеа, посилни од било кога. Единствениот излез на Сели беше да ги предаде на Господ и да му верува на својот верен Сопатник. Полека учеше дека таму каде што е Бог, стравот не треба да постои. Беше тоа долга борба против старите навики и склоности, сè до денот кога очи во очи не се сретна со своите стари непријатели.
Нашите пријатели ни кажаа дека таа пролет во нашиот крај се нашла мечка со три мали мечиња. Кај мечките тројките се поретка појава отколку двојките, па се надевавме дека ќе ги видиме. Тоа утро ја изнесовме својата желба пред Господа во текот на фамилијарното богослужение. Го молевме да направи прилика сите заедно да ја видеме мечката и трите мечиња.
Секако Сели на тоа додаде: „…Но, на безбеден начин, Господе!“ После молитвата го приметивме младото мече на малото дрво, на само 5 метри од нашиот прозорец. Сигурно тука некаде беа и другите две мечиња со мајката. Додека набљудувавме од прозорецот, го здогледавме тоа што го баравме, голема женка како со својот нос ги фаќа мирисите кои доаѓаат до неа и ги анализира.
– Ох, погледнете – прокоментира Сели – се обложувам дека ги душка печените палачинки.
Така и беше! Осетивме ставопочит кога мечката полека клекна на нашиот трем. Беше топло пролетно утро така што во тој момент, на главниот влез во куќата се наоѓаше само тенка мрежа, како единствено што стоеше пред гладната мечка пред да ни влезе во трепезаријата. Само да сакаше, лесно можеше да ја скине мрежата и да влезе внатре.
Сели, како многу практична личност, брзо тргна кон вратата со намера да ја затвори големата влезна врата. Меѓутоа, кога стигна до неа, мечката не беше тука, па ја отвори вратата со мрежата да види каде е животното. Кога излета напред можеше да ја види мечката како се качува на тремот, не по скалите, што секако можеше, туку на широката ивица покрај скалите, бидејќи така повеќе ѝ се допаѓаше. Кога сте толку голема мечка, малку водите грижа за угледните човечки манири.
Сели веднаш направи чекор назад и ја затвори вратата со мрежата, но не и дојде да ја затвори главната врата. Моите момчиња и јас ја посматравме сцената со отворена уста – Сели стоеше на прагот, додека мечката сосем пријде, така што измеѓу неа и мојата сопруга се наоѓаше само тенката проѕирна мрежа. Додека се одмеруваа една со друга, Сели изгледаше како парализирана.
Во тој момент почна да зборува: „Леле, твоето крзно блеска! Преубава си!“ Мојата сопруга ѝ зборуваше нежно на мечката! Не можев да поверувам, а изгледа дека и на мечката ѝ се допадна. Сели продолжи, искажувајќи го своето восхитување спрема сè што ја одликуваше оваа шумска убавица, од десет сантиметри долгите канџи до големите заби кои ги покажа. Тогаш се сврте кај нас, кажувајќи: „Дојдете! Дојдете да ја видите!“ Не бевме баш толку воодушевени од идејата да ѝ се приближиме. После кратко време, мечката го напушти тремот повторно поминувајќи преку ивицата покрај скалите. Ги собра своите мали и побрза да го направи тоа што беше во нејзиниот дневен распоред за тоа утро.
Одеднаш, Сели како да се онесвести. И стана јасно што направила. Се сврте кон мене и извика: „Слободна сум! Слободна сум!“ Нејзините стари стравови се истерани. Кога подоцна разговаравме, ја прашав зошто така реагираше на мечката. Ми одговори многу сигурно: „Затоа што Бог ги доведе мечките. Знаев дека немаше никаква опасност.“ Божјата милост ја ослободи одвнатре. Беше навистина слободна! Неговото постојано присуство ѝ беше поддршка целото време додека искушението траеше. Мечките продолжија да нè посетуваат од време на време, давајќи ни нам прилика да го развиеме долго очекуваното пријателство со една од мечките. Но тоа е тема за следната книга – книга за мечките.
Што се однесува до Сели, ова искуство засекогаш го промени нејзиниот однос со мечките. Но, допуштете ми нешто вас да ве прашам: Дали Бог ни се приближи тој ден и го направи Своето чудо? Или Сели едноставно стана свесна за Неговото постојано присуство со нас? Пријатели, се работи за нашата свест и свесното разбирање на Божјата континуирана присутност која нас нè следи. Токму оваа свест за Неговата блиска заедница со нас отвора патишта до нашето срце, за да би ги согледале, увиделе и разбрале моќните дела кои Бог ги прави во наша корист.
Видете, повеќето од нас го подржуваат концептот според кој, Бог седи на Својот трон на небото, и понекогаш го свртува Своето уво кон нас, менувајќи ги околностите на животот, како одговор на нашите молитви. Голем број на луѓе го гледаат Бог како нешто далеку, како земски владетел кој можеби понекогаш и сака да помогне кога на нас тоа ни е потребно, но ретко се меша со обичниот свет. Ако посетите, кое и да било кралство на овој свет, и позборувате со потчинетите, ќе сфатите дека нив ги обзема чувство на страв или непријатност, кога ќе се најдат во близина на членовите на кралската фамилија.
Исто така, ако можете да го читате човечкото срце и мисли, ќе откриете дека многумина, ако не и сите луѓе, имаат проблем кога ќе се соочат со идејата за секогаш присутниот Бог. Кога човекот ќе ја прифати стварноста за Бога, како наш постојан Сопатник, како последица настанува промена на ставовите и однесувањето. Однесувањето во ситуација кога го нема кралот во близина, престанува во моментот кога тој е пред нашите очи. Ова, конечно, е природна реакција на личноста, која сфаќа дека е во друштво на некој, кој е поголем од него самиот. На оние кои таквото друштво не им годи, кои не сакаат да се воздигнат до висок стандард, ќе се тргнат од кралското присуство.
Колку ли пак грешникот ќе сака да го избегне Бога или да го негира Неговото постоење. Па сепак, не е можно да се сокрие од Него. Кога Адам и Ева погрешиле, тие во паника се обиделе да се сокријат од својот Татко. Сепак Бог не ги уништил. Ги побарал и продолжил да ги сака и да се грижи за нив. Алкохолот, дрогата, неморалот, материјализмот и интелектуалното одрекување може да ги умртват вашите сетила, но сето тоа не е во состојба да ве доведе до невозможното – да се сокриете од Бога. Библијата е полна со приказни за личности кои се обиделе да побегнат од Бога: Адам и Ева, Савле, Јона – тоа се само некои примери кои ги спомнавме. За сите нив заедничко е тоа што нивниот обид да се сокријат пред Бога завршува бедно. Писмото кажува: „Каде да одам од Твојот Дух и каде да побегнам од Твоето лице?“ (Псалм 139,7).
Библијата исто така кажува дека Бог „не гледа кој е кој“. Ова значи дека Тој не ги третира некои луѓе подобро од другите. Не фаворизира никој. Луѓето често кажуваат: „Би сакал Бог да ми зборува на мене како што зборувал тогаш, во библиското време. Работите тогаш би биле полесни отколку сега.“
Драги пријатели, ништо потешко не е ни денес! Ако Енох, Илија и Павле оделе со Бога, тогаш можете и вие. Ако е Божја волја, Бог секој ден да поминува со Џим Хонбергер, кој е еден од најбавните ученици, еден од најтврдоглавите ученици на земјата, ако Бог е подготвен да го води и насочува таквиот човек како мене, со целата моја силна германска волја и жесток темперамент, тогаш Бог сигурно сака да биде и ваш Водич и Сопатник!
Ако тоа е едноставно, зошто тогаш се двоумиме? Зошто само неколку луѓе го откриваат Бога како свој постојан Следбеник? Проблемот до кој овде доаѓаме се однесува на нашиот став. Ние луѓето сме така навикнати сами да ги водиме нашите работи, да го одбиваме водството од нашиот драг небесен Татко. Неопходно е да го усвоиме оној став кој го имал Самуил кога рекол: „Зборувај Господи, твојот слуга те слуша.“
Таквата положба изразува потполна зависност од Водачот кој гледа и го знае она што ние не можеме. Недостатокот на волја да го слушаме Божјиот глас нè лишува нас од Неговото водство. Нашата слаба склоност да го послушаме Неговиот глас прави христијанскиот живот да биде толку тежок. До таа мера сме навикнати ние самите да бидеме тие, кои ќе ги контролираат работите, па дури и кога ќе настојуваме да го осетиме поттикот на Божјиот Дух, покажуваме склоност да го отфрлиме Неговото водство. Природното тежнеење да го следиме сопственото знаење пред Божјото поттикнување и водство, скоро да ме чинеше сè убаво што како фамилија доживеавме.
Пред неколку години на патот за Нов Зеланд, седев на предното седиште во комбето. Нов Зеланд е убава земја. Уживав набљудувајќи ги планините, фармите и овците. Неочекувано, осетив тивок и тенок глас на Духот кој ме гонеше да ги затворам очите и да одремам за некое време. Беше 10:30 наутро и јас ја отфрлив оваа мисла бидејќи, како и обично, сметав дека знам подобро од Бог.
Дали и вие некогаш слично сте реагирале на Божјото водство? Фала Му на Бога што не ме оставил сам кога Го игнорирав. Повторно ме обзема истиот впечаток за момент да замижам и да ги одморам очите. Иако сум спор да ја научам лекцијата, на крајот сепак сфатив и ја поврзав ситуацијата со претходните искуства, како дрвото кое за малку ќе ме убиеше. Сеќавајќи се на таа опасност, добив волја сериозно да го сфатам овој друг впечаток.
Ги склопив очите и ја навалив главата наназад, додека сомнежот ми велеше дека сето тоа е безсмислено. БАААМММ!! КРАААШШШШ!!!!! Осетив како ме опсипуваат по лицето делчиња од она што некогаш беше шофершајбна. Од ридот покрај патот се одронила карпа на шофершајбаната и тоа баш пред мене. Овој автомобил немаше ветробран со фолија која би го задржала разбиеното стакло, така што тоа се распрсна на стотина најситни делчиња кои завршија во мојата коса, ушите, кошулата па дури и во ноздрите. Останав прикован за седиштето и треперев.
Знаев дека Господ уште еднаш ме сочува од тешки повреди. Ми ги сочува очите! Колку е добар Бог на кој му служиме! Од помислата дека пред тоа речиси и да го отфрлев Неговото водство ме пролазија морници. Додека очите сеуште ми беа затворени, му заблагодарив на Господа што Го имам како постојан Сопатник во својот живот. Толку сум Му благодарен бидејќи Тој не е само мој набљудувач, туку и учествува со мене во сите мои искушенија и во сите мои дневни активности.
Исус сака да управува со вашето и моето одење по патиштата на овоземскиот живот. Можете да сметате на Него, бидејќи каде што сме ние, тука е и Бог!
Кога човекот ќе стане свесен дека Бог е секогаш со него, тогаш може да очекува дека за него Господ ќе направи големи чуда. Така било во случајот на тројцата заробени Евреи, кој е опишан во книгата на пророкот Даниел, во третото поглавје. Тие биле повикани заедно со другите царски поданици да се појават на церемонијата, посветена на големиот златен кип, кој го подигнал Навуходоносор. Од сите се очекувало да се поклонат пред кипот на царот, што и го направиле – сите освен Седрах, Мисах и Авденаго. Царот се разбеснил поради, како што сметал во тој момент, отворената навреда која му е направена, па им се заканил на еврејските момчиња со пеколен оган доколку одбијат да го послушат. Царот имал намера врзани да ги фрли во толку вжарена печка така што нивното согорување ќе биде пример за сите, кои во иднина ќе се осудат да ја одбијат царската наредба.
Момчињата на оваа закана одговориле смирено: „Бог на кој му служиме може да нè спаси од вжарената печка, и ќе нè спаси нас од твоите раце, о Царе!“ (Даниел 3,17). Кај нив немало очајување ниту маловерна застрашеност поради ситуацијата во која се нашле. Нивното однесување зрачело со тивка и целосна доверба во тоа дека Бог ќе биде со нив.
Царот Навуходоносор бил толку бесен на нивниот одговор така што наредил печката да се вжари посилно од било кога, и тројцата Евреи во неа живи да се запалат. Бил тоа избрзан потег на еден разуздан темперамент, навикнат да го има тоа што го сака, кој овој пат останал без задоволување и поради тоа сосем излегол од контрола. Ваквото однесување го чинело царот губиток на неколку негови најсилни војници, кои загинале од жештината, додека ги ставале во печката тројцата заробеници. Царот неможел долго да ужива во осветата над пркосните Евреи. Фрлајќи поглед во отворената печка, повикал: „Види, гледам четворица луѓе одврзани како одат во средината на огнот, и ништо не им е, а четвртиот како да е Синот Божји“ (Даниел 3,25). Кога дошла кризата, Бог бил тука, на нивната страна. Неговото видливо присуство им донело охрабрување, водство и заштита. Тој целото време бил тука. Небото ниту денес не е ништо подалеку како што било и тогаш, но Бог малку може да направи за нас ако го изгубиме чувството на нашата постојана зависност од Него.
Приказната за тројцата Евреи е жива слика на она што го прави животот на верата. Овие млади луѓе и претходно зависеле од силата која била надвор од нив самите, непрекинато покорувајќи се на тивкиот и тенок глас на Оној кој одел со нив.
Токму тогаш кога ја пишував оваа книга, ја почувствував силата на секогаш присутниот Бог и Неговите заштитнички раце. Беше есен со многу влага. Од тешките облаци ден за ден лиеше дожд. Земјата веќе беше презаситена со влага. Ноќта претходно, Сели и јас требаше да летаме за Далас во Тексас, поради некој состанок, но дождот премина во снег кој наутро веќе беше 2,5 cm. За жал, со толку многу вода на песочниот пат, снегот се замрзнуваше и се претвораше во лизгава смеса од мраз и камења.
Животот во дивината значи дека морате да ја напуштите куќата пред зората за да стигнете на летот наутро. Тоа утро бевме на патот во 4:30 наутро. Возејќи се по добро познатиот пат кој води кон цивилизацијата, стигнавме до многу остра кривина во облик на потковица, на делот на патот кој одеше низ брдото. Автомобилот почна да клиза. Кога имате возило со погон на сите четири тркала и ABS систем, кој го спречува блокирањето на кочниците, во слични ситуации нема клизање на страна, туку само нанапред и тоа без никаква контрола.
За жал, на овој дел од патот „нанапред“ значи блиска средба со големи стебла на дрва од памук. Ако некако успеете да ги избегнете овие дрва, ве чека уште поголема опасност – стрмнина која е толку голема, така што нашиот Ford Explorer сигурно би се превртел по целата должина низ брдото.
Можев во својот ум да насликам страшен удар во едно од овие стебла и моментално активирање на воздушните перници. Повикав: “ГОСПОДЕ, НЕЕЕ!” – и во тој момент излетавме од патот со брзина преку 60 km/h.
Одеднаш застанавме. Џипот застана далеку од патот, на стрмното брдо. Стеблата на дрвата од памук беа на само неколку сантиметри од совозачката врата каде што седеше Сели. Излегувајќи внимателно од автомобилот, ја понесов батеријата да видам во што сме се вплеткале. Нашиот џип беше под таков нагиб така што едното тркало беше практично одвоено од тлото.
Се искачив до патот за да ги погледнам трагите на нашите тркала. Со човечка логика не можев да ја објаснам нашата среќа. Трагите одеа право кон дрвата, а сепак, нешто или некој нас во последен момент нè турнал на страна. Немаше никакви природни препреки. Нагибот би ни додал само на убрзување и би го направил сударот со дрвата уште полош. Меѓутоа, секогаш присутниот Бог нас нè спаси. Неколку часови подоцна трактор го извлече нашиот автомобил. Го прегледавме и установивме дека на него нема ниту една гребнатинка.
Сите ние, вклучувајќи ме и мене, треба да се молиме за нашата свест да се развива и усовршува и да стане осетлива на Божјото присуство. Тогаш ќе бидеме спремни да одговориме на Неговото влијание и инструкции. Кога сме свесни за Неговото присуство, нашите срца поживо комуницираат со Него и ние сѐ подобро ќе Го познаваме. Нашата соработка преку вера, љубов и пракса ќе стане сè посовршена. Сепак, потребна е храброст да се тргнеме од оковите на нашето време.
Едно од најдрагите имиња за Исус е Емануел, што значи „Бог со нас“. Треба да научиме дека Бог не е на некое далечно место во небесното пространство, од кое понекогаш погледнува на нас. Не, никако. Кога Исус ја оставил земјата, ветил дека ќе ни испрати Утешител, Божјиот Свет Дух, за да биде секогаш со нас. Тоа е за мене вистинска утеха! Јас денеска повеќе не му се молам на Бога, Кој е на некое далечно место, туку Го препознавам како свој постојан соработник, бидејќи Тој тоа е!