МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(17 – 23 мај: Умереност во сè)
„Еве уште што најдов за добро и пријатно: да се јаде и да се пие и да се насладува од доброто на сите свои трудови, со кои некој се труди на земјата преку сите дни од животот свој, што му ги дал Бог; зашто тоа е негов дел.“ (Проповедник 5:18; Библија)
Времето употребено во зачувување и јакнење на физичкото и духовното здравје всушност е најдобро употребено. Здравјето лесно се губи, но неговото обновување и повраќање не е ниту малку лесна задача. Не смееме да дозволиме, со запоставување или злоупотреба на било кој дел на нашата животна машина, да закржлави или ослаби ниту една функција на умот и телото.
Оние коишто вложуваат преголеми напори за во одреден временски интервал да постигнат што повеќе, продолжувајќи да работат и тогаш кога разумот им вели дека треба да се одморат, со тоа не постигнуваат ама баш ништо. Тие живеат од позајмен капитал. Тие ги трошат своите животни сили кои покасно ќе им недостасуваат. И кога силата, којашто така безобзирно ја потрошиле, кога најмногу ќе им затреба, тие нема да ја имаат. Времето на потреба неизбежно ќе дојде, но изворите на нивните сили потполно се исцрпени. Секој којшто ги запоставува законите на здравјето ќе мора поради тоа кога-тогаш да пати во помала или поголема мера. Многу од тешките напори со коишто луѓето се исцрпуваат и предвремено стареат не се од Бога одредени товари кои што должноста неминовно им ги налага, туку нешто на коешто тие самите се изложуваат работејќи го токму она што Божјата Реч вели дека не треба да се работи.
Наша должност не е самите да се изложуваме на прекумерна работа. Поединци можат да се најдат во ситуација каде што тоа ќе биде неопходно, но тоа треба да биде исклучок, а не правило. Ако ние Го славиме Бога правејќи го од своја страна она што ни е должност, Тој ќе го направи она што ние не го можеме, чувајќи го нашето здравје. Држејќи се кон умереноста во јадењето, во пиењето, во облекувањето, во работата и во сѐ останато, ние за себе и за своето здравје можеме да го направиме она што ниту еден лекар не е во состојба да го направи за нас.
Христовите слуги не смеат да ги преоптеретуваат своите сили обидувајќи се работите предвидени за два дена да ги завршат во еден ден.