[Патот кон Христа – шесто поглавје]
Кога Светиот Дух ќе ја разбуди вашата совест, ќе видите дел од стравотијата на гревот, дел од неговата сила, од неговиот чемер и јад и ќе почнете да се гнасите од него. Ќе сфатите дека гревот ве одвоил од Бога, дека сте во власт на силата на злото. Колку повеќе ќе се борите да се ослободите, сè повеќе ќе ја увидувате својата беспомошност. Вашите побуди се грешни, вашето срце е нечисто. Ќе видите дека животот ви бил полн со себичност и со грев. Ќе копнеете за проштавање, за очистување, за ослободување. Хармонија со Бога, сличност со него – што би можеле да сторите да го постигнете тоа?
Вам ви е потребен мир – небесно проштавање и мир и љубов во срцето. Тоа не може да се купи со пари, да се постигне со разумот, со мудроста; не можете да се надевате дека кога било до тоа ќе се доберете со свои сопствени напори. Бог тоа ви го нуди како подарок, „без пари и без плата“ (Исаија 55,1). Сето тоа е ваше само ако ја подадете раката и ако го земете. Господ вели: „Ако вашите гревови се како гламна, ќе станат бели како снег, и ако се црвени како пурпур, ќе станат како волна“ (Исаија 1,18). „Ќе ви дадам ново срце и нов дух ќе вдахнам во вас“ (Езекил 36,26).
Вие сте ги признале гревовите и во срцето сте решиле да ги отфрлите. Сте решиле да му се предадете на Бога. Појдете сега кај него, молете го да ги испере вашите гревови и да ви даде ново срце. Тогаш верувајте дека Тој ќе го стори тоа затоа што така ветил. Тоа е учење што го проповедал Исус додека бил на земјата; ние мораме да веруваме дека навистина го примаме дарот што ни го ветил Бог и тогаш тој е наш. Исус ги лекувал луѓето од нивните болести кога ѝ верувале на неговата моќ; им помагал во она што можеле да го видат за да ги поттикне да му веруваат и во она што не можеле да го видат – ги насочувал да поверуваат во неговата моќ да ги проштава гревовите. Тој тоа отворено го кажал при лекувањето на фатениот: „Но, да знаете дека Синот човечки има власт на земјата да ги простува гревовите. Потоа му рече на парализираниот: Стани, земи си ја постелата и оди си дома“ (Матеј 9,6). Зборувајќи за Христовите чуда, евангелистот Јован исто така кажува: „А ова се напиша за да верувате дека Исус Христос е Божји Син и, верувајќи, да имате живот во неговото име“ (Јован 20,31).
Од едноставните библиски извештаи за начинот на кој Исус ги лекувал болните, ние можеме да научиме нешто за тоа како треба да се верува во него за проштавање на гревовите. Да го разгледаме извештајот за фатениот во бањата Витезда. Кутриот страдалник бил беспомошен; не се служел со нозете триесет и осум години. Сепак Исус му наредил: „Стани, земи си ја рогозината и оди си!“ (Јован 5,8). Болниот можел да каже: „Господе, ако ме излечиш, ќе ги послушам твоите зборови!“ Но не, тој им верувал на Христовите зборови, верувал дека веќе е излечен и веднаш се обидел да оди; сакал да оди и – проодил! Постапил според Христовите зборови и Бог му дал сила. Бил излечен!
И вие како грешници сте во слична положба. Вие не можете да ги окаете гревовите од минатото, не можете да го промените срцето, не можете себеси да се сторите свети. Но Бог ветува дека сето тоа ќе го стори за вас преку Христа. Вие морате да верувате во тоа ветување! Морате да ги признаете гревовите и себеси да му се предадете на Бога. Морате да сакате да му служите. И штом ќе го сторите тоа, Бог ќе го исполни зборот што ви го дал. Ако верувате во ветувањето – ако верувате дека гревовите ви се простени и дека сте чисти – Бог постапува така; вие сте излечени исто онака како Христос што му дал сила на фатениот да оди кога тој поверувал оти е излечен. Така е штом верувате во тоа.
Не чекајте да почувствувате дека сте излечени, туку кажете: „Верувам, тоа е точно, не затоа што јас така чувствувам, туку затоа што ветил Бог!“
Исус вели: „Сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека го примивте, и ќе ви биде“ (Марко 11,24). Со ова ветување е поврзан и услов – да се молиме во согласност со Божјата волја, а Божја волја е да нè исчисти од гревот, да нè оспособи да живееме свет живот. Така и ние можеме да се молиме за тие благослови, да веруваме дека ги примаме и да му благодариме на Бога што сме ги примиле. Наше предимство е да доаѓаме кај Исуса и да се чистиме, да стоиме пред Законот без мана и дамки. „Сега нема осуда за оние кои се во Исуса Христа“ (Римјаните 8,1).
Затоа не сте свои; купени сте скапо. „Знаејќи дека не сте откупени со распадливи нешта, како сребро или злато… туку со скапоцената крв на Христа како невино и чисто јагне“ (1 Петрово 1,18.19). Со ова едноставно дело, верувајќи му на Бога, Светиот Дух зачнал нов живот во вашето срце. Вие сте се родиле како дете во Божјето семејство и Тој ве љуби како што го љуби својот Син.
Сега, кога сте му се предале на Исуса, немојте да се повлекувате, немојте да го напуштате него, туку од ден на ден зборувајте: „Јас сум Христов; јас сум му се предал нему!“ Молете го да ви го даде својот Дух и да ве поддржува со својата милост. И како што сте станале негово дете, предавајќи се себеси на Бога и верувајќи во него, така морате и да живеете во него. Апостолот вели: „Како што го примивте Господа Исуса Христа, така и да живеете во него!“ (Колошаните 2,6).
Се чини дека некои мислат оти мора да бидат ставени на проба, дека мораат да му докажат на Господа оти се промениле пред да можат да бараат негов благослов. Но тие дури и сега можат да го бараат Божјиот благослов. Ним им е потребна неговата милост, Христовиот Дух, да им помогне во нивните слабости, или, во спротивно, не ќе можат да му се противстават на злото. На Исуса му е мило да дојдеме кај него токму такви какви што сме, грешни, беспомошни, зависни. Можеме да дојдеме со сите наши слабости, со нашите лудости, со нашата грешност и покајнички да паднеме пред неговите нозе. Негова слава е да нè земе во прегратките на својата љубов, да ги преврзе нашите рани, да нè исчисти од секоја нечистота.
И токму овде илјадници се мамат: не веруваат дека Исус им проштава лично, поединечно. Тие не се потпираат на Божјата реч. Предност за сите што ги исполнуваат условите е да знаат дека проштавањето без ограничување се однесува на секој нивни грев. Отфрлете го сомневањето дека Божјите ветувања не се однесуваат и на вас! Тие му се упатени на секој престапник кој се кае. Христос дава сила и милост што ангелите ѝ ги пренесуваат на секоја душа која верува. Никој не е толку грешен за да не може да најде сила, чистота и праведност во Христа кој умрел за него. Тој чека да му ја слече облеката извалкана и осквернета со грев и да го облече во бела облека на праведност; Тој го повикува да живее а не да умре.
Бог не постапува со нас онака како што постапуваат смртните луѓе едни кон други. Неговите мисли се мисли на милосрдие, на љубов и на најнежно сочувство. Тој вели: „Грешникот нека го остави својот пат и злосторникот своите намери. Нека се врати кај Господа, кој ќе му се смилува, и кај нашиот Бог, зашто великодушно проштава.“ „Како магла сум ги растерал твоите опачности и твоите гревови како облак“ (Исаија 55,7; 44,22).
„Не ми е мила смртта на оној што умира, вели Господ, Господ; обратете се и живејте“ (Езекил 18,32). Сатаната е готов да го сврти вашиот поглед од Божјите блажени ветувања. Тој сака да ѝ одземе на душата секоја искра на надеж и секој зрак на светлина, но вие не смеете да му дозволите да го прави тоа. Не го слушајте искушувачот туку кажете: „Исус умрел јас да можам да живеам. Тој ме љуби и не сака да пропаднам. Имам небесен Татко кој сочувствува со мене; и, иако сум ја злоупотребил неговата љубов, иако сум ги растурил благословите со кои ме опсипал, ќе станам и ќе појдам кај Татко ми, па ќе му речам: ‘Татко, му згрешив на Небото и тебе; не сум веќе достоен да се нарекувам твој син. Прими ме како еден од твоите момоци.’“ Споредбата ни кажува на кој начин заскитаниот ќе биде примен: „И кога беше уште далеку, татко му го здогледа и му се сожали, па се стрча кон него, му се фрли на вратот и го целиваше“ (Лука 15,18-20).
Меѓутоа, дури и оваа споредба, иако е толку нежна и трогателена, не успева да го изрази огромното сочувство на небесниот Отец. Господ објавува преку својот пророк: „Те љубам со вечна љубов и затоа постојано ти укажувам милост“ (Еремија 31,3). Додека грешникот е уште далеку од домот на Отецот и го растура својот имот во туѓа земја, срцето на Отецот копнее за него; и секој разбуден копнеж на душата да се врати кај Бога не е ништо друго туку нежен повик на Божјиот Дух кој го преколнува, сесрдно го моли, го наговара заскитаниот да му се врати на срцето на Отецот полно со љубов.
Знаејќи за овие драгоцени библиски ветувања, можете ли уште да се сомневате? Зар можете да верувате дека Господ немилосрдно би го одбил бедниот грешник кој копнее да му се врати, кој копнее да ги отфрли гревовите и покајнички да падне пред неговите нозе? Отфрлете ги таквите мисли! Ништо не може да ѝ наштети на вашата душа во толкава мера како таквите сфаќања за вашиот небесен Отец. Тој го мрази гревот, но го сака грешникот и се дал себеси во личноста на Христа за да можат сите што сакаат да бидат спасени и да уживаат вечно блаженство во царството на славата. Кои посилни или понежни зборови би можеле да се пронајдат од оние што ги избрал Тој да ја изрази својата љубов кон нас? Тој изјавува: „Може ли жена да го заборави своето доенче, да нема сочувство кон чедото на својата утроба? Ако некоја и би го заборавила, јас тебе нема да те заборавам“ (Исаија 49,15).
Подигнете го погледот, вие кои се сомневате и кои се тресете, зашто Исус живее за да посредува за нас. Заблагодарете му на Бога што ни го подарил својот мил Син и молете се неговата смрт да не биде за вас залудна. Духот ве повикува денеска. Дојдете со цело срце кај Исуса и барајте негов благослов.
Додека ги читате ветувањата, имајте на ум дека тие се израз на неговата неискажлива љубов и милосрдие. Големото срце на бесконечната Љубов чувствува безгранично сожалување кон грешникот. „Имаме откуп преку неговата крв, прошка на гревовите“ ( Ефешаните 1,7). Да, верувајте цврсто дека Бог е ваш помошник. Тој сака да го обнови во човекот својот морален лик. Кога ќе му пристапите со признавање и со покајание, Тој ќе ви пристапи вам со милост и со проштавање.