Во христијанскиот живот сè зависи од Божјото слово. Вистина е дека Бог може и сака да нè заштити да не грешиме, но ова мора да биде направено преку Неговото слово. Па затоа е напишано: „Поради зборовите на устата Твоја, јас го одбегнував патот на насилниците.“ „Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред Тебе.“ (Во англискиот превод на местото на „заповедите Твои“ стои „словото Твое“.) Ова е патот кој Бог Го назначил и не постои друг пат со кој би можело да се постигне ова нешто.
Овој пат не е назначен само поради тоа што Тој произволно го избрал дека треба да биде патот и потоа го наложил на луѓето како наредба дека мора да биде тој пат. Неговото слово е патот за спасение и патот на посветување (христијански начин на живеење) затоа што овој е начинот на кој Господ ги остварува нештата, затоа што ова е начинот на кој Тој се манифестира Себеси. Преку Неговото слово биле создадени сите нешта во почетокот. Тој, преку Неговото слово го направи човекот ново создание, така и преку Неговото слово, Тој ќе го создаде наново овој свет и сè што е во него. „Преку словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни… зашто Тој рече и тие настанаа; Тој заповеда и се создадоа.“ „Преродени… преку словото на живиот Бог.“ „И Седнатиот на престолот рече: ‘Ете, сè ново создавам.’ … Потоа ми рече: ‘Се сврши!’“
Не само световите биле создадени преку Божјото слово, но тие се одржуваат преку тоа исто слово. „Тие намерно забораваат дека небесата и земјата од порано беа создадени од вода и преку вода со силата на Божјото слово, преку кое (со Божјото слово), тогашниот свет загина, потопен од вода. А сегашните небеса и земјата, се запазени од истото слово.“ Значи, не само што христијанинот е создаден преку Божјото слово, туку тој е и одржуван, негуван, и предизвикан да расте. Господ ги држи „сите нешта“ преку Неговото моќно слово. А христијанинот се наоѓа помеѓу „овие нешта“ ниту помалку од некој, или сите светови заедно.
Не постои ниту мал сомнеж дека сите светови Господ ги одржува во своите места. Но, световите не се „сите нешта“ кои Господ ги одржува и држи во своите места. Тоа е вистина колку за христијанинот, толку и за било која ѕвезда на сводот или било која планета во висините. Ниту пак може да постои сомнеж дека ѕвездите и световите се одржуваат и држат на нивниот пат преку Господовото слово. Не смее да има сомнеж, ништо помалку за ова колку до сега, дека христијанинот е одржуван и се држи на место преку Господовото слово.
Ова треба да го верува и да се потпира на него, секој кој себеси се исповеда со името на Христос (или се нарекува себеси христијанин, што е исто). Вие и јас не можеме ништо повеќе да се одржуваме и држиме во вистинскиот правец, отколку сонцето или планетата земја. И колку што световите зависат од Неговото слово, во иста мера христијанинот зависи од Неговото исто слово. Бидејќи тоа е така, христијанинот се држи на патот Господов сигурно и лесно, како и секоја планета во вселената. Напишано е дека Тој „може да ве запази да останете безгрешни и без порок.“ И Тој вели: „Јас ќе те закрепам и ќе ти помогнам, ќе те поддржам со Мојата победоносна десница.“ „А ќе стои исправено, зашто Бог има моќ да го исправи.“
О, ти христијанину кој се мачиш и не си исправен, словото што ги држи големите светови, зарем не може да те држи и тебе? Верувај во тоа слово. Зависи целосно од него. Потпрете се целосно на него, а потоа ќе најдете одмор во него. Верувајте му на Господ за да ве држи, исто како што му верувате дека го држи сонцето. Неговото слово го задржува сонцето, а Неговото слово постојано и постојано ти вели: „Не плаши се, зашто Јас сум со тебе.“ Јас „ќе те поддржам“, Јас ќе те чувам, ти си мој. „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам.“ Јас никогаш нема да те оставам додека не го сторам тоа нешто кое ти го кажав.
„Зашто, словото Божјо е живо и дејствува“ (во англискиот превод стои: „Зашто, словото Божјо е живо и моќно). „Моќно“ значи „полно со моќ,“ Божјото Слово е живо и полно со моќ, да прави за вас, со вас, и во вас, сето она што го вели тоа слово. Имај доверба во тоа слово, верувај му, зашто тоа е словото на живиот Бог. Тоа е словото на сочувствителниот Спасител. „Со кроткост примете го насаденото слово, кое може да ги спаси вашите души.“ „Ве предавам на Бога и на словото од Неговата благодат; Тој може да ве унапреди подобро.“ „Словото Христово изобилно нека се всели во вас.“ „Божјата сила преку верата ве сочувала.“ Силата Божја се манифестира преку Неговото слово и затоа е Неговото слово моќно. Верата доаѓа со слушање на Божјото Слово; Затоа, верното слово, е слово полно со вера. Затоа, кога вели дека „Божјата сила преку верата ве сочувала,“ тоа всушност само кажува на друг начин дека: вие сте чувани преку Божјото слово, „за спасение, приготвено да се открие во последното време.“ Имај доверба во тоа слово, верувај му, и пронајди ја силата која ја крие.
A. T. Jones
Advent Review and Sabbath Herald, Oct. 13, 1896