Интересен па дури и шокантен е феноменот што во 21 век, век на експлозивен напредок на науката и технологијата, астрологијата – псевдонаука и оклултна дисциплина на пророкување, која потекнува од паганските царства на стариот век и која е заснована на мистичните начела и научни грешки, доживува голема експлозија. Стручната астролошка литература денес експоненцијално се умножува, како и бројот на астролози и љубители на астрологијата. Никогаш во историјата на астрологијата, долга неколку милениуми, немало истовремено достапно толку различни видови на астрологија и типови на хороскоп, никогаш технолошките алатки за нивната изработка не биле толку напредни, никогаш таа не била поприсутна во секојдневниот живот, ниту пак имала поголем број на поклоници од денес.

Се поставува прашањето – во што е тајната привлечност на астрологијата и нејзината голема популарност, па дури и за луѓе во 20 и 21 век? Што е воопшто она што ги води луѓето кон астрологијата?

 

Слика 1. Поврзување на небесните тела и римските божества во астрологијата

Астрологијата настанала во стариот век, како дел од политеистичката (многубожечката) паганска парадигма (претстава за светот). Луѓето тогаш верувале дека со светот управуваат каприциозни божества (во древната астрологија претставени со небесните тела видливи на ноќното небо), од кои  наводно зависеле квалитетите на жетвата, односите со другите народи па дури и тековите на поединечни човечки судбини. Движењето на небесните тела, како одраз на волјата на боговите, поради тоа внимателно се следело, бидејќи се сметало дека така може да се протолкува судбината на народот и на човекот.

 

 

Интересно и значајно прашање е – Како астрологијата, која почива на паганскиот и политеистички сфатен универзум „се прошверцувала“  во доминантно христијанскиот свет на средниот и новиот век, а посебно во современото време?

Иако денес живееме во т.н. пост-христијанско општество, општество во кое христијанството не е толку доминантно како претходно (на пример пред 100 години), не треба да се заборави дека тоа и понатаму е најбројна религија во светот, дека и денес преку 50% Европјани веруваат во Бог, дека преку 70% Американци  се изјаснуваат како христијани, и дека процентот на христијаните во многу балкански земји е висок.

Број на христијани во државите на поранешна СФРЈ

Србија               преку 90%     (според пописот од  2011. година)

Хрватска         преку 90%    (според пописот од  2011. година)

Македонија    преку 65%    (според пописот од  2002. година)

БИХ                  преку 50%    (според пописот од  2011. година)

Словенија        преку 60%     (според пописот од  2002. година)

Црна Гора       преку 75%    (според пописот од  2011. година)

Па сепак, астрологијата во овие модерни општества е многу присутна. Истражувањата покажуваат дека 96% од Европјаните знаат во кој хороскопски знак се родени, додека само 34% од нив знаат која е нивната крвна група. Едно истражување кое во 2000 година е спроведено меѓу англиските студентки покажало дека 100% од нив знаат кој е нивниот хороскопски знак  (знак во кој се наоѓа наталното Сонце), 70% од нив редовно ги читаат хороскопските предвидувања од весниците, а дури 89% го проверуваат хороскопскиот знак на личноста со која е во врска (Susan Blackmoore, Marianne Seebold, „The effect of horoscopes on woman’s relationships“, Correlation, 19, 17-32, 2001).

Исто така, интересно прашање е – како е возможно во 20 и 21 век некој и понатаму да верува во астрологија, кога веќе оддамна е познат фактот дека планетите на Сончевиот систем како што се Венера, Марс и Јупитер не се никакви божества туку само небесни тела кои не можат да влијаат на настаните на земјата?

Како е возможно, и покрај тоа што астрологијата е во спротивност со двете доминантни парадигми на денешницата – научната и христијанската – а нејзината популарност постојано да расте?

Оваа противречност може да се објасни преку начинот на кој повеќето современи луѓе ги третираат овие доминантни парадигми. Иако хистијанството во многу европски земји и понатаму е декларативно доминантна религија, тоа одамна престанало да биде дел од секојдневниот живот на поединецот, со еден збор – има сè помалку христијани кои го практикуваат христијанството. Од христијанството останала само лушпа, и не е чудо што многу пракси кои се, не само според својата форма туку и по самата своја суштина пагански и политеистички, пуштиле корења во денешниот христијански свет.

Освен на декларативните христијани, оваа пракса не им е непозната ниту на религиозно неопределените, и покрај тоа што се коси со елементарните научни факти. Изгледа  дека многу религиозни и нерелигиозни луѓе на денешницата имаат некои заеднички особини – недостаток на склоност кон подлабоко промислување и анализа, и некритичко прифаќање на популарната пракса.

Меѓутоа освен површноста, ни се чини дека, кога е во прашање феноменот на астрологијата и нејзиниот бум во модерните општества, постои уште некоја подлабока причина или причини. Тоа е очигледно штом астрологијата е толку примамлива за човекот, а посебно за современиот човек, кој е подготвен да запостави некои од своите базични парадигми како што се научниот поглед на светот или своето религиозно определување.

 

Pin It on Pinterest