БЕГСТВО КОН БОГА (трето поглавје)

 

 

Зашто вака зборува Господ Господ, Израелевиот Светец: Ако останевте на местото и мирувавте ќе се спасевте; во тишината и надежта е вашата сила, но вие не сакавте“ (Исаија 30,15)

Нивниот состанок беше нешто најголемо, што светот некогаш го имаше видено. Од сите краеви на светот пристигнуваа делегати, загрижени за својот личен опстанок. Таа вечер основниот тон на овој собир го даде нивниот голем водач. Присутните коментираа со шепотење, изразувајќи ја својата надеж: „Ако некој може да ја промени ситуацијата, тогаш тоа е вечерашниот говорник!

Тој е нивни водач од памтивек. И повеќе од тоа, тој е личност која сите го имитираат. Ги придобил нивните чувства и нивната преданост. После многу години станал нивен бог.

Силни аплаузи се одѕвонија кога тој го зазеде своето место пред нив на издигнатиот подиум. Погледна кон тие неброени лица, од кои читаше воодушевување, и во стил на добар политичар, отворено го изрази своето задоволство поради нивната поддршка. Кога овациите се смирија, длабоко воздивна и почна.

Послушајте ме демони! Не можете да ги спречите христијаните да ги посетуваат црквите! Тие таму секако ќе одат! Не можете да ги спречите да ги исповедаат своите доктрини и да ги одржуваат своите молитви. Тие тоа ќе го прават. Ако сакаме вистински успех, мораме да ја смениме тактиката.

Времето е клуч, пријатели мои! Ќе им дозволиме да се бават со своите доктрини и молитви. Нема да им сметаме да одат во црква. Но мораме да го контролираме нивното ВРЕМЕ. Времето е суштинска работа, затоа што без слободно време, тие никогаш нема да најдат спасоносна врска со Исус“ рече тој, изговарајќи го последниот збор со презир.

Сатаната продолжи понатаму: “Оставете ги да веруваат дека се спасени сè додека ние управуваме со нивното време. Во тој случај, тие ќе бидат наши во иста мера колку и оние кои никогаш не отишле во црква. Како ќе го постигнеме тоа? Едноставно. Завземете го нивното внимание со неважни работи од овој живот и понудете им безбројни планови, за нивниот ум да биде зафатен. Наведете ги да трошат, трошат, трошат… и да работат, работат, работат, за да го надокнадат потрошеното. Наполнете ги нивните поштенски сандачиња со каталози со најразновидни понуди. Нека оние привлечни замки бидат уште попривлечни, кога тоа ќе им го понудите на кредит.

Научете ги дека среќата им зависи од материјалните работи и натерајте ги мажите да работат 8, 10 или 12 саати дневно, шест или дури и седум денови во неделата. Наведете ги ако е можно да имаат по две работни места. Нека им изгледа како да нема друг излез ако сакаат нивната фамилија да го задржи саканиот стил на живот. Потоа, направите и нивните сопруги многу да работат, покрај обврските кои ги имаат во нивните домови, за да не остане ништо од енергијата за сопругот и децата.

Без мерка надразнувајте го нивниот ум за да не го слушнат Исус кој им шепоти во нивната свест. Бомбардирајте ги нивните уши со музика која одѕвонува во нивната куќа, канцеларија и од секоја продавница. Нека лошите вести ги пресретнат каде и да се најдат. Користете ги весниците, списанијата, радиото и телевизијата, 24 часа дневно.

Изопачувајте го моралот во фамилиите, посебно кај младите, пласирајќи недолични слики кои создаваат нечисти мисли. За ова ќе ви служат рекламите, билбордите, филмовите, насловните страни на списанијата и секако теливизијата. Користете ТВ спектакли со чие посретство низ нивните куќи ќе работат најрасипаните луѓе во општеството. Нека се изнесуваат највалканите детали од нивното неморално искуство, сè додека луѓето не почнат да гледаат на злото како на нешто обично, на нешто што може да биде уште една алтернатива во нивниот животен избор.

Оставете ги да се валкаат во сметот од овоземските проблеми и неважни ситници. Детално покажете им ја целата подлост на богатите и умни луѓе на овој свет. Насочете го нивното внимание од сериозната реалност на животот кон ништожноста од типот на кладилниците, игрите на среќа, лотото и казината. Наполнете ги нивните библиотеки со книги, списанија, и повторно книги. Тоа е она што го голта времето; и колку повеќе го поминуваат времето на овој начин, толку помалку време ќе поминуваат со Бога.

Опремете ги нивните куќи со компјутери и испратете ги на патување преку интернет каде ние ги контролираме повеќето сајтови. Испраќајте им мноштво на електронски писма. Внесете ги во мочуриштето на бескрајното информирање и безбројните информации. Ставете им во рацете преносни компјутери за нон-стоп  да работат на нив.

Нека сите, дури и децата, носат мобилни телефони. Исполнете им го денот со телефонирање и со телефонот. Нека нивните телефони бидат преплавени со SMS пораки.

Окупирајте ги децата со секаков вид на активности, спортски програми во школото и надвор од него, со игри, балет, извиднички екскурзии, клубови, музички секции, концерти и разонода. Држете ги под стрес уште од најраното детство, задавајќи им обемни домашни задачи. Испратете ги во предшколски установи и одвојте ги што е можно порано од влијанието на своите родители. Нека нивниот живот биде колку е можно понезависен од оние, кои треба да ги воспитуваат, така што, кога ќе станат адолесценти, имаат што помалку заедничко со мајката и со таткото. Нека се чувствуваат депримирани во поголема мера, нека секогаш бидат изложени на некаков притисок, бидејќи така полесно ќе одговорат на нашата инијацитива на сексуална активност, користење цигари, алкохол и дрога. Во сето тоа тие треба да видат излез.

Нека бидат неумерени дури ни во моментите на рекреација. Испраќајте ги на скапи одмори. Направете да одат, одат, одат! Нека од своите одмори се вратат уморни, вознемирени и неспремни за работата која им претстои. Не им дозволувајте да одат во природа. Наместо тоа, нека посетуваат паркови за забава, спортски арени, концерти и кина. Нека ова биде наше мото: „Ќе им го направам одморот така заморен повеќе да неможат да работат, толку скап за да за него мораат многу да заработувааат!“

Ако се случи да ги избегнат сите овие замки, користете ги дури и нивните цркви против нив. Дајте им што е можно повеќе одговорности, колку е можно повеќе служби и проблеми кои ќе мораат да ги решаваат, за да нивното време биде исполнето со „добри дела“. Кога ќе се соберат поради духовни добра, гледајте да ги вовлечет во озборување и сплетки, во дискусии по кошињата, за да ги занемарат овие духовни состаноци и  дома кога ќе отидат, да бидат со вознемирена свест и со збркани чувства. Создавајте криза по криза во нивните цркви, така да бидат зафатени со „гаснење пожар“ за да немаат време за разгорување на оној свет оган на Евангелието, кој треба да гори во нивните срца. Охрабрете ги да студираат сува доктрина и да држат евангелизација. Нека што повеќе учествуваат во образовни семинари, семинари за управители, црквени конференции.

Ослободете пат за големо меѓуцрквено обединување и барање на слични патишта на „реформа“. Нека вербално се залагаат за фамилијата и фамилијарните вредности. Допуштете им да се вплеткаат во големи општествени проблеми, како што е борбата против абортусот. Нека негуваат конзервативен стил на живот, но по секоја цена, и на секој начин држете ги подалеку од Библијата. Не смеете да дозволите да дојдат до Бога, како грешници кои имаат потреба за спасување, затоа што ако тоа го направат, ќе ги изгубиме.

Времето е нашето најмоќно оружје и наш најдобар пријател, колеги мои. Ајде да го користеме лукаво и да ги наведеме само уште малку да спијат во состојбата во која што се. Тогаш и светот и црквата ќе бидат наши, а ние ќе добиеме вечна победа. Да тргнеме напред и да победиме, пријатели мои!”

Со рацете кренати нагоре, сатаната го заврши својот говор со извици: „Победа! Победа! Победа!“ До нас со овој пеколен собир стигнува ехото кое денес го препознаваме во многу работи кои нè опкружуваат.

Беше тоа сосем тивок собир! Не можев да ги дознаам сите детали на оваа конференција, но вие судете за нејзините резултати. Злите анѓели итно полетаа да ги запослат христијаните, каде и да се наоѓаат. Имаа цел да ги направат зафатени до таа мера, да нивниот живот се состои од непрекинато јурење. Ние, драги мои, не живееме едноставен живот. Нашиот живот е пренатрупан. Целиот систем е преоптеретен. Дали ѓаволот го постигнал успехот во спроведувањето на својот план? Работите според него тргнале далеку на подобро отколку што можел да се надева.

Сатаната успеал да го стави целиот свет во еден супер брз воз, кој секој ден оди сè побрзо, побрзо и побрзо. Неговиот  „машиновозач“ не сака да го забави, за никој да не може да се симне од него. Поминав повеќе од триесет години од својот живот на тој воз, несвесен за она што се наоѓа на крајот од патот.

Видете, ние луѓето сме неверојатно прилагодливи суштества, така што не сме во состојба да го видиме она што е очигледно. Ова сознание почна полека да стигнува до мојата свест и почна да добива видливи црти. Тоа се здружи со отворањето на можности за живот, во едно од најпознатите светски резервати на дивината, покрај едно мало, скоро заборавено езеро во истиот тој резерват.

Сфаќајќи дека ни треба еден ден одмор од „зовриениот“ свет, Сели и јас почнавме да планираме краток тајм-аут. На крајот на јуни 1982 година, се спакувавме заедно со децата, влеговме во својот автомобил тип „караван“ и се упативме према сверниот полуостров во државата Мичиген. Целта ни беше кампот покрај брегот на езерото кое кратко се вика – Имп.

Во тоа време од годината скоро и никој да немаше. Ја поставивме нашата камп приколка, само неколку метри од брегот. Метју кој до тогаш имаше пет години и Ендру со своите три, веднаш почнаа да фрлаат каменчиња во езерото. Додека тие двајцата беа зафатени со својата забава, Сели и јас седнавме на брегот и се обидувавме да се опуштиме. Брзањето за момент беше прекинато.

Беше тоа десетдневен одмор без проблеми, без телефони, без тешки одговорности, освен оние кои се однесуваат за мојата фамилија. Сепак, штом седнав покрај брегот, осетив како целото тело ми трепери. Се свртев спрема Сели и ѝ реков:

– Срце, дали би сакала да ми го измериш пулсот?
– Секако – одговори таа и ме фати за зглобот на раката, влегувајќи брзо во улогата која ѝ беше толку блиска, затоа што работеше како болничарка – 88…. – извика брзо.
– Дали е тоа во ред? – ја прашав.
– Не, Џим – одговори, а нејзиното убаво лице го засени облак од загриженост – тоа никако не е во ред за еден триесетгодишник кој седи на плажата и одмара.

Неколку дена покасно фрлав каменчиња и правев „жаби“ на таа иста плажа, заедно со своите синови. Тие се восхитуваа на моите напори и тоа со такво воодушевување и ставопочитување како само децата можат, кога ќе видат некое достигнување на својот татко. Се осетив поопуштен, посвеж и повторно имав мир во душата.

„Срце, ќе сакаш ли повторно да ми го измериш пулсот?“, ја прашав Сели. Резултатот беше 68. Бев запрепастен. Математиката беше едноставна. Мојот пулс успорил за 20 отчукувања по минута, само затоа што бев опуштен. Тоа е разлика од скоро 29.000 отчукувања во текот на само еден ден. Почна да ми излегува пред очите фактот во каков стрес живеев до тој момент и што тој стрес му прави на моето тело.

Ова едноставно случување го обележи целиот наш десетодневен одмор. Што е всушност суштината на животот? За прв пат ги доведов во прашање своите животни постигнувања. Ако претходните години заработував 100.000 долари, дали треба оваа година да заработам 150.000, а во наредните четврт милион? Каде е крајот на тоа и кога конечно ќе ја достигнам границата која се вика успех?

Додека ги набљудував моите момчиња, кои ги фрлаа каменчињата во водата, шокантна реалност ми излезе пред очите и со болка во душата ѝ реков на Сели: „Не ги познавам своите сопствени деца.“ Знаев кои се. Ги знаев нивните имиња, бројот на панталони кои го носат. Се грижев стомаците да им бидат полни, но не ги познавав вистински како личности. За што всушност јас се брзам? Колку нè чини тоа што брзаме? На нашиот пат се вративме повторно во цивилизацијата, полни со сомнеж во поглед на верското искуство кое дотогаш го градевме.

Мојот маркетинг за осигурувачките полиси ме награди, донесувајќи ми ја наградата – платени трошоци за патување во Рено, во Невада. Сè што овој накиснат сив град означуваше, беше спротивно од тоа што јас како христијанин верував. Ја замолив компанијата да ми ги даде парите наместо патувањето.

– Не.
– Можам ли да отпатувам на некое друго место?
– Не. Или тоа патување или ништо.

Сели и јас погледнавме во картата на Невада и откривме дека јужно од Рено постои место кое се вика „Јосемит Национален парк“. „Ајде да отидеме. Ќе земеме резервации на авионски карти и хотелска соба, и ќе правиме секојдневни тури до Јосемит“, предложив.

Така Сели и јас добивме време, кое можевме заедно да го поминеме. На почетокот на август го оставивме Висконсин и стигнавме во Рено, сместувајќи се во МГМ Гранд хотел. Покасно, во Јосемин, го паркиравме автомобилот и прошетавме до кристално чистата река, која течеше од блиските планини. Глетката толку многу нè обзеде, така што седевме час и половина покрај неа и уживавме во песната која ја правеа брзаците, удирајќи во карпите. Мирисот на иглолисните дрвја – четинарите беше толку јак, така што со секој здив чувствувавме како ни влегува во белите дробови. Се искачивме прв пат на планина со патент кожни планинарски чевли.

Во тој тивок пејсаж, покрај мирните потоци, додека се качувавме низ таа величествена планина, па повторно слегувајќи низ планинските долини преполни со каранфили и лилјани, слушнавме како ни зборува Бог, како никогаш порано. После неколку дена поминати во таков амбиент, Неговиот глас стана неворојатно силен. Тој ни говореше: „Џим и Сели, симнете се од возот!“

Сфативме дека со самото тоа што неодлучивме ништо, сепак сме донеле  одредена одлука. Секогаш кога Бог ќе нè стави пред одреден избор, ние се одлучуваме, дури и кога се работи за одлука да не правиме ништо. Бог рекол: „Бегај, за да го спасиш животот! Не се обѕрнувај, ниту запирај некаде во рамницата, за да не загинеш!“ (Битие 19,17).

Беше потребна акција. Додека се враќавме со авионот во куќата, одлучивме дека ќе пронајдеме начин на живеење, за кој осетивме Божји повик. Кога Бог го создал човекот, го сместил во градина, веќе спремна за него. Ние не можеме да живееме во едемската градина, но осетивме повик што поблиску да дојдеме до првобитниот план. Тоа ќе биде подобро за нашето духовно, ментално и физичко здравје. Решивме да одговориме на Божјиот повик, кои го осетивме во своето срце и како и Аврам, толку години пред нас, станавме новодојдени, кои го следат својот Господ сè до Ветената земја.

Бевме решени веднаш да ги активираме нашите планови. Ја ставивме куќата и целиот наш бизнис на продажба. Потоа ја извадивме мапата на САД и почнавме да планираме каде ќе отидеме. Веднаш излегоа некои области. Никој од нас не сакаше топли, влажни краеви на југ. Имавме некои замерки на сметка на некои други дестинации. Пребарувањето веднаш се стесни и опфативме три географски подрачја: горниот полуостров Мичиген, северен Мејн и пацифичкиот северозапад. Пред неколку години го посетивме Глејшер Националниот парк и бевме задоволни со оваа драгоценост на нашиот континент.

Во септември повторно ја посетивме Монтана и детално го испитавме теренот околу паркот. Се грижевме нашето место за живот да не биде локација, каде брзо ќе почне да се ѕида и да се гради, затоа што тоа ќе нè натера повторно да се преселиме. Конечно, во западниот ќош на паркот, наидовме на една од најубавите диви висорамнини. Се граничеше со Глејшер Националниот парк на исток, а на запад со планинскиот ланец Вајтфиш.

Приметивме дека 99% од земјата ѝ припаѓа на федералната влада. Беше очигледно дека ако секое парче од приватната земја е урбанизирано, целата висорамнина не ќе можеше претерано да се изгради. Погледавме еден кон друг и двајцата ги кренавме палците, како знак на одобрување. Ја пронајдовме својата долина. Одиме во Монтана!

Висорамнината опфаќаше површина од шеесет милји во правец север-југ, а во нејзината средина течеше прекрасна, дива река. Во целата област живееја точно 175 жители. Постоеше само една парцела од околу 16 хектари која беше на продажба. Агентите за недвижности нè известија дека ова парче на земја се продавало веќе пет години. Тоа беше навистина добра вест, затоа што најпрво требаше да ја продадеме нашата куќа пред да купиме било што. Ако таа парцела не се продала за пет години, постоеше голема веројатност дека нас ќе нè чека додека не ја продадеме куќата.

Нема многу начини за да обезбедите сретства за живот во оваа долина. Нашите планови, меѓутоа, не предвидуваа дека во почетокот нешто ќе работиме. Сакавме првите неколку години да живееме од готовината која ја добивме од продажбата на куќата. Така можев да ѝ помогнам на Сели околу воспитувањето на децата и да добијам драгоцено време за развивање вистинска врска со Бог. Сигурни бевме дека Бог нас нè води. Се вративме во Висконсин со готови планови за преселување во Монтана.

Како нашите планови за преселба напредуваа, противењето на нашите пријатели и роднини беше сѐ потешко. Таа наша идеја за нив беше фанатична, екстремна и будалеста.

Меѓутоа, ние бевме решени да се спротивставиме на секакво влијание кое ни сметаше за потполно и безрезервно да се предадеме на Бога. Со овој чекор на нашите деца ќе им го обезбедиме најдоброто можно опкружување. Ќе им го пружиме најдоброто и ќе ги сочуваме од она најлошото.

Највеќе ни се спротивставуваа членовите на нашата црква. „Вашите стандарди се превисоки!“, ни говореа. „Не може така да се живее!“ Всушност, луѓето од овој свет имаа далеку повеќе разбирање за она што планиравме да направиме, отколку браќата од црквата.

Не сме биле аскети. Само сме сакале да се тргнеме од она што ни сметало во развивањето на односот со Бога за кој сме копнееле. Сме сакале да го елиминираме сето она што само по себе не е лошо, па дури и она што е добро, за да го добиеме она што е најдобро!

За купувањето на гола земја беа врзани неколку проблеми. Еден од најголемите беше тој што моравме да ја продадеме нашата куќа до март месец, за да започнеме градба на нова куќа, која би била вселива дури до почетокот на зимата. Секое доцнење би донело огромни проблеми, затоа што тоа ќе нè вовлече во брзање со планинската клима, а тоа е изгубена трка дури и кога станува збор за најдобрите градежници. Март дојде и си отиде а решението за нашиот нов дом не беше ни на повидок, покрај нашиот голем труд. Не сфаќав што се случува. Знаев дека Бог нас нè повикува и осетив како нè води додека правевме планови. Пријателите и роднините почнаа да ни се смејат и да нè убедуваат како уште на почеток сме направиле грешка. Нашата куќа не беше продадена до одредениот рок.

„Господи“ – реков „дали погрешно ја разбрав Твојата волја?“ На крајот, збунет и обесхрабрен, ја повлеков нашата куќа од продажба.

Почетокот на мај ми се јави еден трговец за недвижнини:
– Пред неколку седмици видов дека ја продавате куќата. Има клиент кој е заинтересиран. Можам ли да го доведам кај вас?
– Секако – одговорив.

Дојде со еден многу интересен купувач кој помина со нас доста време додека го разгледуваше нашиот имот. Договоривме цена која беше за шест илјади долари повисока од онаа за која баравме кога одлучивме да ја продадеме куќата. Му го продадовме тракторот и неколку земјоделски машини со куќата. За нив плати и тоа полна цена, како за ново, иако се работеше за половна механизација. Нашата надеж оживеа. Нашите планови повторно добија значење и ние почнавме да ги остваруваме.

Следната задача беше продажба на нашите излишни работи кои ги имавме на претек. Сели ја водеше таа работа. Јас се упатив кон Монтана поради купувањето на нашето парче земја.

Кога стигнав во продавницата во Полбриџ, која имаше еден јавен телефон на оддалеченост од неколку милји, го повикав агентот за недвижности и дознав дека плацот сеуште е на продажба. „Ќе одам горе да го погледам уште еднаш, а тогаш ќе се симнам да ви ја дадам мојата понуда“ – му реков.

После обколката на местото кое требаше да биде наш дом, осетив дека тоа е она што ќе ги задоволи нашите потреби. Беше 2:30 попладне кога се вратив во продавницата и го повикав агентот.

– Жал ми е – рече агентот – но имотот е продаден во 1:30 ова попладне

Тоа не е возможно! Во шок и во неверување ѝ се јавив на Сели и ѝ ја соопштив новоста. Потоа, со крајни сили, отидов малку во нагорнината за да се помолам за новонастанатата ситуација: „Џим, влези во автомобилот и вози горе, преку висорамнината“ – рече Господ. Немајќи никакво друго решение, тргнав по тој пат кој водеше кон север, кон Канада. Ме пратеше чувство на самосожалување.

Додека возев по овој пат, одеднаш осетив како нешто ме тера да свртам на споредниот пат, кон еден влез кој води кон еден приватен имот. Не знаев зошто тоа го правам. Еден стар човек, очигледно пензионер, се наоѓаше пред куќата и како да ја косеше тревата. Тоа, всушност, беше коров. „Ќе го прашам дали има земја на продажба“, помислив. Му пријдов и му објаснив што барам. Истиот момент одговори:
– Јас ќе ви го продадам мојот имот.
– Зарем е на продажба? – го прашав.
– Сега е – одговори тој.

Ме одведе во разгледување на неговиот имот и ми ја покажа колибата која имаше околу 90 метри квадратни. Почна да ми станува јасно. Бог од самиот почеток имаше друго место за нас. Ја купивме таа мала колиба над националниот парк Глејшер, на сопственост која се граничеше со државното шумско земјиште.  Дури покасно сфативме како нас Бог нè поштеди од компликациите околу ѕидањето на куќата. Тој нас нè доведе во овие краеви за да го изградеме карактерот, а не куќата.

Кога се вратив во Висконсин, коцките почнаа да се склопуваат. Сели беше во средина на работата. Беше заработила околу десет илјади долари од продажбата на половните работи. Работите беа уновчани. Меѓутоа, ова последното не беше без детали, кои ни предизвикаа голема нелагодност за еден краток временски период. Личноста која го откупи нашиот бизнис не можеше да најде друг агент кој би ме заменил пред октомври. Условите за продажба на мојот бизнис се такви што до тој рок морав да ја надгледувам агенцијата и да работам скратено, сè додека не се најде друг агент.

Куќата беше затворена на почетокот на август и ние тргнавме со нашата селидба во нашата дрвена куќарка во Монтана. Едвај да имав време да започнам со пакувањето поради работата која уште повеќе ме окупираше. Сели и децата го извлекоа подебелиот крај околу организирањето на селидбата во дотогаш најмалата куќа во која сме живееле. Тоа беше исклучително големо оптеретување за Сели, не само затоа што во овој период мораше да биде и мајка и татко, туку и затоа што и двајцата бевме од градска средина. Живеевме порано на село, но тоа беше нешто сосема друго. Таму, во предградието, беа илјада други жители, додека тука Сели се најде сама во дивината.

Во агенцијата работев како куче, за да можам да добијам на време и да се вратам во Монтана и тука да останам барем во двете наредни седмици. Во куќата повторно работев свирепо, не само на дотерувањето на внатрешниот дел од домот, туку и на подготовките за престојната зима и обезбедување огрев. Така мојот живот се одвиваше помеѓу Висконсин и Монтана, таму-ваму, една седмица во градот, две седмици во дивината. Секој пат возев по триесет часови, во двата правца, сè додека не дојдов готово до потполна исцрпеност.

Најпосле новиот агент се појави, така што можев да го планирам своето последно патување од градот во кој до тогаш живеевме, кон Монтана каде се наоѓаше нашиот нов дом. Кога конечно стигнав во куќата, таму никој немаше! Тоа ми беше чудно, па слегов низ главниот пат до куќата во која живееа луѓето со кои малку пред тоа се спријателивме. Се распрашав кај нив дали знаат нешто за моите и навистина излезе дека знаат. Моите два сина беа кај нив. Овие луѓе прифатија да се погрижат за децата, додека мојата сопруга беше во градската болница поради воспаление на белите дробови која го добила од прекумерниот стрес. Ѝ беа потребни три месеци за да се опорави целосно.

Сепак, конечно како фамилија бевме заедно во нашиот нов дом во дивината. Бидејќи ги плативме сите долгови и ја исплативме новата куќа, ни остана нешто од парите или поточно 18 илјади долари. Тоа го поделивме на три дела, одлучувајќи да не трошиме повеќе од шест илјади годишно. Едноставно живеевме без ситници како на пример хартиени крпи и други работи за кои претходно мислевме дека ни се неопходни. Сега не можевме да си дозволиме некаков луксуз.

После сопругата, на ред дојдов јас, Стресот под кој живеев наредните неколку месеци го зеде својот данок. Завршив со воспаление на белите дробови, болен, многу болен, речиси цел месец. Толку бев слаб што едвај можев да станам од креветот. Потоа Сели ја скрши ногата и тоа на три места, а тука беа и трошоците за лечењето.

Од блискиот поток се снабдувавме со вода која се извлекуваше со пумпа. Меѓутоа, таа зима беше толку студена така што сè се замрзна. Со две мали деца во куќата останавме без вода, освен она малку што го добивавме со топењето на снегот. Без вода во куќата моравме да го користиме и полското WC.

Нашиот камион се расипа. Сели по втор пат ја скрши ногата, па потоа и прстот на справата за рачно перење на облека. Го наполнивме резервоарот со петстотини галони пропан гас. Тоа беше гориво за нашиот струен агрегат. Сè протече надвор поради неисправниот вентил само седум дена после полнењето со гориво. Го изгубивме целото гориво кое во тој период не можевме да го надокнадиме.

Зошто сето ова ни се случуваше? Дали Бог сеуште беше со нас? Се преселивме во планинската област за да го пронајдеме Бог, а од самиот почеток имавме неволји и проблеми. Со времето, сфативме дека тоа беа обиди на сатаната да нè обесхрабри и да нè натера да се вратиме во цивилизацијата каде водата не смрзнува, докторите се близу, и разни други погодности кои се на дофат на рака. Разбравме дека во сите страдања низ кои поминавме како фамилија, постои некаква порака за нас. Ако ѓаволот беше до таа мера зафатен со нас и нашата преселба во овие краеви, тогаш тоа значеше дека сме на прав пат.

Сите четворица го прифативме фактот дека сатаната сака да нè уништи, но и тоа дека Бог, ако останеме верни, ќе пронајде начин да нè одржи. Помина и таа прва зима. Конечно дојде и пролетта, а со неа се обновија и нашите залихи на вода. Сели во поголемиот дел од зимата ја носеше долната облека за перење во градот. Сега едвај чекаше таа работа да ја прави дома. Не знаевме дека септичката јама и понатаму беше замрзната, така што водата која ја испуштавме се прели и направи полава. Тешкотиите станаа нешто вообичаено за нас, па Сели и децата се забавуваа додека од водата го спасуваа житото во вреќите и другите драгоцености.

Ни требаше време додека во оваа дивина не стекнавме мудрост, научувајќи како да ја сочуваме водата од смрзнување и да обезбедиме доволно дрва за огрев.

Драги пријатели, нашиот живот во дивината не нè спаси нас. Не беше тоа никаква магична терапија. Само да можевте да нè посматрате тие први неколку години и да осетите како секој од нас се бори да ја одржи контролата над себе. Развивме планови и напорно работевме тие планови да ги доведеме скоро до совршенство, како на најдобар начин би ги задоволиле потребите на сите членови во фамилијата. Сели и јас одвојувавме време само за нас двајцата. Започнавме со обновување на нашите брачни односи.

Најпосле осетивме дека го контролираме своето време. Со добиеното време за размислување се отвори можност за приближување кон Бога. Тој го користеше  животот во дивината како оружје со кое нас нè привлече поблиску до Себе. Тоа значеше лишување од сите оние привлечности кои се карактеристични за бурниот градски живот кој го живеевме сите претходни години. Наместо урбаните погодности, сето она што ни го даде Бог како што се едноставното планирање, мирниот живот, цврстата дисциплина и величествените дела на Неговото создавање – набрзо почна да дава резултати.

Бевме блиску до Бога и еден кон друг. Да сте нè познавале пред и после тоа, и да можевте да нè посетите во нашето ново опкружување и со други навики, секако дека ќе ги воочевте првите снопови од жетвата која ветуваше радост – радост како плод на тешки но исправни избори, кои како фамилија ги направивме. Посматрајќи ги нашите односи сигурно би рекле: „Вредеше за напорот!“

Жената на еден проповедник ни испрати писмо со следните реченици: „Кога ви се јавив, пред сè беше затоа што бев осведочена дека морам да успорам. Осетив дека морам да се држам до одреден план и повеќе време да поминувам во молитва и со Божјите зборови. Сфатив дека мојот сопруг не сака да ми се придружи во моите одлуки кои ги донесов на почетокот на годината. Сепак, решив, иако сум сама, да останам посветена на целта. Ја разбирам вашата идеја за доброто, подоброто и најдоброто. Искрено сакам да се определам за она најдоброто.

Се чувстував толку бедно. И сега чувствувам дека сум фатена во замка. Некако се заплеткав во безброј активности: учител сум и управител во саботната школа, лидер во рамките за индивидуалната служба во две цркви, координатор сум за развојни фондови во уште две цркви, лидер во областа на здравствената реформа, помошник во  мисионските активности, на чело сум на Дописната библиска школа и уредник на некои списанија и други публикации.

Додадете ја на ова уште и работата со децата во црквата и состаноците кои со сопругот ги посетуваме секој месец. Исто така сум принудена еднаш во месецот да посетувам семинари за лидери на работата во областа на личната служба, како и семинари поврзани со шест други области на кои, како жена на проповедник, морам секоја година да присуствувам. Тука се и разните црквени одбори, каде моето присуство е исто така задолжително со обзир на тоа дека ги имам сите тие функции.

Додека ова ви го пишувам, сево ова ми изгледа толку лудо за било кој да се стави себеси во таков ритам на живот, посебно во светлоста која ја имаме во поглед на личното посветување и обврските кои жената мора да ги прифати во својот дом. Со тоа што мојот сопруг не е секогаш во можност да ми помага во куќата. Управувањето на куќниот буџет е исто така мој дел од работата, а му помагам на мажот и како негова секретарка. Од што да се откажам? Како да почнам со поедноставен живот? Мојот живот е непрекинато брзање по незавршените работи и постојано судирање со луѓето околу мене.“

Еден мудар христијанин напишал: „Господ нас никогаш не нè присилува на бурни, комплицирани, акции. Многумина на своите плеќи си ставаат терет кој нивниот Татко не им го положил. Обврските кои тој не ги предвидел ги затрупуваат овие души. Бог сака да сфатиме дека не го воздигнуваме неговото Име со тоа што ќе превземеме преголем терет на нас. На тој начин само можеме да станеме преоптеретени во душата, со срце кое е полно со грижи и ум кој е преморен, а тоа ќе се покаже на нашиот уморен израз на лицето и непријатното однесување. Наше е само да го прифатиме оној дел од теретот кој ни го дава Господ, и тоа со доверба во Него, што ќе направи нашето срце да биде чисто и полно со сочувство спрема другите.“ (Порака до младите 135).

Кој ги ставил на плеќите на жената на проповедникот сите тие терети? Таа излегувала во пресрет на сите очекувања на луѓето околу неа. Така ги собрала сите терети кои нашиот Бог никогаш не ни намеравал да ги спушти на неа.

Неодамна зборував на едно од низата предавања, кога една млада жена ми стави забелешка со порака, додека го водев крајот на својот семинар. Пишуваше: „Веднаш повикај ја својата сестра!“ Мојата сестра и јас со години не разговаравме. Мислам, не бевме скарани, но со години немавме квалитетен разговор. Зошто сега Луиз би ме барала од друга држава и тоа со ваква порака? – се запрашав. После пет минути го свртев нејзинот број на телефон. Се јави нејзиниот сопруг:

– Фала му на Бога што се јави! Твојата сестра сака да зборува со тебе.
– Што се случува, Џо?
– Тоа не можам јас да ти го кажам. Ќе ти каже Луиз.
Луиз беше во солзи.
– Џим, толку сум благодарна што се јави. Само што дојдов од лекарската ординација. Докторот ми кажа да го напишам својот тестамент. Рече дека сум изгубен случај. Можам ли да дојдам и да останам кај тебе наредните месец дена? Потребна ми е помош!
– Да, дојди сестро.
– Дали си сигурен? Зарем нема да се помолиш пред да одлучиш да ме примиш? Мислев дека ти се молиш пред било какви одлуки.
– Луиз, јас се молев за ова претходните десет години. Нема потреба сега да клечам на колена. Го посматрав твојот живот. Видов што сè ти стори таквиот  живот. Ова е одговорот на моите молитви. Ќе те дочекам на станицата. Дојди!

Кога Луиз стигна, дознав дека има чир кој крвари, преканцерогени клетки, анемија и видов дека е сосем близу до потполн физички и нервен колапс, како никој друг кој сум го познавал. Имаше 46 години. Нејзините раце непрекинато се тресеа. Нејзиниот поглед беше некако изгубен. Ја доведов во нашиот мал планински дом и ја сместив во нашата гостинска соба.

Што ѝ се случило на мојата сестра? Израснати сме во иста куќа, во иста фамилија. Таа се фатила во истата замка, замката на (нема да кажам) американскиот сон, туку на митот. Мојата сестра работеше 14 часа дневно, шест или седум дена во седмицата. Сакаше да има куќа од „споменатиот сон.“ Потоа, кога ја нашла куќата, посакала да ја опреми со најскапиот мебел. Животот ја презел контролата над неа. Ја уништувал. Само докторот можел да ја тргне од тој сон.

Модерниот американски сон е всушност мит. Но митовите не постојат само во Америка. Тие се присутни и во Австралија, Велика Британија, во Нов Зеланд, во цела Европа, исто така и во Бразил и насекаде во светот. Луѓето се фатени во оваа замка која почнува да им го уништува животот.

Ѝ реков на Луиз: „Нема да ти држиме никакви проповеди. Ние имаме друг стил на живот во однос на твојот. Можеш, но и не мораш да учествуваш во било која од нашите активности. Тоа е твоја слободна волја.“ Целата наша фамилија почна да ѝ служи, а таа сосем се вклопи со нас и влезе во нашата дневна рутина. Се молеше заедно со нас секое утро и вечер, за време на фамилијарното богослужение. Пеевме сите заедно и шетавме сите заедно. Јадеше исто како и ние. Навечер со децата играше друштвени игри и го следеше часот на нашето фамилијарно читање.

Мојата сопруга, како болничарка, ѝ пружаше стручна медицинска помош, така што нејзиното здравје почна да се обновува. Штом почна да забавува, желбата за Бога повторно се роди во нејзиното срце. Кога поминаа триесет дена, Луиз ми рече: „Знаеш, Џим, можам во три зборови да го резимирам моето опоравување во вашиот дом: ‘МАЛКУ Е МНОГУ’“.

Имавме помала куќа од нејзината. Нашиот намештај беше поскромен од нејзиниот. Истото важеше и за облеката, опремата во гаража, и сè друго што нуди овој свет. Но, имавме многу повеќе од она што овој свет не може да го пружи. Имавме љубов во нашиот дом. Бевме блиски меѓусебно. Имавме време еден за друг. Ете зошто таа беше кажала: МАЛКУ Е МНОГУ. Би сакал истото да може да се каже за секој христијански дом.

Веќе слушам како некој кажува: „Едноставниот живот е полн со тешкотии и досаден е. Тешкотии – можеби, но досаден? Штом ќе излеземе од куќата, налетуваме на лос или на голем елен. Планински лавови – пуми, волци и гризли сеуште слободно се движат по овие краишта. Еден ден, додека ја пружав облеката на жицата, осетив како нешто силно ме турка од позади. Огромен гризли мажјак го буткаше својот нос во мојот заден џеб, барајќи мали крекери со кои понекогаш ги храневме. Ја имавме таа благословена прилика да припитомиме дива мечка. Ни дозволуваше да ја галиме. Дури се качуваше на лулашката со децата. Да се биде во пријателство со дивите животни, тоа значи веќе сега да имате еден дел од небото. Не ли е многу подобро од Дизниленд? Кога ќе се зближите со природата, станувате блиски и со Богот на природата.

На моите деца никогаш не им е досадно. Сѐ што треба да се направи е да се каже „Да“. „Да, можете да одите на прошетка со ранците на грбот.“ „Да, можете да одите да возите кану.“ „Да, можете да скијате, планинарите, да се симнувате низ литиците и да го пратите трагот на лосот.„ „Да, можете да ја истражувате шумата.“ Да, да, да! И да, ние целото тоа ќе го правиме заедно со вас.

На децата кои живеат во друго окружување, постојано им се говори: „Не! Не! Не!“. На тој начин се создава подлога за нивна побуна, отпор. Многу е подобро да се живее таму каде што изборот кој стои на располагање на нашите деца е стеснет на прифатливи опции.

Патем кажано, едноставноста бара строга дисциплина. Но тоа не е нов вид на легализам. Ние тоа го правиме заедно со Христос, така што Тој е присутен во нашиот брак и во нашата фамилија. Не станува збор за уште една нова форма која ја следиме, кога веруваме дека сме поштедени затоа што го живееме наједноставниот живот на светот. Христот живеел едноставен живот, а Тој е наш Пример. Тивката едноставност на Христовиот живот до Неговите триесети години, Го подготвила за три и пол години, активни и многу заморни на служба.

Што Светиот Дух ти зборува на тебе? Дали ти кажува: „Симни се од возот?“ Бог ветува: „Мојот народ ќе живее во мирни населби, во безгрижни одмаралишта.“ (Исаија 32,18)

Мораме да се вратиме назад и да го пронајдеме својот мир, да ја пронајдаме вистинската врска со Бога. Кога ќе го искусиме тој мир и доверба, ќе сфатиме дека Бог е со нас секој час и секој момент во текот на денот. Ако ја бараме таа жива, витална поврзаност со Исус Христос, мораме да го смириме нашиот сопствен живот. Мораме да го поедноставиме. „Во враќање и почивање е вашето спасение, во смирена надеж е вашата сила.“ (Исаија 30,15).

Не се сите повикани да се преселат во дивината, но сите се повикани да имаат искуство со Бога „во дивината“. Можете да започнете веднаш, тука каде што сега се наоѓате, така што ќе го поедноставите својот живот и ќе добиете време за Бога и за својата фамилија. Не ви се потребни посебни вистини, ниту голема сума на пари за да го постигнете тоа. Ви треба само решеност за да го стекнете ова искуство.

Текстот од Исаија завршува со коментар: „…Но вие не сакате.“ Пријатели, не би требало да ги изговорите овие зборови. Ве молам, тие да не излезат од вашата уста. Денес е денот, сега е вистинскиот час. Можете да изберете да се вратите кај Бога и да пронајдете мир.

Pin It on Pinterest