Патот кон Христа
Едно е да се знае за Исус, а сосема друго е да се биде со Исус. Досега не сме сретнале (се разбира, доколку не ја сметаме Библијата) друга книга која така непогрешливо објаснува како да се биде христијанин, на толку едноставен начин, разбирлив за секого. Таа ги насочува нозете од сомневање и колебливост кон патеката на мирот. Го води оној кој бара праведност и светост на карактерот, чекор по чекор на патот на христијанскиот живот, до такво искуство каде што ќе може да ја спознае полнотата на благословот кој се наоѓа во целосното предавање на себеси во Христовите прегратки. Ја открива тајната на победата која што се наоѓа во едноставноста на спасителната благодат и сила на најголемиот Пријател на целото човештво – Исус. Оваа малечка книга ќе ви помогне да ги составите сите парчиња на сложувалката заедно и да научите како секојдневно да чекорите со Исуса кој вели: „Јас дојдов за да дадам живот – и тоа живот во сета негова полнота.“ (Јован 10:10 ; Библија)
Издвојуаме два пасуси од оваа малечка, но толку содржајна книга:
„Има такви кои тврдат дека му служат на Бога иако сакаат сами, со своја сила, да го држат Божјиот закон, да изградат праведен карактер и да си осигурат спасение. Нивните срца не се поттикнати со длабоко разбирање на Христовата љубов, туку обврските на христијанскиот живот ги исполнуваат како услови што им ги поставил Бог за да можат да го добијат небото. Таквата религија нема никаква вредност. Кога Христос живее во срцето, душата се исполнува со неговата љубов и се радува што ужива негова заедница и единство со него. Тогаш, гледајќи го него, ќе заборави на себе. Љубовта кон Христа ќе биде извор на дејствување. Оние што ја чувствуваат силата на Божјата љубов не прашуваат на кој начин со што помалку труд би можеле да се задоволат Божјите барања; тие не бараат најниски мерила, туку имаат цел да бидат во совршена хармонија со волјата на својот Откупител…. Признавањето на Христа без таква длабока љубов е празно прикажување, сув формализам, тежок јарем.“
„Животот во Христа е живот полн со спокојство. Можеби во него нема да има занес на чувствата, но ќе има постојана, спокојна доверба. Вие не се надевате во себе туку во Христа. Вашата слабост е соединета со неговата сила, вашето незнаење со неговата мудрост, вашата кревкост со неговата издржливост. И така, не треба да гледате на себе, не треба да се занимавате со себе, туку гледајте на Христа. Вашите мисли нека се занимаваат со неговата љубов, со убавината и со совршенството на неговиот карактер. Христос со своето самооткажување, Христос со своето понижување, Христос со својата чистота и светост, Христос со својата неспоредлива љубов – тоа е тема за која треба да размислува вашата душа. Сакајќи го него, следејќи го него, потпирајќи се потполно на него, вие ќе се преобразите и ќе станете слични на него.“
Книгата „Патот кон Христа“ е вистински светски бестселер! Преведена е на повеќе од 160 ЈАЗИЦИ и продадена во повеќе од 100 МИЛИОНИ ПРИМЕРОЦИ.
1. Божјата љубов кон човекот
„Очите на сите се насочени кон Тебе,и Ти им даваш храна на време. Својата дланка ја отвораш и сите живи суштества по желба ги наситуваш!“ (Псалм 145,15.16.)
Бог го создал човекот совршено свет и среќен; а прекрасната земја, кога излегла од рацете на Творецот, не покажувала ниту трага од распаѓање или пак сенка на проклетство. Дури престапот на Божјиот закон – законот на љубовта – донел несреќа и смрт. Па сепак, и среде страдањата, предизвикани со гревот, се открива Божјата љубов….
2. На грешникот му е потребен Христос
Во својата безгрешна состојба, човекот одржувал радосна врска со Оној во кого „се скриени сите богатства на мудроста и на знаењето“ (Колошаните 2,3). Но, откако паднал во грев, светоста не му создавала веќе радост, и тој се обидел да се скрие од Божјето присуство. Непрероденото срце и сега се наоѓа во таква состојба. Тоа не е во хармонија со Бога, ниту пак наоѓа радост во заедницата со него. Грешникот не би можел да биде среќен во Божје присуство; нему друштвото на светите суштества би му било непријатно. И кога би му било дозволено да дојде на небото, тој таму не би чувствувал никаква радост…
3. Покајание
Во покајанието е вклучена жалост поради гревот и одвојување од него. Ние нема да го отфрлиме гревот ако не ја увидиме неговата расипаност; сè додека нашето срце не се откаже од него, нема да има никаква вистинска промена во нашиот живот.
Мнозина не успеваат да ја сфатат вистинската природа на покајанието. Тие жалат затоа што грешеле и дури привидно се менуваат само затоа што се плашат од последиците на своите лоши дела. Но тоа не е библиско покајание…
4. Признавање
Условите за добивање на Божја милост се едноставни, праведни и разумни. Господ не бара од нас да се измачуваме за да ни се простат гревовите. Не мора да одиме на долги и заморни поклоненија или да вршиме мачни покори за да му ја препорачаме нашата душа на небесниот Бог или да ги окаеме нашите престапи, туку оној што го признава и го остава својот грев, добива милост.
Апостолот кажува: „Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг за да оздравувате“ (Јаков 5,16). Признајте му ги своите гревови на Бога кој единствено може да ви прости, а своите грешки еден на друг. Ако сте го навредиле својот пријател или сосед, треба да ја признаете својата кривица, а негова должност е да ви прости од срце. Потоа треба да барате проштавање и од Бога, зашто братот што сте го повредиле е Божја сопственост и, ранувајќи го него, сте му згрешиле и на неговиот Творец и Откупител. Тој случај се изнесува пред единствениот вистински Посредник, пред нашиот голем Првосвештеник кој „бил искушуван во сè, како нас, но не згрешил“, кој „сочувствува со нашите слабости“ (Евреите 4,15) и може да нè исчисти од секоја трага на беззаконието.
5. Посветување
Цело срце мора да му се предаде на Бога, инаку никогаш не ќе можеме да се промениме и повторно да станеме слични на него. Според нашата природа ние сме далеку од Бога. Светиот Дух нашата состојба ја опишува со овие зборови: „Мртви поради вашите престапи и гревови“, „сета глава е болна и сето срце изнемоштено“, „нема ништо здраво“. Ние сме се заплеткале во мрежата на сатаната кој нè „заробил за да ја извршуваме неговата волја“ (Ефешаните 2,1; Исаија 1,5.6; 2 Тимотеј 2,26). Бог сака да нè исцели, да нè ослободи. Но бидејќи тоа бара целосна промена, обновување на целата наша природа, ние мораме потполно да му се предадеме нему.
Борбата против самиот себе е најголема борба што кога и да е се водела. Откажувањето од самиот себе, комплетното прифаќање на Божјата волја, не оди без борба; но душата мора да му се покори на Бога пред да може да се прероди и да стане света.
Божјето владеење не е втемелено, како што би сакал да го прикаже тоа сатаната, на слепо покорување, на неразумно ограничување. Тоа се повикува на разумот и на совеста. „Ајде да се правдаме!“ (Ис 1,18) – ги повикува Творецот суштествата што ги создал. Бог не влијае со сила врз волјата на своите созданија. Тој не може да прифати почит која не е доброволна и не е дадена свесно. Изнудената покорност ќе спречи секаков вистински развиток на умот или карактерот; таа од човекот би создала обичен автомат. Не е таква намерата на Творецот. Тој сака врвното дело на неговата творечка сила, човекот, да постигне највисок степен на развиток….
6. Вера и прифаќање
Вам ви е потребен мир – небесно проштавање и мир и љубов во срцето. Тоа не може да се купи со пари, да се постигне со разумот, со мудроста; не можете да се надевате дека кога било до тоа ќе се доберете со свои сопствени напори. Бог тоа ви го нуди како подарок, „без пари и без плата“ (Исаија 55,1). Сето тоа е ваше само ако ја подадете раката и ако го земете. Господ вели: „Ако вашите гревови се како гламна, ќе станат бели како снег, и ако се црвени како пурпур, ќе станат како волна“ (Исаија 1,18). „Ќе ви дадам ново срце и нов дух ќе вдахнам во вас“ (Езекил 36,26).
Вие сте ги признале гревовите и во срцето сте решиле да ги отфрлите. Сте решиле да му се предадете на Бога. Појдете сега кај него, молете го да ги испере вашите гревови и да ви даде ново срце. Тогаш верувајте дека Тој ќе го стори тоа затоа што така ветил. Тоа е учење што го проповедал Исус додека бил на земјата; ние мораме да веруваме дека навистина го примаме дарот што ни го ветил Бог и тогаш тој е наш….
7. Вистински Христови следбеници
Некој можеби не ќе може да го каже точното време или местото на своето обратување, или да ги наведе сите околности што довеле до него, но тоа уште не докажува дека не е обратен. Христос му рекол на Никодима: „Ветерот дува каде што сака. Го слушаш неговиот шум, а не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој што е роден од Духот“ (Јован 3,8). Како невидливиот ветер, чиешто дејствување јасно се гледа и се чувствува, и Божјиот Дух работи врз човечкото срце. Таа преродбенска сила, што ниедно човечко око не може да ја види, зачнува нов живот во душата, создава ново создание според Божјиот лик. Иако делото на Духот е нечујно и незабележливо, последиците се видливи. Ако е срцето преродено со работата на Божјиот Дух, животот ќе го посведочи тоа. Иако ние сами ништо не можеме да сториме за да го измениме срцето, или да воспоставиме хармонија со Бога, иако воопшто не смееме да се потпреме на себе или на нашите добри дела, нашиот живот ќе покаже дали Божјата милост живее во нас. Ќе се види промена во карактерот, во обичаите, во стремежите. Ќе се види јасна и решителна разлика меѓу она што тие биле и она што се сега. Карактерот не се открива со случајните добри или лоши дела, туку со склоностите што се покажуваат во вообичаените зборови и постапки.
Вистина е дека некој може навидум беспрекорно да се однесува и без Христовата преродбенска сила. Желбата за влијание во друштвото и за почитување од страна на другите може некого да го наведе да живее уреден живот. Самопочитувањето може да нè наведе формално да се пазиме од злото. И себичното срце може да прави великодушни дела. Тогаш, на кој начин можеме да утврдиме на чија страна сме? …
8. Растење во Христа
Сета мудрост и вештина на човекот не можат да му вдахнат живот ниту на најмалечкиот предмет во природата. Само со животот што го вдахнал лично Бог можат да живеат и растенијата и животните. Исто така само со животот од Бога се зачнува духовен живот во срцето на човекот. Ако човекот не е роден „озгора“ (Јован 3,3), не може да добие дел во животот што сакал Христос да ни го даде со своето доаѓање…
9. Активен живот и работа
Нашиот Спасител наоѓал своја радост во издигнувањето и откупувањето на грешните луѓе. За да го постигне тоа, Тој не го сметал ниту својот живот за премногу драгоцен, туку претрпел крст, не држејќи до срамот. Така и ангелите постојано се во акција, работејќи за среќата на другите. Во тоа тие наоѓаат радост. Она што себичното срце би можело да го смета за понижувачка служба – да им се служи на оние што се бедни и во секој поглед пониски од нив во карактерот и во положбата – токму тоа е служба на безгрешните ангели. Духот на Христовата љубов, која се жртвувала себеси, е дух што го проникнува небото и ја сочинува срцевината на небесното блаженство. Таков дух ќе имаат Христовите следбеници, таква служба ќе извршуваат тие.
Кога Христовата љубов го исполнува срцето, таа не може да се скрие, како што не може да се скрие ни пријатниот мирис. Нејзиното свето влијание ќе го чувствуваат сите со кои ќе се сретнуваме. Христовиот дух во срцето е сличен на извор в пустина што тече да освежи сè и кај оние кои се на прагот на смртта да разбуди желба да се напијат од водата на животот….
10. Познавање на Бога
Нашиот Спасител за своите драгоцени поуки земал примери од природата. Дрвјата, птиците, цвеќето во долините, ритчињата, езерата, прекрасното небо, како и настаните и околностите од секојдневниот живот – сето тоа било поврзано со зборовите на вистината за почесто да се сеќаваме на неговите поуки, дури и среде наметливите грижи со кои е исполнет мачниот живот на човекот….
11. Предимство да се молиме
Молитвата е отворање на срцето пред Бога како пријател. Не затоа што би било неопходно да му откриеме што сме, туку да се оспособиме себеси да го примиме. Молитвата не го спушта Бога кај нас, туку нас нè издигнува кон него.
Кога бил на земјата, Исус своите ученици ги учел како да се молат. Тој ги упатувал сите свои секојдневни потреби да му ги изнесат на Бога, сите свои грижи да ги стават пред него. Ветувањето што им го дал ним, дека молитвите ќе им бидат примени, ни го дал и нам.
И сам Исус, додека престојувал меѓу луѓето, често одел на молитва. Нашиот Спасител се изедначил со нас во нашите потреби и слабости и со тоа станал понизен и сесрден молител кој од својот Отец бара нова сила за да може да продолжи понатаму, оспособен и за должноста и за искушението. Тој е наш пример во сè….
12. Што да правиме со сомневањето?
Бог никогаш не бара да веруваме ако не ни даде доволно докази врз кои можеме да ја темелиме нашата вера. Неговото постоење, неговиот карактер, вистинитоста на неговата Реч, сето тоа е потврдено со докази што му се обраќаат на нашиот разум, а такви докази има многу. Сепак, Бог никогаш не ја отстранил можноста за сомневање. Нашата вера мора да почива на нашето лично осведочување, а не на некакво набројување на докази. Тие што сакаат да се сомневаат, ќе имаат прилика, додека оние што навистина копнеат да ја запознаат вистината, ќе најдат изобилство доказен материјал врз кој можат да ја темелат својата вера….
13. Радосни во Господа
Христијаните се поставени да бидат светлоносци на патот кон небото. Тие треба да му ја одблеснуваат на светот светлината со која ги осветлил Христос. Тие треба да живеат таков живот и да развијат таков карактер, што другите, гледајќи ги нив, да стекнат правилно мислење за Христа и за неговата служба.
Ако навистина го претставуваме Христа, тогаш нашата служба, што му е посветена нему, ќе биде вистински привлечна. Христијаните, чијашто душа е полна со меланхолија и тага, кои се жалат и мрморат, погрешно го прикажуваат Бога и христијанскиот живот пред своите ближни. Тие оставаат впечаток дека на Бога не му е мило неговите деца да бидат среќни и со тоа лажно сведочат против нашиот небесен Отец….