A. T. Jones

Вистинскиот еволуционист препознава дека создавањето мора да биде моментално, но тој не верува во моментални акции, па затоа и не верува во создавањето. Не заборавајте деа создавањето е моментално, бидејќи спротивно, не е создавање. Ако не е моментално, тогаш е еволуција. Ќе се вратиме пак на почетокот на создавањето, кога Бог зборува, во Неговото слово има креативна енергија да го произведе нештото што тоа слово го изговара. Тоа е создавање, и тоа Божјо слово е исто вчера, денес и засекогаш; живее и пребива засекогаш; има вечен живот во него. Божјото слово е нешто живо. Животот кој е во него е Божјиот живот – вечниот живот. Па затоа, тоа е слово на вечниот живот, како што Господ Исус рекол, тоа пребива во природата на нештата и останува засекогаш. Вечно е Божјото слово, засекогаш има моќ која создава во него.

Кога Исус бил овде, Он рекол: „Зборовите што ви ги кажав се дух и живот.“ Зборовите кои Исус ги кажал се словото Божјо. Тие се проткаени со животот на Бога. Тие се вечен живот, тие престојуваат вечно, и во нив е енергијата која создава и го произведува кажаното.

Ова е илустрирано со многу настани во Христовиот живот, како што е раскажано во Новиот Завет. Нема потреба да ги цитирам сите, но ќе спомнам еден или два, за да можете да го сфатите тој принцип. Се сеќавате дека по беседата на гората, Исус се симнал и се сретнал со еден стотник, кој му кажал: „Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда. Исус му рече: Ќе дојдам и ќе го излекувам.“ А стотникот одговори и рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави;“ Исус се свртел кон присутните и им рекол: „Вистина ви велам: ни во Израел не најдов толку голема вера.“

Израел ја имал Библијата, тие го знаеле Божјото слово. Тие се фалеле дека се луѓе на Книгата, Божјиот народ. Тие ја прочитале, ја проповедале по нивните синагоги: „Така и Моето слово… го исполнува она, што Ми е угодно.“ Тие кога го читале тоа слово, си велеле: Во ред е ова, ова нешто треба да се направи. Ја гледаме потребата за тоа и ние ќе го направиме тоа. Ние ќе го постигнеме тоа што го вели. Потоа, тие дале сè од себе за да го постигнат. Им требало доста долго, толку долго, што никогаш не го направиле. Нивните реални дела биле толку далеку од словото што еден од најдобрите помеѓу нив, бил натеран да каже: „Ако само еден би можел да го држи целиот закон на само еден ден и не згреши ниту во едно нешто, всушност, ако само еден би можел да го држи законот кој укажува на вистинско држење на саботата – тогаш сите проблеми на Израел би завршиле, и конечно ќе дојде Месијата.“ Па така, иако почнале да го прават тоа што словото го велело, им требало толку долго што никогаш не стигнале до тоа. Што биле тие?

Го имале Божјото слово кое гласело: „го исполнува она, што Ми е угодно.“ Ова е кажано со креативна моќ. И покрај тоа што ја препознавале креативната енергија во Божјото слово, сепак сето тоа го запоставиле во нивниот живот, и кажале: Ние ќе го направиме тоа. Тие го барале во себе процесот кој требало да ги доведе до точка каде требало да бидат во склад со словото. Што биле тие? Дали се плашиш да кажеш поради стравот дека и самиот си бил тоа? Не плашете се да кажете дека сте биле еволуционисти, бидејќи тоа и биле, исто така голем дел се такви од вас. Нивниот правец бил антагонистичен на создавањето; во него немало ништо заедничко со создавањето. Не биле направени нови созданија; никаков нов живот не бил формиран во нив; нештото не било постигнато со Божјата моќ; се било од нив; и толку биле далеку од верувањето во создавањето што го отфрлиле Создателот и Го распнале на крст само за да Го тргнат од светот. Тоа, еволуцијата секогаш го прави, не заборавајте дека „еволуцијата е директно антагонистична на создавањето.“

Токму на овие луѓе Исус им се обратил кога ги кажал изјавите на верата во Израел. Еден од нив бил Римјанинот, кој израснал помеѓу Евреите, народ кој го отфрлил учењето на Исус. Стотникот бил околу Исус, го слушал како зборува, ги слушнал зборовите и го видел нивниот ефект, сè додека самиот не кажал: Што и да каже овој Човек така и е; кога Он говори, така и биднува. Сега јас тоа и ќе го искористам. Па така отишол кај Исус и кажал што е запишано. Исус многу добро знаел дека човекот на ум ја имал силата дека Неговото слово ќе го стори тоа нешто, и Исус му одговорил: Добро, ќе дојдам и ќе го излечам твојот слуга. О не Господи, нема потреба да дојдете. Гледате, овој човек испитувал дали во словото имало некаква сила или немало. Па затоа кажал: „Но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави.“ Исус одговорил: „Оди си и, нека ти биде според верата твоја! И слугата негов во истиот час оздраве.“ Кога словото настапило, „во истиот час оздраве,“ колку долго пред да оздрави? Дваесет години? Не. Дали требало да помине помеѓу многу подеми и падови пред да биде излекуван? Бидете искрени. Не, никако! Кога словото било изговорено, словото го направило тоа што било кажано, и тоа го направило веднаш.

Друг ден кога Исус одел по патот, лепрозен човек Го видел и Го препознал. Тој, исто така, ја добил благословената вистина за креативната енергија на Божјото Слово. Тој му рекол на Исус: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш.“ Исус застанал и рекол: „Сакам! Очисти се! И штом го рече тоа, се изгуби лепрата од него, и тој стана чист;“ (Марко 1,41.42). Нам не ни е дозволено да ставаме време помеѓу изговарањето на словото и остварениот факт: „И штом го рече тоа, се изгуби лепрата од него.“

Сега гледате дека Божјото слово на почетокот на создавањето во себе ја имало творечката енергија да го произведе нештото кое е изговорено преку словото, гледате дека, кога Исус дошол на светот да им го покаже на луѓето начинот на живеење, за да ги спаси од нивните гревови, Тој постојано и одново демонстрирал, насекаде и на сите луѓе и за сите времиња, дека истото Божјо слово ја има истата креативна енергија во себе; така што, кога се зборува словото, креативната енергија е таму за да го произведе нештото.

А сега, дали си еволуционист или креационист? Словото ти зборува тебе. Си го прочитал; тврдиш дека му веруваш. Веруваш во создавање наспроти другите еволуционисти, а сега дали ќе веруваш во создавањето и наспроти себе? Дали денес ќе се поставиш така што нема да дозволиш ништо помеѓу тебе и креативната енергија на словото – никаков период на време?

Исус рекол на една личност: „Простени ти се гревовите!“ Колку време пред да се случи тоа? Немало никаков период на време помеѓу „простени ти се гревовите“ и исполнувањето на тие зборови. Тоа исто слово: „Простени ти се гревовите,“ ти се кажува денес и на тебе. Зошто дозволуваш да помине време помеѓу ова слово кое ти се зборува и исполнувањето негово? Пред малку и самиот кажа дека секој кој става минута, па дури и секунда да помине помеѓу кажаното Божјо слово и постанокот на нештото, дека тоа всушност е еволуција. Добро и кажа, тоа е така. Држи се до тоа. Сега те прашувам, зошто тогаш кога Он ти зборува за простување, дозволуваш цели денови да поминат додека простувањето да стигне до тебе и стане вистина во тебе? Ти кажа дека другиот е еволуционист. Што си ти, сакам да знам? Дали ќе престанеш да бидеш еволуционист и ќе станеш креационист?

Овој ден ќе биде од голема важност за многумина овде, бидејќи е време кога многумина ќе се одлучат за едното или за другото. Ако излезеш од овој дом како еволуционист, ќе бидеш во опасност. Во прашање е сега твојот живот или смрт. Ти кажа дека еволуцијата е неверство, и тоа е така; па затоа, ако од овој дом излезеш како еволуционист, од чија страна си? Кој ќе биде твојот избор? Ако денес излезете од овој дом без да ви бидат простени гревовите, вие сте еволуционист, бидејќи дозволувате да помине време помеѓу кажаното слово и неговото остварување.

И од тоа што сум слушнал, секој кој дозволува да помине време помеѓу кажаното слово и остварувањето, тој е еволуционист. Словото Божјо кое е за тебе е: Човеку, „простени ти се гревовите.“ Жено, „простени ти се гревовите.“ [Старешината Корлис (СогНѕѕ): „Што пишува: твоите гревови ќе бидат простени?“] Не, господине. „Простени ти се гревовите“ – сегашно време, со нагласок. „Простени ти се гревовите.“ Му благодарам на Бога што е така, бидејќи креативната енергија е во словото „простени“ за да ги земе сите гревови и да создаде ново создание во човекот. Јас верувам во создавањето. Дали? Веруваш ли во креативната енергија која е во словото „простено“ кое ти е кажано? Или пак си еволуционист и велиш: Јас не можам да видам како може тоа да се случи, затоа што јас сум многу лош? Сум се трудел да постапувам исправно, но сум доживеал многу неуспеси. Сум имал толку подеми и падови и сум имал многу повеќе падови отколку подеми. Ако е тоа така, како што го велиш, тогаш си еволуционист, бидејќи тоа е еволуција.

(продолжува)

Pin It on Pinterest