„А му сведочам пак на секој човек што се обрезува дека тој е должен да го почитува целиот Закон.“
„Должен да го почитува целиот Закон.“ Необично е што многумина, во разгледувањето на оваа изјава, направија таа да означува разлика помеѓу двата закона и го исклучиле Божјиот закон од субјектот што се разгледувал, дозволувајќи му на зборот „должен“ да му се даде само чувство на „обврска.“
Тие знаат, според Писмото, дека целата должност на човекот е да се бои од Бога и да ги држи Неговите заповеди. Тие знаат дека не може да има ниту еден друг стих за да му се спротивстави на тоа. Тие знаат дека секој човек е должен да го држи целиот Божји закон, без разлика дали е обрезан или необрезан. И, дозволувајќи на овој термин да се укаже само како на обврска – дека ако е само обрезан тој е должен да го држи целиот закон, тие заклучуваат дека тоа мора да го исклучи Божјиот закон; тие заклучуваат дека мора да има некој закон, што никој не е под никаква обврска да го држи, освен ако не биде обрезан, и дека затоа „целиот закон“ што се разгледува мора да биде само за церемонијалниот закон за жртви и приноси.
Од друга страна пак, постојат оние кои не се обврзани да го држат Божјиот закон, кои го цитираат овој стих за да ја оправдаат нивната непослушност и противење. Тие би рекле дека само оние кои се обрезани се под обврска да го држат Божјиот закон и дека само со обрежување доаѓа обврската, а тие исто така знаат дека не се обврзани да бидат обрезани. Со ова тие тврдат дека не се обврзани да ги држат десетте заповеди.
Но, и двете страни се погрешни; ниту еден не успева да ја види мислата што е во овој стих. А причината за овој неуспех е што дозволуваат зборот „должен“ да се сфати само во смисол на „обврска.“
Точно е дека зборот означува „обврска.“ Но, на ова место и на секое друго место кое е во врска со моралните обврски на луѓето, зборот има толку многу пошироко и подлабоко значење од она едноставно значење како „обврска,“ што едноставното значење како обврска, всушност станува секундарно.
Зборот „должен“ во овој стих – Галатјаните 5,3 – значи не само дека лицето е во долг и има обврска да плати, туку, многу повеќе од тоа, тој е во претеран долг, кој воопшто со ништо не може да го плати. Ако некој човек е должник и е обврзан да плати илјада долари, а има изобилство или само способност да плати илјада долари, тоа е доволно лесно. Но, ако некој е должник и е обврзан да плати четиринаесет милиони долари (14.000.000 $), а нема ниту еден цент за да плати, а е во затвор и нема никаква шанса да заработи ниту еден цент за да го плати долгот, зборот „должник“ значи многу повеќе од само „обврска за плаќање на долгот“.
И токму тоа е случајот тука. Тоа е мислата во овој стих. Тоа е значењето манифестирано овде во зборот „должник“. Ова е така, бидејќи зборот „должник“, кога се користи во врска со моралот, имплицира и може да имплицира само грев, бидејќи човекот е грешник.
Овој збор „должник“ во Галатјаните 5,3 е токму зборот што се користи во Лука 13,4. „Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа највиновни должници од сите други што живеат во Ерусалим?“ (во некои преводи пишува грешници).
Тоа е зборот што се користи и во Господовата молитва (Матеј 6,12), „Прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници;“ додека пак во верзијата на Лука, јасно се изразува мислата за гревот во зборовите: „и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштеваме на секој наш должник.“ Лука 11,4.
Истиот збор го користи и Спасителот во Лука 7,41.42: „Исус му рече: „Некој заемодавец имаше двајца должници: едниот му должеше петстотини денарии, а другиот педесет. Но бидејќи немаа да му вратат, тој им ги подари на обајцата.“
Тоа е истиот збор кој исто така се користи во параболата во Матеј 18,23-35. Во тие преводи каде што во Лука 13,4 пишува „грешници“ а не „должници“, маргините на тој стих ги води во параболата во Матеј 18 глава. Тоа е параболата во која се вели дека кога еден цар „побарал да ја расчисти сметката со своите слуги“, довеле „кај него еден што му должеше десет илјади таланти“ – тоа е околу четиринаесет милиони четиристотини илјади долари – и тој немал ништо со кое би можел да плати. Тогаш Господарот „ му го прости долгот“. Но, кога слугата наишол на еден од неговите другари, кои му должел околу петнаесет долари, тој не сакал да му го прости долгот, туку го фрлил во затвор додека не му врати петнаесет долари. Тогаш господарот негов го повика должникот „па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот долг. Така и Мојот Отец небесен ќе постапи со вас, ако секој од вас не му прости од срце на брата си.“ Матеј 18,23-35.
Таа замисла за испорачување на должникот на мачители додека тој не го плати сето тоа што му го должи на неговиот господар, се содржи во словото, бидејќи „употребата на словото ја вклучува идејата дека должникот е оној што мора да ја надомести својата вина“. И „гревот се нарекува „оркепета* (на грчки) бидејќи вклучува измирување и плаќање на нештото како долг, преку казна и задоволување.“
Од овие стихови внимателниот читател може да увиди дека според зборовите во Галатјаните 5,3 – „тој е должен да го почитува целиот Закон“ – има многу повеќе предлози од тоа дека тој е само под обврска да ги прифати тврдењата на законот врз него и да стори сè што може да ги исполни. Сето ова покажува дека тој не е само под обврска да ги признае обврзувачките тврдења на Божјиот закон, туку дека тој всушност е должник да се предаде на сите тврдења што тој закон ги има врз него. И понатаму е прикажано дека, тој лично мора вечно да биде должник, бидејќи нема апсолутно ништо за да плати, нема никакви лични средства со кои ќе стекне нешто со кое би платил. И оваа задолженост лежи не само во неговата обврска од сега па натаму да го држи законот; исто така е во обврска да се задоволат сите работи од минатото – за сè насобрано до тој ден.
Според тоа, секој човек лично е вечен должник во сето она што се имплицира во Галатјаните 5,3 и сличните текстови кои ги наведовме, бидејќи „сите згрешија и лишени се од славата Божја“. И секој што ќе се обреже и на тој начин да се спаси, со тоа бара да биде спасен преку своите дела на самоправедност, всушност, на тој начин ја презема обврската, целиот долг од почетокот до крајот на неговиот живот, тој да му го исплати на Божјиот закон. И со тоа тој, исто така, ја презема обврската да ја акумулира и истрпи сета вина за своите престапи.
Тоа е значењето да се биде должник да го „почитува целиот Закон“. Тоа е тоа што се кажува со зборовите: „А му сведочам пак на секој човек што се обрежува дека тој е должен да го почитува целиот Закон.“ Тој не е само должник, туку со таа трансакција тој самиот доброволно презема на себе да се ослободи од сето она што е вклучено во неговата задолженост.
Сега, точно е дека секој човек во светот е на таков начин лично должник. Исто така е вистина дека секој кој денес бара оправдување преку своите дела, дали во извршувањето на десетте заповеди или на нешто друго што Господ заповеда, така се обврзува и превзема на себе да плаќа сè што е вклучено во задолженоста. Но, тој не може да плати. Не, тој не поседува никаков елемент на некаква можност за да плати и дел од долгот. Тој е преоптоварен и изгубен.
Но, благодарение на Бога, секој што ја има Божјата праведност која доаѓа преку верата во Исуса Христа, па секој што зависи само од Господа Исуса и она што го направил Исус, иако и тој самиот е должник како и секој друг човек, сепак, во Христа, тој има изобилство со која би ја платил целата задолженост. Христос со казната, со задоволство ја превземал сета вина за секоја душа, и со Божјата праведност што ја носи, Христос обезбедува изобилство на праведност за да ги плати сите барања што законот може да ги направи во животот на оној што верува во Исус.
Благодарете му на Бога за Неговиот неискажлив дар на непроценливо богатство кое доаѓа од Христа. Верувајте! Прифатете го! Ти кој си сирот, совладан и изгубен „должник“, „те советувам да си купиш од Мене злато низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бела облека, за да се облечеш“ „Дојдете, купувајте… без пари и без плаќање.“
A. T. Jones
Advent Review and Sabbath Herald, Aug. 21, 1900