[Патот кон Христа – четврто поглавје]

Нема среќа за оној што ги прикрива гревовите, а оној што ги исповеда и ги напушта, ќе биде помилуван“ (Мудри изреки Соломонови 28,13).

Условите за добивање на Божја милост се едноставни, праведни и разумни. Господ не бара од нас да се измачуваме за да ни се простат гревовите. Не мора да одиме на долги и заморни поклоненија или да вршиме мачни покори за да му ја препорачаме нашата душа на небесниот Бог или да ги окаеме нашите престапи, туку оној што го признава и го остава својот грев, добива милост.

Апостолот кажува: „Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг за да оздравувате“ (Јаков 5,16). Признајте му ги своите гревови на Бога кој единствено може да ви прости, а своите грешки еден на друг. Ако сте го навредиле својот пријател или сосед, треба да ја признаете својата кривица, а негова должност е да ви прости од срце. Потоа треба да барате проштавање и од Бога, зашто братот што сте го повредиле е Божја сопственост и, ранувајќи го него, сте му згрешиле и на неговиот Творец и Откупител. Тој случај се изнесува пред единствениот вистински Посредник, пред нашиот голем Првосвештеник кој „бил искушуван во сè, како нас, но не згрешил“, кој „сочувствува со нашите слабости“ (Евреите 4,15) и може да нè исчисти од секоја трага на беззаконието.

Оние што не ја понизиле својата душа пред Бога признавајќи ја својата кривица, не го исполниле ниту првиот услов да бидат примени. Ако не сме се покајале вистински и неотповикливо, ако не сме ги признале нашите гревови со длабока понизност во душата и со скршено срце, гнасејќи се од нашето беззаконие, ние никогаш не сме барале вистински проштавање на гревот, а ако никогаш не сме барале, никогаш и не сме добиле мир од Бога. Единствена причина што не сме примиле проштавање на минатите гревови е нашата неподготвеност да го понизиме срцето и да ги исполниме условите на Речта на вистината. За тоа ни се дадени изрични упатства. Признавањето на гревовите, било јавните или тајните, мора да биде дадено од срце и јасно изразено. Тоа не смее да биде изнудено од грешникот. Тоа не смее да се даде лекомислено и непромислено, ниту пак смее да се бара со сила од оние кои не се длабоко свесни за одвратната природа на гревот. Признавањето, потекнато од длабината на душата, ќе најде свој пат до Бога кој е полн со бесконечна сомилост. Псалмистот вели: „Господ е присен со ранетите срца, ги спасува оние со ранет дух“ (Псалм 34,18).

Вистинското признавање секогаш е изрично и се однесува на одредени гревови. Тие понекогаш имаат таква природа што можат да му се признаат само на Бога; тоа се или лошите дела што мора да им се признаат на оние кои поради нив претрпеле штета, или тоа можат да бидат јавни гревови кои мора да се признаат јавно. Но сите признавања мора да бидат јасни и целосни, мораме да ги признаеме токму оние гревови за кои сме виновни.

Во Самоиловите денови Израелците отстапиле од Бога. Ги поднесувале последиците на гревот затоа што ја загубиле верата во Бога, ја загубиле способноста да ја видат неговата сила и мудрост во управувањето со народот, ја загубиле довербата во неговата способност да го брани и да го одбрани своето дело. Го отфрлиле големиот Владетел на вселената и посакале да имаат ист облик на владеење како и околните народи. Пред да стекнат мир, го дале ова одредено признание: „Кон сите наши гревови додадовме зло барајќи си цар“ (1 Самоилова 12,19). Морале да го признаат токму оној грев за кој биле виновни. Нивната неблагодарност ја тиштела нивната душа и ги одвојувала од Бога.

Бог не може да прими признавање без искрено покајание и поправање. Мора да се видат решителни промени во животот; сè што го навредува Бога мора да биде отфрлено. Тоа ќе биде последица на вистинската жалост поради гревот. Делото што сами ние мора да го извршиме јасно ни е откриено: „Измијте се, исчистете се, отстранете ги од пред моите очи вашите опачни дела, престанете да правите зло. Учете се да правите добро, барајте правда, помогнете му на угнетениот, заштитувајте го сиракот, бранете ја вдовицата“ (Исаија 1,16.17). „Ако го врати безбожникот залогот и она што го грабнал и ако почне да живее според заповедите на животот, не правејќи беззаконија – навистина ќе живее, нема да умре“ (Езекил 33,15). Зборувајќи за плодот на покајанието, Павле кажува: „Видете, колкава искрена сесрдност произлеле токму од вашата побожна тага: каква одбрана, какво негодување, каков страв, каков копнеж, каква ревност и казнување. Покажавте во сè дека сте чисти во тоа дело“
(2 Коринќаните 7,11).

Кога гревот ќе ја умртви моралната чувствителност, оној што прави зло не ги увидува недостатоците на својот карактер ниту пак ја сфаќа стравотијата на злото што го сторил; и, ако не ѝ се покори на силата на Светиот Дух која осведочува, ќе остане делумно слеп спрема својот грев. Неговите признавања не се искрени ниту сериозни. Кон секое признавање на својата вина тој додава оправдување како изговор за своето однесување, тврдејќи дека никогаш не би го сторил она за што е обвинет кога не би го присилиле на тоа одредени околности.

Откако јаделе од забранетиот плод, Адама и Ева ги обзело чувство на срам и ужас. Од почеток размислувале само за тоа како да го оправдаат својот грев и да ја избегнат смртната казна од која се грозеле. Кога Господ ги испитувал за нивниот грев, Адам, префрлајќи ја вината делумно врз Бога а делумно врз својата другарка, одговорил: „Жената, што ја здружи со мене, таа ми даде од дрвото та јадов!“ Жената ја пренела вината врз змијата, зборувајќи: „Змијата ме измами та јадов!“ (1 Мојсеева 3,12.13). Зошто си ја создал змијата? Зошто си дозволил да влезе во Едем? Овие прашања биле вклучени во нејзиното оправдување поради сторениот грев, прогласувајќи го Бога одговорен за нивниот пад. Духот на самооправдување потекнува од таткото на лагата и се јавувал кај сите Адамови синови и ќерки. Ваквите признавања не се вдахнати со божествен Дух и Бог не може да ги прифати. Вистинското покајание го наведува човекот сам да ја понесе својата вина и да ја признае без мамење или лицемерство. Како и кутриот цариник, кој не се осмелувал ниту очите да ги подигне кон небото, тој ќе извикне: „Боже, биди ми милослив мене грешен!“ Оние што навистина ќе ја признаат својата кривица, ќе бидат оправдани, зашто Исус со својата крв ќе се заложи за душата која се кае.

Примерите на вистинско покајание и понизност, запишани во Божјата реч, ни ја откриваат решеноста за признавање без изговор за гревот или обид за самооправдување. Павле не се обидувал да се заштити себеси; тој својот грев го слика со најтемни бои, не трудејќи се да ја намали својата кривица. Тој вели: „Не само што ги затворав (христијаните) со овластување од првосвештениците, туку и се согласував кога ги убиваа. И многупати ги мачев во сите синагоги и ги принудував да хулат; и прекумерно разјарен против нив, ги гонев и по далечните градови“ (Дела 26,10.11). Не се колебал да изјави дека „Исус Христос дојде на светот да ги спаси грешниците од кои прв сум јас“ (1 Тимотеј 1,15).

Понизното и скршено срце, скротено со вистинско покајание, ќе увиди, иако непотполно, колкава е Божјата љубов и цената на Голгота; и како синот што му признава на саканиот татко, така и вистинскиот покајник ќе ги изнесе сите свои гревови пред Бога. Стои напишано: „Ако ги признаеме своите гревови, Тој е верен и праведен да ни ги прости гревовите и да нè исчисти од секоја неправда“ (1 Јованово 1,9).

 

Pin It on Pinterest