МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 6 јуни: Христијаните можат да бидат вистински среќни)

„Добро, сакан и верен слуго! Влези во радоста на својот Господар.“ (Матеј 25:23; Библија)

Причината поради којашто некои се така вознемирени и неспокојни е во тоа што тие среќата не ја бараат во Оној, Којшто е нејзин едиствен и вистински извор. Во Него никогаш нема да се разочараме. Во Него се наоѓаат сите наши надежи. О, колку е драгоцена привилегијата на молитвата, којашто така често ја занемаруваме! Молитвата е силата на христијанинот. Кога ќе остане сам, тој не се чувствува осамен, затоа што верува во присуството на Оној, Којшто рекол: „Јас сум со вас во сите дни.“ (Матеј 20:28; Библија)

Младите копнеат токму за она што им недостасува, а тоа е верата. Тоа не можат со ништо да го заменат или надополнат.

Христијанската надеж е токму она што на многумина им недостасува. Религијата за верникот е вистинска утеха којашто го води кон Изворот на вистинската среќа.

Вистинска радост може да се најде само во Христа. Секоја така наречена среќа, којашто човекот мисли дека ја пронашол без Христа, ќе се покаже како пепел на усните и како горко разочарување. Немојте да се занесувате никогаш со мислата дека неверниците се среќни.

Вистинската животна радост не е можно да се почувствува без вера. Љубовта кон Бога ја очистува и облагородува секоја склоност и секоја желба, го јакне секое чувство и го засладува секое вистинско задоволство. Таа го оспособува човекот да го цени сето она што е вистинско, добро и убаво, и да ужива во тоа.

Вистинскиот христијанин секогаш во животот ќе го затекнете со ведро расположение, полн со света и среќна доверба во Бога, потполно помирен со Неговото провидение, што ја освежува и воздигнува душата.

Верата во Божјата љубов и провидение коешто владее со сѐ што постои го олеснува товарот на грижите и неволјите. Таа го исполнува срцето со радост и со задоволство на секој оној што ја поседува, без оглед на неговата животна судбина. Верата непосредно влијае на подобрување на здравјето, на продолжетокот на животот и го зголемува нашето уживање во сите примени благослови. Таа пред душата отвара неисцрпен извор на среќа.

Pin It on Pinterest