БЕГСТВО КОН БОГА (прво поглавје)

 

„Пред да Ме повикаат, Јас ќе им одговорам; уште ќе зборуваат, а Јас веќе ќе ги послушам.“ (Исаија 65,24 ; Библија)

– Џим што те донесе тука? – праша Ворен.
Можев да му ги прочитам мислите. Беше сосем убеден дека залудно го трошам својот живот овде во планините, додека за тоа време би можел да заработам многу пари долу во градот. Ворен бараше плац во планинската дивина, додека тој, неговата трудна жена и јас се возевме по пукнатините на селскиот пат во мојот камион.
– Па, Ворен – го започнав одговорот -Гледаш, јас сум христијанин, и овде дојдовме затоа што….
– Застани, Џим, овде веднаш застани! – ме прекина Ворен.
– Јас не сум христијанин и не верувам во христијанството. Не сакам да слушнам ни збор повеќе за тоа!

Одненадеж непријатна тишина ја окова атмосферата во мојот автомобил. Си помислив: „Како Бог ќе допре до личности како овие?“ Сепак, се чувствував приморан да кажам уште нешто, и додека во исто време тивко се молев, реков: „Ворен, ми требаат само неколку минути од твоето време и повеќе никогаш нема да кажам ниту еден збор за христијанството. Ворен, Бог кој го запознав во овие планини толку многу те сака. Иако ти Го одбиваш, еден ден кога ќе ти биде потребен, Тој сепак ќе биде тука за тебе. Ќе дојде ден кога и на тебе ќе ти затреба мојот Бог!“

Ако атмосферата во мојата кола до тој момент беше ладна, после овие зборови таа стана ледена. Изгледаше како со својот коментар работите да ги направив уште полоши. Ја завршивме својата работа и Ворен си отиде со својот автомобил. Меѓутоа, споменот на овој краток разговор ме потсети на моето сопствено отуѓување од Бога. Ехото на моите сопствени зборови ми одѕвонуваше во ушите: „ЕДЕН ДЕН КОГА ЌЕ ТИ БИДЕ ПОТРЕБЕН, ТОЈ СЕПАК ЌЕ БИДЕ ТУКА ЗА ТЕБЕ! ЌЕ ДОЈДЕ ДЕН КОГА И ТЕБЕ ЌЕ ТИ ЗАТРЕБА МОЈОТ БОГ!“

16 ДЕКЕМВРИ, 1948
– Господине – кажа уморниот лекар, обидувајќи се да го привлече вниманието на човекот кој изгледаше уште повеќе уморен и загрижен од лекарот.
– Да? – одговори Хенри загледан со изненадувачка надеж. Неговата  радосна реакција беше несоодветна за старата чекална во која се чувствуваше бајатиот мирис од цигари и секогаш присутната атмосфера на страв и исчекување, кои се карактеристични за вакви чекални.
– Машко е! – заигра насмевката на грубото лице на докторот. – Момче од 3 и пол килограми!
– Како е мојата жена – запраша Хенри веќе возбуден од претходната вест за синот,  кој штотуку се роди.
– Породувањето беше тешко – загриженоста повторно се врати на лицето на експертот. – Сега можете да ја видете – одговори пред да биде завршено прашањето.

Додека лежев на рацете на својата мајка, немав свест за тоа дека уште од моментот на зачнувањето, станав учесник во борбата помеѓу Бог и сатаната. Уште додека бев во утробата, Бог во својата бесконечна мудрост започнал да го остварува планот кој се однесувал на мене лично; Тој настојуваше во мене да разбуди копнеж, да поттикне потреба за Него. Тој знаеше дека јас сум роден во светот кој е во борба против Него, во бунт против Неговите принципи, Неговата волја и Неговите патишта.

Бог, исто така, знаел дека ќе бидам роден со природа која е оштетена поради човечкото експериментирање со гревот. Тој знаел дека природно би ги следел сопствените поттикнувања и склоности, и дека самата помисла на предавање и потчинување на Неговата волја ќе ми биде потполно непозната. Понатаму, Бог многу добро знаел дека сатаната ќе се труди наспроти секој Негов потфат. И покрај сите овие неприлики, Бог го ставил во движење Својот план за мене. Бидејќи чекал речиси шест илјади години од човечката историја, за да се роди Џим Хонбергер, сега добил прилика да се обиде да ја придобие мојата љубов. Бог беше во потрага за мене, затоа што Тој е во потрага по секој еден од нас. Тоа е славна потрага на љубовта, која се раѓа во Божјето срце.

Вероника и Хенри Хонбергер беа задоволни со своето трето дете. Ме донеле во својот скромен дом во Еплтон, Висконсин, решени да направат сè што можат за да ме воспитаат и да направат од мене вреден и чесен човек и граѓанин. Во детството немав никаква свест за Божјата љубов, но Бог ми говореше преку моите родители. Тие ми ги дадоа првите поуки за Божјиот карактер преку своите постапки со мене.

Роден сум со тврда волја, која инсистира на сопствениот пат! Кога бев гладен – плачев. Кога сакав да ми се променат пелените – плачев. Кога нешто не сакав, плачев и се обидував да ја остварам својата волја. Бидејќи мајка ми ги удоволуваше моите потреби, ме поучуваше за Бог кој е грижлив и полн со љубов, и тоа на начин за чии вредности ниту самата не била свесна.

Понекогаш плачев затоа што ме ставаше во креветчето, а јас сакав да ме држи во прегратка. Мајка ми имала избор – можела да попушти пред моето плачење или да ме научи дека својата волја морам да ја потчинам на нејзината. Кога попушташе, доаѓајќи да ме земе во прегратка, ми даваше на тој начин поука дека со своето плачење секогаш ќе го остварам своето; така себичната волја се повеќе се зајакнувала во моето срце. Од друга страна, кога мајка ми, преку својата постапка, би рекла: „Не, не можеш да ме натераш да те подигнам, бидејќи одлучив дека треба да бидеш во креветчето“, таа ми давала поука како да ја предадам својата волја на Божјата волја и тоа така што ќе се покорам на нејзината волја.

Родителите стојат наместо Бога во однос на малолетните деца, кои слушајќи ги родителите, учат да бидат послушни на Бога. Така започна големата објава на војна во мојот живот. Понекогаш сатаната добиваше, а понекогаш Бог, но низ сето тоа јас учев и растев.

Од самото раѓање во нас расте желбата да пронајдеме исполнување и среќа. Тоа значи дека ова внатрешно исполнување ќе го бараме во работите, доколку нас мудро не нè насочат родителите и не нè води милоста Божја. Само по себе тоа не е погрешно затоа што Бог во текот на создавањето ја исполнил Земјата со сè она што донесува задоволство. Меѓутоа, постои постојано искушение луѓето повеќе да ги ценат работите од Оној кој ги дарувал.

Сетете се само на своето сопствено детско искуство од многуте божиќни празници. Бидејќи сте ја скинале украсната хартија и украсната машна со која била спакувана вашата силно посакувана играчка, едвај во таа прилика да сте кажале некој збор на пофалба на оној кој ви го дал подарокот. Сте промрмореле неколку зборови на инсистирање на вашата мајка, но единствено што вашите очи гледале, била посакуваната работа која го заземала местото на дарувачот.

Што се однесува до мене, беше тоа дупло хромиран тробрзински велосипед, од марката Швин. Ах, колку го сакав! Беше тоа најдобар велосипед во областа. Подоцна, оваа љубов прерасна во црвена кола со подвижен кров, од марката Понтиак –  кој стана нов предмет на моето вниманите. Полека се вежбав во светот во кој живеев, за да среќата ја мерам со работите кои ги поседував и да се поистоветувам со нив.

Работите од овој свет не се само од материјално потекло, туку овде спаѓаат и положбата, моќта, гордоста и задоволството. Многумина веруваат дека среќата и исполнетоста доаѓаат од добивање на истакната положба, која е пропратена со моќ и гордост. Други мислат дека ќе остварат трајна среќа ако се во брак со одредена личност, или ако се во можност да посетуваат егзотични места. Трети, пак, сакаат живот полн со задоволства, барајќи начин како да бидат што послободни од одговорнисти, во надеж дека тоа ќе им донесе вистинска среќа.

Сето ова што го набројав влегува во трката чија цел е добивање наклонетост на нашето срце, а тоа истото го сака и Бог. Бог сето тоа го гледа. Неговата потрага за нас започнува пред да станеме свесни за желбата дека во Него можеме да најдеме задоволство и исполнување: „Пред да ме повикаат, Јас ќе им одговорам.“ (Исаија 65, 24).

Фалете го Господа затоа што во нашите срца посадил желба за вистинско исполнување, кое само делумно може да се постигне со светски методи. Насекаде околу нас постојат примери на успешни луѓе, кои постигнале богатство, моќ и слава – сè што според логиката на овој свет е неопходно за среќа. Сепак, некои од нив се најбедните луѓе на светот, кои како очајници го окончуваат својот живот во калта на наркоманијата.

Во оваа борба за човечките души, ѓаволот го користи целиот светски сјај и злато за да нè измами. Неговите методи ја вклучуваат и измамата, поради која дури и нашиот најлош можен избор може да изгледа многу добар. Тој го напаѓа нашиот ум, ги бомбардира нашите сетила со сите медиумски оружја, списанија и билборди. Тој силно ги провоцира нашите желби, страсти и апетит, во обид нас да нè зароби. Доволно е само да ги погледнете рекламите за цигари и алкохол, па да биде јасно како лесно луѓето можат да станат робови на овие навики. Рекламните пораки ја пренесуваат идејата дека луѓето кои пијат и пушат стануваат популарни, имаат секси атлетски изглед. Наместо тоа зависниците после некое време се будат како робови на хемиските супстанции, кои им го уништуваат здравјето, им ги крадат пари и ги лишуваат од среќата.

Бог е во подредена позиција во оваа борба за нашите срца. Тој никогаш не лаже и никогаш не заведува. Неговите зборови се: „Еве стојам на вратата и тропам: ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене“. (Откровение 3,20).

Бог му се обраќа на нашиот интелект, разум и на нашата свест. Нашиот одговор мора да биде доброволен. Тој не сака роботи. Бог може да всади копнеж за Него во нашето срце, но одговорот на тој копнеж во потполност зависи од нас. Бог никогаш не врши насилство над нашата волја.

Не ни знаев дека имам проблем со сопственото его кое го бара својот пат. Таа моја волја беше сè што некогаш знаев. Сепак Бог ме прогонуваше и ме освојуваше триесет години, сè додека конечно не осетив потреба од Него. Поминаа уште десет години додека не ја доби мојата доверба и уште шест или и повеќе години додека тврдината на моето срце не беше сосем освоена, а јас во потполност не му припаднав Нему.

Библијата зборува за човекот кој се викал Аврам, кому на чудесен начин му е даруван син во неговите доцни години. Како и другите долго очекувани деца, ова момче било галено од страна на неговиот татко и набрзо станал таткова гордост и радост во неговата старост. Аврам немал само знаење за Бог. Тој го познавал Бог. Овој човек бил близок со Бог.

Тогаш Бог побарал од Аврам да го принесе својот син како жртва паленица. „Земи го својот син, својот единец Исак, кого го љубиш и отиди во месноста Морија и принеси го таму како жртва паленица, на ридот што ќе ти го покажам.“ (1.Мојсеева 22,2).

Зошто Бог барал такво нешто? Сирот Аврам! Како ли само пател додека мислел на тоа како неговиот сакан син ќе биде земен од него. Со тешко срце тргнал до го послуша Божјиот налог. Бог допуштил искушението на овој човек да дојде до точка до која нема враќање, а тогаш одненадеж се вмешал, повикувајќи: „Во ред е, Авраме. Никогаш не сум го сакал твојот син како жртва. Исак, твојот син, го зазел местото во твоето срце кое ми припаѓа само мене. Сакав да го поместам од тронот на твоето срце за да на тоа место владеам суверено.“

Авраам ја научил лекцијата дека Божјите дарови не можат да бидат поважни за нас од Оној кој ги дава. Бог ја дава истата поука на секој од нас. Тој нас нè следи сè додека не нè добие целосно. Тој не го сакал Исак како жртва. Го сакал Аврам. Бог не ги бара твоите работи, туку тие мораат да бидат тргнати од тронот на твоето срце, ако бесправно го завземале местото кое не им припаѓа.

Ние често се двоумиме да му го дадеме на Бог она што го поседуваме затоа што се грижиме за сигурноста на она што треба да Му го предадеме, посебно ако се работи за нашите долгогодишни негувани идоли. Меѓутоа ние не треба да имаме такви стравови. Исус не дошол да уништи, туку да спаси. Сè што ќе му предадеме на Бог е совршено безбедно, и обратно, ништо не е сигурно ако целосно не му е предадено на Него.

Шест месеци подоцна:
Патував на Средниот запад (регион во САД). Додека бев во посета кај една фамилија, телефонот заѕвони. Домаќинката рече:
– Џим, за тебе е.
– Здраво Џим, јас сум, Ворен.
– Ворен! – речиси да викнав, додека мојот мозок во моментот го „премотуваше“ разговорот во камионот. – Како воопшто ме пронајде овде?
– Не беше лесно – рече тој. Неговиот глас кој до тогаш звучеше самоуверено, одеднаш се смени кога рече:
– Добивме бебе, Џим.
– Прекрасно! Што е?
– Син…. – неговиот глас затрепери.
– Што се случило, Ворен – го запрашав.
– Џим – одговори со болка во гласот – Синот ми е роден со три дупки во срцето. Потребен ми е твојот Бог, Џим! Потребен ми е твојот Бог!

Големата потреба ги поттисна на страна лутината и стравот на Ворен.
Неговата приказна направи да ми надојдат солзи во очите, затоа што тоа ми направи привилегија со него да ја поделам добрата вест за Божјата славна потрага за секое човечко срце.

Кога прв пат ја прашав својата жена Сели да излеземе, нејзиниот одговор можеше да се сведе на две опции. Можеше да прифати или да одбие. Прифаќањето би било поголем ризик. Меѓутоа, одбивањето, би значело доживотно лишување од радост, која потекнува од моето срце, усогласено со нејзиното срце, како и брак кој би го потврдил небото. Каква тажна алтернатива  би била ако ме одбиеше!

Така е и кога зборуваме за славната потрага за освојувањето на тронот на нашето срце, кое го превзема Бог, кој е полн со љубов. Не постојат мноштво  можни одговори – само еден е добар, и оној другиот, кој е многу лоша алтернатива. Мојот избор беше да одговорам на оваа потрага, затоа што во спротивно таа не би престанала сè додека не застанам и не се сретнам лице во лице со Оној кој сум почнал да го запознавам и да Го сакам. Кој е твојот одговор?

Pin It on Pinterest