МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 6 јуни: Христијаните можат да бидат вистински среќни)

„Блажен е оној народ, кому Господ му е Бог.“ (Псалм 144:15; Библија)

За да наоѓате среќа во сето она што го работите, морате да настојувате сето тоа да биде направено на слава на Бога. Ако сакате во своето срце да имате мир, морате најискрено да настојувате во сѐ да се угледувате на Христа. Тогаш нема да имате потреба да тежнеете по задоволствата или во попуштањето на гордоста и суетата на овој свет. Среќа и задоволство ќе наоѓате во тоа што правите добро и што никогаш не сте оделе по погрешен пат.

Христос на Себе ја зел вистинската човекова природа, бил новороденче, дете и младинец, за да дознае од сопственото лично искуство како да сочувствува со сите, и за да им остави вистински пример, и на децата, и на младите.

Тој бил добро запознаен со искушенијата и слабостите на детството. Во Својата бескрајна љубов бил извор на задоволство и радост за душите коишто имале доверба во Него. Тежнеејќи да Го прослават Христа и да Го следат Неговиот пример, децата и младите можат да бидат вистински среќни. Можат да се чувствуваат вистински почестени со одговорноста да соработуваат со Христа во големиот план на спасување на душите.

Ако младите ја почувствуваат својата одговорност пред Бога, тие ќе се воздигнат над сето она што е понижувачко, себично и нечисто. За таквите животот ќе биде многу важен. Тие ќе бидат свесни дека постои нешто големо и возвишено за што треба да се живее. Тоа на младите ќе им е решавачко влијание и тие ќе станат искрени, пријатно расположени и силни во сите околности, без оглед на товарите, обесхрабрувањата и тешкотиите на животот, каков што бил и нивниот божествен Пример.

Ве молам секогаш длабоко да размислувате за своите одговорности пред Бога. Свеста дека го правите само она што Бог може да го одобри ќе ве направи силни во Неговата сила, и угледувајќи се на Христовиот пример, вие можете, како што и за Него стои напишано, да напредувате „во мудроста, растењето и во благодатта пред Бога и пред луѓето“. (Лука 2:52; Библија)

Оние коишто Бога го земаат за прв и последен и најдобар во сѐ, се најсреќните луѓе на светот.

Pin It on Pinterest