[Патот кон Христа – девето поглавје]
Бог е извор на животот, на светлината и радоста за цела вселена. Како светлосни зраци што ги точи сонцето, како водна струја што блика од жив извор, од Бога се излеваат благослови врз сите негови суштества. И секаде каде што има живот од Творецот во срцата на луѓето, тој ќе се излева врз другите во вид на љубов и благослови.
Нашиот Спасител наоѓал своја радост во издигнувањето и откупувањето на грешните луѓе. За да го постигне тоа, Тој не го сметал ниту својот живот за премногу драгоцен, туку претрпел крст, не држејќи до срамот. Така и ангелите постојано се во акција, работејќи за среќата на другите. Во тоа тие наоѓаат радост. Она што себичното срце би можело да го смета за понижувачка служба – да им се служи на оние што се бедни и во секој поглед пониски од нив во карактерот и во положбата – токму тоа е служба на безгрешните ангели. Духот на Христовата љубов, која се жртвувала себеси, е дух што го проникнува небото и ја сочинува срцевината на небесното блаженство. Таков дух ќе имаат Христовите следбеници, таква служба ќе извршуваат тие.
Кога Христовата љубов го исполнува срцето, таа не може да се скрие, како што не може да се скрие ни пријатниот мирис. Нејзиното свето влијание ќе го чувствуваат сите со кои ќе се сретнуваме. Христовиот дух во срцето е сличен на извор в пустина што тече да освежи сè и кај оние кои се на прагот на смртта да разбуди желба да се напијат од водата на животот.
Љубовта кон Исуса ќе ја покажеме со нашата желба да работиме како што работел Тој, на благослов и издигнување на човештвото. Таа ќе поттикнува кон љубов, кон нежност и сочувство спрема сите созданија за кои се грижи нашиот небесен Отец.
Животот на Спасителот на Земјата не бил исполнет со безделничење и уживање; Тој вложувал постојани, сериозни, неуморни напори да го спаси загубеното човештво. Од јаслите каде што се родил , па сè до Голгота, Тој поминал пат на самооткажување, не барал да биде ослободен од мачните задачи, од тешките патувања, од исцрпувачките грижи и напори. Тој рекол: „Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да ја даде својата душа во откуп за мнозина“ (Матеј 20,28). Тоа била највозвишена цел на неговиот живот. Сето друго било помалку важно и потчинето на тоа. Негово јадење и пиење било да ја исполни Божјата волја и да ја заврши неговата работа. Во својата работа не се истакнувал себеси ниту барал лична корист.
Така и оние што примиле Христова милост ќе бидат готови да принесат секаква жртва за да можат и другите, за кои Тој умрел, да го примат небесниот дар. Тие ќе сторат сè што можат, со својот престој на светот, истиот да го сторат што подобар. Овој дух е вистински плод на вистински обратената душа. Штом некој ќе дојде кај Христа, во неговото срце се раѓа желба да им објави на другите каков драгоцен пријател стекнал во Исуса; спасоносната и посветувачка вистина не може да остане затворена во неговото срце. Ако сме облечени во Христовата праведност, ако сме исполнети со радоста на неговиот Дух кој живее во нас, не ќе можеме да останеме мирни. Ако сме вкусиле и сме виделе дека е добар Господ, ќе имаме за што да зборуваме. Како и Филип, кога го нашол Спасителот, ќе ги повикаме и другите кај него. Ќе се трудиме да им ја покажеме сета Христова привлечност, како и невидливата стварност на светот што ќе дојде. Во нас ќе гори желба да одиме по патот по кој поминал Исус. Длабоко ќе копнееме и другите околу нас да го видат „Божјето Јагне кое ги зема на себе гревовите на светот“ (Јован 1,29).
Напорите да им бидеме на благослов на другите и нам ќе ни донесат благослов. Токму затоа Бог и ни дал можност да учествуваме во планот на спасението. Тој на луѓето им осигурил предимство да добијат дел во божествената природа и од своја страна да ги шират благословите врз своите ближни. Тоа е највозвишена чест, најголема радост што можел Бог да им ја даде на луѓето. Оние што на овој начин стануваат учесници во делото на љубовта, стапуваат во најголема близина на својот Творец.
Веста на евангелието и дело на службата на љубовта, Бог можел да им ги довери на небесните ангели. Можел да се послужи и со други средства за да ја исполни својата намера. Но во својата безгранична љубов Тој решил нас да нè стори свои соработници, Христови и ангелски соработници, за да можеме да ги уживаме благословите, радоста и духовната поткрепа, плодовите на таа несебична служба.
Ние подобро ќе се разбереме со Христа ако имаме заедница со него во неговите маки (Филипјаните 3,10). Секоја жртва, што се принесува заради добро на другите, го засилува духот на доброчинството во срцето на давателот, сè повеќе го доближува до Откупителот на светот кој, „од богат стана сиромав, за да се збогатите вие преку неговата сиромаштија“ (2 Коринќаните 8,9). Само на тој начин, ако ја исполнуваме намерата со која нè создал Бог, животот може да ни биде од благослов.
Ако појдете да работите онака како што им кажал Христос на своите ученици, ако задобивате души за него, ќе почувствувате потреба од подлабоко духовно искуство, потреба од поголемо духовно знаење и ќе бидете гладни и жедни за праведност. Вие во молитва ќе се борите со Бога, вашата вера ќе се засили и вие сè пообилно ќе пиете од изворот на спасението. Противењето и неволјите на кои ќе наидувате ќе ве гонат кон Библијата и кон молитва. Вие ќе растете во милоста и во познавањето на Христа и ќе стекнувате богато искуство.
Духот на несебична работа за ближните му дава длабина, стабилност и Христова убавина на карактерот, а на оној што го има му донесува мир и среќа. Стремежите стануваат повозвишени. Нема повеќе место за тромост или себичност. Оние што на ваков начин ги развиваат христијанските квалитети, ќе растат и ќе се засилуваат во работата за Бога. Ќе бидат способни за јасно духовно забележување, ќе имаат постојана и сè поголема вера, ќе бидат сè посилни во молитвата. Божјиот Дух, дејствувајќи врз нивниот дух, предизвикува во душата света хармонија како одговор на божествениот допир. Оние кои со несебичен напор ќе се посветат за добро на другите, своето сопствено спасение го градат на најсигурен начин.
Единствен начин некој да расте во милоста е несебично да ја прифати работата што ни ја дал Христос – според мерката на своите способности да им помага и да им биде на благослов на ближните на кои им е потребна наша помош. Сила се стекнува со вежбање; активноста е основен услов на животот. Луѓето што се обидуваат да живеат христијански живот, пасивно прифаќајќи ги благословите што им ги дава Божјата милост и не прават ништо за Христа, едноставно се обидуваат да живеат и да се хранат без труд. А во духовниот, исто како и во физичкиот живот, тоа секогаш доведува до дегенерација и распад. Човек што одбива своите органи да ги изложува на напор, наскоро ќе загуби секаква можност да се служи со нив. Така и христијанинот, кој не ги вежба силите што ги добил од Бога, не само што нема да расте во Христа, туку ќе ја загуби и силата што веќе ја има.
Христовата црква добила од Бога задача да ги спасува луѓето. Нејзина мисија е да му го однесе евангелието на светот. Тоа е обврска на секој христијанин. Секој поединец, во согласност со талантите и приликите што ги има, треба да го исполни налогот на Спасителот. Христовата љубов што ни е откриена нè прави должници на сите што не го познаваат Христа. Бог ни го дал виделото не само за нас, туку и за сите нив.
Кога Христовите следбеници би биле свесни за својата должност, би постоеле илјадници во незнабожечките земји во кои денеска само еден го проповеда евангелието. А сите што не би можеле сами да се зафатат со таа работа, истата би ја потпирале со своите средства, со своето срце и со своите молитви. Освен тоа, и во христијанските земји многу посериозно би се работело за луѓето.
За да работиме за Христа, не е ни потребно да одиме во незнабожечки земји, или дури да го напуштиме тесниот круг на нашиот дом, ако должноста нè врзува за него. Ние можеме да работиме во кругот на семејството, во црквата, меѓу оние со кои се дружиме, меѓу оние со кои нè поврзуваат деловни врски.
Поголемиот дел од животот на земјата нашиот Спасител го поминал работејќи стрпливо во дрводелска работилница во Назарет. Ангели го придружувале Господарот на животот додека рамо до рамо одел со селаните и работниците кои не го препознавале ниту пак му укажувале чест. Тој исто така верно ја вршел својата мисија кога работел како скромен занаетчија како и тогаш кога ги лекувал болните или кога одел по разбранетото Галилејско Езеро. Според тоа, и во најскромните должности во животот и на најниските положби, ние можеме да одиме и да работиме со Исуса.
Апостолот вели: „Браќа, секој нека остане пред Бога во она во што бил кога бил повикан“ (1 Коринќаните 7,24). Деловниот човек треба така да ги води своите работи, за да може со својата верност да го прослави својот Учител. Ако е вистински Христов следбеник, тогаш својата религија ќе ја внесува во сè она што го прави и на луѓето ќе им го открива Христовиот дух. Механичарот може да биде вреден и верен претставник на Оној кој работел напорно, извршувајќи го својот скромен животен позив меѓу галилејските ритчиња. Сите што се нарекуваат со Христово име, треба да работат така, за и другите, гледајќи ги нивните добри дела, да бидат поттикнати да го слават својот Творец и Откупител.
Мнозина одбивале да ги искористат своите дарови во Христовата служба изговарајќи се дека другите имаат многу повеќе способности и предимства. Раширено е мислењето дека само од оние кои се посебно талентирани може да се бара своите способности да ги посветат во служба на Бога. Мнозина почнале да сметаат дека талантите ѝ се дадени само на одредена, одбрана класа, а дека другите се исклучени па, според тоа, не се ни повикани да учествуваат во напорите ниту во наградите. Меѓутоа, во Христовата споредба не е така прикажано. Кога домаќинот ги повикал слугите, секому му дал негова работа.
Со дух на љубов и најскромните животни должности можеме да ги извршуваме „како за Господа“ (Колошаните 3,23). Ако во срцето се наоѓа Божја љубов, таа ќе се покаже и во животот. Околу себе ќе шириме пријатна Христова атмосфера и со нашето влијание ќе ги облагородуваме другите и ќе им бидеме на благослов.
Не чекајте посебни прилики или извонредни способности да почнете да работите за Бога. Не грижете се за тоа што ќе мисли светот за вас. Ако вашиот секојдневен живот е сведоштво за чистотата и за искреноста на вашата вера, ако вашите ближни се сигурни дека сакате да им бидете на благослов, вашите напори никогаш нема да бидат наполно безуспешни.
Најскромните и најсиромашните Исусови ученици можат да им бидат на благослов на другите. Можеби и нема да бидат свесни дека прават некое посебно добро, но со своето несвесно влијание ќе поттикнат бранови на благослови што ќе се шират и продлабочуваат, и сè до денот на конечната пресметка тие нема ни да знаат за нивните благословени последици. Тие не чувствуваат ниту знаат дека прават нешто големо. Од нив не се бара да се мачат со грижа околу успехот. Треба само да одат мирно напред, верно вршејќи го делото што им го доделило Божјето провидение и нивниот живот нема да помине залудно. Нивната душа ќе станува сè послична на Христа; тие се Божји соработници во овој живот и со тоа се приготвуваат за повозвишената работа и непоматената радост во животот што ќе дојде.