Историската поврзаност на астрологијата и астрономијата

Од сите науки, астрологијата е историски најблиска до астрономијата. Во пред-модерните времиња астрономијата и астрологијата биле тесно поврзани. На пример, во древниот Вавилон астрономот кој ги следел небесните феномени и астрологот кој ги интерпретирал биле една иста личност, и тоа била честа пракса се до крајот на Средниот век. Астрологијата и астрономијата почнале да се раздвојуваат дури во 17-от век, во периодот на просветеноста, кога со развојот на модерната наука и рационалното мислење астрологијата е отфрлена како суеверие и псевдонаука.

 

Во што се разликуваат астрономијата и астрологијата?

Астрономијата е наука која ги проучува објектите и феномените надвор од Земјената атмосфера. Главна цел на астрономијата е да ги разбере физичките и хемиските аспекти на небесните тела и процеси, позиција, движење и структура на небесните тела и таа нема никаква врска со човечката судбина и карактер. Астрологијата пак ги употребува видливите позиции на небесните објекти како основа за предвидување на идните настани или околности и човечкото однесување а нема никаква научна основа. Астролозите употребуваат астрономски калкулации за позицијата на небесните тела во обид да ја пронајдат врската помеѓу „настаните“ на небото (астролошки аспекти, позиции на знаците…) со настаните на Земјата, настаните меѓу луѓето и човечките особини. Од друга страна, додека астрономите конзистентно го употребуваат научниот метод, натуралистички претпоставки и апстрактно математичко  размислување да ги истражат и објаснат феномените во вселената, астролозите употребуваат мистично или религиозно мислење како и симболизам и суеверие за да ги објасниле феномените во вселената.

 

Спонзорирање на астрономијата преку астрологијата

Многу астролози како доказ дека астрологијата е наука го наведуваат и податокот дека и некои научници, астрономи, низ историјата, се занимавале со неа. Вистина е, дека поголем број на значајни астрономи од пред-модерното време се занимавале со астрологија – Тихо Брахе, Јохан Кеплер, Галилео Галилеј. Често пати, тие суеверија ги упатувале на своите богати патрони (спонзори) само за да ги финансираат своите астрономски дејности. Астрономијата долго била спонзорирана благодарејќи на астрологијата – многу надарени научници, кои го трасирале патот на астрономијата, имале полна слобода во работата како резултат на благонаклонетиот став кој власта го негувала кон нив. Ова не би се случувало ако високите слоеви на општеството не биле обземени со предвидувањата и хороскопите кои ги добивале од астрономите. Така астрономите, благодарение на тоа што таквата дејност им оставала доста слободно време, можеле да се занимаваат со науката, а и да си го оправдаат вложувањето во скапи инструменти.

 

Кеплеровиот случај

Познатиот астроном Јохан Кеплер (1571-1630) заработувал изработувајќи хороскопи, а имал и должност да прави астролошки предвидувања за царот Рудолф II, кој му ги финансирал астрономските истражувања. Меѓутоа, Кеплер никогаш себеси не се сметал за астролог, ниту астрологијата, која ја нарекувал „мала луда ќерка на астрономијата“, ја сметал за сериозна наука.

Pin It on Pinterest