МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(17 – 23 мај: Умереност во сè)
„Царот разговараше со нив, и меѓу сите не се најде ниеден како Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. И така тие останаа пред царот. И во сè мудро и умно за што ги испитуваше царот, се најде дека се десетпати повешти од сите волшебници и гатачи што ги имаше во сето негово царство.“ (Даниел 1:19; Библија)
Во текот на тригодишното воспитување на вавилонскиот двор, Даниел и неговите другари доследно се држеле до своите навики во умереноста, потполната верност на Бога и постојаната зависност од Неговата сила. Кога дошло време царот да ги провери нивните способности и стекнатото знаење, тие биле подложени на испитување заедно со останатите кандидати за висока положба во царството. Нивното остроумно сфаќање, совршеното познавање на јазикот, нивното опсежно знаење, сето тоа сведочи за ненарушената сила и виталност на нивните умнствени способности.
Бог секогаш се прославува со она што е исправно и добро. Како голем освојувач на светот, Навохудоносор наредил од сите покорени народи да се соберат најдаровитите млади луѓе, но меѓу сите тие, никој не можел да се рамни со еврејските момчиња. Висок стас, цврст и еластичен чекор, убаво лице, непоматени сетила и способност на запазување, неизвалкан здив – сето тоа се обележја на благородност со кои природата ги одликува оние коишто ѝ се покоруваат на нејзините закони. Иако опкружени со заводливо примамливите влијанија на раскошниот вавилонски двор, тие во сѐ останале доследни и непоколебливи. Младите во нашите денови исто така се опкружени со примамливи попуштања на себеси, особено во големите градови често и лесно се наидува на сетилни задоволства од различен вид. Оние, кои, како Даниел на вавилонскиот двор, одбиваат да се сквернават, ќе ја пожнеат наградата на умереноста.
Даниеловата бистрина на умот, цврстината во намерите, силата во стекнувањето на знаење и спротивставувањето на искушенијата во голема мера биле резултат на неговата едноставност во исхраната и постојаната поврзаност со Бога во молитвите. Стојте цврсто во својата, од Бога дадена, мажевност и женственост. Бог ќе ве награди со потполна смиреност на нервите, бистрина на умот, неоштетено расудување и по сѐ јасна претстава. Останувајќи цврсти и непоколебливи во начелата, младите и денес можат да го зачуваат здравјето на телото, умот и душата.