ПРОУЧУВАЊЕ НА БИБЛИЈАТА

Систематското проучување на Библијата е од суштинско значење за да се разберат доктрините откриени во Светото писмо и да се сфати Божјата вистина на организиран и сеопфатен начин. Со проучување на Библијата следејќи структуриран редослед – преку споредување на библиските стихови, испитување на контекстот и следење на темите – може да се развие јасно знаење за библиските учења. Сето тоа ја продлабочува верата кај човекот, го зајакнува неговиот однос со Бог и го опремува да може да ја разликува вистината од лагата, осигурувајќи дека неговите верувања се цврсто вкоренети во Божјата Реч – Библијата.

Во продолжение се излистани 27 лекции за проучување на Библијата кои ќе ве водат низ основните доктрини откриени во Светото Писмо. Секоја лекција е дизајнирана да ви помогне систематски да ги истражувате клучните библиски вистини, обезбедувајќи јасно и структурирано разбирање на Божјата реч. При крајот на секоја лекција, ќе најдете одговори на најчесто поставуваните прашања на дадената тема, што ќе помогне да ви се разјаснат потенцијалните нејаснотии. На крајот од секоја лекција, се наоѓа тест кој што ви овозможува да го проверите вашето знаење и да го зајакнете она што сте го научиле преку вашето проучување. Овие лекции се изработени од страна на Amazing Facts www.amazingfacts.org

има ли нешто преостанато во кое можеш да имаш доверба?

Лекција 1

Во овие денови на неморалност – кога милиони денари се украдени преку нечесност, кога големите водачи на народот се покажаа недоверливи; кога сигурните места за инвестиции се ретки; кога лагата речиси изгледа нормална во политиката; кога највисоките функционери не можат да ги решат националните проблеми; кога порнографијата е заштитена со закон; кога нема правда во судството; кога оние на кои што најмногу им веруваш, најчесто најмногу те повредуваат – има ли нешто преостанато на кое што можеш да му веруваш? Да, навистина, можеш потполно да му веруваш на Божјиот пишан збор – Библијата. Зошто? Да ги погледнеме доказите…

Дали бог го создаде ѓаволот?

Лекција 2

Повеќето луѓе во светот се измамени од еден зол гениј кој настојува да ги уништи нивните животи – брилијантен ум наречен ѓавол или сатана. Меѓутоа овој принц на темнината е нешто многу повеќе отколку што ти мислиш. Многумина велат дека тој е само митска фигура, меѓутоа Библијата кажува дека тој е вистински и дека измамува семејства, цркви а дури и нации за да ја зголеми тагата и болката. Ви ги презентираме восхитувачките факти за принцот на темнината и за тоа како ти можеш да го победиш.

СПАСЕН ОДОЗГОРА

Лекција 3

Замисли си го ужасот да бидеш во океан со гладни, смртоносни ајкули блиску до тебе! Тогаш замисли колку би се чувствувал благодарно и олеснето доколку би бил однесен на сигурно место. Факт е дека секоја личност на оваа планета е загубена во еден таков океан. Нам итно ни е потребно избавување, не од брод или хеликоптер туку од нашиот небесен Отец. Бог те љуби тебе толку многу што Тој го прати Својот Син за да те спаси. Без сомнеж веројатно го имаш сето ова слушнато претходно, меѓутоа дали си сигурен дека навистина сето тоа го имаш разбрано? Што тоа навистина значи за тебе и дали може тоа да го промени твојот живот? Прочитај ја оваа лекција и откри!

Величествениот град во вселената

Лекција 4

Колку голем град! Њујорк, Токио и Лондон се ништо во споредба! Почекај само додека ги дознаеш восхитувачките факти за овој гигантски град што може да патува низ вселената. Сето тоа е факт, а не научна фантазија! Информациите во оваа лекција ќе ја воодушеви твојата душа и ќе ти даде надеж за иднината…

Решенија за среќен брак

Лекција 5

Како што можеби имаш слушнато, скоро половина од денешните бракови завршуваат со развод, оставајќи позади себе горчливи сопружници и збунети деца. Нека тоа не ти се случи тебе! Без оглед на тоа дали минуваш низ тешки времиња во твојот брак или доживуваш брачна среќа, или можеби и ако не си во брак меѓутоа размислуваш за тоа, во оваа лекција има некои бесплатни но докажани совети за да ти помогнат твојот брак да трае. Тие доаѓаат директно од Бога, Оној што го создал и одредил бракот! Доколку имаш пробано сè друго, зошто да не му дадеш шанса и на Бог? Следи ги нештата од оваа лекција, со тоа зацврстувајќи го својот дом.

СЕДУМНАЕСЕТ ПРАВИЛА ЗА СРЕЌЕН БРАК ОД БОЖЈАТА КНИГА

Запишани на камен!

Лекција 6

Пред многу години, Бог го запишал својот закон на камен, и до ден денес тој е сe уште валиден! Потполно е вистинито тоа дека кршењето на било кој негов дел секогаш е проследено со негативни последици. Зар не е логично со цел да се зачува редот и мирот во нашите градови дека треба да се почитуваат цивилните закони? Кога станува збор за нашите животи, овој ист принцип важи и кај Божјиот закон – десетте заповеди. Тие не се наречени десет сугестии, десет препораки, или десет најголеми идеи. Со оглед на тоа што денешниот живот е толку многу ризичен, би требало сериозно да размислиме за нашата одговорност.

ДЕНОТ ЗАГУБЕН ВО ИСТОРИЈАТА

Лекција 7

Дали знаете дека постои еден многу важен ден кој скоро насекаде е заборавен? Запрепастувачко е тоа што само малку луѓе се свесни за тоа нешто, затоа што станува збор за еден од најважните денови во целата човечка историја! Тоа не е само ден од минатото, туку ден и на сегашноста и на иднината. Уште повеќе е важен фактот дека она што се случило на овој занемарен ден може да има фундаментално влијание врз вашиот живот. Доколку сакате да дознаете уште неверојатни факти за овој изгубен ден, тогаш прочитајте го материјалот во оваа лекција.

Конечното избавување

Лекција 8

Ова не е измислица – еден ден, ќе бидете ослободени од секаква болка, глад, самотија, криминал и хаос што денес се присутни во светот. Зарем не ви звучи прекрасно сето ова? Но вашиот избавител нема да биде некој харизматичен водач од овој свет….не, Тој е многу посупериорен од тоа! Исус доаѓа наскоро, но денес постојат многу погрешни размислувања околу тоа какво ќе биде Неговото доаѓање. Затоа потрудете се во наредниве неколку минути да разберете што вели Библијата за второто Христово доаѓање за да не бидете измамени и оставени.

Чистота и сила

Лекција 9

Дали ти е доста од тоа да ги повредуваш оние што ги сакаш и да ја рануваш својата совест? Дали живееш во постојано каење за грешките во минатото. Дали некогаш си посакувал да се искапеш и да излезеш чист одвнатре и однадвор. Тогаш имаме многу добри вести за тебе…ти можеш! Бог има план кој целосно ќе ги измие сите твои гревови и ќе ти даде сила да не грешиш повеќе – изгледа неверојатно? Библијата вели: “Ние сме погребани со Него преку крштевање” (Римјаните 6:4). Кога ти го прифаќаш Христа, стариот живот умира и Бог ветува дека ќе ги заборави сите наши гревови! И не само тоа, тој може да ти помогне да го победиш секој порок во својот живот. Дали знаеш дека крстот е споменaт 28 пати во Библијата но дека крштевањето е споменато дури 97 пати. Тогаш мора да е многу важно затоа што претставува нов живот со засекогаш закопано и заборавено грешно минато. Прочитај ги библиските восхитувачки факти за овој неверојатен предмет и ти ќе бидеш за секогаш променет.

Дали мртвите се навистина мртви?

Лекција 10

Смртта е можеби најпогрешно разбраната тема на денешницата. За мнозина таа е обвиткана во мистерија и предизвикува морничави чувства на страв, несигурност, па дури и безнадежност. Други пак веруваат дека веќе непостоечките ближни не се воопшто мртви, туку дека живеат со нив во некоја друга димензија! Други пак сe уште се збркани околу поимите како што се телото, духот и душата. Но дали воопшто е важно што и како верувате? Да …. апсолутно! Затоа што вашето верувања за мртвите ќе има огромно влијание на тоа што ќе се случува со вас во последните денови. Нема место за нагодување, токму затоа оваа лекција има за цел да ви одговори на прашањето што вели Бог на оваа тема. Подгответе се за вистинско откровение!

Дали ѓаволот има власт над пеколот?

Лекција 11

Дали Бог навистина го вработил ѓаволот – дали тој е главен за пеколот мереќи ја казната на загубените? Скоро целиот свет верува во овој небиблиски концепт за пеколот, и ти треба да знаеш што навистина Библијата вели за тоа. Немој да бидеш излажан, затоа што какво што е твоето верување за пеколот ќе влијае врз тоа какво ќе биде твоето мислење за Божјиот карактер! Помини неколку моменти за да ги дознаеш восхитувачките факти кои треба да ги знаеш.

1000 години на мир

Лекција 12

Можете да бидете сигурни дека тоа наскоро ќе се случи – неверојатни илјада години кои ќе настапат по Христовото враќање. Ѓаволот не сака да знаете за неговото 1000 годишно ропство, затоа што тогаш ќе биде откриен неговиот вистински карактер. Всушност, тој има своја лажна верзија за милениумот, сè со цел да ве измами! Ова проучување е неверојатно и фасцинантно кое целосно ќе го затресе сето она што досега сте го верувале! Преку него ќе ги дознаете неверојатните библиски вистини за претстојниот милениум.

библијата и здравјето

Лекција 13

Лекарската нега денес е од неоценлива вредност – меѓутоа, нели би било прекрасно кога нам повеќе не би ни требалe доктори? Дали знаеш дека постои докажан начин за многу лекари да останат без работа? Грижи се за своето тело! Научниците истапуваат со опасни предупредувања за холестеролот, тутунот, стресот, дебелината и алкохолот. Зошто да ја ризикуваш својата иднина? Здравствените установи се полни со луѓе кои ги занемарувале овие предупредувања – дали ти навистина сакаш да им се придружиш? Бог се грижи за тоа како ти го третираш своето тело, и Тој ти има дадено бесплатно здравствено осигурување и прирачник според кој треба да се придржуваш…Библијата! За да ги дознаеш восхитувачките факти, како да имаш изобилно здравје и долг живот, проучи ја оваа лекција – меѓутоа прочитај ја целата пред да донесуваш заклучоци.

Дали послушноста е навистина неопходна?

Лекција 14

Луѓето можеби мислат дека можат да не бидат фатени прекршувајќи ги сообраќајните закони или мамејќи во плаќањето на својот данок, меѓутоа Бог и Неговите закони функционираат многу поинаку. Бог го гледа сето она што ние го правиме, го слуша сето она што го зборуваме, и Тој навистина е заинтересиран за тоа како ние се однесуваме. Додека Господ нуди простување за нашите гревови, сепак сé уште постојат опасни последици од прекршување на Божјиот закон. Запрепастувачки е тоа, што некои христијани мислат дека секој обид да се биде послушен на Божјиот закон претставува легализам. Но сепак Исус рекол дека доколку навистина го сакаме Бога, ние ќе го вршиме она што Тој го бара. Така, дали послушноста претставува легализам? Одвој малку време за внимателно да ја проучиш оваа лекција. Вечни последици се во прашање!

Кој е антихристот?

Лекција 15

Кој е Антихристот? Зла алијанса или злотворна индивидуа? Некои велат дека неговото појавување ќе се случи во иднина. Други велат дека тој се појавил одамна во времето на стариот Рим. Меѓутоа, Библијата вели дека тој е жив денес! Библиските пророштва учат дека антихрист силата ќе одигра клучна улога во завршните настани на земната историја. Дали ти знаеш кој е тој? Дали си сигурен? Треба да бидеш, затоа што не можеш да ги разбереш настаните на последните денови доколку не знаеш која е оваа зла сила. Биди подготвен за една од најинтересните лекции до сега!

Оваа лекција, базирана на книгата на пророкот Даниел 7 глава, јасно и непогрешливо го индентификува Антихристот. Идните лекции ќе откријат детали за некои од неговите активности што имаат светски глас. Моли се за Божјо водство кога ќе го проучуваш овој важен предмет. Исто така прочитај ја и седмата глава од книгата на пророкот Даниел пред да ја проучуваш оваа лекција.

Ангелски пораки од вселената

Лекција 16

Ангелите се вистински! Понекогаш наречени херувими или серафими, овие моќни службени духови се појавуваат низ целата библиска историја. Честопати се среќаваат како им помагаат и ги водат Божјите избраници, а понекогаш и како го казнуваат злото – но една од нивните најважни задачи е да ги откријат и разјаснат пророштвата. Дали знаете дека Бог испратил посебна порака преку своите ангели до вознемирените и притиснати луѓе во овој стресен свет? Во Откровение 14 глава, Бог ни открива застрашувачки пораки за последното време симболички претставени преку три ангела што летаат. Овие пораки се толку важни што веднаш по нивното исполнување, Исус се враќа! Оваа лекција ќе ви разјасни многу нешта, а во следните осум лекции ќе се запознаете и подетално околу содржината на овие пораки. Божјите пораки од Откровение 14 глава се лично за вас!

Бог го зацрта планот

Лекција 17

Ние сите знаеме дека пред 3.500 години, при планината Синај, на големиот собир, Бог му ги дал на Мојсеј Десетте Заповеди. Меѓутоа, повеќето луѓе не знаат дека истовремено, Бог му дал на Мојсеј нацрт план за една од најтаинствената градба која некогаш е изградена – светилиштето. Таа сигурно морала да биде важна затоа што Израелците не можеле да влезат во Ветената Земја сè додека таа не била завршена. Овој уникатен подвижен храм го претставува Божјото живеалиште помеѓу Неговиот народ, а нејзините служби му покажувале на народот кој бил ослободен од ропство, тро-димензионална панорама на планот на спасението. Внимателен поглед во тајните на светилиштето ќе го кристализираат твоето разбирање за тоа како Исус ги спасува загубените и ги води кон црквата. Светилиштето исто така е клуч за разбирање на неколку пророштва. Оваа неверојатна лекција ќе те воведе во истражувањето на светилиштето и ќе ти открие затскриени значења. Те очекува возбудлива авантура!

Точно на време!

Лекција 18

Врзете ги појасите! Во оваа лекција ќе го откриеме најдолгиот пророчки период во Библијата – пророштво кое совршено го прорекува првото Христово доаѓање на земјата и времето на неговата смрт. Во 16. лекција “Ангелски пораки од вселената”, научивме дека Бог има неверојатно важна вест која мора да ја слушне целиот свет, пред Христос да се врати! Во првиот дел од таа вест Бог им заповеда на луѓето да му се поклонуваат и да го слават Него, бидејќи часот на Неговиот суд пристигнал (Откровение 14:7).

 Во Даниел 8. и 9. глава, Бог го открива датумот на отпочнувањето на Неговиот конечен суд и дава моќни пророчки докази во прилог на тоа дека Христос е Месија. Токму од тие причини ниту едно друго пророштво во Библијата не е со толкаво значење, а сепак малкумина се свесни за тоа! Други пак целосно погрешно го толкуваат. Ве молиме пред да започнете со проучувањето на оваа лекција прочитајте ги најнапред Даниел 8. и 9. глава, и молете се Божјиот Дух да ве води во разбирањето на оваа неверојатна лекција.

Случајот затворен!

Лекција 19

Поротата е присутна, пресудата се чита…случајот е затворен! Многу сериозно нешто. Денот брзо наближува кога животот на секоја личност која некогаш живеела ќе биде прегледан пред сèзнајните Божји очи (2. Коринтјаните 5:10). Но ова нека не те алармира! Милиони веќе имаат откриено дека пораката за судот во оваа лекција е многу добра вест! Во четири случаи кога книгата на Откровението го споменува големиот суд, таа возгласува фала и благодарност! Меѓутоа дали знаеш дека Библијата го користи зборот суд повеќе од илјада пати? Скоро секој Библиски писател посочува кон него, така што неговата важност не може да биде пренагласена. Во следните неколку минути, ќе ти се отворат очите за овој занемарен предмет.

Жигот на Ѕверот

Лекција 20

Истетовиран број, компјутерски чип под кожата, или нешто уште потаинствено? Ова е едно од најпогрешно разбраните пророштва во целата Библија, а сепак толку важно, правилно да се разбере. Во проучувањето на оваа тема за жигот на ѕверот, мораме да потенцираме некои доста чувствителни точки, да споменеме имиња и да бидеме конкретни. Да се разговара на оваа тема денес воопшто не е популарно, но мораме да бидеме цврсти бидејќи Бог ги љуби своите и сака тие да бидат запознаени со вистината. Оваа порака не е наша туку Христова, и би било големо зло да не Му помогнеме да им ја пренесе на луѓето, знаејќи дека оние што ќе го добијат жигот на ѕверот ќе се соочат со последиците на вечната смрт. Оваа лекција би требало да ја започнеме упатувајќи ви предупредување кое гласи: “ЃАВОЛОТ НЕ САКА ДА ЈА ПРОЧИТАТЕ И ЗАВРШИТЕ ОВАА ЛЕКЦИЈА.” Ве молиме прочитајте ги стиховите во Откровение 13:1-8, 14:9-12, и 16-18, и молете се Светиот Дух да ви подари искрено и разумно срце пред да се задлабочите во оваа лекција.

Итен потсетник
Од лекцијата број 2 научивме дека страшниот конфликт помеѓу Бога и ѓаволот забележува неверојатен прогрес. Овој конфликт беснее сè од времето кога Луцифер, најмоќниот небесен ангел, се побунил против Бога. Со ангелите кои му се придружиле, тој се обидел да го надвладее Бога и да ја придобие контролата над целата вселена. Бог со Своите верни ангели, немал друг избор освен да го исфрли Луцифер со неговите ангели од небесата. Луцифер, кој станал познат како ѓавол и сатана, збеснал. Неговата решителност да го надвладее Бога и да ја придобие контролата над вселената расте, со секоја година. Неверојатно, но вистинито, тој успеал да ја придобие поддршката на мнозинството луѓе од оваа планета. Бог исто така ја бара поддршката од луѓето, но Тој остава секому слободно да избере. Многу скоро, сите жители на земјата ќе мораат да се поврзат или со сатаната, или со Бога. Завршната битка помеѓу сатаната и Бог само што не започнала, а опишана е во Откровението. Во оваа книга се вели дека Бог има свој амблем, или знак со којшто ќе го идентификува Својот народ. Сатаната исто така има свој амблем, или знак, со којшто ќе бидат идентификувани оние што ќе застанат во негова одбрана. Како и вообичаено, сатаната ќе работи преку световните сили (во Откровението претставени како ѕверови), за да го стави својот жиг (знак). Оваа лекција ќе ви го открие жигот на ѕверот, кој во последното време ќе го добие секој оној што нема да биде спасен. Доколку не знаете што е овој жиг, тогаш како ќе можете да го избегнете да го примите?

С.А.Д. во библиските пророштва

Лекција 21

Можеби ќе бидеш изненаден кога ќе откриеш дека Соединетите Американски Држави се појавуваат во Библиските пророштва. Но тоа е вистина. Америка ќе има водечка улога во завршните настани на планетата Земја. Те очекуваат додатни изненадувања во ова проучување, што Исус ги открива за водечката нација во светот. Те молиме прочитај Откровение 13:11-18 пред да ја проучуваш оваа лекција. Тие осум стиха се Исусовата слика на Америка во деновите што се пред нас.

Другата жена

Лекција 22

Секој брак треба да биде заснован на доверба – исто така и во нашата заедница со Христа треба да му останеме верни Нему и на Неговата реч. Откровението зборува за вистинската Христова невеста, но има и една друга жена, која се обидува да ги оттргне верните од Божјата реч. Откровението ни открива шокантна вест за Вавилон, другата жена. Вавилон е паднат, и Божјиот народ мора да ги избегне неговите измами, или во спротивно ќе настрада! Така започнува вториот дел од тројната ангелска вест. Во оваа лекција ќе се запознаете со вистинскиот идентитет на духовниот Вавилон и ќе научите како да избегнете да бидете хипнотизирани од неговата фатална убавина…. што друго би можело да биде поважно?

Христовата невеста

Лекција 23

Библијата вели дека постои само едно тело, или црква, во која Исус го повикува Својот народ во последното време – Христовата невеста. Некои луѓе тоа ги нервира, затоа што денес постојат илјадници цркви, кои се нарекуваат себеси христијански. Буквално секоја тврди дека е Божја црква, но сепак тие многу се разликуваат меѓу себе во толкувањето на Библијата, верата и практикувањето на истата. Невозможно е за еден искрен истражувач да ги испита тврдењата на секоја една од нив. Но како и да е, ние можеме да му бидеме благодарни на Христа, кој ја има решено оваа дилема за нас, опишувајќи ја Својата црква со такви дела, така што истата може лесно да се идентификува! Тоа опишување, јасно и моќно, се наоѓа во Откровение 12 и 14 глава, и ќе те воодушеви со восхитувачки вистини, кои ќе ти помогнат во времето на крајот.

Те молиме прочитај во Откровение 12:1-17 пред да го започнеш своето патување во овие вистини, кои преобразуваат.

Дали астролозите и јасновидците се вдахновени од бога?

Лекција 24

Доколку одеднаш се појави некаков си самопрогласен пророк и започне да привлекува луѓе околу себе со примамливи пораки, лечејќи болни, воскреснувајќи мртви, симнувајќи оган од небото и разоткривајќи ги вашите тајни – дали би му поверувале? А дали би требало да му верувате? Вашата вечна судбина можеби ќе зависи токму од вашата можност да можете да разликувате кој е лажен, а кој вистинит пророк. Затоа многу важно е да знаеме што вели Библијата по ова прашање.

Дали имаме доверба во Бога?

Лекција 25

Дали имаш доверба во Бога? Вистина е дека многу луѓе ќе кажат да, меѓутоа тие не делуваат така. И полошо од тоа, затоа што тие немаат доверба во Него, тие крадат од него! Како тоа? ќе речеш ти, “Никој не може да краде или проневери од Бога.” Меѓутоа Божјата порака до Неговиот народ гласи: “Вие крадете од мене” (Малахија 3:8). Вистинските записи докажуваат дека милијарди луѓе крадат од Бога, и што е уште полошо тие ги употребуваат тие украдени пари за да го помогнат своето неразумно трошење! Но сепак многумина не се свесни за својата кражба, и во оваа лекција ние ќе ти покажеме како да ја избегнеш истата грешка и како да напреднеш финансиски преку вистинска вера во Бога.

Љубовта која преобразува

Лекција 26

Да се биде вљубен менува сè. Како на пример: Една млада девојка, студент, читала голема книга подготвувајќи се за испит. Читањето по извесно време и здодеало и не можела да се фокусира на нејзината содржина. Но потоа таа сретнала млад и убав професор на универзитетот, и многу брзо се вљубила. Подоцна откако заклучила дека автор на книгата што таа ја читала бил токму тој, за една вечер ја прочитала целата изјавувајќи: “Ова е најдобрата книга што некогаш сум ја прочитала во животот!” Што е тоа што ги променило нејзините погледи? Љубовта. Денес исто така за мнозина читањето на Библијата е здодевно и воопшто немаат интерес за нејзините вистини. Но сето тоа се менува кога ќе се вљубите во нејзиниот автор. Ќе видите како е можно тоа проучувајќи ја оваа прекрасна лекција.

Точка од која нема враќање

Лекција 27

Кога еден падобранец ќе се приближи до вратата на авионот и скокне од него, тој знае дека веќе не може да се врати назад. Кога ќе започне да паѓа доколку не го отвори падобранот, ништо друго не може да го спаси и тој сигурно ќе заврши со ужасна смрт. Каква трагедија! Но постои нешто полошо што може да и се случи на една личност. Навистина, далеку полошо е да се дојде до точка од која нема враќање во твојата врска со Бога. Но сепак милиони се приближуваат кон таа точка, а за тоа немаат поим! Дали е можно да си ти еден од нив? Кој е тој ужасен грев што води кон таква судбина! Зошто Бог не може да го прости таквиот грев? За јасен и продорен одговор, но сепак полн со надеж, те повикуваме да поминеш одредено време проучувајќи ја оваа фасцинантна лекција.

Pin It on Pinterest