Alozo. T. Jones
Објавени во продолженија во списанието „Review and Herald“
2.7 Лекции за верата (седми дел) – 31 јануари 1899.
Кога Авраам и Сара ги отфрлиле сите планови на неверство, кои довеле до раѓањето на Исмаил, а ја задржале само верата, потпирањето само на Божјиот збор, се родил Исак, вистинското дете на ветувањето.
Слушајќи го гласот на Сара (Битие 16:1), Аврам скршнал од патот на строгото потпирање на Божјиот збор, скршнал од вистинската вера; но сега, бидејќи се вратил само на зборот, на вистинската вера, морал да помине на испит пред да може, со сигурност да биде кажано за него дека верата му се засметала за праведност.
Се потпрел само на Божјиот збор и наместо Исмаил го добил Исак, вистинското дете на Божјото ветување. Така и сега, кога го добил Исак, морало да се утврди дали ќе се потпре само на Божјиот збор и кога се работи за самиот Исак.
Во склад со тоа, Бог му рекол на Авраам: „Земи го синот твој единец Исак, кого што многу го сакаш, па оди во земјата Морија, и принеси го таму како жртва сепаленица на една горичка што ќе ти ја покажам!“ (Битие 22:2)
Аврам го добил Исак од Бог, само затоа што поверувал на Божјиот збор. Самиот Исак бил семето ветено преку зборот Господов. После Исаковото раѓање, Бог го потврдил тој збор преку изјавата: „во Исак ќе произлезе потомството твое“ (Битие 21:12). И сега дошол Божјиот збор: Земи го синот свој единец Исак и принеси го како жртва паленица.
Но, ако го принесе Исак како жртва паленица, ако Исак изгори, што ќе биде тогаш со ветувањето дека во него ќе бидат благословени сите народи? Што ќе биде со ветувањето: Ќе го умножам твоето семе да биде како безбројните ѕвезди на небото? Сепак, овде бил зборот: Принеси го Исак како жртва паленица. Авраам се потпрел само на Божјиот збор, кога се работело за Исмаил, но овде се работи за нешто многу повеќе од само потпирање на Божјиот збор. Кога е во прашање зборот за Исак – требало да се потпре на Божјиот збор наспроти Божјиот збор.
И Авраам се потпрел, надевајќи се спротивно од надежта. Бог рекол: Твоето семе ќе биде како ѕвездите на небото; Во Исак ќе произлезе твоето потомство; Принеси го Исак како жртва паленица. Авраам не инсистирал на тоа Бог да ги „усклади овие текстови“. За него било сосема доволно да знае дека сите овие изјави биле Божји збор. Знаејќи го тоа, тој ќе се потпре на зборот, ќе го следи зборот, а ќе му препушти на Господ да ги „усклади овие текстови“, или да ги „објасни овие текстови“, ако такво нешто било потребно.
Авраам си рекол: Бог рече: „Принеси го Исак како жртва паленица“ и јас тоа ќе го направам. Бог рече „во Исак ќе произлезе твоето потомство“ и „ќе го умножам тоето семе да биде како безбројните ѕвезди на небото“. Еднаш се вмешав во ветувањето и го спречив неговото остварување додека не се одреков од сè што сум направил и се вратив назад само на зборот. Тогаш, преку чудо, Бог ми го даде Исак, ветеното семе. А сега Тој вели: „принеси ми го Исак, ветеното семе, како жртва паленица“. Ќе го направам тоа. Бог ми го даде (Исак) преку чудо и Бог може преку чудо да го обнови. Сепак, ако го пренесам како жртва паленица, тој ќе биде мртов; па единствено чудо преку кое може да го обнови е чудо да го врати од мртвите. Но Бог е во состојба дури и тоа да го направи, затоа што неговиот збор беше „ќе го умножам тоето семе да биде како безбројните ѕвезди на небото“ и „во Исак ќе произлезе твоето потомство“. Дури и враќањето на Исак од мртвите за Бог нема да биде ништо повеќе од тоа што Тој веќе го направил, бидејќи што се однесува за потомство, и моето и Сариното тело веќе беа мртви, а сепак Бог од нив го изведе Исак. Тој може да го воскресне Исак од мртвите и Тој ќе го направи тоа. Благословен да е Господ!
Тоа било решено. Станал, ги земал своите слуги и Исак, и тргнал на тродневно патување „до местото, за кое му беше рекол Бог“. А кога третиот ден „го здогледа местото оддалеку“, „и им рече Авраам на слугите свои: ‘Останете вие овде со магарето, а јас и детето ќе одиме онаму, па откога ќе се помолиме, ќе се вратиме кај вас’“(Битие 22:5). Кој ќе оди понатаму? „Јас и детето“. Кој ќе се врати? „Јас и детето ќе одиме онаму … и ќе се вратиме кај вас“. Авраам очекувал дека Исак сигурно ќе се врати со него, исто како што со него и отишол.
Авраам очекувал да го принесе Исак како жртва паленица, а потоа очекувал да го види Исак како станува од пепелта и се враќа со него. Затоа што Божјиот збор бил изговорен: „во Исак ќе произлезе твоето потомство“ и „ќе го умножам тоето семе да биде како безбројните ѕвезди на небото“. И Авраам се потпрел само на тој збор, кој секогаш се остварува. [Евреите 11:17-19]
ТОА Е ВЕРА. „И се изврши Писмото, кое вели: ‘Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност’“. (Јаков 2:23). Сепак над сето ова, „Но не е напишано само за него ‘дека му се засмета’ туку и за нас на кои ќе ни се засмета, затоа што веруваме во Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исуса, нашиот Господ. Кој беше предаден за нашите гревови и беше воскреснат за наше оправдание.“ (Рим. 4:23-25). Имајќи доверба само во Божјиот збор, потпирајќи се само на Божјиот збор, потпирајќи се на Божјиот збор, дури и ако е спротивен на Божјиот збор – тоа е ВЕРА. Тоа е верата која донесува Божја праведност.
Тоа значи да се покаже вера. На тоа мисли Светото Писмо кога нè повикува да покажеме вера. А да разбереме како да покажеме вера е науката на евангелието. А науката на евангелието е наука над науките.
(продолжува)