„Ви велам: живејте по Духот, и нема да им угодувате на телесните страсти. Зашто, телото сака противни работи на духот, а духот – противни на телото; тие се спротивни еден на друг, за да не го правите она што го сакате. Ако ве води Духот, вие не сте под Законот.“
„Ако ве води Духот, вие не сте под Законот,“ затоа што „сите оние што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји“. Како Божји синови, тие го имаат умот на Духот, умот на Христа, и така со умот тие му служат „на Божјиот закон“. Според тоа, секој што е предводен од Божјиот Дух, и на тој начин го има Христовиот ум, го исполнува законот, бидејќи со тој Дух во срцето е пролеана Божјата љубов, која сама по себе е исполнување на законот, во секој кој ја има.
Од друга страна, секој кој е воден од телото, и така го има телесниот ум, ги врши делата на телото и така служи на законот на гревот.
И двата избора, патот на Духот и патот на телото, секогаш се отворени пред секој човек. Како што постои телото, кое „сака противни работи на духот“, така, постои и Духот, кој сака работи „противни на телото“. Секој кој е воден од телото, не може да го стори доброто што сака. Тој служи на гревовниот закон и така е под законот. Но „Ако ве води Духот, вие не сте под Законот.“
И секој човек е секогаш слободен да избере кој ќе биде неговиот пат – патот на Духот или патот на телото. „Ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе бидете живи.“ Римјаните 8,13.
Забележете дека во текстот од Галатјаните кој сега се разгледува и нему сличните текстови во Римјаните и во Колосјаните, наведени се зборови и постојано може да се види дека телото, во својата вистинска телесна грешна природа, сè уште е присутно кај оној што има Божји Дух и дека ова тело војува против Духот.
Тоа значи дека, кога еден човек ќе се обрати и на тој начин е под силата на Божјиот Дух, тој не е ослободен од телото во смисол дека е одвоен од него заедно со неговите склоности и желби така што телото повеќе нема да го искушува и дека нема повеќе борба со него. Не, тоа истото дегенерирано, грешно тело е таму со истите склоности и желби. Но, тој повеќе не е потчинет на нив. Тој е ослободен од потчинетоста на телото во своите склоности и желби и сега е потчинет на Духот. Тој е сега потчинет на сила која го освојува, победува, распнува, и го држи телото, грешно како што е, со сите свои склоности и желби. Затоа, е напишано дека „преку Духот ги умртвувате делата на телото“. „Затоа умртвете ги органите од земната природа во вас, односно блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство!“ Колосјаните 3,5. Забележете дека сите овие работи се наоѓаат во телото и ќе живеат и ќе владеат ако владее телото. Но, бидејќи самото тело е потчинето на Божјата сила, преку Духот, сите овие зли дела се убиени во самиот корен и на тој начин се спречени да се појавуваат во животот.
Овој контраст на владеење на телото и владеењето на Духот е јасно прикажан во Римјаните 7,14-24 и во 1. Коринтјаните 9,26.27. Во седмото поглавје до Римјаните е насликан човекот кој е под силата на телото, „продаден на гревот како роб“, кој копнее да прави добро и има желба да прави добро, но е подложен на сила во телото што не му дозволува да прави добро кое сака да го прави. „Зашто не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам.“ „И така, во себе наоѓам ваков закон: кога сакам да го правам доброто, злото ми е близу.“ „Бидејќи, според својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во своите телесни делови гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме држи заробен во гревовниот закон, кој е во моите органи. Колку несреќен човек сум јас! Кој ќе ме избави од ова тело на смртта?“ Тоа го опишува човекот кој е потчинет од телото, „од законот на гревот“ кој е во органите на телото. И кога ќе се отцепи од силата на телото и прави добро, таа сила уште го доведува во заробеништво и го држи под власта на телото, гревовниот закон, кој е во неговите органи.
Но, постои избавување од таа моќ. Затоа, кога тој извикува: „Колку несреќен човек сум јас! Кој ќе ме избави од ова тело на смртта?“ веднаш се дава одговор: „Му благодарам на својот Бог преку Исус Христос, нашиот Господ.“ Тоа е патот на избавување, зашто само Христос е Спасителот.
И сега овој човек, иако е ослободен, тој не е ослободен од борбата; тој не е ставен во состојба во која нема никакви борби со телото. Постои борба која уште треба да се води и тоа не е некоја измислена борба. Тоа не е борба на фантом. Еве ја тајната на силата. 1. Коринтјаните 9,26.27. „Не се борам како оној што удира по ветар.“ Со што се бори? Кого го поробува? Прочитајте: „Го совладувам своето тело и го правам свој роб, та јас кој им проповедав на другите, да не бидам и самиот отфрлен.“ (Констатинов и Рев. Изд.)
Така, битката со која се бори христијанинот е неговото тело, телото и неговите склоности и желби. Телото на христијанинот треба да биде поробено и совладано од новата сила на Божјиот Дух, кому тој е сега потчинет и станал покорител кога се ослободил од моќта на телото и гревовниот закон.
Ова е уште поизразено со целосното истражување на грчкиот збор – hypópiazó“ преведен како „совладан“ во 1. Коринтјаните 9,27. „Го совладувам своето тело“ Тоа значи, буквално, „да се удри под окото, да се удри лицето до поцрнување и помодрување.“ Соодветно на тоа, овој пасус така е и преведен: „Јас, пак, така трчам, но не како без цел; не се борам како оној што удира по ветар, туку го истоштувам и го поробувам телото.“
Така, седмото поглавје од Римјаните го покажува човекот кој е подложен на силата на телото и гревовниот закон кој е во органите, но копнее за избавување, додека деветтото поглавје од првото послание до Коринтјаните го покажува телото кое му е потчинето на човекот преку новата сила на Божјиот Дух. Во седмото поглавје од Римјаните, телото владее и човекот е совладан. Во деветтата глава од првото послание до Коринтјаните, човекот владее а телото е совладано.
И овој благословен пресврт на нештата е овозможен во обраќањето на една душа. Со обраќањето, човекот е ставен во владение на силата Божја и под власта на Божјиот Дух, така што со таа власт тој е владетел над телото со сите негови склоности и похоти, и преку Духот го распнува телото и склоностите и похотите во борбите „со добриот подвиг на верата.“
Луѓето не се спасуваат со потполно ослободување од телото, туку со добивање моќ да ги освојат и да завладеат над сите зли тенденции и желби на телото. Луѓето не развиваат карактер (всушност, тие никогаш не би ни можеле) со тоа што би биле ослободени и однесени во царство каде нема никакво искушение, но со добивање моќ во полето на искушението токму таму каде што треба да ги победат сите искушенија.
Ако луѓето би можеле да се спасат со целосно ослободување од телото, такво какво што е, тогаш Исус немаше потреба никогаш да дојде во светот. Ако луѓето треба да се спасат со тоа што ќе бидат ослободени од сите искушенија и ќе бидат поставени во царството каде нема искушенија, тогаш Исус не требало да дојде во светот. Но, никогаш со такво ослободување како тоа, човекот не би можел да развие карактер. Затоа, наместо да се обидува да ги спаси луѓето со тоа што целосно би ги ослободил од телото токму онаму каде што биле, Исус дошол во светот и се ставил себеси ВО ТЕЛО токму онаму каде што се луѓето, и се сретна со тоа ТЕЛО, КАКВО ШТО Е, со сите свои склоности и желби, и преку божествената моќ што ја донел преку вера, „Тој го осуди гревот во телото“ и на тој начин ја донел до целото човештво таа божествена вера која ја носи божествената моќ на човекот за да го избави од моќта на телото и гревовниот закон, токму онаму каде што е, и да му даде сигурна власт над телото, такво какво што е.
Наместо Исус да се обиде да ги спаси луѓето на начин на кој тие би биле криви и без карактер, поставувајќи ги во царството без никакво искушение, Тој дојде кај човекот токму таму каде што човекот е среде сите негови искушенија. Исус дојде во истото тело како што го има човекот, и во тоа тело Тој се сретна со сите искушенија познати на тоа тело и ги победи сите од нив, и со тоа освојување донесе победа на секоја душа во светот. Благословено да е Неговото име.
И секоја душа може во својата полнота да ја има таа победа, секој кој ќе ја прими и ќе ја задржи „верата во Исус“. Зашто, „ова е победата што го победи светот – верата наша.“
A. T. Jones & E. J. Waggoner
Advent Review and Sabbath Herald, Sept. 18, 1900