Разоткривање на спиритизмот
Верувањето во задгробен живот, во бесмртна душа или во бесмртен дух, создало извонредно плодна почва на која никнала и се развила една недосеглива појава која е целосно надвор од нашиот рацио и која станува сè поинтересна и попривлечна за денешниот човек. Станува збор за спиритизмот (spirit – дух), кој произлегува од кошот на окултните појави (occultum – скриен, таинствен). Се работи за длабоко таинствени и необјасниви настани, манифестации и феномени недостапни, несфатливи и неодгатливи за луѓето, бидејќи природно петте сетила на човекот се наполно немоќни да се справат со нив, исправно да ги сфатат и успешно да ги разрешуваат. Нашиот разум, е целосно надвор од нивните димензии, без никаква можност да проникне во нивната суштина и правилно да ги одгатне. Окултизмот луѓето ги поврзува со натприродните сили, со паранормалните енергии или со демонските влијанија, односно со демоните.
Според библиското пророштво, спиритизмот, како окултна демонска манифестација или демонски феномен, ќе стане најраширена и најдоминантна духовна појава, вистинско мајсторско ремек-дело на сатанската измама, сатанска сила во последните денови, пред второто Христово доаѓање, која ќе се инфилтрира и ќе ги проникне сите сфери од општествениот живот и којашто ќе ја прифати и пред која ќе се поклони цел свет, од најсиромашните во бедните колиби на зафрлените подрачја, до најбогатите во луксузните и раскошните палати, и од наједноставните луѓе, до најголемите умови, сила пред чиишто моќни и чудесни манифестации, човечкиот „рацио“ ќе остане не само нем, туку и зашеметен, вџашен и стаписан.
Не можејќи успешно и правилно да се справи, да ги сфати и да ги одгатне, тие мегавеличествени манифестации, човештвото истите ќе му ги припише на Бога и на неговиот Свети Дух, наполно погрешно, тврдејќи дека тоа е „голема сила Божја“ (Дела 8,10), зашто нивен проектант и директен изводител е сатаната кој стои длабоко во нивната заднина и оттаму ги влече конците на настаните што се одигруваат на светската сцена.
Овде сме соочени со феномени од областа на надрационалното и ако не бидеме библиски, и единствено библиски подготвени да поделиме мегдан со нив, ќе нè голтне нивното мракобесие. Зошто инсистираме на библиска подготовка? Од проста причина. Науката е немоќна тука да ни помогне. Само и единствено Библијата го разоткрива спиритизмот како феномен и пеколните намери на сатаната што планира да ги спроведе со негова помош – светот да го прелаже со најголемата лага во историјата на вселената, да го стави под свое знаме во последната битка против Христа и неговиот верен народ кој ги држи неговите заповеди и празнува сабота, и да го фрли во последен очај, во амбис од кој нема излез.
Спасен од пламенот на спиритизмот
Видеото кое следи е интервју на Илија Апевски во кое што тој го раскажува своето лично сведоштво за тоа како потонал во матните води на спиритизмот и само што не се удавил. Како во последен миг ја прифатил Божјата рака, и како Бог го избавил од безизлезниот лавиринт на смртта, од лавиринтот на спиритизмот.
На извонредно убав и сликовит начин, низ личното искуство на Илија Ампевски, ние без здив, ја следиме и ја гледаме жалната и очајна состојба во која се наоѓаат сите робови на спиритизмот, начинот на кој станале негови заробеници, и стравотиите и хорорите низ кои поминуваат пекајќи и барајќи излез од пеколните маки што ги тргаат.
НАПОМЕНА: Илија и Анета не се дел од тимот на „Благодат и вистина“