ги знам делата твои: ти не си ни студен, ни жежок; о, да беше студен или жежок! Така, бидејќи си млак, а не жежок, или студен, ќе те изблујам од устата Своја! Зашто велиш: „Богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба”, а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол; те советувам да си купиш од Мене злато низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бела облека, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја, и со очна маст намачкај ги очите твои за да гледаш. Оние што Јас ги сакам, нив ги карам и воспитувам. И така, биди искрен и покај се. Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене. На оној што победува, ќе му дозволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол. Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.
(Откровение 3:15-22 ; Библија)

Патот кон Христа

Едно е да се знае за Исус, а сосема друго е да се биде со Исус. Досега не сме сретнале (се разбира, доколку не ја сметаме Библијата) друга книга која така непогрешливо објаснува како да се биде христијанин, на толку едноставен начин, разбирлив за секого. Таа ги насочува нозете од сомневање и колебливост кон патеката на мирот. Го води оној кој бара праведност и светост на карактерот, чекор по чекор на патот на христијанскиот живот, до такво искуство каде што ќе може да ја спознае полнотата на благословот кој се наоѓа во целосното предавање на себеси во Христовите прегратки. Ја открива тајната на победата која што се наоѓа во едноставноста на спасителната благодат и сила на најголемиот Пријател на целото човештво – Исус. Оваа малечка книга ќе ви помогне да ги составите сите парчиња на сложувалката заедно и да научите како секојдневно да чекорите со Исуса кој вели: „Јас дојдов за да дадам живот – и тоа живот во сета негова полнота.“ (Јован 10:10 ; Библија)

Издвојуаме два пасуси од оваа малечка, но толку содржајна книга:

„Има такви кои тврдат дека му служат на Бога иако сакаат сами, со своја сила, да го држат Божјиот закон, да изградат праведен карактер и да си осигурат спасение. Нивните срца не се поттикнати со длабоко разбирање на Христовата љубов, туку обврските на христијанскиот живот ги исполнуваат како услови што им ги поставил Бог за да можат да го добијат небото. Таквата религија нема никаква вредност. Кога Христос живее во срцето, душата се исполнува со неговата љубов и се радува што ужива негова заедница и единство со него. Тогаш, гледајќи го него, ќе заборави на себе. Љубовта кон Христа ќе биде извор на дејствување. Оние што ја чувствуваат силата на Божјата љубов не прашуваат на кој начин со што помалку труд би можеле да се задоволат Божјите барања; тие не бараат најниски мерила, туку имаат цел да бидат во совршена хармонија со волјата на својот Откупител…. Признавањето на Христа без таква длабока љубов е празно прикажување, сув формализам, тежок јарем.“

„Животот во Христа е живот полн со спокојство. Можеби во него нема да има занес на чувствата, но ќе има постојана, спокојна доверба. Вие не се надевате во себе туку во Христа. Вашата слабост е соединета со неговата сила, вашето незнаење со неговата мудрост, вашата кревкост со неговата издржливост. И така, не треба да гледате на себе, не треба да се занимавате со себе, туку гледајте на Христа. Вашите мисли нека се занимаваат со неговата љубов, со убавината и со совршенството на неговиот карактер. Христос со своето самооткажување, Христос со своето понижување, Христос со својата чистота и светост, Христос со својата неспоредлива љубов – тоа е тема за која треба да размислува вашата душа. Сакајќи го него, следејќи го него, потпирајќи се потполно на него, вие ќе се преобразите и ќе станете слични на него.“

Книгата „Патот кон Христа“ е вистински светски бестселер! Преведена е на повеќе од 160 ЈАЗИЦИ и продадена во повеќе од 100 МИЛИОНИ ПРИМЕРОЦИ.

Лекции за верата

Знаењето за тоа што Библијата сака да каже кога нè повикува да гаиме вера, е многу посуштинско од секое друго знаење кое можеме да го стекнеме. Ние страдаме и трпиме многу проблеми и ожалостувања поради нашето неверување и нашето незнаење како да покажеме вера. Мораме да продреме низ облаците на неверие. Не можеме да имаме здраво Христијанско искуство, не можеме да се покориме на евангелието кое е за спасение, сè додека подобро не ја разбереме науката за верата и додека не покажеме повеќе вера. Невозможно е да има сосвршенство на Христијанскиот карактер без верата која дејствува преку љубовта и го очистува човекот.

Од мнозина сме чуле како установиле дека е тешко да го прават она што е исправно. Никако не можеле да бидат задоволни со својот хирстијански живот, затоа што постојано бил одбележен со неуспеси, па доаѓале во искушение да се обесхрабрат и да се откажат. Не е ни чудно што се обесхрабруваат. Постојан неуспех секого би го обесхрабрило. И најдобриот војник на светот ќе се обесхрабри ако во секоја битка бива поразен. Понекогаш таквите луѓе со жалост ќе кажат дека изгубиле доверба во себе. Ах, кога само целосно би изгубиле доверба во себе и потполно би се потпреле на Бог, тогаш со сигурност би можеле да зборуваат друго искуство, победничко искуство.

Според нас, овие „Лекции за верата“ се најдобрите лекции за верата на сите времиња.

Благодат врз благодат

Кратки текстови за секојдневно читање на чистите вистини на Радосната Вест, во кои нема ни трага од случаен или вешто замешн легализам. Избрани се од списите на Џонс и Вагонер, кои успеале да продрат низ вековната духовна магла и збунетост во откривањето на чистата сончева светлина на новозаветното евангелие. Тие фатиле дека Христовиот крст е откритие на љубовта која го надминува секое знаење и разум. Оној кој ќе го поверува и цени, од тој момент ќе биде поттикнат да води нов живот на бескрајна среќа во посветеноста на Христа. Тоа доведува до изненадувачки заклучок кој без престан го воодушевува човекот: „Лесно е да се биде спасен, а тешко е да се биде изгубен“. Господ настојува да ве донесе во своето царство; Тој не настојува да ве исклучи од него. Немојте да Го одбивате додека го извршува своето дело во вашето срце!

И, сите ние примивме од Неговата полнота: благодат врз благодат.
(Јован 1:16 ; Библија)

Но благодатта не е само посилна од гревот. Кога тоа би било сè, дури и тогаш тоа би било радосна вест за секој грешник на светот. Но, во благодатта има многу повеќе сила одтколку што има во гревот. Бидејќи „каде што гревот се зголеми, таму благодатта се излеа преизобилно“ (Рим. 5:20). Според тоа, има (многу) надеж за секој грешник на светот.

Од каде доаѓа благодатта? Од Бога. „благодат ви вам … од Бога, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа“ (1. Кор. 1:3). Од каде доаѓа гревот? Се разбира, од ѓаволот. Јасно е како сонце дека во благодатта има повеќе сила отколку во гревот, како што има повеќе сила во Бог отколку во ѓаволот.

Исполнети со Светиот Дух

…туку полнете се со Духот! (Ефесјаните 5:18 ; Библија)

Ова кратко но важно барање содржи четири важни аспекти:

1) Глатолот „полнете се“ е во императив (заповеднички начин). Апостол Павле овде не дава препорака, ниту пријателски совет, не дава предлог, кој што човекот може да го прифати или отфрли. Тој наредува како овластен апостол. Дали некој Христијанин е исполнет со Духот или не, зависи во основа од него самиот. Христијаните се под заповед да тежнеат кон духовна полнина. Во тоа се состои нашата човечка одговорност во врска со исполнувањето со Духот.

2) Глаголот е во множина. Заповедта не се однесува само на поединечни личности во црквата, кои прифатиле посебни должности. Што значи, исполнувањето со Светиот Дух, не е привилегија на некои овластени личности, туку тоа барање се однесува на сите кои припаѓаат на црквата и тоа секогаш и секаде. Нема никакви исклучоци. Апостол Павле смета дека е сосема нормално сите христијани да бидат исполнети со Духот.

3) Глаголот е во пасивна состојба, тоа би значело „бидете исполнети со Духот“. Никој сам себеси не може да се исполни со Духот, тоа дело е исклучиво на Светиот Дух. Во тоа се состои неговиот суверенитет. Но самиот човек треба да создаде услови за исполнување со Светиот Дух, бидејќи без негова активна желба, Светиот Дух не би делувал во него.

4) Заповедниот начин (императив) во оригиналниот јазик е во сегашно време (презент). Овој императив-презент, опишува настан кој што постојано се повторува, за разлика од императив-аорист , кој што се однесува на една одредена активност која е свршена. Според тоа, исполнувањето со Светиот Дух не е некое еднократно искуство, туку постапка која секогаш се повторува и напредува. Христијанинот не е како некој сад кој што еднаш и засекогаш ќе се наполни, туку мора да дозволи постојано да биде „дополнувн“. Од таа причина, горниот стих би можел да се преведе вака: „Дозволувајте постојано да бидете полнети со Духот“

Исполнувањето со Светиот Дух не значи дека ние количински сè повеќе се полниме, туку дека Светиот Дух сè повеќе нè има (ќе нè поседува) нас.

Молитва

Молитвата е отворање на срцето пред Бога како пријател. Не затоа што би било неопходно да му откриеме што сме, туку да се оспособиме себеси да го примиме. Молитвата не го спушта Бога кај нас, туку нас нè издигнува кон него.

Кога бил на земјата, Исус своите ученици ги учел како да се молат. Тој ги упатувал сите свои секојдневни потреби да му ги изнесат на Бога, сите свои грижи да ги стават пред него. Ветувањето што им го дал ним, дека молитвите ќе им бидат примени, ни го дал и нам.

Изнесете му ги на Бога своите потреби, своите радости, своите таги, своите грижи и своите стравувања. Вие не можете да го преоптоварите; вие не можете да го заморите. Оној што ги изброил влакната на вашата глава не е рамнодушен кон потребите на своите деца. „Зашто Господ е полн со милост и со сочувство“ (Јаков 5,11). Неговото срце, полно со љубов, е трогнато со нашите жалости дури и кога само зборуваме за нив. Изнесете му го сè она што го збунува вашиот ум. На Оној кој во својата рака ги држи световите и управува со сите работи во вселена та, ништо не му е премногу тешко да го носи. Сè што е поврзано со нашиот мир, за него ништо не е премногу незначително за да го забележи. Нема ниедно поглавје во нашето искуство што за него би било премногу мрачно да го чита; нема проблем кој за него би бил премногу тежок да го реши. Нема несреќа што би го снашла најмалечкото негово дете, нема грижа што би ја мачела душата, нема радост што би разгалила, нема искрена молитва што би полетала од усните, а нашиот небесен Отец да не ја види, веднаш да не се заинтересира.

Дел од Божјиот план, како одговор на нашите молитви, е да ни го подари она што не би ни го дал ако за тоа не сме се молеле.

Pin It on Pinterest