„Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето“. Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати.“ Јован 1,4.5. Христос е светлината на светот. Види Јован 8,12. Но, Неговата светлина е Неговиот живот, како што вели цитираниот текст. Тој вели: „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот.“ Јован 8,12. Целиот свет бил во темнината на гревот. Оваа темнина била последица на недостатокот на знаењето за Бога, како што апостол Павле вели дека Евреите се „помрачени во разумот, отуѓени од Божјиот живот поради нивното незнаење и тврдокорноста на нивното срце.“ Ефесјаните 4,18.
Сатаната, владетелот на темнината на овој свет, направил сè што е можно за да ги измами луѓето за вистинскиот Божји карактер. Тој направил светот да верува дека Бог е како човекот – суров, одмаздољубив и пристрасен. Па дури и Евреите, кои Бог ги избрал да бидат носители на светлината во светот, се одвоиле од Бога, и додека тврделе дека се одвоени од незнабошците, биле обвиткани во незнабожечка темнина. Тогаш дојде Христос и „народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во пределот на смртна сенка, им изгреа светлина.“ Матej 4,16. Неговото име било Емануел, Бог со нас. „Бог беше во Христос“ (ДП) Бог ги побил лагите на сатаната, но не со гласни аргументи, едноставно живеејќи го Неговиот живот помеѓу луѓето за сите да би можеле да го видат. Ја демонстрирал силата на Божјиот живот и можноста за нејзина манифестација во животот на луѓето.
Животот кој Христос го живеел бил неизвалкан од гревот. Сатаната ги направил сите негови моќни вештини, а сепак не успеал да влијае на тој беспрекорен живот. Неговата светлина секогаш блескала со непоколеблива брилијантност. Бидејќи сатаната не можел да произведе ни најмала сенка на грев во Неговиот живот, поради тоа и не можел да Го стави под своја власт, власта на гробот. Никој не можел да го одземе животот од Христа, Тој доброволно го положил. И поради истата причина, кога Го положил, сатаната не можел да Го спречи пак да си Го земе. Тој рекол: „Јас животот Свој си го полагам за да го примам пак. Никој не Ми го одзема, туку Јас Сам од Себе го давам. Имам власт да го дадам и власт имам пак да си го земам. Оваа заповед ја примив од Својот Отец.“ Јован 10,17.18. Во ист контекст се и зборовите на апостол Петар за Христа: Но Бог Го воскресна, откако Го ослободи од смртните маки, бидејќи смртта немаше сила да Го задржи. Дела 2,24. Така беше покажано правото на Господ Исус Христос да стане првосвештеник, „по силата на вечниот живот.“ Евреите 7,16.
Овој бесконечен и беспрекорен живот, Христос им го дава на сите кои веруваат во Него. „Како што си Му дал власт над секое тело, та на сè што си му дал, да му даде вечен живот. А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единствениот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос.“ Јован 17,2.3. Христос престојува во срцата на оние кои веруваат во Него. „Се распнав заедно со Христа; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и себе се предаде за мене.“ Галатјаните 2,20. Види исто во Ефесјаните 3,16.17.
Христос, светлината на светот, престојува во срцата на Неговите следбеници, ги претставува како светлината на светот. Нивната светлина не доаѓа од нив, туку од Христа, кој престојува во нив. Нивниот живот не е од нив, туку е Христовиот живот манифестиран во нивното смртно тело. Види 2. Коринтјаните 4,11. Тоа е значењето да се живее „христијански живот.“
Живата светлина доаѓа од Бога во непресушен извор. Псалмистот воскликнува: „Зашто во Тебе е изворот на животот: во Твојата светлина ние гледаме светлина.“ Псалм 36,9. „И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истечуваше од престолот на Бога и на Јагнето.“ Откровение 22,1. „И Духот и невестата велат: „Дојди!“ И кој ќе чуе, нека каже: „Дојди!“ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум.“ Откровение 22,17.
„А Исус им рече: „Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“ Јован 6,53.54. Ние јадеме и пиеме од Христовиот живот преку изобилното нагостување со Неговото слово; во врска со тоа го додал следното: „Духот е тој што оживува; телото ништо не помага. Зборовите што ви ги кажав се дух и живот.“ Стих 63. Христос пребива во Неговото вдахновено слово, преку кое ние го добиваме Неговиот живот. Овој живот се дава дарум на сите оние кои сакаат да го примат, како што и прочитавме; а сега повторно ќе прочитаме како Исус застанал и извикал велејќи: „Кој е жеден нека дојде кај Мене да пие! Јован 7,37
Овој живот е светилото на христијанинот, со кое тој е светлина за другите. Тоа е Негов живот; и благословената утеха за него е дека без разлика колку е мрачна темнината преку која мора да помине, нема таква темнина која ќе ја изгасне таа светлина. Таа животна светлина е негова сè додека тој покажува вера, и темнината не може да влијае на тоа. Па затоа, сите кои го исповедаат името Господово имаат сила да кажат: „Не радувај се на мојата мака, непријателко моја! Иако сум паднат, јас ќе станам; макар што сум сега во мрак – Господ е мојата светлина.“ Михеј 7,8.
Ellet J. Waggoner