„Како што дождот и снегот паѓаат од небото и таму не се враќаат, туку ја напојуваат земјата и ја прават способна да раѓа и да се зеленее, за да му дава семе на оној, што сее и леб за да јаде, така и Моето слово, што излегува од устата Моја, не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она што Ми е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас.“ Земјата може да донесе вегетација само поради влагата од дождот или снегот што доаѓа од небото врз неа. Без ова, сè ќе исчезне и загине. Тоа е исто со животот на човекот и Божјото слово. Без Божјото слово, човечкиот живот е неплоден за моќ и за добро, како што е земјата без дождот. Но, дозволете само Божјото Слово да паѓа врз срцето како роса на земјата; тогаш животот ќе биде свеж и убав во радоста и мирот Господов, и плодоносен со плодовите на правдата, кои се од Исуса Христа.
Исто така, забележете дека не сте вие тие што треба да го направат она што Му е угодно; туку тоа „го исполнува она, што Ми е угодно,“ не треба да го читате или слушате Божјото слово и да кажете, јас мора да го направам тоа, или пак јас ќе го сторам тоа. Вие треба да го отворите срцето на тоа слово, за тоа да може да ја оствари Божјата волја во вас. Не сте вие тие што треба да го сторите тоа, туку тоа. „Тоа“ – самото Божјо слово ќе го стори тоа, ваше е да му дозволите. „Словото Христово изобилно нека се всели во вас.“
На друго место, истото е речено на следниот начин: „Зашто, откако го примивте словото Божјо од нас, го примивте не како слово човечко, туку – како што е – слово Божјо, кое и дејствува во вас, кои верувате.“ Па така, Божјото Слово е тоа кое мора да работи во вас. Вие не треба да работите да го извршувате Божјото слово: Божјото слово треба да работи во вас за да ве поттикнува да го извршувате. „Затоа се трудам и се борам. Зашто Неговата сила со голема моќ дејствува во мене.“
Кога на Божјото Слово, кое живее и е полно со сила, ќе му биде дозволено да работи во животот, ќе се извршат моќни дела во тој поединец. Бидејќи ова слово е Божјо слово, моќта, со која е исполнето, е само силата Божја; и кога на тоа слово ќе му биде дозволено да работи во животот, таму ќе биде Божјото дело што се манифестира во животот – тоа е моќта што силно работи. „Зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја.“ Словото „го прави она за што сум го испратил Јас.“ Дозволи му.
Од овие стихови е јасно дека од нас се очекува да гледаме на Божјото Слово како самоисполнувачко. Словото Божјо е самоисполнувачко. Ова е големата вистина презентирана насекаде во Библијата. Ова е разликата помеѓу Божјото Слово и зборовите на луѓето. И токму таа разлика е нагласена во пасус кој гласи: „Зашто, откако го примивте словото Божјо од нас, го примивте не како слово човечко, туку – како што е – слово Божјо, кое и дејствува во вас, кои верувате.“
Во зборот на човекот, не постои моќ да го прави она што го кажува. Какви и да се способностите на човекот да го оствари она што го вели, нема сила во самиот збор на човекот да го оствари она што го вели. Човекот може да го каже најлесното нешто за него што може да го постигне, и може целосно да поверува во тоа, но сепак целосно зависи од самиот човек за да го постигне тоа, неповрзано со неговиот збор. Тоа не е неговиот збор што го прави тоа. Самиот тој мора да го стори тоа; и тоа на ист начин, како и кога не би рекол такво нешто. Таков е зборот на луѓето.
Но, тоа не е така и со Божјото слово. Кога Господ го зборува словото, во тој момент во тој збор постои жива моќ да го постигне она што зборот и го изразува. Не е потребно Господ да користи каква било сенка на кој било друг начин, освен користењето на самиот збор за да го постигне она што го кажува зборот. Библијата е полна со вакви илустрации, и тие се напишани за да нè научат токму на тоа – да не гледаме на словото како што гледаме на зборот на луѓето, туку да го гледаме како Божјо Слово; и дека можеме да го примиме Божјото Слово така како што е, во вистина, за да дејствува ефективно во нас, да дејствуваме според Неговата добра волја.
„Преку словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни… Зашто Тој рече и тие настанаа.“ „Преку вера разбираме дека целата вселена била создадена преку Божјиот Збор, така што сè што е видливо настанало од она што било невидливо“ (Евреите 11,3). Во почетокот немало светови. Не само тоа, немало материјали од кои се создадени световите. Немало ништо. Тогаш Бог кажа, и сите светови се појавиле на нивните места. Тогаш, од каде дошле световите? Пред Тој да прозборел, немало; откако Тој кажал, тие биле таму. Тогаш, од каде би можеле да дојдат? Што ги произвело? Што го создало материјалот од кого тие се составени? Што ги предизвикало да постојат? Словото било тоа што било кажано, кое го направило сето тоа. Ова слово го направило сето тоа, бидејќи тоа било Божјо Слово. Во тоа слово било божеството на креативната сила, на животот и духот, за да се направи сето она што словото го кажало. Такво е Божјото слово.
„И тој збор е Радосната вест што ви беше проповедана.“ Божјото Слово во Библијата е исто, – исто во животот, во духот, во креативната сила, – токму истото како она што го направи небото и сите нивни сили. Исус Христос бил Тој кој го зборувал словото во создавањето; Тој е Оној кој го зборува словото во Библијата. Во создавањето, словото што Тој го зборувал ги создало световите; во Библијата словото што го зборува, спасува и ја посветува душата. На почетокот, словото што го зборувал Тој, ги создало небото и земјата; во Библијата словото што го зборува, од оној што го прима тоа слово, создава човек во Христа Исуса. На двете места, и насекаде во делата Божји, словото е тоа што го прави тоа.
„Словото Христово изобилно нека се всели во вас.“ Примете го „не како слово човечко, туку – како што е – слово Божјо, кое и дејствува во вас, кои верувате.“ Тогаш, „Како што дождот и снегот паѓаат од небото и таму не се враќаат, туку ја напојуваат земјата и ја прават способна да раѓа и да се зеленее, за да му дава семе на оној, што сее и леб за да јаде, така и Моето слово, што излегува од устата Моја, не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што Ми е угодно.“ „Нам ни е испратено словото на ова спасение.“ „И сега ве препорачувам на Бога и на Словото на Неговата благодат, кое е во состојба [буквално „полно со моќ“] да изградува и да даде наследство меѓу сите осветени.“
A. T. Jones
Advent Review and Sabbath Herald, Oct. 20, 1896