Во Рим. 10,4 го читаме следното: „Бидејќи крајната цел на Законот е Христос, за да биде оправдан секој што во Него верува.“ Пред да кажеме што овој текст значи, би било добро накратко да кажеме што не значи. Овој текст не значи дека Христос му ставил крај на законот, од неколку причини: (1) Христос самиот кажал што се однесува до законот: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам.“ Матеј 5,17. (2) Пророкот кажува дека наместо да го поништи, Господ ќе „го возвеличи и прослави законот Свој.“ Исаија 42,21. (3) Законот бил во Христовото срце: „Тогаш реков; еве, идам; во свитокот на книгата за мене е напишано; со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот закон е во срцето мое.“ Псалм 40,7.8. (4) Штом законот е Божјата праведност, темелот на Неговата власт, под никакви околности не може да биде укинат. Види Лука 16,17.
Читателот мора да знае дека зборот „крај“ не мора да значи „уништување.“ Често се користи во смисол на: некој план, објект или некоја цел. Во 1. Тимотеј 1,5 истиот писател вели: „А целта на оваа заповед е: љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера.“ (во англискиот јазик се користи зборот „end“ – што значи „крај“) исто така во во англискиот јазик наместо „љубов“ пишува „милостина“ и авторот овде објаснува дека во некои преводи наместо „милостина“ пишува „љубов“- како и што е во нашиот превод. Во 1. Јованово 5,3 читаме: „Бидејќи љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови,“ а Павле вели: „љубовта е исполнување на Законот.“ Римјаите 13,10. Во двата текста се користи истиот збор (агапе), кој се појавува и во 1. Тимотеј 1,5. Ова сите ќе го препознаат како очигледен доказ.
Но, ова не е крајниот план на законот. Стихот, кој следи е веќе оној за кого размислувавме. Павле го цитира Мојсеј велејќи за законот дека „кој ќе го исполни, тој ќе биде преку него жив.“ Христос му рекол на младичот: „А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите.“ Матеј 19,17. Сега, кога веќе планот за законот бил да се држи, или со други зборови, дека треба да создава праведни карактери, и ветувањето за оние кои се послушни е дека ќе живеат. Со тоа можеме да кажеме дека крајната цел на законот е да дава живот. Во хармонија со ова се Павловите зборови дека заповедта е „назначена за да даде живот.“ Римјаните 7,10.
Но, „сите згрешија и се лишија од Божјата слава“ и „платата за гревот е смрт.“ Па така, невозможно е законот да го оствари својот план во создавањето на совршени животи и следствено, да даде живот. Кога човек еднаш ќе го прекрши законот, никаква последователна послушност никогаш не може да го направи неговиот карактер совршен. Па затоа „заповедта, назначена за да даде живот, истата води во смрт.“ Римјаните 7,10.
Ако запревме само кај тоа дека законот не може да ја оствари својата цел, би го оставиле целиот свет на пропаст и смртна осуда. Сега ќе видиме дека Христос му овозможува на човекот да обезбеди и праведност и живот. Читаме дека сме „оправдани преку дар, со Божјата благодат, и преку откупот во Исус Христос.“ Римјаните. 3,24. „И така, оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исус Христос.“ Римјаните 5,1. Уште повеќе, Тој ни овозможува да го држиме законот. „Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Бог за нас Го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја.“ 2. Коринтјаните 5,21. Па, затоа во Христа е возможно да бидеме направени совршени – Божјата праведност – и токму тоа ќе бевме со постојана и константна послушност кон законот.
Повторно читаме: „И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос. Кои живееме не по телото, туку по Духот…. Она, што законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото, го изврши Бог, испраќајќи Го Синот Свој во тело, подобно на телото на гревот, и како жртва за гревот, Тој го осуди гревот во телото, за да се исполни заповедта на Законот во нас, кои живееме не по телото, туку по Духот. Римјаните 8,1-4.
Што не можел законот да направи? Не можел да ослободи ниту една виновна душа од пропаст. Зошто не? Затоа што беше „ослабен поради телото.“ Нема елементи на слабост во законот; слабоста е во телото. Не е крив добриот алат кој не може да направи цврст столб од гнил стап. Законот не можел да го очисти досието на човекот и да го направи безгрешен; а сиромашкиот паднат човек, немал сила во себе која ќе му овозможела да го држи законот. Па така, Бог ја препишува Христовата праведност на верниците, Кој бил во грешно тело како нив, за да може „праведноста на законот“ да биде исполнета во нивните животи. И на тој начин Христос е завршеток на законот.
Заклучок: разбравме за планот на законот кој дава живот на сметка на послушноста. Сите луѓе згрешија и се осудени на смрт. Но, Христос зеде на себе човечка природа и ќе ја сподели Неговата праведност со оние кои ќе ја прифатат Неговата жртва, и конечно кога ќе станат, преку Него, извршители на законот, Он ќе ја исполни главната цел, крунисувајќи ги со вечен живот. Повторуваме нешто што не можеме целосно да го цениме, тоа дека Христос „за нас стана мудрост од Бога, и праведност, и осветување, и откуп.“ (1. Коринтјаните 1:30)
Ellet J. Waggoner